9/27/09

Божествена комедија - Пеколот (со илустрации од Густав Доре)

Данте Алигиери го претставил пеколот како инка од девет круга (јами). Во секој круг има грешници кои се распоредени според своите гревови. Колку гревот е поголем, толку подлабоко се наоѓа грешникот.




По Воведната песна, Данте започнува со описот на Пеколот.

1. круг

А потоа ме подзеде за рака,
со ведар лик што смелост влеваше:
во тајно царство тој ме внесе.


И плач и воздив, стон се креваше сред воздухот
без ѕвезда ниту една.
Низ образ солза ми се слеваше.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
И души гледаш ангелски пред пекол
што пасивни останале до крај:
ни против, ни со бога минел векот!


Ги прогнал бог: Тој сака пречист рај,
но нејќе да ги прими нив ни адот.
подлабоко, да не зрачат, пак, сјај!
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Но ене, каде иде познат лик
од старост бел; со чамец води сече...

Пред портите на пеколот Данте ги сместува многубошците, античките поети и филозофи: Хомер, Хорациј, Овидиј, Сократ, Платон итн.
Со чамец доаѓа старецот Харон кој ги пренесува преку реката Ахерон.

2. круг




Го видов Минос: грев тој бара, зол;
со заби чкрта, правда тој им дели
и суди сам со својот опаш долг.

Штом кутра душа наваму се сели
— за исповед пред Минос стасува:
го мери гревот. Потоа и вели:


за колку грешна ја огласува:
колкупати ќе се обвитка со опаш
— од тој круг таа не се спасува!
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
За казни — солзи. Кругот им е делен
на тие што се подале на сласт,
на кои страсти умот им го зеле.

Минос (човек со долга опашка) ги пречекува грешните и ги праќа во определен круг од пеколот - во зависност од тоа колкупати неговата опашка ќе се обвитка околу грешникот.

Во вториот круг се сместени прељубниците, оние што се подале на сласт и страст. Тука шуми адски ветер кој носи студенило и ги влече и врти жртвите.
Во вториот круг се сместени: Клеопатра, Елена, Парис, Тристан и Изолда, Ахил итн.

3. круг

Во третиот круг ги пречекува троглавото куче Кербер (Цербер), чувар на пеколот.



Тука се сместени лакомите и пијаниците, а нивната казна е вечен дожд, леден град и ужасната смрдеа што се шири.

4. круг

Во четвртиот круг се скржавците, горделивите, расипниците (папите и кардиналите). Туркаат карпи (вреќи со злато), а врз нив се кршат бранови.

5. круг



Тој душа бил на се озловена,
без добро дело некому да сторил,
а злобата му е подновена!


Тој, горе што за круна, трон се бори
— на свиња личи среде таа кал
и само лошо за него се збори.

Потонати во кал во овој круг се наоѓаат гневните и злобните, властољубците.
Данте и Вергилиј ги пренесуваат преку реката Стикс.

6. круг

Данте и Вергилиј влегуваат во градот Дис опкружен со ѕидини. Атмосферата е жешка, вжарена, во гробниот мир по некој пискот се слуша, а на полето од отворените гробови - лелек од болки.


Тука се сместени еретиците.

7. круг

Во седмиот круг ги пречекува Минотаур (пола човек - пола бик).
Седмиот круг е составен од три ката.


1. Но, гледај долу: онде поток врел
од крвје тече! Во него се капе тој,
што над ближни да се сили зел.

Тука ги дочекуваат кентаурите

(грев кон ближните: измамници, крадци, убијци на ближните)
2.

Штом пружив рака — скршив гранка мека:
— Ох, што ме кршиш? — писна коренот.
Ме стресе оној трн со жална ека.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
...А бевме луѓе! Тоа мина,
а сега трн сме пред скапување...


(самоубијци и насилници кон самите себе)

3. Во третиот кат во жар се печат богохулители, лихвари, содомити (оние што општат со животни).
8. круг


Герион е чувар на осмиот круг. Герион е суштество со човечки лик и мазен образ, но со змиски труп во разни бои и две канџи со влакна. Кругот е ограничен со насип по кој се качуваат луѓето, но не можат да се искачат. Составен е од 10 зли јами.

Тука се сместени:
лакомци, сводници, заводници;


ласкатели;


симонисти (трговци со свети предмети);



гатачи, волшебници, пророци;


измамници;


лицемери;



крадци;



подли советници;


сејачи на раздор и
кривоклетници.

9. круг

Како наредени околу бунар џинови закопани до папок го чуваат влезот на деветтиот круг. Во него се е замрзнато од студот и ветрот што го прават крилјата на Луцифер.

Чудовиштето Нимрод сам себе се глода и гази по главите на грешниците.
Во овој круг се сместени предавниците:

Каин кој ги симболизира предавници на својот род;
Антенор - ги симболизира предавниците на татковината;
Птоломеј - предавниците на пријателите (гостите) и
Јуда - предавниците на Христос. На дното од јамата се наоѓа Луцифер, со крилја:

...Од лилјак...голи беа тие,
а мафташе со таква сила, што
три ветра прави кога ќе ги свие,


носејќи му на Коцит мраз и зло...
Шест очи плачат; в три бради се крие
од солзи поток крвав, лигав...Но,


во устите по еден грешник кине,
дробејќи го ко лен со забите
и в еден миг на тројца бол им чинел!


Тој бол им беше од послабите
во споредба со оној кога мине
со остар нокт по грбот, градите...






Стилски особености

Данте вистински мајсторски ја насликал атмосферата во пеколот. Атмосфера на страв, несреќа, болка, ужас, постигнувајќи го тоа со опишување на надворешни дразби.
Во пеколот се е или студено, замрзнато, влажно, дождливо, ветровито или жешко, песочно, суво, потпалено, огновито. Грешниците се голи за директно на сетилото на кожата да ги почувствуваат студот или жештината.
Боите во Пеколот се мрачни, темни, тоа е крај без светлост каде сивата боја е најсветла. Контрастни се силно црвените, аловите бои и нијанси кои се производ на крвта од раните или огнот. Вака и сетилото за вид е засегнато.
Исто така и сетилото за мирис го дразнат непријатни миризби - смрад, тешка реа, кал, чад, мирис на гној, скапано, гнило итн.
Непријатни се и звуците - лелеците, плачот, воздишките, врисокот, чкрипотот, пукањето на мразот, гребењето на ноктите итн.
Освен атмосферата која ја постигнал со специјално употребени зборови, Данте користи и многу стилски фигури. Симболот е особено изразен на почетокот, во воведната песна (пантер, лав, волчица), но и подоцна. Споредбите и метафората се постојано присутни (ко облаци рој, ко кремен трат, облека од оган итн.), персонификација (огнов пасе), многу епитети (со негативна конотација - виор крилен, песок врела, мрачен кат, темен ад, магла густа), контрасти ( не зелен лист - а темен), метонимија употребена за семоќноста на Господ (оној кој се што сака, може се) итн.
Особено се впечатливи и две метаморфози (преобразувања) кои се прикажани многу сликовито и морничаво:


Ги гледавме. И одеднаш врз еден
шестонога се спушти змија грда,
се зачипчи, го грабна в преград леден.


Со нозете не му даде да мрда:
се обвитка преку гради со двете,
со средните — прегратката и тврда —


му врза раце, и го гризна, ете,
сред образи. Со задните го стегна
за нозете, а опашот го сплете


меѓу нив, па на крстот така легна.
Ни бршлени на дрво не се вијат
ко ѕверот страшен него што го стегна.


А потоа, ко восоци што вријат,
— се стопија, се смешаа по боја
и станаа — ни човек, ниту змија...
* Илустрациите се на познатиот француски илустратор (уметник) Густав Доре.