10/10/09

Ритмички стапки (јамб, трохеј, дактил, амфибрах, анапест); ритмички комбинации

Ритмичка стапка е целина од нагласен и ненагласен слог. Има двосложни и трисложни ритмички стапки.

Двосложни ритмички стапки

Јамб е двосложна стапка во која првиот слог е ненагласен (краток), а вториот е нагласен (долг).
Во нашиот јазик за да се постигне оваа стапка стихот мора да започне со сврзник, предлог, кратка заменска форма и сл. кои не се акцентираат, а вториот збор е полнозначен двосложен, акцентиран според правилата на првиот слог. На тој начин стихот започнува со ненагласен (неакцентиран) слог, па продолжува со нагласен, па ненегласен итн.

Се к’/ти ноќ/та цр/на! (ненагласен - нагласен - ненагласен - нагласен)
Се ру/ти кар/па — мрак!
И пет/ли в се/ло пе/ат...
(„Копачите“ - К. Рацин)

Трохеј е двосложна стапка во која првиот слог е нагласен, а вториот ненагласен (нашите двосложни зборови се трохеи). За постигнување на трохеј во стихот се употребуваат двосложни зборови. Трохејот е познат и како хореј.

Бол/ка бо/ли — бол/ка го/ри, (нагласен - ненагласен - нагласен - ненагласен)
бол/ка пе/че — ду/ша мо/ри,
(а болката) ко/га све/ти —
теш/ко, теш/ко, теш/ко кле/ти!
(„Елегии за тебе“ - К. Рацин)
Трисложни ритмички стапки

Дактил е трисложна стапка во која првиот слог е нагласен, а следните два се ненагласени (нашите трисложни зборови се дактили). За да се постигне дактилската стапка се употребуваат трисложни зборови или комбинација на двосложен и четирисложен збор.

Мо/ја/та цр/ни/на тво/ја пре/гр/ни/на, (нагласен - ненагласен - ненагласен)
тво/ја/та тем/ни/на мо/ја под/зем/ни/на.
Зем/јо о/ле/ли/о, зем/јо пус/те/ли/о...
(„Тажачка од онаа страна на животот“ - А. Шопов)

Амфибрахот е трисложна стапка која започнува со ненагласен слог, па следува нагласениот, а потоа два ненагласени. Таа се постигнува слично како јамбот, односно стихот започнува со неполнозначен збор кој не се акцентира, а продолжува со трисложен или двосложен збор кој е акцентиран на првиот слог.

О теш/ко/то! Зур/ли штом ди/во ќе пис/нат, (ненагласен - нагласен - ненагласен)
штом та/пан ќе грм/не со под/зе/мен е/кот
во гра/ди/ве зош/то жал лу/та ме стис/ка,
во о/чи/ве зош/то ми на/ви/ра ре/ка...
(„Тешкото“ - Б. Конески)

Анапест е ритмичка стапка која тешко се постигнува во нашиот јазик заради природата на нашиот акцент. Кај анапестот првите два слога се ненагласени, а третиот е нагласен. За да се употреби треба да се одбираат петсложни зборови или стихот да започне со двосложен предлог, прашален збор итн.

Зошто толку те љубам и сакам? (ненагласен - ненагласен - нагласен)
(„Од дневникот“ - Г.Тодоровски)

Често песните содржат ритмички комбинации. Може да се комбинираат сите ритмички стапки.

Учи ме, мајко, карај ме, (дактил - трохеј - дактил)
Како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов трендафил.
(народна песна)