10/10/09

Епски видови во проза (митови, легенди, преданија, народни приказни, анегдоти, гатанки, пословици, поговорки, раскази и романи) - со примери

Најстарите епски видови во проза се:

1.Митовите, легендите и преданијата

Според меѓународната класификација, преданијата се делат на:
1. митови;
2. легенди;
3. историски преданија (се однесуваат на историски настани и личности)
4. етиолошки преданија (се однесуваат на потеклото на некој локалитет).

Митовите се сметаат за најстари приказни со фантастична содржина создадени во првобитното општество. Луѓето во недостаток од научни сознанија создавале фантастични објаснувања за настанокот на светот, за човекот, за животот итн. Во почетокот тие биле свети приказни и не се сметале за литературни творби.

Митот за Сизиф

Сизиф, син на богот на ветровите Еол, и основач на градот Коринт, се сметал за најитар човек во древните времиња. Никој не можел да се рамни со него по итрост. Благодарејќи на тоа, тој натрупал небројно богатство во Коринт и надалеку се разнесол гласот за неговите скапоцености.
Еднаш Сизиф му го поткажал на речниот бог Азоп вратилиштето на Зевс, а за тоа Азоп му ветил дека ќе направи да избие извор студена вода во коринтскиот град. На тоа место навистина бликнал прочуениот извор Пирена.
Поради тоа предавство, Зевс решил да го казни Сизиф, па му го пратил богот на смртта, мрачниот Танатос, за да го одведе долу, во тажното царство на Хад. Но мудриот Сизиф, успеал да го закове богот на смртта, така што веќе никој не умирал на земјата, додека најпосле не дошол богот на војната Арес и ја ослободил Смртта, која сега го фрлила Сизифа во пеколот, меѓу сенките на умрените.
Но и таму итриот Сизиф успеал да се снајде. Тој уште пред да оди во пеколот и кажал на својата жена да не го погребува неговото тело и да не дава задушница, ниту какви и да било жртви на подземните богови. Хад и Персефона долго чекале жртви од жена му на Сизиф, но попусто. Најпосле, Сизиф се приближил до тронот на Хад и му рекол:
- О, владетелу на душите на умрените, велик Хаде, рамен по сила на моќниот Зевс, пушти ме за малку време да одам на светлата земја, за да и заповедам на мојата непослушна жена да ти принесе богати жртви и пак ќе се вратам во царството на сенките.
Така Сизиф го измамил богот Хад и тој го пуштил да оди на горниот свет. Се разбира кога Сизиф пак ги искусил убавините на земјата, ни на крај ум не му идело пак да се врати во пеколот, туку си останал во раскошниот дворец и весело пирувал, радувајќи се дека тој е единствениот меѓу смртните кој умеел да се врати од подземното царство на умрените.
Хад мошне се разгневил поради измамата и непослушноста на Сизиф, па повторно го пратил Танатос да го врати во пеколот. Најомразениот меѓу сите богови, злогласниот Танатос, го нашол Сизиф токму во екот на една раскошна гозба, кога бил малку и замајан од вкусното вино и му ја зел душата.
Долу во мрачниот пекол, подземните богови на кутриот Сизиф му ја досудиле оваа казна: требало постојано да тркала еден огромен камен од рамнината до врвот на еден рид. Кога мислел дека тешкиот товар го дотуркал до врвот, огромниот камен одеднаш му се испуштал од рацете и пак се наоѓал долу, во рамнината. Тој морал одново да се искачува со својот камен, но никогаш не можел да стигне до целта. Затоа по примерот на тој бесмислен напор на Сизиф, дури и денеска секој претежок и невозможен труд се вика Сизифов камен или Сизифов труд.
(Од книгата Богови и херои)

Легендите исто така имаат фантастична содржина, но за разлика од митовите тие се поврзани со вистински настани или историски личности.

Легенда за бесмртната вода

Господ создал луѓе со различна боја на кожата.
Ова Господ го направил пред Потопот.
На белците Господ им го пратил својот син, што се викал Македон и сите белци отпрвин се викале Македонци.
Подоцна, најпознат цар на Македонците, бил Александар Македонски.
Тој еднаш пронашол бесмртна вода и ја дал на сестра си да ја чува и да внимава да не се истури.
Но, таа кришум се напила и водата се истурила.
Плашејќи се од лутината на брата си се фрлила во Егејското Мопе.
Хо, бидејќи не можела да умре, наеднаш се престорила во половина риба, половина девојка.
До ден денес кога парабродите минуваат оттаму, плашејќи се да не ги преврти, луѓето од парабродите, на сет глас викаат: ”Жив е Александар!“.
Така ја плашат сестра му на Александар и таа бега од нив, а парабродите безбедно заминуваат.
(Запишана од Љубе Панов, кој ја слушнал од мајка му Васка Јолевска Панова)


Преданијата се слични со легендите, но се поблиски до историската вистина и имаат пореалистична основа.

Предание за манастирот Заум во Охрид

За Оридското езеро се велело од стари луѓе оти дно немало.
Мнозина луѓе го мериле да му ја видат длабочината колкава му е, и секој што мерил кажал колку аршини е длабоко.
Некоја жена (едни велат оти некоја царица била) и таа отишла да го мери колку е длабоко; мерејќи го баш во средето, како да сакаше езерото да ја откаже таа жена од таа севда, да не го мери оти не ќе може крај да најде на длабочината, тики откај што си било езерото тивко и мирно, туку беше се дигнале едни талази колку едни планиње и го дигнале каикот (чунот) на жената, и почнал каикот да се готви да се удави; бре држ го дујменџиите дујменот, бре крепи,
ѓоа да не се удави, арно ама „со глава ѕид не се турка,”.што рекле.
На тој страв од жената, паднала на коленици и почнала да се моли на Бога и да му таксува, да направи еден манастир тамо каде што ќе ја избави од улавото езеро.
Штом си таксала да направи манастир, и почнале талазите да се смалуваат, и полека-лека излегол каикот на брегот, та се куртулисала жената и тие што беа во каикот.
„Е, уште еднаш за ум нека ми биде ова, им рекла на каикчиите, што дојдов да го мерам езерово.”
Велејќи така жената, и веднаш беше заповедала да се направи на истото место еден манастир и го крстила „Заум”, демек од големиот страв што го видела таа го нарекла манастирот така да гледа во него и да паметува оти ќе се удавела.
Хе само за неа така да гледа и да се чува да не влегува во езерото, ами за секој човек што ќе одел тамо.
Ова предание сите оридчани го знаат.
(предание запишано од М. Цепенков)

2. Народни приказни

Народните приказни се делат на: фантастични и реалистични.

а) Фантастичните приказни
- сказните, бајките се исполнети со најнеобични доживувања на ликовите, како и со разни суштества (змејови, ѓаволи, самовили) и предмети (волшебни ламби, килими, животворни води итн.).
- басната на алегоричен начин ги опишува човековите особини. Басната може да биде во стих и во проза. Преку ликовите на животните (поретко и на растенијата и предметите) на ироничен, сатиричен и хумористичен начин се прикажани човековите недостатоци. На крајот тие содржат и наравоучение во вид на кратка реченица со мудра мисла (афоризам).
- приказните за животни се слични со басните, но се малку подолги од нив.
За разлика од останатите литературни творби, кај сите фантасични приказни се забележува поларизација на ликовите на добри и лоши. Најчесто овие приказни им се раскажуваат на децата, а тие се идентификуваат со добрите ликови и на тој начин го градат карактерот.

Врапците цареви

Една време беше се собрале врапците на еден висок трн и секое велело:
„Јас сум цар, бре, јас сум цар”.
Секое врапче цар се правело и викало што го грло течело.
Секое што било на поголемо гранче се туркало од тоа што било на подолното панче, и откога ќе го турнело, ќе се наречело цар.
Сите викале. „цареви сме’. Викале, врескале, ѓурултиа правеле, како во авра Евреите, кога да ги пеат псалтирите. Кој што ги видел и чул, се се смеел на нивнио будалштилак, дека се правеле на високиот трн цареви.
На тоа згора беше ги чуло врашкото сокле и беше втасало со голема сила, та беше ги нападало да ги јаде. Грабнало едно — испердушило, грабнало друго искинало и го изело, грабнало треќо и ци го однесло на седело да си ги нарани соклињата мали.
Во тоа време, страшно за врапците, од кај што се правеа сите цареви, фатија да му се прават на соколот чифчли, велејќи кога бегаа од трнот и се криеја, вака: „Чив, чив, чив, чив сум” (чифчија сум, кажувале). Секој се откажувал од цар да биде пред соколот и це правел чифчија, страха ради соколова.
Откога си се најало соклето и си отишло, фатиле да си излегуваат врапците од кај што беа се искриле низ дупките и фатиле да се прашаат едно со друго, „Џив, џив, џив” (море, али си жив бре?) едно со друго се прашаат.
И оттогај им осганало на врапците да се прашаат едно со друго: „Џив, џив”.
(Народна приказна за животни запишана од М. Цепенков)

б) Во реалистичните приказни се раскажуваат случки од секојдневниот живот на луѓето.

3. Анегдотата е мала хумористична приказна во која се раскажува некоја смешна случка од животот на позната личност.

4. Гатанката е народна умотворба која се состои од прашање и одговор. Прашањето е метафорично претставување на предметот или појавата која треба да се погоди со одговорот.

5. Пословиците и поговорките се многу слични по својата содржина и форма. Со нив се искажува некоја народна мудрост. Разликата е во тоа што пословицата е двочлен состав (составени се од два дела), а поговорката е едночлен состав (составен од еден дел). Поговорката често претставува дел од пословицата. На пример, може да кажеме: Село гори, како поговорка од целата пословица: Селото гори, бабата се чешла.

Пословици:
Ако е виното кисело, ама срцето ни е весело.
Бадијала работи, бадијала не седи.
Без татко полојна сирак, без мајка цел сирак.
Поговорки:
Рани куче да те лае.
Со игла бунар не се копа.
Бара влакно во јајцето.


6. Раскази и романи

Расказите и романите се посовремени епски прозни видови (нив ги нема во народната литература). Тие не се разликуваат во внатрешните својства, туку во големината. Расказите се куси, а романите подолги. Може да се направи аналогија на епските видови во стих и проза: епската песна и расказот се покуси, а епот (епопејата) и романот се подолги.
Според содржината расказите и романите можат да бидат: битови, историски, авантуристички, научнофантастични, психолошки, хумористични итн.