12/8/09

Придавки (видови и граматички категории)

Придавките означуваат некој признак (карактеристика) на предметот што го определуваат.
Основна служба на придавката е да ја определува именката (придавање кон именката).

Видови придавки

1. Квалитативните придавки означуваат својство што се открива во предметот како таков, без поврзување со некој друг предмет.
На пр.: добар, убав, мирен (коњ)

2. Односните (релативни) придавки означуваат својства што упатуваат на некој друг предмет.
На пр.: манастирски (се однесува, упатува на манастир) коњ.

3. Бројните придавки го означуваат односот на предметите по ред.
На пр.: прв, втор (коњ)

4. Заменските придавки се изведени од заменки и многу наликуваат на нив.

Разликуваме:
а) Присвојни заменски придавки

мој, моја, мое; мои; наш. наша, наше; наши
твој, твоја, твое; твои; ваш, ваша, ваше; ваши
негов, негова, негово; негови;
нејзин, нејзина, нејзино; нејзини. нивни, нивна, нивни; нивни
како и: свој, своја, свое; свои

б) Заменски придавки со показно и квалитативно значење

ваков, ваква, вакво; вакви
таков, таква, такво; такви
каков, каква, какво; какви;
онаков, онаква, онакво; онакви;
секаков, секаква, секакво; секакви;
некаков, некаква, некакво; некакви;
никаков, никаква, никакво; никакви;
толкав, толкава, толкаво; толкави;
колкав, колкава, колкаво; колкави;
олкав, олкава, олкаво; олкави;
онолкав, онолкава, онолкаво; онолкави;
сиот, сета, сето; сите;
сам, сама, само; сами;
ист, иста, исто; исти;
друг, друга, друго; други.


Граматички категории кај придавките

Бидејќи основната служба на придавката е да ја определува именката, таа од неа ги добива и своите граматички обележја.
Придавката ги има истите граматички категории како именката: род, број и определеност.

1. Родот кај придавките може да биде машки, женски и среден и зависи од именката до која стои. Односно, ако именката е од машки род, тогаш придавката ќе се прилагоди и ќе биде во машки род (дрвен стол), ако именката е од женски род и придавката ќе го преземе женскиот род (дрвена маса), а ако е од среден род и придавката ќе биде во среден род (дрвено столче).
Родот кај придавката е променлив во зависност од именката која ја определува.
На пр.: м.р. - добар човек; ж.р. - добра жена; ср.р. - добро дете.

(* Најлесен начин за определување и разликување на придавките од именките е родот. Кај именките тој е непроменлив, а кај придавките се менува.
На пр.: работливост - женски род кој не може да се промени (таа работливост); значи е именка;
работлив - машки род, но можеме да го промениме - работлива - женски род; работливо - среден род; значи е придавка.)

2. Бројот кај придавките исто така зависи од бројот на именката што ја определува. Придавките имаат еднински форми за машки, женски и среден род и една форма за множина.
На пр: добар, добра, добро; добри.

3. Кај граматичката категорија определеност, придавката го презема членот од именката.
Кога имаме определена синтагма (именска група од придавка и именка), го членуваме само првиот збор, односно придавката (не може да се членуваат двата збора, туку само првиот).
На пр.: (добар) човекот - добриот човек.