10/28/09

Лирски видови (субјективна, возвишена, елегиска, сатирична лирика)

Лириката се дели на:

1. Субјективна лирика:

интимна;
љубовна;
пејзажна;
патриотска;
социјална;
рефлексивна.

2. Возвишена лирика:

ода
химна;
дитирамб.

3. Елегиска лирика:

тажачка песна;
елегија;
епитаф.

4. Сатирична лирика:

хумористична песна;
сатирична песна;
епиграм.

Субјективна лирика

Интимната лирика ги опфаќа песните каде се изразуваат личните (внатрешните, интимните) доживувања на поетот. Најчести мотиви во овие песни се: љубовта, осаменоста, разочараноста од минливоста на животот (младоста) итн.

Љубовната лирика ги опфаќа песните во кои се искажуваат љубовни чувства кон спротивниот пол. Мотиви се: неостварената, недостижната љубов, платонската, овоземната, еротската љубов итн.

Пејзажната лирика опфаќа песни во кои се опишува природата. Поетот преку описот (своето видување) на природата всушност ги искажува сопствените чувства и расположенија.

Патриотската лирика ги опфаќа песните за татковината. Мотиви се: љубовта кон татковината, кон својот народ, кон минатото итн.

Социјалната лирика ги опфаќа песните во кои се изразува незадоволството од социјалната неправда (односот меѓу богатите и сиромашните). Мотиви се: маките и страдањата на сиромашните, нивниот ропски живот итн. Ваквите песни кои повикуваат на борба против угнетувачите се револуционерни.

Рефлексивната лирика ги опфаќа песните во кои се искажани размислувањата на поетот. Мотиви се: смртта, болката, смислата на животот, судбината, вербата итн.


Возвишена лирика

Овде спаѓаат сите видови лирски песни ако се напишани со возвишен и свечен тон.
Одата е пофална песна со возвишен тон. Во неа се возвишуваат некои славни личности, јунаци, но и: младоста, радоста итн.

Химните се свечени пофални песни. Тие можат да бидат: државни, национални, воени, религиозни итн.

Дитирамб е лирска песна во која се воспева страста, животната радост, среќата, занесот и восхитот. Во античко време дитирамбот бил обредна песна во чест на богот Дион.


Елегиска лирика

Тажачките песни се кажувале над покојникот и во нив се искажувала длабоката тага и болка заради смртта на блискиот.

Елегијата е песна во која се искажуваат тажни чувства. Мотиви се: смртта, љубовта, социјалната неправда итн.

Епитаф е песна наменета за надгробен споменик. Во неа обично се дадени податоци за животот на починатиот.

Сатирична лирика

Хумористичната песна го исмејува човекот, општеството или нешто друго користејќи благ хумор.

Сатиричната песна е многу поостра во исмевањето користејќи иронија и сарказам за да се поправат исмеаните недостатоци.

Епиграмот е кратка (од два до осум стиха) хумористично - сатирична песна.