5/30/12

Скратено повторување - теорија на литературата (од програмата за матурски испит)


Наука за литературата

Уметничката литература се проучува од страна на науката за литературата. Таа опфаќа неколку дисциплини:

1. Историја на литературата - се занимава со проучување на појавата и развитокот на литературата; литературните периоди/правци и нивните претставници.
2. Теорија на литературата - се занимава со особеностите на литературните дела, нивната форма и содржина, темата и идејата, композицијата, стилот (стилските фигури), јазикот, версификацијата (ритам, ритмичка стапка, рима, стих и строфа); како и за поделбата на литературните родови и видови.
3. Литературна критика е врската меѓу литературното дело и читателот, односно таа го открива значењето, убавината и вредноста на делото.

Литературни родови
Литературата се дели на родови и видови.
Литературни родови се: лирика, епика и драма.

Лирика

Лириката е изразувачка уметност. Таа се доживува, а не се раскажува. Формата на лириката е стихот.
Лирскиот субјект е „гласот“ во песната.
Лирски видови се: субјективната, возвишената, елегиската и сатиричната лирика во кои спаѓаат: интимната, љубовната, пејзажната, патриотската, социјалната, рефлексивната, хумористичната, сатиричната песна, одата, химната, елегијата, епитафот итн.
Композиција на песната (стих, строфа, метрика, ритам)
Песната има специфична конструкција. Нејзин основен елемент е стихот.  
Стихот претставува еден ред од песната, кој е покус од редот во текстот и се забележува со голо око. Стиховите се стегнати изрази со специфична звучност, значење и ритмика.
Повеќе стихови оформуваат строфа.
Строфа е целина од одреден број стихови со ритам и интонација (може и рима). Таа претставува мисловна целина.
Според бројот на стиховите, разликуваме:
Моностих е строфа со еден стих.
Дистих е строфа составена од два стиха.
Терцет, терцина е строфа од три стиха. Тука најчесто се римуваат првиот и вториот стих, а третиот се римува со третиот од следната строфа.
Катрен е строфа од четири стиха и е најраспространета.
Пентина (квинта, квинтила) - строфа од пет стиха;
Секстина - строфа од шест стиха;
Септима - од седум стиха;
Октава - од осум стиха;
Нона - од девет стиха.

Песните според организацијата на строфите може да бидат:

1. Астрофични, песни кои немаат строфи, односно стиховите се подредени еден под друг;

2. Строфични, песни кои имаат строфи со ист број стихови;

3. Хетерострофични, песни кои имаат строфи со различен број стихови.

Ритам

Ритамот е основно обележје на песната. Тој се постигнува со метриката (бројот на слоговите во стихот), ритмичките стапки (нагласени и ненегласени слогови), со повторување исти зборови и гласови, со римата, со инверзијата на зборовите итн.
Специфичното звучење на стихот е ритам.

Метрика

Метрика е должина на стихот, односно го означува бројот на слоговите во еден стих. Во стихот има и вообичаени паузи наречени цезури. Нив ги среќаваме кај подолгите стихови.
Стиховите го добиле името по бројот на слоговите:

Четверец е стих со четири слога, со кратка пауза на крајот од стихот.
Петерец е стих со пет слога и кратка пауза на крајот.
Шестерец е стих со шест слога и го среќаваме во македонската народна поезија.
Седмерец е стих со седум слога и цезура (пауза) најчесто по четвртиот слог.
Осмерец е од осум слога со цезура по четвртиот или по петтиот слог. Осмерецот е еден од најзастапените во нашата народна поезија.
Деветерец е стих од девет слога. Ретко се среќава во нашата народна поезија, но сепак го има.
Десетерец е стих од десет слога и е најраспространет во народната песна. Го има и во лирските и во лирско-епските, а најзастапен е во епските. Затоа е познат уште и како јуначки десетерец. Цезурата може да биде по четвртиот, по петтиот или по шестиот слог.
Единаесетерец е стих од единаесет слога, со можност за две цезури во еден стих - по третиот и шестиот слог.
Дванаесетерец е стих од дванаесет слога и се јавува со цезура во средината по шестиот слог или со две цезури: по четвртиот и по осмиот слог.
Тринаесетерец е стих од тринаесет слога. Ова всушност е десетерец во кој по петтиот или по десетиот слог е вметнат еден збор од три слога кој се повторува како рефрен.
Четиринаесетерец е стих од четиринаесет слога кој се добива по истиот принцип како тринаесетерецот. Стихот може да се подели на два седмерци или на осмерец и шестерец каде се вметнуваат зборови кои служат како рефрен и за продолжување на стихот.
Петнаесетерец е стих од петнаесет слога. Овој стих е редок во нашата народна песна, но се среќава, исто така со повторување на зборови.
Шеснаесетерец е стих од шеснаесет слога.

Ритмичка стапки

Ритмичка стапка е целина од нагласен и ненагласен слог. Има двосложни и трисложни ритмички стапки.

Двосложни ритмички стапки

Јамб е двосложна стапка во која првиот слог е ненагласен (краток), а вториот е нагласен (долг).
Трохеј е двосложна стапка во која првиот слог е нагласен, а вториот ненагласен.

Трисложни ритмички стапки

Дактил е трисложна стапка во која првиот слог е нагласен, а следните два се ненагласени (нашите трисложни зборови се дактили).
Амфибрахот е трисложна стапка која започнува со ненагласен слог, па следува нагласениот и на крај ненагласен.
Анапест е ритмичка стапка која тешко се постигнува во нашиот јазик заради природата на нашиот акцент. Кај анапестот првите два слога се ненагласени, а третиот е нагласен.
Често песните содржат ритмички комбинации. Може да се комбинираат сите ритмички стапки.
Видови стихови (силабичен, тонски, силаботонски, скалест, слободен); рима (паралелна, вкрстена, обградена; машка, женска, дактилска)
Видови стихови

Силабичен стих е стих со одреден број слогови. Кај него нема ритмички стапки, туку е важен бројот на слоговите - метриката, цезурата (пауза во средина на стихот) и паузата на крајот од стихот. Во сите стихови на песната мора да има еднаков број слогови. Силабичниот стих е широко застапен во македонската народна песна.
Тонски стих е стих кој има еднаков број акцентирани слогови. Тука бројот на слоговите не мора да биде ист туку е важна ритмичката стапка.
Силаботонски стих е стих кој има еднаков број слогови и еднаков број ритмички стапки. Нагласените и ненагласените слогови рамномерно се повторуваат.
Скалест стих е графички раскинат стих, со тоа што дел од него се пренесува во нов ред. Со раскинувањето на стихот се постигнува емоционално нагласување или пауза.
Слободен стих е стих во кој нема ограничувања во однос на ритмичките стапки, силабичноста, тонот, ниту групирањето во строфи или римувањето. За слободниот стих е важна интонацијата, па затоа е наречен и интонациски стих.

Рима

Римата претставува гласовно (целосно или нецелосно) совпаѓање на исти слогови на крајот од два или повеќе стиха. Има неколку видови рими. Според распоредот во строфата разликуваме:

Паралелна (рамна) рима има во строфите кога се римуваат првиот и вториот стих; третиот и четвртиот стих (ААББ).
Вкрстена рима е кога се римуваат првиот и третиот; вториот и четвртиот стих (АБАБ).
Обградена (гушната) рима е кога се римувани првиот и четвртиот; вториот и третиот стих (АББА).
Според местото на акцентот (на последниот слог, на вториот слог од крајот или на третиот слог од крајот) римата може да биде: машка, женска и дактилска. Во нашиот јазик, заради специфичноста на акцентот, тоа е можно ако се употребат едносложни, двосложни и трисложни зборови.
Машка рима е кога се римуваат едносложни зборови (ред - блед);
Женска - кога се римуваат двосложни зборови (дамна - пламнат; љубам - губам; младост - ладост; даат - клаат);
Дактилска - кога се римувани трисложни зборови (убавина - лавина; завивање - откривање).

Стилски изразни средства


Асонанца (асонанција) е повторување на исти самогласки за постигнување на звучен ефект. (На пр.: око соколово)
Алитерација е повторување на исти согласки или гласовни групи за постигнување на звучен ефект.
Ономатопеја е гласовна фигура со која се имитираат звуците од природата, од животните итн. Секој јазик спонтано создава такви зборови: шушка, кукавица, гугутка, гулаб, кокошка, грми, бучи, грака, крека итн. Ономатопејата ја има и во поезијата и во прозата, а и во секојдневниот говор.
Парономазија е фонолошка фигура во која се повторуваат гласови во зборови со различно значење. Тие зборови може да имаат ист корен, но сепак значењето им е различно.(Јас не сум Вардар, ни завардарен/не сум превардарен, ни подвардарен/
може сум варден, та недоварден/)
Анафората е фонетско-морфолошка фигура бидејќи се повторуваат цели зборови на почетокот од стихот. Бидејќи често се повторуваат повеќе зборови, односно делови од реченица, овие фигури (анафората, епифората, симплохата и палелогијата) приклонуваат кон синтаксичките фигури (или фигури на конструкцијата).
Епифората е фигура во која се повторуваат зборовите на крајот од стихот.
Симплохата претставува соединување на анафората и епифората, односно повторување зборови и на почетокот и на крајот од стихот.
Палилогија е кога еден или повеќе збора од крајот на стихот се повторуваат на почетокот од следниот стих.
Компарацијата е една од најзастапените фигури и во минатото и денес, а претставува споредба на еден предмет или појава со друг. Секогаш при споредбата се употребува зборот како или ко. На пр.: Гладен како волк.
Антитеза е спротивност, односно споредување кое се заснова на спротивност. На пр.: Ситиот на гладниот не му верува.
Словенската антитеза е фигура застапена во нашето народно творештво. Таа се состои од прашање, негација на прашањето и одговор. На почетокот од поемата „Сердарот“ од Г. Прличев ја среќаваме словенската антитеза.
Реторско прашање е фигура во која прашалната реченица служи како исказна. Прашањето, а најчесто повеќе прашања не се поставуваат за да добиеме одговор на нив, туку целта е да го изразиме чувствениот однос.
Инверзија е преметнување на редот на зборовите - обратен ред од оној што граматички е најисправен.
Елипса настанува кога од реченичната целина изоставуваме зборови, но смислата сепак можеме да ја разбереме. На пр.: Дожд. (значи дека врне дожд).
Асиндетон е кога нижеме зборови без нивно граматичко поврзување.
Полисиндетон е кога нижеме сврзувачки зборови без граматичка потреба (и потта и крвта и снагата ни).
 Градација е степенување кое настанува со таков избор на зборови, слики и мисли со кои се изразува постепено засилување или слабеење од почетната позиција.
Епитет во најширока смисла е секој атрибут, односно секој додаток на именката. Метафората е скратена споредба. Кај неа не се кажува што со што се споредува, туку се искажува само вториот член на споредбата. Метафора може да биде и замена на значењето на еден збор со значењето на друг.
Алегоријата е продолжена метафора, односно употреба на зборовите во преносна смисла. Алегоријата може да биде во состав на еден стих или строфа, но многу често таа се среќава и во цели состави како што се басните. Басните се засновани на алегорија, животните во нив настапуваат како типови луѓе со одредени карактеристики.„Божествената комедија“ од Данте Алигиери е во алегорија.
Симбол е знак. Предметот, појавата или поимот ги заменуваме со нивната алегориска ознака. На пр.: крст - значи црква; вага - правдина итн.
Метонимија е употреба на зборот во преносно значење.
На пр.: храбар и јак човек се нарекува сила.
Го читаш ли Достоевски? (Дали ги читаш делата од Достоевски?)
Песонификација е кога на предметите, природните појави, апстрактните предмети, животните и растенијата им се даваат човечки особини.
Хипербола е претерување, преувеличување заради нагласување на одреден емоционален став. На пр.: Те чекам цела вечност.
Литота е спротивна на хиперболата, односно претставува ублажување. Вистинскиот израз се заменува со поблаг и тоа негативен и спротивен. На пр.: Нема да ти биде лошо таму. (Таму ќе ти биде добро.)
Иронија е преправање, всушност го мислиме спротивното од она што го кажуваме. На пр.: Ти си ми навистина добар другар (а мислиме дека е лош).
Парадокс е она што е неочекувано. Порекнуваме некоја мисла која наизглед во себе е противречна или спротивна на општото мислење. Парадоксот има секогаш подлабока смисла. На пр.: Знам дека ништо не знам. (Сократ)
Ништо не е повидливо
и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.
(Дениција - П.М. Андреевски)


Епика

Епиката е еден од трите литературни рода. Основна карактеристика на епиката е раскажувањето.
Според формата епиката може да биде напишана во стих (поезија) или во проза.

Лик
Во епските дела се прикажани ликови кои се носители на идеите на авторот.
Лик во делото е вршител на дејството. Како ликови, освен луѓето ги среќаваме: животните, растенијата, предметите, измислените суштества (ламји, вештерки итн.), како и апстрактните поими (во народната литература како ликови се јавуваат смртта, касметот и сл.)
Ликовите кои ги претставуваат луѓето може да бидат индивидуализирани (посебни, специфични) или типизирани (осбини од повеќе личности собрани во еден лик; на пр.: особини на многу скржавци - тип на скржавец).
Атрибути на ликот
Под атрибути на ликот ги подразбираме особините, белезите на ликот што ги осознаваме додека го читаме делото. Некои од нив ги кажува нараторот, некои другите ликови или самиот лик.
Нараторот е „гласот“ во делото, кој понекогаш зборува во прво лице, но сепак, тој не е авторот. Авторот е жив човек - личност, а нараторот е измислена креација - лик.

Раскажувањето во епските дела е најчесто во трето лице и тогаш станува збор за тој - раскажувач (наратор), кој може да биде сезнаечки (знае се, знае како некој се чувствува, како размислува итн.) и сеприсутен (се наоѓа во исто време на повеќе места). Поретко, нараторот е претставен во прво лице еднина (тука постои опасност да се изедначи со авторот). Тоа е јас-наратор и е еден од ликовите во делото.

Настани: сиже и фабула

Раскажувањето на настаните во делото може да оди во хронолошки ред, но може и да биде испревртено.
Сиже е текот на настаните како што ни ги претставил авторот. На пр. започнал со смртта на главниот лик, а потоа се враќа во минатото, во младоста, во детството итн. Но, откако ќе го прочитаме делото во нашата свест ние ги подредуваме настаните по хронолошки, логичен ред. Поточно, ги подредуваме настаните во причинско-последичен однос. Ваквото подредување на настаните се вика фабула.

Тема, мотиви, идеја

Темата најчесто се поврзува со насловот на делото, но не секогаш. Тема е она за што се зборува во едно дело. Тоа е поопштата содржина претставена во една реченица.
Мотиви се помали делови од општата тема.
Идејата е главната поента во делото, пораката на авторот (она што авторот сакал да ни го каже).

Епски видови (куси и долги)
Епските видови се делат на: 
- куси и долги; и
- во стих и проза.

Куси епски видови се:
- во стих: епската песна;
- во проза: расказот
и сите народни умотворби (мит, легенда, предание, приказна (сказна, бајка, басна), анегдота, гатанка, пословица, поговорка).

Долги епски видови се:
- во стих: еп, епопеја;
- во проза: романот 

Драма (елементи на драмата, композиција на драмата)
Драмата е еден од трите литературни рода. Таа е претставувачка уметност. Претставувањето на ликовите и настаните е преку дијалошка форма.
Драмите можат да бидат во проза, во стих и комбинирани во проза и стих.
Театарот е тесно поврзан со драмата, бидејќи таа е предвидена да се изведува пред публика. Значи, драмскиот текст, може да го читаме, но може и да го гледаме изведен на сцената.
Драмата е поблиска до епиката, бидејќи има настани (фабула), значи може да ја раскажеме, има ликови, тема, идеја, мотиви итн.
Во драмата има и наратор кој е невидлив. Особено е невидлив во сценските изведби, додека при читањето може да го забележиме на почетокот, кога ни се претставени ликовите и нивните особини во афишата или во дидаскалиите (забелешките напишани во заградите). Сепак, драмата се разликува од епиката, особено по дијалошката форма, но и другите специфики што ги носи.
Дијалогот е основниот белег на драмата. Дијалогот е разговор меѓу два или повеќе лика во текот на драмското дејство.
Драмското дејство, пак, е клучниот елемент во драмата под кој ги подразбираме постапките на ликовите.
Ликовите може да зборуваат сами со себе, или да и се обраќаат на публиката. Ваквиот говор на еден лик се нарекува монолог. Постојот и цели драми со еден единствен лик, кој е носител на драмското дејство и претставувач на настаните. Тие драми се викаат монодрами.
Специфичности на драмата се просторот и времето. Кажавме дека драмата може да се чита, но може и да се гледа изведена на сцена. Еден конкретен простор и време се претставени во самата драма.
Други специфични елементи од драмата, кои може, а и не мора да ги содржи се:

Афиша (театарска листа) се наоѓа на почетокот од драмата и во неа се даваат неопходните податоци за ликовите (возраста, семејните релации, изгледот, облеката итн.), за времето и местото на случување (слично на прологот); но може да има информации и за: режисерот, актерите, сценографот, костимографот и сл.
Прологот се јавува на почетокот од драмата и ја информира публиката (читателите) за времето и просторот каде ќе се одвива драмското дејство.
Драмата е составена од чинови. Во минатото имало строги правила за чиновите, односно драмата морала да има пет чина, што за современата драма не важи. Денес, среќаваме драми од само еден чин (едночинки) или без чинови (само со слики).
Чинот е заокружена целина на драмата. Тој се дели на:
Слика, која е краток временски дел каде се заокружува едно дејство на ликовите, и
Сцена, која е заокружена целина, дел од сликата, и која завршува со влегување на нови ликови во драмското дејство.
Дидаскалии (ремарки, забелешки) се упатства кои ги дава нараторот во загради, а се наменети за читателите, актерите и режисерот. Во нив има податоци за времето, сцената, местото, костумите, движењето итн.
Епилогот се јавува на крајот од драмата и во него се кажува што се случува натаму со ликовите или се искажува пораката на авторот.

Композицијата на драмата е сложена структура. Драмското дејство се одвива во пет основни композициски етапи (обично во пет чина):

1. Експозицијата е вовед во драмското дејство и запознавање со ликовите. Тука се дава почетното дејство кое има цел да го заинтересира читателот (гледачот).
2. Заплетот е развивање на судирот, конфликтот меѓу ликовите.
3. Кулминацијата е врвот на конфликтот и оттука започнува неговото разрешување.
4. Перипетијата е првиот чекор кон разјаснувањето и разрешувањето на конфликтот. Тука се случува пресврт на настаните, односно се случува нешто непредвидено за да се разјасни конфликтот.
5. Расплетот е последната етапа на драмското дејство. Тука се разрешува конфликтот.
Конфликтот, како што кажува самиот збор, претставува судир. Судирот во драмата најчесто се случува меѓу два лика кои имаат различни ставови, кои потекнуваат од различни социјални средини, политички партии итн. Но, конфликтот може да биде и во внатрешноста на еден лик.

Лирско-епски видови (балада, романса, поема, роман во стих)
Лирско-епските видови се меѓурод кој содржи слеани елементи и од лириката и од епиката. Во овие дела има фабула и ликови, но и многу чувства изразени преку ликовите. Најчесто се пишувани во стих.

Лирско - епски видови:

балада;
романса;
поема;
роман во стих.


МИТ И ФОЛКЛОР

Најстари извори на литературата се митовите.
Митот е фантастична приказна, создадена во најдалечното минато во која се раскажува за она што се случило на самиот почеток. Тие не се литературни творби.
Фолклор е целокупното духовно творештво на еден народ. Тука ја подразбираме освен народната литература и севкупната народна традиција и народните обичаи, народните верувања, народната музика и игра (ора), како и народната материјална култура - ликовна орнаментика, народни носии, занаети, архитектура итн.
Народната литература води потекло од митологијата. Од обредните песни посветени на божествата и од митолошките приказни подоцна се развиле нови литературни творби познати како народна литература.

Литературно-научни видови и публицистика (есеј, статија, расправа, полемика, биографија, автобиографија; фељтон, репортажа, патопис)

Освен познатите литературни видови, постојат и такви кои имаат белези на уметничка литература, но имаат и белези што ги доближуваат до научната литература или публицистиката. Во научно-литературните видови спаѓаат: есејот, статијата, расправата, студијата, полемиката, биографијата и автобиографијата.

Под публицистика се подразбираат текстови што се печатат во весниците, списанијата и одделни книги (публикации), а може да имаат различна содржина. Во публицистички видови спаѓаат: новинарската (журналистичката) статија, фељтонот, репортажата и патописот.

Есејот е литературно-критичка статија во која на оригинален начин се објаснува некое литературно, културно, филозофско или општествено прашање. Тој може да обработува најразлични теми од сите области на човековото живеење. Есејот содржи уметнички, научни и публицистички елементи. Има оригинална композиција, сликовит стил, оригинални и духовити размислувања и заклучоци кои имаат научен белег.
Статијата е напис во кој се изнесуваат размислувања за прашања поврзани со политиката, науката, културата и уметноста. Тоа се кратки текстови во завршен облик, најчесто наменети за весници и списанија (новинарски статии).
Расправата е студиозен напис посветен на одредено прашање од некоја научна област. Научните тврдења се поткрепени со аргументи, изворите од кои се црпени информациите се наведени во фусноти, што значи дека расправата се одликува со: објективност, студиозност и документираност. Во неа јасно се издвојуваат воведниот дел, каде се поставуваат тезите, разработката, каде аргументирано се докажуваат и заклучокот, каде во кратки црти се потенцираат изведените заклучоци. Докторските дисертации се еден вид расправи. Трактатот и студијата се другите називи на расправата.
Полемиката е напис во кој се расправа за нечии сфаќања, се оспорува нечија теза, односно со аргументи се побива туѓото мислење. Таа претставува остар судир на две мислења. Ставовите се одбрануваат со аргументи, но зависи и од јазичната способност на авторот. Се случува во полемиката да се нападне и личноста, а не само идејата, што не е многу чесен начин на полемизирање. Силата на аргументите во комбинацијата со силата на јазикот се најсилните елементи во полемиката, а успешноста зависи од судот на оние кои ја читаат, слушаат или гледаат, значи од поширокиот аудиториум. Публиката го донесува последниот суд, па затоа треба да се внимава со ниските удари на личноста, зашто тоа е несимпатично и на крајот секогаш осудено.
Биографијата е животопис на една личност. Биографии се пишуваат за познати и значајни личности од сите области и од антиката до денес. Таа има научни елементи бидејќи се служи со историографија (архивски податоци и сведоштва на современици). Биографија има секој човек. Тоа се најважните податоци од животот: место и дата на раѓање, школувањето, другите успеси итн. Ваква биографија во последно време е потребна кога се конкурира за работно место, за некоја стипендија и сл. и се вика професионална биографија (или curiculum vitae, CV).
Романсираните биографии прават спој од реалните податоци за животот на личноста и уметничките елементи (фиктивни, измислени) служејќи се со пластично и уверливо раскажување.
Автобиографијата е животопис напишан од самиот писател или научник. Таа се заснова врз лични спомени, лично воден дневник итн. и затоа е многу субјективна. Поради силната субјективна страна се поставува прашањето за веродостојноста и објективноста на овој вид литература.
Слично како романсираните биографии, постојат и романи-автобиографии, напишани со јас-исказ, а кои содржат реални и фиктивни елементи.
Фељтонот е краток текст со секојдневна тема: научно-популарна, општествено-политичка или забавна. Обично се печати како додаток во дневните и неделните весници, понекогаш во продолженија. Фељтонот претставува литературно-публицистички жанр и има карактер на лесна забава, напишан со шеговит тон, со тенденција на сензационалност и навлегување во интимата на познатите личности.
Освен новинарскиот, фељтонот може да биде и литературен кога претставува извадок од роман или роман во продолженија.
Репортажата е новинарски напис во кој на сликовит начин се раскажува за настан на денот без да се прави подлабока анализа. Субјективните коментари и стилот на авторот внесуваат уметнички елементи во репортажата.
Патописот е посебен публицистичко-литературен вид во кој се опишува тоа што е видено и доживеано во друга земја. Патописот не е објективен опис, туку авторот внесува свое видување, свои доживувања, свои претходни знаења и идеи.