10/28/09

Стилски изразни средства (синтаксички: компарација, антитеза, словенска антитеза, реторско прашање, инверзија, елипса, асиндетон, полисиндетон, градација)

Вторите стилски изразни средства, синтаксичките фигури, или фигурите на конструкцијата се однесуваат на целата реченица, односно мисла.

Компарацијата е една од најзастапените фигури и во минатото и денес, а претставува споредба на еден предмет или појава со друг. Секогаш при споредбата се употребува зборот како или ко. На пр.: Гладен како волк.

— И најмил спомен што в душа ми блеска
се гаси од нив ко цвеќе без боја.
(Везилка - Б. Конески)


Антитеза е спротивност, односно споредување кое се заснова на спротивност. На пр.: Ситиот на гладниот не му верува.

Не сум вода да прелеам,
не сум змиа да се проврам,
не сум елен да прескочам,
не сум пиле да прелетам.
(од Поминуам, заминуам - народна песна)

Споредбата во оваа песна е извршена со негирање.

Словенската антитеза е фигура застапена во нашето народно творештво. Таа се состои од прашање, негација на прашањето и одговор. На почетокот од поемата „Сердарот“ од Г. Прличев ја среќаваме словенската антитеза:

Пискотници се слушаат од Галичник во Река,
Што тешка несреќа ги збра
и мажите, и жените, та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?

Дал’ град полињата житородни ги беше фатил?
ил’ рој од скакулци се вдал?
Дал’ султанот арачлии пред време беше пратил
да збира арач лут без жал?

Ни град полињата житородни ги беше фатил,
ни рој од скакулци се вдал,
ни султанот арачлии предвреме беше пратил
да збира арач лут без жал!

Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,
тој сердар прочут падна в бој,
и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,
и да ги брани нема кој...

Реторско прашање е фигура во која прашалната реченица служи како исказна. Прашањето, а најчесто повеќе прашања не се поставуваат за да добиеме одговор на нив, туку целта е да го изразиме чувствениот однос.

Везилке, кажи како се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?
(Везилка - Бл. Конески)

Инверзија е преметнување на редот на зборовите - обратен ред од оној што граматички е најисправен.

Телото твое црна маслина...
(Во сонот на црната жена - А. Шопов)

Елипса настанува кога од реченичната целина изоставуваме зборови, но смислата сепак можеме да ја разбереме. На пр.: Дожд. (значи дека врне дожд).

Асиндетон е кога нижеме зборови без нивно граматичко поврзување.

А се се случи една ноќ,
ноќ стебла,
ноќ лисје,
ноќ, студен ров.
(Небиднина - А.Шопов)

Полисиндетон е кога нижеме сврзувачки зборови без граматичка потреба.

Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.
(Тутуноберачите - К. Рацин)


Градација е степенување кое настанува со таков избор на зборови, слики и мисли со кои се изразува постепено засилување или слабеење од почетната позиција.

Прва година помина
грутка в срцето и легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.
(Ленка - К.Рацин)