9/28/09

Данте Алигиери

Данте Алигиери
(1265-1321)
Во 15. и 16. век на територијата на денешна Италија егзистирале неколку градови-држави кои биле предводници во новиот ренесансен начин на живот, но сепак Фиренца се смета за центар. Таму работеле Донатело, Ботичели, потоа Микеланџело, Макијавели, Леонардо да Винчи, Галилео Галилеј и др.
Таму е роден и големиот поет Данте Алигиери во духот на предренесансното време каде се изградил во сестрана личност, занимавајќи се со поезија, сликарство, архитектура, политика итн. Му се восхитувал на античкиот поет Вергилиј, кој станал негов идол. Втората, не помалку важна личност во неговиот живот е Беатриче со која се сретнал кога имал 9 години. Детската љубов подоцна прераснала во животен занес. Но, таа се омажила за дворјанин, а набргу и починала. Тоа предизвикало големо растројство и криза во животот на Данте. Излез побарал во науката и политиката, но тие ќе го разочараат уште повеќе. (Во тоа време во Фиренца се водела битка меѓу две партии: гибелини - кои се бореле за обединување на градовите под власт на германскиот цар, и гвелфи - кои биле за обединување под власта на римскиот папа). Данте бил гвелф и жестоко се вклучил во политичките борби што на крајот резултирало со смртна казна, која нема да биде извршена бидејќи самиот се осудил на доживотно прогонство. Ќе сфати дека суштината на тие борби била: престижот, власта, моќта и богатството, а не патриотизмот и подобрувањето на животните услови.
Творештво



Прва збирка песни на Данте е „Нов живот“ во која ја искажал својата љубов кон Беатриче. Збирката содржи 30 песни поврзани со прозно раскажување. На почетокот ја раскажува својата прва средба со Беатриче (тој имал 9, а таа 8 години), кога иако дете почувствувал дека „душата му затреперила“. Љубовта, по нејзината смрт, се претвора во тага, но и во ветување дека ќе го воздигне нејзиниот лик.
Делото „Пир“ („Гозба“) содржи 14 алегорични песни поврзани со раскажување каде Данте ги искажува своите ставови за човековиот разум, за задгробниот живот, ангелите и Бог. Значајно е тоа што делото го напишал на народен говор, а не на латински јазик како што до тогаш се пишувало. Оттогаш тој почнува да се занимава со филолошки работи и да ја пропагира уптребата на јазикот кој го разбираат сите. Вака тој станува зачетник на формирањето на италијанскиот литературен јазик. Негово најзначајно литературно дело е „Божествена комедија“.
Божествена комедија


Инспирација за создавањето на ова ремек-дело на Данте му дала љубовта кон Беатриче која сакал да ја овековечи, а успеал заради својатата широка наобразба, животното искуство, политичките борби во кои бил директно вклучен, доброто познавање на филозофијата итн.
„Божествената комедија“ е религиозно-филозофски еп.
Темата во делото е задгробниот живот, односно наградите и казните што ќе ги добие човекот по смртта според заслугите во животот.
Идејата е да ја прикаже состојбата на човечките души по завршениот животен пат и да му укаже на човекот дека треба прво да изврши сопствена преродба, а потоа да врши преродба на човештвото (општеството).
Композиција


Композициски „Божествената комедија“ се состои од 3 дела: „Пекол“, „Чистилиште“ и „Рај“. Секој дел се состои од 33 песни од строфи со по 3 стиха (терцини), а заедно со воведната песна сочинуваат 100 песни. Освен бројот 3 кој игра посебна улога како христијански симбол (Отецот, Синот и Светиот дух - светото тројство), застапен е и бројот 9 (3 X 3) во истата улога. Во сите три дела има: 9 круга во пеколот, 9 степени на усовршување во чистилиштето и 9 неба во рајот. Бројот на стихови во сите три дела е еднаков и сите завршуваат со зборот ѕвезда.
Данте раскажува (нараторот) во прво лице, тој е присутен во делото и сè видел со свои очи. Ова е карактеристично за жанрот видение присутен во средновековната литература.
Во „Божествената комедија“ има многу ликови и тоа: негови современици - важни личности од политичкиот и културниот живот; историски личности - јунаци, уметници, поети; како и митолошки суштества, личности и божества. Сите овие ликови суштествуваат паралелно, без разлика на кое време им припаѓаат и дали се вистински или измислени.

Појава на ренесансата

Да се потсетиме:



Уметноста се појавува во првобитното општество како спој од музика, текст и игра (синкретизам).
Најпрво од синкретизмот се издвојува епско-лирската песна и го започнува самостојниот развој на литературата како дел од уметноста. Најстарите литератури се појавуваат во старите држави: Асирија, Вавилонија (Месопотамија), Кина, Индија, Египет, Стара „Грција“ итн.
Како плод на старохебрејската литература се појавува Светото писмо (Библијата - Стариот и Новиот завет). Развојот на религиите го попречува слободниот развој на уметностите. Ова особено е изразено во средниот век кога црквата имала целосна власт врз човекот. Ветувајќи вечен задгробен живот барала од луѓето откажување од овоземните благодети и ги попречувала сите напредни и научни мисли. Многумина се затварани, измачувани и погубувани на клада заради своите теории кои биле различни од закоравените ставови на црквата. Карактеристичен пример за односот на црквата кон новите научни откритија е случајот со Галилео Галилеј. Тој бил следбеник на Коперниковата теорија на хелиоцентричност (дека планетите кружат околу Сонцето, а не околу Земјата). Галилео е пронаоѓач на телескопот со кој ги набљудувал небесните тела и ја потврдувал Коперниковата теорија. Ваквото негово тврдење било спротивно од ставовите на црквата според која Земјата е центарот на целата вселена и дека сè се врти околу неа. Заради ова, имал проблеми со Инквизицијата, бил затворен и измачуван, а за да си го спаси животот морал да се откаже од своите ставови и да ја поддржи црквата. Но, сепак, пред да умре тој ја кажал својата позната реченица „Сепак се врти“ - потенцирајќи дека вистински никогаш и не мислел поинаку.
Овие нови видици отвориле потрба за поинаков начин на живот. Човекот постепено почнал да се свртува кон себеси, кон убавините на овоземниот живот, почнал да твори, да открива и да го менува светот. Тогаш се појавува и буржоазијата и се преминало кон парично-стоковно стопанство. Овие се условите во 15.век кои го поттикнале појавувањето на новиот правец во уметноста - хуманизам и ренесанса.
Предренесансата (12. и 13. век), претставува преоден период во кој христијанското учење, односно црковните теми и мотиви се сè уште најзастапени.
Предренесансата (хуманизмот - љубов кон човекот, човечно) својот процут го доживува во 15. век.
Нејзини особености се:
- отфрлување на средновековната идеологија;
- верба во човекот (а не во натприродни суштества);
- љубов кон животот на земјата (а не задгробен живот);
- создавање оригинална литература со мотиви и теми од секојдневниот живот;
- пишуваат на латински јазик (Италијаните верувале дека се потомци на старите Римјани и дека латинскиот јазик е многу сличен со современиот италијански).
Токму определбата да пишуваат на латински јазик не овозможува оваа литература да допре до широките народни маси и да достигне повисоки уметнички дострели. Сепак, имало отстапување од таа определба, а тоа го направиле тројцата најзначајни претставници: Данте Алигиери, Џовани Бокачо и Франческо Петрарка.
Ренесансата (преродба) е продолжување на предренесансата (хуманизмот) и се појавува во втората половина на 15. век и трае во 16. век.
Под ренесанса не се подразбира само преродба на старата римска литература, туку преродба на целокупниот живот.
Особености на ренесансата се:
- зацврстување на вербата во слободниот човек, а не човек кој се подготвува за задгробен живот;
- во школите и универзитетите се воведува световна настава (се учат природни и општествени науки);
- се развиваат сликарството, вајарството, архитектурата во кои се посветува внимание на убавината , грандиозноста, пространството, бујното човеково тело итн.;
- во литературата темите се црпат од секојдневниот живот;
- пишуваат на народен јазик.
Главни претставници се: Вилијам Шекспир, Мигел де Сервантес, Лопе де Вега (Шпанија), Лодовико Ариосто, Торквато Тасо (Италија), Марин Држиќ (Дубровник).

Тест прашања за темата: историски развој на македонскиот јазик

1. Македонскиот јазик спаѓа во индоевропското семејство, во:



а) западна,
б) источна,
в) јужна
словенска група.


2. Прасловенскиот јазик станал писмен јазик во:


а) 9. век,
б) 14. век,
в) 19. век.


3. Првата словенска азбука се вика:


а) глаголица,
б) кирилица,
в) латиница.


4. Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ ги напишале (и отпечатиле) првите книги на:


а) македонски литературен јазик,
б) бугарски литературен јазик,
в) народен македонски јазик .


5. Константин Миладинов својата поезија ја пишувал на:


а) литературен македонски јазик;
б) литературен бугарски јазик;
в) мешан македонско - бугарски јазик;
г) народен јазик.


6. На кој јазик Глигор Прличев го напишал „Сердарот“ ?


а) македонски литературен јазик,
б) македонски народен јазик,
в) бугарски јазик,
г) грчки јазик.


7. Во кој век се поставува прашањето за создавањето на македонски литературен јазик?


а) 9. век,
б) 14. век,
в) 19. век


8. Каков литературен јазик предлагал Партение Зографски?


9. Каков литературен јазик предлагал Ѓорѓија Пулевски?


10. Наброј најмалку три книги од Ѓорѓија Пулевски:


11. Поради своите ставови во однос на народот, татковината и јазикот Ѓорѓија Пулевски го нарекуваме.


12. За што се залагале здруженијата од македонски емигранти во соседните држави и во Русија?
13. Зошто членовите на Младата македонска книжевна дружина се наречени Лозари?


14. Книгата ________________________ Крсте Петков Мисирков ја отпечатува во ______________, _____________ година.


15. На кој јазик ја напишал Крсте Петков Мисирков својата книга?


16. Кои се трите принципа што ги предлага Крсте Петков Мисирков за македонскиот литературен јазик:
а) ________________________________________________
б) ________________________________________________
в) ________________________________________________

9/27/09

Божествена комедија - Пеколот (со илустрации од Густав Доре)

Данте Алигиери го претставил пеколот како инка од девет круга (јами). Во секој круг има грешници кои се распоредени според своите гревови. Колку гревот е поголем, толку подлабоко се наоѓа грешникот.




По Воведната песна, Данте започнува со описот на Пеколот.

1. круг

А потоа ме подзеде за рака,
со ведар лик што смелост влеваше:
во тајно царство тој ме внесе.


И плач и воздив, стон се креваше сред воздухот
без ѕвезда ниту една.
Низ образ солза ми се слеваше.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
И души гледаш ангелски пред пекол
што пасивни останале до крај:
ни против, ни со бога минел векот!


Ги прогнал бог: Тој сака пречист рај,
но нејќе да ги прими нив ни адот.
подлабоко, да не зрачат, пак, сјај!
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Но ене, каде иде познат лик
од старост бел; со чамец води сече...

Пред портите на пеколот Данте ги сместува многубошците, античките поети и филозофи: Хомер, Хорациј, Овидиј, Сократ, Платон итн.
Со чамец доаѓа старецот Харон кој ги пренесува преку реката Ахерон.

2. круг




Го видов Минос: грев тој бара, зол;
со заби чкрта, правда тој им дели
и суди сам со својот опаш долг.

Штом кутра душа наваму се сели
— за исповед пред Минос стасува:
го мери гревот. Потоа и вели:


за колку грешна ја огласува:
колкупати ќе се обвитка со опаш
— од тој круг таа не се спасува!
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
За казни — солзи. Кругот им е делен
на тие што се подале на сласт,
на кои страсти умот им го зеле.

Минос (човек со долга опашка) ги пречекува грешните и ги праќа во определен круг од пеколот - во зависност од тоа колкупати неговата опашка ќе се обвитка околу грешникот.

Во вториот круг се сместени прељубниците, оние што се подале на сласт и страст. Тука шуми адски ветер кој носи студенило и ги влече и врти жртвите.
Во вториот круг се сместени: Клеопатра, Елена, Парис, Тристан и Изолда, Ахил итн.

3. круг

Во третиот круг ги пречекува троглавото куче Кербер (Цербер), чувар на пеколот.



Тука се сместени лакомите и пијаниците, а нивната казна е вечен дожд, леден град и ужасната смрдеа што се шири.

4. круг

Во четвртиот круг се скржавците, горделивите, расипниците (папите и кардиналите). Туркаат карпи (вреќи со злато), а врз нив се кршат бранови.

5. круг



Тој душа бил на се озловена,
без добро дело некому да сторил,
а злобата му е подновена!


Тој, горе што за круна, трон се бори
— на свиња личи среде таа кал
и само лошо за него се збори.

Потонати во кал во овој круг се наоѓаат гневните и злобните, властољубците.
Данте и Вергилиј ги пренесуваат преку реката Стикс.

6. круг

Данте и Вергилиј влегуваат во градот Дис опкружен со ѕидини. Атмосферата е жешка, вжарена, во гробниот мир по некој пискот се слуша, а на полето од отворените гробови - лелек од болки.


Тука се сместени еретиците.

7. круг

Во седмиот круг ги пречекува Минотаур (пола човек - пола бик).
Седмиот круг е составен од три ката.


1. Но, гледај долу: онде поток врел
од крвје тече! Во него се капе тој,
што над ближни да се сили зел.

Тука ги дочекуваат кентаурите

(грев кон ближните: измамници, крадци, убијци на ближните)
2.

Штом пружив рака — скршив гранка мека:
— Ох, што ме кршиш? — писна коренот.
Ме стресе оној трн со жална ека.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
...А бевме луѓе! Тоа мина,
а сега трн сме пред скапување...


(самоубијци и насилници кон самите себе)

3. Во третиот кат во жар се печат богохулители, лихвари, содомити (оние што општат со животни).
8. круг


Герион е чувар на осмиот круг. Герион е суштество со човечки лик и мазен образ, но со змиски труп во разни бои и две канџи со влакна. Кругот е ограничен со насип по кој се качуваат луѓето, но не можат да се искачат. Составен е од 10 зли јами.

Тука се сместени:
лакомци, сводници, заводници;


ласкатели;


симонисти (трговци со свети предмети);



гатачи, волшебници, пророци;


измамници;


лицемери;



крадци;



подли советници;


сејачи на раздор и
кривоклетници.

9. круг

Како наредени околу бунар џинови закопани до папок го чуваат влезот на деветтиот круг. Во него се е замрзнато од студот и ветрот што го прават крилјата на Луцифер.

Чудовиштето Нимрод сам себе се глода и гази по главите на грешниците.
Во овој круг се сместени предавниците:

Каин кој ги симболизира предавници на својот род;
Антенор - ги симболизира предавниците на татковината;
Птоломеј - предавниците на пријателите (гостите) и
Јуда - предавниците на Христос. На дното од јамата се наоѓа Луцифер, со крилја:

...Од лилјак...голи беа тие,
а мафташе со таква сила, што
три ветра прави кога ќе ги свие,


носејќи му на Коцит мраз и зло...
Шест очи плачат; в три бради се крие
од солзи поток крвав, лигав...Но,


во устите по еден грешник кине,
дробејќи го ко лен со забите
и в еден миг на тројца бол им чинел!


Тој бол им беше од послабите
во споредба со оној кога мине
со остар нокт по грбот, градите...






Стилски особености

Данте вистински мајсторски ја насликал атмосферата во пеколот. Атмосфера на страв, несреќа, болка, ужас, постигнувајќи го тоа со опишување на надворешни дразби.
Во пеколот се е или студено, замрзнато, влажно, дождливо, ветровито или жешко, песочно, суво, потпалено, огновито. Грешниците се голи за директно на сетилото на кожата да ги почувствуваат студот или жештината.
Боите во Пеколот се мрачни, темни, тоа е крај без светлост каде сивата боја е најсветла. Контрастни се силно црвените, аловите бои и нијанси кои се производ на крвта од раните или огнот. Вака и сетилото за вид е засегнато.
Исто така и сетилото за мирис го дразнат непријатни миризби - смрад, тешка реа, кал, чад, мирис на гној, скапано, гнило итн.
Непријатни се и звуците - лелеците, плачот, воздишките, врисокот, чкрипотот, пукањето на мразот, гребењето на ноктите итн.
Освен атмосферата која ја постигнал со специјално употребени зборови, Данте користи и многу стилски фигури. Симболот е особено изразен на почетокот, во воведната песна (пантер, лав, волчица), но и подоцна. Споредбите и метафората се постојано присутни (ко облаци рој, ко кремен трат, облека од оган итн.), персонификација (огнов пасе), многу епитети (со негативна конотација - виор крилен, песок врела, мрачен кат, темен ад, магла густа), контрасти ( не зелен лист - а темен), метонимија употребена за семоќноста на Господ (оној кој се што сака, може се) итн.
Особено се впечатливи и две метаморфози (преобразувања) кои се прикажани многу сликовито и морничаво:


Ги гледавме. И одеднаш врз еден
шестонога се спушти змија грда,
се зачипчи, го грабна в преград леден.


Со нозете не му даде да мрда:
се обвитка преку гради со двете,
со средните — прегратката и тврда —


му врза раце, и го гризна, ете,
сред образи. Со задните го стегна
за нозете, а опашот го сплете


меѓу нив, па на крстот така легна.
Ни бршлени на дрво не се вијат
ко ѕверот страшен него што го стегна.


А потоа, ко восоци што вријат,
— се стопија, се смешаа по боја
и станаа — ни човек, ниту змија...
* Илустрациите се на познатиот француски илустратор (уметник) Густав Доре.

Божествена комедија - Воведна песна (анализа)

Во првиот дел од „Божествената комедија“, е опишан пеколот кој Данте го претставил како инка. Круговите на инката се стеснуваат како што се зголемуваат гревовите на луѓето. Во центарот на земјата, во деветтиот круг се наоѓа Луцифер.
Вергилиј го поведува Данте во Пеколот на чиј влез пишувало:

Засекогаш откажи се од надеж.

Анализа на Воведната песна

На почетокот од епот Данте дава податоци за себе, дека е на средината од животот (35 годишен според тогашните сфаќања) и дека е заскитан во темна шума што го симболизира неговото беспаќе (протеран од родниот град) и неговите заблуди (дека со политика може да го промени општеството во кое живеел).

Шумата ја симболизира и самата Фиренца, односно општествено-политичката положба во која се наоѓала. Заблудите и грешките не му дозволуваат да го најде вистинскиот пат (изгубен е), а искачувањето на ридот (симбол на душевниот мир и блаженство) е тешко, непроодно и полно со пречки.
Пречките се повторно претставени преку симболични слики. Прво го сретнува пантерот кој ја симболизира зависта, но и Фиренца; потоа лавот, кој ја симболизира гордоста, но и Франција (која и попречувала на Италија) и на крајот ја сретнува волчицата која го симболизира среброљубието, алчноста по пари, но и папите.
Спас од беспаќето и дивите животни му праќа Беатриче во ликот на Вергилиј, кој ќе го поведе Данте и ќе биде негов постојан придружник, водач, помошник и толкувач на стравотиите што следуваат.


*Илустрациите се на Густав Доре (познат француски уметник кој има направено илустрации за Библијата, Дон Кихот и др.)








Божествена комедија - Воведна песна



На средина од мојот живот земен
го изгубив јас така својот пат:
се најдов в шума сам, сред густеж темен.


А таа шума, дива, чуден кат,
зарастена во трње, в буеж сета,
сред срце раѓа спомен, страв и лад.

Погорчлива одвај е смртта клета!
Но, за блаженството што сум го пил,
ќе раскажам за сè што таму сретнав.

А како, кога патот ми се скрил,
јас не знам, ништо не можам да речам:
Од сонот мора пијан да сум бил.

Подножјето штом почнав да го сечам,
во срцето го сетив стравот сал,
и пред да почнам по рид да се влечам.



Јас кренав поглед, видов: сонце-ал
огреало во таа рана зора
врз плеќите на ридот стрмен мал.

Па здивна душа, иако бев в гора...
А стравот, што во крвта стана мраз
во ноќта, - сетив како топи кора.

И како патник што во еден час
- од бура спасен - гледа в далги бесни
со кои водел бој за својот спас, -

се запре духов мој. Врз спили тесни,
од кои демне само грозна смрт
а човек стапна, - кренав очи лесни.

Одвај од снага фрлив камен тврд
и штом на стравот крајот му го видов
- зачекорив по пуст и стрмен срт.

Сал чекор-два: одненадеж под ридот
се јави пантер: шарен, стрвост полн;
а брз, и не ме испушта од видот...

Од пред очи не се мавна тој, зол.
Ми пречеше, на патот ми се згоди.
Многупати си реков: назад в дол!

Се зореше. И сонцето се роди,
капејќи ѕвезди ко во денот прв,
во кој за првпат почна да ги води

со божја љубов, за да стигнат врв.
Тој нежен час, и она мило цвеќе,
ми влеа надеж: ѕверон, жеден крв,

не ме следи со стрвост таква веќе!
За кратко. Одеднаш во овој крај
се најде лав: ми пројде сета среќа!

Пак страв сред срце почна да се таи.
Од гладот мачен - поглед див ме сретна
и воздухот се стресе и се стаи.

„И волчица“! - Во умов мисла летна.
Исушена од злоба и од жед,
јас видов кога в очи жар и светна.

А расплакал и тој ѕвер многу свет.
Во мене поглед страшно беше впила.
Да тргнам горе смелост собрав, клет,

но ниту надеж остана, ни сила.
Ко трговец што чука глава в ѕид
(галијата ја скрши морска спила!)

се мрачи сè пред очниот му вид, -
ме стресе така ѕверон и ме столчи,
следејќи ме од оној стрмен рид

во катон кај што сонцето си молчи.
Бегајќи јас низ рид пред ѕвера три,
пред Лав, пред Пантер и пред поглед волчи,

- пред мене човек никна чии дни
изгаснале пред не знам колку века.
„Смилувај се, па кои и да си ти,

- му викнав, - призрак или човек некој!“
„Јас не сум жив, но бев. - Чув слаб глас мек, -
од Мантова, од познат род на секој,

Ломбардиец, од оној славен век
Sub Julio et Август, кога светов,
тој век, на лажни божества бил век.

Поет јас бев. Во песни јас го сплетов
на Анзис синот, којшто Илион
го напушти сред чад со срце клето.

Што се враќаш при маките со стон
и не врвиш по ридот?“ - Потем рече:
„На радост извор, причина е он“.

„Вергилиј, ти си? Оној певец вечен
од чие срце блика извор стар
од речитост!“ - И сетив: срам ме пече.

„За кој поет ти не си светлост, жар?
За мојта љубов спрема твојте стихој
- награди ме и подај рака бар!

Ги учев нив и минел живот тихо,
Па ако стилот мој и внушил сласт
- заслугата е твоја и на твојте стихој.

Ме врати, гледај, оној ѕвер тој час.
О, мудар мажу: в гради срце зајде,
ми мрзнат жили, сам во нивна власт“.

„За спас од злото диво што те снајде
- Вергилиј рече штом ме виде блед -
по друг пат тргни, таму спас ќе најдеш.

Тој ѕвер што сторил маж од тебе клет
не остава да стапнат луѓе живи,
до смрт ги гони тој во овој свет.

По жртви кутри искрат очи диви
и нова крв му мами дрско стрв
што само уште повеќе го здиви.

Со други ѕверки тој се пцука прв.
Соблазнува. Но тука ќе се стори
нов пес, од волкот што ќе локне крв.

За пари, земја нема да се бори;
се храни тој со мудрост, занес врел,
и меѓу Фелтра два свој дом ќе твори.

Ќе светне над Италија ден бел
(за која падна невина Камила,
Евријал, Низ и Турн, тој пород смел).

Тој ѕверов ќе го прогони со сила
сè дури не го врати среде Ал
од кај што завист водач прв му била.

Би било добро ти, по перо брат,
да тргнеш по мене, а не да стоиш:
ќе видиш така еден вечен кат.

Длабочини ќе минеме, во кои
ќе чуеш само очај, горчлив плач,
и кај што духот горд за злини свои

во смртта нова сега бара слач.
Не едне, ти ќе видиш, што се бори
со надеж: в оган бара светол лач!

Ќе посакаш ли да се качиш горе
- подостојна ќе дојде душа, знам,
со која ќе те пуштам таму в зори.

Јас - дотаму. Бидејќи Царот сам
не ги пушта во градот Негов тие
што со мене се. Не знам божји храм.

А Кралството во тој кат Му се крие,
палатите и власта, тронот свет...
Кој одбран е тој блаженство ќе пие!“

„Поете, - реков, - гледаш, твој сум сет!
Но, жити бога (којшто не те сака)
избави ме од злото, мене клет:

доведи ме до таа светлост јака
пред портите на Свети Петар сед
и кај што души трпат јад и мака!“

Тој тргна тихо. И јас тргнав блед.

9/22/09

Резиме на темата: историски развој на македонскиот јазик

Македонскиот јазик спаѓа во индоевропското семејство на словенските јазици - јужна група (источна подгрупа со бугарскиот).
Историјата на македонскиот јазик започнува со прасловенскиот јазик кој немал писмо, па затоа и немаме точни податоци каков бил тој. Но, врз основа на тој јазик, а особено врз основа на говорот на Словените кои живееле во околината на Солун е создаден првиот писмен словенски јазик т.н. старословенски јазик. Првата словенска азбука е глаголицата, а нешто подоцна е создадена кирилицата.

1. Создавањето на посебен македонски јазик започнува во 12. век со првите варијанти (редакции) - текстови во кои забележуваме разлики и развој пред сè на јеровите во о и е (Ъ > о, Ь > е - сон, ден ). Кај соседните словенски јазици тие се развиваат различно: кај српскиот во а (сан, дан), а кај бугарскиот останале (сън, дън).

Зографско евангелие

2. Во 16. век се појавуваат дамаскините кои претставуваат почеток на македонски книжевен јазик.
3. На почетокот од 19. век се појавуваат книгите од Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски.
4. Во средината на 19. век - појава на првите уметнички литературни творби - песните на Константин Миладинов (на струшки говор).
5. 1875 - појава на книгите на Ѓорѓија Пулевски со кои започнува стандардизацијата на македонскиот јазик - идеја за посебен македонски литературен јазик.
6. 1903 - „За македонцките работи“ - прва стандардизација на македонскиот јазик.

Носители на македонистичките идеи (самостојна Македонија, самостоен јазик) се здруженијата формирани од емигранти - во Бугарија, Србија, Грција и Русија.
Прво такво здружение е формирано во Атина седумдесеттите години од 19. век од Стефан Дамчев Македон,

потоа 1888 г. во Софија Ѓорѓија Пулевски ја формира Словенско-македонска книжевна дружина,
па во 1890 е оформена Младата македонска книжевна дружина (сп. „Лоза“),
во 1893 г. во Белград ученичката дружина Вардар,
потоа Македонскиот клуб во Белград 1902 (сп. „Балкански гласник“)
па Македонско научно-литературно другарство во Санкт Петербург 1902 (сп. „Македонски глас“).
Идеите на овие здруженија се дефинирани во книгата „За македонцките работи“ (1903). Таму, освен прикажувањето на реалните состојби во Македонија („Шчо напраифме и шчо треба да напраиме за однапред“) се дадени предлози за подобрување на состојбата. Сепак, најзначајна е последната статија „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“ каде е дадена теоретската основа на официјалниот македонски јазик, а самата книга е напишана на тој јазик - како практична примена на теоретските правила.
Основните принципи предложени од Мисирков, а подоцна применети при конечното стандардизирање на македонскиот јазик се:

1. за основа на литературниот јазик да се земат централните македонски говори;
2. фонетски правопис (со мали отстапки);
3. речникот да се збогатува со зборови од сите македонски наречја.






Прашања за повторување:


1. Во кое семејство и група спаѓа македонскиот јазик?
2. Кога е создаден првиот писмен јазик на Словените (старословенскиот)?
3. Кој ја создал и како се вика првата словенска азбука?
4. Што се варијанти (редакции) на црковнословенскиот јазик?
5. Кои се првите македонски просветители кои отпечатиле книги на народен македонски јазик?
6. Со кој јазик во своето творештво се служат македонските автори во втората половина на 19. век?
7. Кога започнува да се поставува прашањето за официјален јазик во Македонија?
8. За каков литературен јазик се застапувал Партение Зографски?
9. Каков е ставот на Ѓорѓија Пулевски по прашањето за јазикот?
10. Кои се најзначајните книги што ги напишал Ѓорѓија Пулевски?
11. Кои се историските зборови содржани во „Тријазичникот“ на Ѓорѓија Пулевски?
12. Кои се програмските цели на здруженијата формирани од македонски емигранти во соседните држави?
13. Што се „Лозари“?
14. Кои се најпознатите членови на Младата македонска книжевна дружина?
15. Како се вика и кога е отпечатена најпозната книга на Крсте Петков Мисирков?
16. Кои се основните принципи поставени од К.П.Мисирков во петтата статија во однос на стандардниот македонски јазик?
17. Што всушност значи појавата на оваа книга?
18. Кое списание (само еден број) го објавил К.П.Мисирков?



9/17/09

Неколку зборови за македонскиот литературен јазик

Книгата „За македонцките работи“ од Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското народноослободително движење. Таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.








Петтата статија „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“ е всушност продолжување (и остварување) на идејата за одделен македонски литературен јазик, иницирана од Ѓорѓија Пулевски.
На крајот од статијата тој резимира:






Но iас ке си дозвол'ам да повторам. Она iет: прво, Македониiа да се неутралисат за Бугариiа и Србиiа и да се оддалечит iеднакво од двете држаи и друго, она требит да се обiединит на iазична осноа. Тиiе принципи ке ракоодат изработуаiн'ето на литературниiот наш iазик; они ке ракоодат и праописот. На тиiе два принципа одгоарат: 1, Прилепцко-Битол'цкото наречиiе за литературен iазик, као iеднакво далеко и от србцкиiот и бугарцкиiот iазици, и централно во Македониiа. 2, фонетичниiот праопис со употребените во таiа книга писмени знакои и со мали отстапки на етимологиiата и 3, речничниiот материiал да iет собраiн'е от сите македонцки наречиiа.“
Односно, тој предлага (и во книгата ги применува):
1. за основа на литературниот јазик да се земат централните македонски говори;
2. фонетски правопис (со мали отстапки);
3. речникот да се збогатува со зборови од сите македонски наречја.

9/16/09

Видови писма (пиктографско, идеографско, фонетско)

Писмото е визуелно претставување на говорот.


Исконската потреба на човекот да остави трага зад себе довела до појавата на писмото. Писмото е една од најголемите придобивки на цивилизацијата, бидејќи на тој начин се пренесуваат информациите од генерација на генерација.

Во најдалечното минато луѓето своите мисли ги претставувале преку цртежи. Во науката ова е познато како пиктографско писмо. Тоа е најстариот организиран систем на знаци. Ова писмо лесно се чита затоа што не претставува ни еден јазик, туку преку цртежите директно се претставени предметите. Недостаток е тоа што со ова писмо не можат да се претстават чувства или подетално да се пренесат мислите. Пештерските цртежи се најстарите примери на ова писмо.
Пиктограмите се цртежи на предметите, а на јазично ниво тие одговараат на речениците.

Поразвиена форма на пиктографското писмо претставува идеографското писмо. Со текот на времето цртежите почнале да се упростуваат и да добиваат симболичко значење (срце - љубов, куќа - дом).
Идеограмите се цртежи кои имаат преносно (метафоричко) значење, а на јазично ниво тие одговараат на зборовите.
Најпознати идеографски писма се од месопотамската и асировавилонската цивилизација - клинестото писмо, и од египетската - хиероглифското.

Преодна фаза кон најсовременото писмо претставува слоговното од кое се развило фонетското.

Фонетското писмо е гласовно, што значи дека секој глас се бележи со еден знак (буква). Гласовното (фонетското) писмо го развиле Римјаните и Словените. Од Римјаните потекнува латиницата, а од Словените кирилицата.

(Иако во светската научна мисла е прифатено дека најстарите писма потекнуваат од Египет, Месопотамија и Асиро-вавилонија, сепак не смееме да заборавиме дека во Македонија се пронајдени артефакти со писмо слично на денешната кирилица, а старо 7000 години. Тоа е керамичкиот печат од неолитската населба Церје кај селото Говрлево, Скопско. На него пишува: Сал со Бога сум. Тој печат е доказ дека на нашава територија се користело фонетско писмо и тоа најмалку пет милениума пред нашата ера. И не само тоа, печат е нешто што покажува организирано општество, држава. Печат се става на документи кои се заверуваат од повисок орган во општеството. Освен ова, содржината на печатот укажува на вербата на неолитскиот Македонец во Бог и тоа во еден и единствен. Ваквите артефакти допрва ќе ја расветлуваат историјата, која најверојатно ќе мора да претрпи промени.)

Во современото општество постојат и друг вид писма. Тоа се: Брајовата азбука (Луј Брај) за слепи лица која се чита со допир и Морзеовата азбука (Семјуел Морз) која може да се види (составена од точки и цртички), но и која може да се слушне (комбинација од кратки и долги звуци). Морзеовата азбука се пренесува во далечина со телеграфски апарат.

Национален (општонароден) јазик; дијалектен и литературен јазик

Национален јазик

Националниот јазик е јазикот што го говори една организирана група луѓе (народ, нација). Овој јазик е природен и се формирал долг временски период. Јазикот се јавува спонтано од потребата луѓето да ги разменат своите мисли и чувства. Секоја организирана заедница создава свои знаци и развива свој специфичен јазичен систем.
На пример, зборот „не“ во македонскиот јазик е негација, во грчкиот јазик е потврдна честица, а во албанскиот е заменка за 1.л.множина. Секоја од овие заедници постигнале различен договор што кај нив ќе значи зборот „не“. И гестовите во различни заедници може да бидат различни. За истиот збор (не) кај нас се одмавнува со главата (лево-десно), додека кај бугарскиот народ гестот за негација е со движење на главата горе-долу (како кај нас кога се потврдува).
Покрај природните (национални) јазици во светот се создавале и вештачки јазици. Обично тие се создавани од еден човек за полесна комуникација на луѓето од различни заедници. Најпознати вештачки јазици се: есперанто и интерлингва. Иако идеата за заеднички, општочовечки јазик е убава, сепак, во практиката таа не се оствари, туку англискиот јазик сè повеќе се наметнува со таква улога.
Националниот јазик е јазикот што го употребуваат сите припадници на една нација во својата држава, но и надвор од неа. Македонскиот јазик, освен во Македонија го говорат и Македонците во Егејска и Пиринска Македонија, во Австралија, Канада, САД и секаде каде што ги има.

Националниот јазик функционира преку две пројави:

1. Нестандардната пројава на јазикот е природно средство за комуникација која ги опфаќа: дијалектите, социолектите, жаргоните и другите форми кои немаат општонароден карактер. Овие форми на општење се употребуваат неофицијално во секојдневниот живот. Тие се карактеризираат со незадолжителен изговор на гласовите, разновидни морфосинтаксички средства, богата фразеологија итн.
Нестандардната пројава на јазикот може да се сретне и во усна и во писмена форма (многу поретко).

2. Стандардната пројава на јазикот е официјално средство за комуникација. Стандардниот јазик има точно определени правила за употреба (јазична норма). Јасно се дефинирани: изговорот на гласовите, граматичките правила и стандардизираната лексика. Се јавува во усна и писмена форма.

Значи, во националниот јазик се содржани и нестандардните (дијалекти, жаргони), како и стандардните (литературниот јазик) форми на комуникација.


Дијалектен јазик (народен говор)

Дијалектот е јазик што го говори група луѓе географски одделена од друга група луѓе. Освен географски, таа група луѓе е поврзана историски и општествено.
Група дијалекти образуваат дијасистем. Тоа претставува целина од дијалекти со речиси иста структура. Македонскиот дијасистем го сочинуваат три поголеми групи наречја: западно, југоисточно и северно (според Божидар Видоески). Тие, пак, содржат голем број дијалекти.


Стандарден (литературен) јазик

Стандардниот јазик е официјалното средство за комуникација на една нација.Кај нас термините стандарден и литературен се употребуваат со исто значење.

Стандарден (литературен) јазик е:

- јазикот што официјално се употребува во уметничката и научната литература, во администрацијата, во училиштата, во медиумите итн.;
- јазикот што има пропишана норма за употреба;
- што го знаат сите припадници на една нација и тој ги обединува;
- што е изграден врз основа на еден дијалект или група дијалекти и претставува наддијалектна форма.

Од дијалектниот се создава стандардниот (литературниот) јазик, но тој постојано се збогатува и обновува од дијалектниот. Затоа, тие се во постојан заемен однос.

Функциите на јазикот (референцијална, емотивна, конативна, фатичка, метајазична, поетска)

За да ги определиме компонентите на една комуникација, треба да одговориме на следните прашања:
1. За што служи јазикот?
2. Кој учествува во комуникацијата?
3. Што треба да знаат учесниците во комуникацијата?
4. Што е поентата на секоја комуникација, што сакаме да пренесеме, испратиме?
5. Низ што се одвива комуникацијата?
Кога ќе ги одговориме овие прашања, доаѓаме до заклучок од што сè се состои комуникацијата.
(одговори)
1. Јазикот служи за да се постигне комуникација.
2. Во комуникацијата учествуваат испраќачот и примачот.
3. Учесниците во комуникацијата мора да го знаат истиот јазик, односно систем од знаци - код.
4. Секоја комуникација се одвива заради пренесување на некоја порака. Пораката мора да има содржина или предмет (референт).
5. Комуникацијата може да се одвива непосредно или посредно (по телефон, преку пошта). Она низ што се одвива комуникацијата се нарекува канал или медиум на пренос.


Шематски ова може да го претставиме вака:

систем од знаци
код
испраќач - канал (медиум) - порака - канал (медиум) - примач
предмет на пораката
референт
Овој шематски приказ е направен според научникот Роман Јакобсон. Тој издвојува неколку функции на јазикот.

Функции на јазикот

1. Референцијална (содржинска) функција

Референцијалната функција на јазикот се однесува на содржината на пораката, на нејзината сознајна вредност. Пораката дава точна, објективна, проверлива информација. Ваква функција на јазикот најчесто среќаваме во научните текстови, но се разбира дека се среќава и во секојдневниот говор.
На пример, навечер кога мајката ќе го види своето дете изморено, а веќе изминало 23 часот, таа ќе рече:
Доцна е, треба да си легнеш.

2. Емотивна или експресивна функција

Јазикот добива емотивна функција кога го изразува ставот на говорителот, односно на испраќачот на пораката.
На пример, мајката е загрижена што нејзиното дете сè уште не спие и истата порака може да ја каже со емотивен став:
Веќе е многу доцна, те молам легни си.

3. Конативна функција

Конативната функција на јазикот е насочена кон примачот на пораката и најчесто е во заповедна (императивна) форма и во форма на обраќање.
Оваа функција најмногу ја среќаваме во рекламите (дојдете..., летувајте..., купувајте..., гледајте...).

Во нашиот пример, ако ја употребиме оваа функција на јазикот, обраќањето ќе биде директно насочено кон детето:
Доцна е, веднаш легнувај!

4. Фатичка (контактна) функција

Фатичката функција на јазикот се употребува за воспоставување, продолжување или прекинување на комуникацијата. Во овој случај често се употребуваат изразите: добар ден, како сте, да започнеме (на почетокот од комуникацијата), да продолжиме, да се вратиме (на средина на комуникацијата) или да резимираме, да заклучиме, да завршиме (на крајот од комуникацијата).
Оваа функција може да служи и за проверување на разбирливоста на каналот. Ако зборуваме по телефон и чувствуваме прекин на комункиацијата, ќе речеме: „Ало, ме слушате ли?“

Во примерот со мајката и детето тоа може да биде вака:
Доста гледавме телевизија, доцна е, ајде да си легнеш.

5. Метајазична функција

Метајазичната функција доаѓа до израз кога се усвојува јазикот (кај децата) или кога се учи туѓ јазик. Новите, непознати зборови се објаснуваат со други зборови кои се веќе познати. Кога малите деца започнуваат да зборуваат тие често грешат и не го знаат значењето на зборовите. Мајката им ги објаснува зборовите, ги поправа во изговорот и ги учи како правилно да ги склопуваат зборовите во реченицата.
На пример, детето прашува: „Што е ова?“, мајката му одговара: „Книга“. Детето продолжува: „Книга чита?“, а мајката ја поправа целата реченица: „Да, книгата се чита“.

6. Поетска функција

Поетската функција на јазикот има цел да го изрази односот на пораката кон себе. Се употребува во уметноста кога пораката не е средство на комуникација, туку е цел. Уметноста се создава заради убавината, а не за да пренесува информации. Од литературните дела добиваме информации (референцијална функција), но тие се пренесуваат со поинаков јазик, имаат уметничка вредност и не се целосно вистинити. Па дури и кога во некое литературно дело се работи за вистинити личности, нивните дијалози се пренесени со авторски зборови, зборови кои тие можеби никогаш не ги кажале.
Најизразена поетската функција на јазикот ја среќаваме во песните.

Комуникација, видови комуникација (симболичка, гласовна, посредна, еднонасочна, вербална)

Бидејќи јазикот е систем од знаци, комуникацијата претставува размена на знаци. Иако може упростено да се комуницира и без употреба на јазик, сепак некакви знаци мораме да размениме.
Комуникација (општење) е размена на знаци; меѓусебно дејствување со знаци.

Видови комуникација

Во зависност од тоа дали се употребуваат симболи или сигнали, дали се употребува говорот или други знаци, дали директно се обраќаме или користиме технички помагала при општењето итн. разликуваме:

1. Симболичка и сигнална комуникација

Кога восприемаме знаци кои не се упатени кон нас, станува збор за сигнална комуникација. Кога, пак, знаците ни се упатени нам, таа комуникација се вика симболичка. Најсложен и најсовршен систем од симболи е човековиот јазик.

2. Гласовна и негласовна комуникација

И луѓето и животните комуницираат со испуштање гласови. Кога употребуваме други знаци, гестови, мимики, како и писмо (напишан текст), тогаш комуникацијата е негласовна.

3. Посредна и непосредна комуникација

Човекот многу често употребува технички помагала при комуникацијата. Значи, освен директно (непосредно), луѓето комуницираат со посредство на телефон, компјутер, пошта итн.
Вистинска непосредна комуникација се остварува кога си зборуваме самите со себе, односно кога размислуваме или си правиме планови. На пример, размислуваме за тоа што треба да направиме во блиска иднина (денес треба да учам, да напишам домашна, па ако имам време ќе одам со пријателите на кафе).

4. Еднонасочна и заемна комуникација

Претходниот пример претставува еднонасочна комуникација (самите кон себе), но таква комуникација може да се случи и кога има повеќе учесници. На пример, кога професорот ја предава лекцијата комуникацијата е еднонасочна, но кога ќе ги вклучи учениците во активна дискусија за темата, тогаш комуникацијата станува заемна.
Еднонасочни се и средствата за јавно информирање (медиумите), телевизијата, радиото, печатените медиуми, како и писмата без одговор.

5. Вербална и невербална комуникација

Неколкупати кажавме дека јазикот е најсовршено средство за комуникација. Кога го употребуваме јазикот ние вербално комуницираме. Со помош на зборовите најпрецизно ги искажуваме нашите мисли.
Невербалната комуникација подразбира употреба на гестови, мимики, паузи итн., односно кога не се употребува говор (зборови).

Јазикот како систем од знаци и средство за комуникација

Јазикот како систем од знаци
Човечкиот јазик е најсложен систем од знаци.
Јазикот е составен од многу делови, а сите тие се знаци. Гласовите, буквите, зборовите, речениците се знаци. Граматиката е систем од знаци.
Замислете си што се треба да знаете за да составите една реченица. Пред сè треба да научите правилно да ги артикулирате гласовите. Потоа треба да научите правилно да ги артикулирате зборовите и да го знаете нивното значење, односно да ги поврзувате со предметите и појавите што ги претставуваат. За да составите реченица треба да ги знаете правилата на синтаксата (правилниот редослед на зборовите во реченицата) итн. итн.

На пр.: Денес ќе одам в училиште.

За да ја искажеме оваа мисла ние сме одбрале пет зборчиња од целиот јазик, потоа сме употребиле правила: сме ги подредиле зборовите по правилен ред (синтакса), сме употребиле: идно време на глаголот, во прво лице (морфологија) итн.

Јазикот содржи неограничено множество знаци. Не постои човек што ги знае сите знаци на еден јазик. За да говориме, потребно е да го познаваме системот и да знаеме определена количина од знаците.
Јазикот е апстрактен систем од знаци.
Кога говориме, ние одбираме конкретни делчиња од системот и ги подредуваме според зададените правила.
Од целото множество апстрактни знаци на јазикот, ние употребуваме неколку конкретни знаци и правила за да ја искажеме својата мисла која ја преточуваме во говор.
Говорот е конкретно остварување на јазикот.


Јазикот како средство за комуникација (општење)

Функцијата на јазикот е комуникацијата. Потребата на човекот да ги искаже своите мисли и чувства довеле до создавање на јазикот.
Јазикот претставува систем од знаци што се употребуваат за комуникација. Тој е вродена способност на човекот. Секој човек е роден со способност да зборува. Ниедно друго живо суштество на нашата планета нема говорни органи како човекот, ниту мозок кој може да ги сфаќа симболите така како што може човекот. Од нас зависи колку ќе го усовршиме знаењето на јазикот и неговиот систем.
Човечкиот јазик е најсовршено средство за комуникација.

Знак (симболи и сигнали)

Човекот е опкружен со безброј различни знаци.

Уште кога ќе се роди, бебето дава знаци. Кога тоа плаче значи дека не е задоволно, односно дека е гладно, водено, му се спие итн. Мајката ги разбира знаците и му помага на своето чедо. Во овој пример плачењето е нешто што укажува на нешто друго.
Научникот Пјер Гиро знакот го дефинира како сетилен поттик чијашто ментална слика се врзува за друг сетилен поттик кој треба да оживее во општењето (комуникацијата). Или, кажано на поедноставен начин:

Знакот е нешто што укажува на нешто друго.

Со текот на времето човекот учи, восприема многу информации и несвесно ги прима знаците што го опкружуваат.
Знаците се восприемаат со сите сетила: со вид, со допир, со мирис, со слух. На пример, жолтата боја на лисјата се знак дека е есен; со допир може да почувствуваме нешто студено или жешко, мазно или рапаво; кога ќе почувствуваме мирис на храна знаеме дека сме во близина на некоја сендвичарница или ресторан; кога ќе го слушнеме училишното ѕвонче тоа е знак дека часот завршил или почнал. Некои од овие знаци ни се испратени нам, но некои ги восприемаме без да бидат испратени со намера нешто да нè информираат. Според ова, знаците се делат на симболи и сигнали.

Симболи се знаци што се испраќаат со намера.

Училишното ѕвонче е симбол бидејќи е знак што треба да нè информира дека часот завршил (или почнал) и тој знак е упатен кон нас.

Сигналите се знаци што се испраќаат без намера нешто да нè информираат.

Ако сме некаде во природа и слушнеме ѕвонеж, ние добиваме информација дека во близина има стадо крави (или овци, или кози). Ѕвонежот е знак за стадото, но таа информација не е упатена кон нас и затоа тоа ѕвонење е сигнал.

Симболите можат да бидат најразлични. Заедничко на сите симболи е тоа што тие имаат две страни: надворешна (сетилен поттик, нешто) и внатрешна (друг сетилен поттик, нешто друго). Надворешната страна е како нештото сме го обележале. На пример, ако нацртаме срце, тоа е надворешната страна на она што сакаме да го означиме. Внатрешната страна на нацртаното срце е неговата содржина, односно да го прикажеме чувството љубов.
Сетилниот знак (оној што го гледаме, слушаме, допираме или мирисаме) се вика означувач (срце - надворешна страна) или форма на знакот, а нештото што го означува се вика означено (љубов - внатрешната, значенската страна) или содржина на знакот.

Науката што ги проучува знаците се вика семиологија (семиотика).
Науката, пак, што го проучува јазикот се вика лингвистика. Неа ја сочинуваат повеќе дисциплини (фонетика - наука за создавањето, артикулацијата и звучното примање на гласовите; фонологија - наука за гласовите како смислоразликувачки единици; морфологија - наука за зборовите и нивните форми; синтакса - наука за речениците и именските групи; лексикологија - наука за зборовниот состав на јазикот; лексикографија - наука за составување на речници и лексикони; фразеологија - наука за зацврстените зборовни состави со преносно значење - фразеологизми; зборообразување - наука за начините на образување на зборовите; стилистика - наука за различните стилови на изразување; дијалектологија - наука за различните дијалекти на еден јазик итн.).
Всушност, сите дисциплини (науки) кои се занимаваат со проучување на јазикот од кој било аспект ја сочинуваат лингвистиката.

Граматика е дел од лингвистиката која ги опфаќа само:
- фонетиката (и фонологијата),
- морфологијата и
- синтаксата.

9/13/09

Крсте Петков Мисирков


Биографија

Роден е во ноември 1874 г., во селото Постол (античка Пела) во сиромашно семејство. Основното образование го завршил на туѓиот грчки јазик. Немал средства да го продолжи школувањето, па кога му било понудено бесплатно да учи во Србија, тој прифаќа. Сфаќајќи ја асимилаторската српска политика учествувал во немирите предизвикани од македонските стипендисти по што морал да го напушти Белград.









Отишол во Софија каде работите не биле многу поразлични. За да го продолжи школувањето без проблеми морал да се декларира како Бугарин. Тој не го сакал тоа, па се вратил во Белград. Но, таму работите ескалирале, бунтот на македонските ученици го предизвикале затворањето на училиштето, а Македонците биле испратени во внатрешноста. Мисирков завршил четврти клас гимназија во Шабац, но повторно се вратил во Белград каде учел во учителската школа. Таму ја оформил ученичката дружина „Вардар“ во 1895, која претставува еден вид продолжување на дејноста на Лозарите.

По завршувањето на учителската школа, наместо на работно место во Приштина, тој отишол во Одеса со намера да студира во Русија. Бидејќи не му го признавале средното образование, тој уште две години учел духовна семинарија, па патоа се запишал на медицинскиот факултет, а во 1897 г. на историско-филолошкиот факултет. Во Петроград Мисирков станал многу активен. 1900 г. го основал Тајниот македонско-одрински кружок. 1902 со Димитрија Чуповски, Н. Димов, Г. Константиновиќ и др. го основаат Македонското студентско друштво, кое 1903 прераснува во Македонско научно-литературно другарство „Свети Климент“. Членовите на ова другарство испраќале од своите редовни седници барања пред се до руската влада , па и до владите на другите европски држави ,да се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, правото за обновување на Охридската архиепископија.
Со студијата „Кон прашањето за народноста и причината за популарноста на македонскиот крал Марко“, како дипломска работа 1902 г. Мисирков брилјантно го завршил факултетот.
Кога дошол во Македонија, во Битола работел за отварање македонски училишта и комуницирал со рускиот конзул Ростковски, кој бил познат како заштитник на рајата, па им станал трн во окото на турските власти.



Во тие лични залагања Ростковски ја немал поткрепата на својата влада. Дури бил и предупредуван и укоруван. На крајот турските власти инсценирале убиство, па Мисирков со мртвото тело на конзулот се вратил во Петроград. Тогаш избувнало и Илинденското востание во кое Мисирков не учествувал лично. Во Петроград ја подготвил својата книга „За македонцките работи“ и отишол во Софија да ја отпечати. Тогаш го придружувал Војдан Чернодрински со неговата театарска група во Србија и зборувал за македонското прашање во светлината на српско-бугарското зближување што било остро пречекано од српскиот печат.
Кога се вратил во Софија да си ја подигне отпечатената книга, таа била откупена од тамошните власти и изгорена, а од изданието се спасиле и зачувале само мал број примероци. По таквиот настан Мисирков бил присилен да ја напиушти Бугарија.
Се вратил во Русија и го подготвил и објавил списанието „Вардар“ од кое излегло само еден број (1905).



За време на Првата балканска војна бил дописник од јужна Македонија, а веќе во 1913 година се вратил во Петроград каде и се придружил на Македонската колонија која започнала да го издава списанието „Македонский голос“. Мисирков објавувал под свое име, но и под псевдонимот К.Пелски. За време на Октомвриската револуција, тој се враќа во Софија каде било неговото семејство (сопругата и синот).
Поради неговата дејност не бил добредојден, но сепак добил работа во Етнографскиот музеј, па во Карлово. Побарал работа во Кралството СХС, но не добил одговор. Под закана дека ќе биде ликвидиран, се разболел и умрел на 26 јули 1926 г., без да им остави никакви средства на своите блиски.
Бугарската пропаганда ни по цел век не стивнува. Сите Македонци според нив се Бугари. Навистина во тоа време голем дел се декларирале како Бугари или македонски Бугари, па дури имале периоди во својот живот кога се помирувале со судбината на Македонија. И Мисирков имал такви моменти. Бугарите ги користат нив како единствено нешто што го кажал или напишал Мисирков, а не го прикажуваат она за што се борел целиот живот и она што го напишал само една година пред смртта:
„Како Бугарин јас одамна би рекол: Каква ти Македонија! И тука ми е добро, нема зошто да мислам за она што е веќе загубено. Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома, во својата татковина. Таа е таму, каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично.
Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби.
Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но се треба да биде оценувано од македонско гледиште.

Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите - ете ги главните црти на македонскиот национализам, изјаснет преку „простачките умувања на еден човек што уште не си ја знае народноста“ („Мир“ - „Самоопределување на Македонците“, 25.3.1925)
Или во друга статија: „Мојот македонски патриотизам и тука го победува бугарскиот патриотизам. Македонците и се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив. Македонците или треба да си останат на родните места, па ако сака и ѓаволот да ги владее, или пак, ако им е судено да се местат, тие треба да се преместат од едниот крај на Македонија во друг крај, но пак на Македонија, а не на Бугарија, Србија или Елада. Изгонети од грчка Македонија, Македонците требаше да отидат во српска Македонија, да образуваат воени населби и да го дочекаат денот кога би можеле да се вратат на родните пепелишта.
Ќе речете: така не може да размислува еден Бугарин. Да, но така може и треба да размислува еден Македонец.“
„Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да не прашаат за сите прашања што не засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува се само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.“ („Мир“ - „Македонски национализам“, 12.3.1925)
Најзначајното дело на Мисирков е книгата „За македонцките работи“, а во врска со јазикот петтата статија „Неколку зборој за македонскиот литературен јазик