11/29/09

Именки

Именката означува поим за некој предмет и за сето она што го мислиме опредметено. Со нив се означуваат суштества, предмети, појави и поими.

Видови именки

Традиционално, именките се делат на:
1. Општи
- означуваат родов поим (еднородни предмети или суштества), имиња на предмети или суштества од кои има многу во светот (стол, табла, креда, човек, мачка, теле, град, река)
- го означуваат материјалот или составот (материјални) (железо, вода, сол, шеќер)
- означуваат множество еднородни предмети кои претставуваат целина (збирни). Иако означуваат множина тие се во еднинска форма (народ, население, мебел)
2. Сопствени
- означуваат имиња на луѓе и животни (Јана, Драгица, Матеј, Арес),
- географски имиња (Вардар, Водно, Скопје),
- имиња на празници (Митровден, Осми март, Божиќ),
- имиња на институции (Средно градежно-гимназиско училиште „Здравко Цветковски“),
- имиња на уметнички дела, весници, емисии итн. („Крпен живот“, „Вечер“, „Ексклузив“),
- имиња на објекти (Камен мост, Кале, Соравија, Ресторан „Букет“).

* Сопствените именки се пишуваат со голема буква.

Според тоа, дали можеме да ги допреме предметите, односно појавите, разликуваме:
1. Конкретни именки - означуваат материјални предмети (маса, камен, дете, планина, чаша, вода итн.)
2. Апстрактни именки - означуваат неметеријални предмети (љубов, воздух, среќа, тага, омраза, ден, вторник, лето итн.)