10/28/09

Стилски изразни средства (семантички: епитет, метафора, алегорија, симбол, метонимија, персонификација, хипербола, литота, иронија, парадокс ) - тропи

Семантичките фигури (тропи) се изразни средства каде зборот добива поинаква смисла. Поточно, семантиката е наука за значењето на зборовите, нивната внатрешност, па оттука овие стилски изразни средства се однесуваат на тие внатрешни својства на зборовите.

Епитет во најширока смисла е секој атрибут, односно секој додаток на именката. Во следниот пример има многу епитети и компарации:

Кога бев преполн сила
што придојдува како матна речна глава,
кога се сетив вреден за мојот подвиг,
достоен за слава,
кога ми закрепна гласот за најдобар збор,
раката за најтежок меч,
ногата за најверен од —
тогаш се сломив.
Паднав како црешово дрво од премногу род.
(Болен Дојчин - Б. Конески)


Метафората е скратена споредба. Кај неа не се кажува што со што се споредува, туку се искажува само вториот член на споредбата. Метафора може да биде и замена на значењето на еден збор со значењето на друг.

...Срце - порта највисока
срце - куќа најширока...
(Татунчо - К.Рацин)


Алегоријата е продолжена метафора, односно употреба на зборовите во преносна смисла. Алегоријата може да биде во состав на еден стих или строфа, но многу често таа се среќава и во цели состави како што се басните. Басните се засновани на алегорија, животните во нив настапуваат како типови луѓе со одредени карактеристики.
„Божествената комедија“ од Данте Алигиери е во алегорија.

Симбол е знак. Предметот, појавата или поимот ги заменуваме со нивната алегориска ознака. На пр.: крст - значи црква; вага - правдина итн.

Голапче мало хубаво, голапче златокрилесто...
(Голапче - К. Миладинов)
(гулапчето е симбол на девојката)

Метонимија е употреба на зборот во преносно значење.
На пр.: храбар и јак човек се нарекува сила.
Го читаш ли Достоевски? (Дали ги читаш делата од Достоевски?)

Македонско име
нема да загине!
(народна песна)


Песонификација е кога на предметите, природните појави, апстрактните предмети, животните и растенијата им се даваат човечки особини.

Стивна сегде шумот ... градот молкна.
Скопје заспа в ноќен сон.
(Зимска прикаска - Г. Тодоровски)


Хипербола е претерување, преувеличување заради нагласување на одреден емоционален став. На пр.: Те чекам цела вечност.

Глава има колку еден казан,
уши колку два таруна,
очи има колку два шиника.
Он ми сака голема таина:
на ден ми сака една фурна леба,
и ми сака по две бочви вино,
и ми сака по бочва ракија,
и ми сака по три млади крави...
(Болен Дојчин - народна песна)


Литота е спротивна на хиперболата, односно претставува ублажување. Вистинскиот израз се заменува со поблаг и тоа негативен и спротивен. На пр.: Нема да ти биде лошо таму. (Таму ќе ти биде добро.)

Иронија е преправање, всушност го мислиме спротивното од она што го кажуваме. На пр.: Ти си ми навистина добар другар (а мислиме дека е лош).

Тогај рече Марко Крале:
”Бог те убил, црна Арапино!
Ал’ се смееш, ал’ навистина маваш,
ал’ од кожува правот ми го тресеш?“...
(Марко Крале ја одменува свадбарината - народна песна)


Парадокс е она што е неочекувано. Порекнуваме некоја мисла која наизглед во себе е противречна или спротивна на општото мислење. Парадоксот има секогаш подлабока смисла. На пр.: Знам дека ништо не знам. (Сократ)

Ништо не е повидливо
и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.
(Дениција - П.М. Андреевски)

Многузборлива немотијо, велиш ли:
и покрај се —
живееме, живееме, живееме.
(Нерези - Г. Тодоровски)



Стилски изразни средства (синтаксички: компарација, антитеза, словенска антитеза, реторско прашање, инверзија, елипса, асиндетон, полисиндетон, градација)

Вторите стилски изразни средства, синтаксичките фигури, или фигурите на конструкцијата се однесуваат на целата реченица, односно мисла.

Компарацијата е една од најзастапените фигури и во минатото и денес, а претставува споредба на еден предмет или појава со друг. Секогаш при споредбата се употребува зборот како или ко. На пр.: Гладен како волк.

— И најмил спомен што в душа ми блеска
се гаси од нив ко цвеќе без боја.
(Везилка - Б. Конески)


Антитеза е спротивност, односно споредување кое се заснова на спротивност. На пр.: Ситиот на гладниот не му верува.

Не сум вода да прелеам,
не сум змиа да се проврам,
не сум елен да прескочам,
не сум пиле да прелетам.
(од Поминуам, заминуам - народна песна)

Споредбата во оваа песна е извршена со негирање.

Словенската антитеза е фигура застапена во нашето народно творештво. Таа се состои од прашање, негација на прашањето и одговор. На почетокот од поемата „Сердарот“ од Г. Прличев ја среќаваме словенската антитеза:

Пискотници се слушаат од Галичник во Река,
Што тешка несреќа ги збра
и мажите, и жените, та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?

Дал’ град полињата житородни ги беше фатил?
ил’ рој од скакулци се вдал?
Дал’ султанот арачлии пред време беше пратил
да збира арач лут без жал?

Ни град полињата житородни ги беше фатил,
ни рој од скакулци се вдал,
ни султанот арачлии предвреме беше пратил
да збира арач лут без жал!

Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,
тој сердар прочут падна в бој,
и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,
и да ги брани нема кој...

Реторско прашање е фигура во која прашалната реченица служи како исказна. Прашањето, а најчесто повеќе прашања не се поставуваат за да добиеме одговор на нив, туку целта е да го изразиме чувствениот однос.

Везилке, кажи како се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?
(Везилка - Бл. Конески)

Инверзија е преметнување на редот на зборовите - обратен ред од оној што граматички е најисправен.

Телото твое црна маслина...
(Во сонот на црната жена - А. Шопов)

Елипса настанува кога од реченичната целина изоставуваме зборови, но смислата сепак можеме да ја разбереме. На пр.: Дожд. (значи дека врне дожд).

Асиндетон е кога нижеме зборови без нивно граматичко поврзување.

А се се случи една ноќ,
ноќ стебла,
ноќ лисје,
ноќ, студен ров.
(Небиднина - А.Шопов)

Полисиндетон е кога нижеме сврзувачки зборови без граматичка потреба.

Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.
(Тутуноберачите - К. Рацин)


Градација е степенување кое настанува со таков избор на зборови, слики и мисли со кои се изразува постепено засилување или слабеење од почетната позиција.

Прва година помина
грутка в срцето и легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.
(Ленка - К.Рацин)

Стилски изразни средства (фонетско-морфолошки: асонанца, алитерација, ономатопеја, парономазија, анафора, епифора, симплоха, палилогија)

Поетските творби, односно сите дела напишани во стих, се карактеризираат со богатство на јазикот и стилските изразни средства или стилските фигури. Во минатото тие се проучуваа од теорија на литературата, но сега се предмет на изучување на стилистиката.
Има многу поделби на стилските фигури, но можеби најјасна е онаа која се потпира на граматичките својства на јазикот. Поточно, на стилски фигури кои се однесуваат на фонетските и морфолошките својства на јазикот, на синтаксичките и на семантичките (значенските).

Првите, фонетско-морфолошките, наречени и фигури на дикцијата, се однесуваат на гласовните особености на зборовите, повторување на исти гласови во стихот, или зборови со слично звучење а различно значење и сл.

Асонанца (асонанција) е повторување на исти самогласки за постигнување на звучен ефект. (На пр.: око соколово)

Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој...
......................................
...„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна...“
(Ленка - К. Рацин)

Гласот О е доминантен во целата песна, а особено во стиховите: „Зошто ми, зошто остана...“ кои се израз на длабоката тага заради прерано завршениот живот. Гласот О асоцира на бооолка, на ооофкање, на дооолго тагување и не е случајно употребен во песната.

Алитерација е повторување на исти согласки или гласовни групи за постигнување на звучен ефект.

Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
звуците се бранови на ветрот
низ тревите подгонети.

Некаде ѕвони. Продолжително и нежно.
Глуво е се. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.
(Ѕвона - Матеја Матевски)

Во песната „Ѕвона“ од Матеја Матевски се употребени многу зборови со гласовите: ѕ, з, ж, с, за да го приближи ѕвонењето и преку звукот на зборовите, а не само преку нивното значење.

Ономатопеја е гласовна фигура со која се имитираат звуците од природата, од животните итн. Секој јазик спонтано создава такви зборови: шушка, кукавица, гугутка, гулаб, кокошка, грми, бучи, грака, крека итн. Ономатопејата ја има и во поезијата и во прозата, а и во секојдневниот говор.

Клип-клоп, клип-клоп, се носел звук
во ноќта црна...
(Балада - Г. Тодоровски)


Парономазија е фонолошка фигура во која се повторуваат гласови во зборови со различно значење. Тие зборови може да имаат ист корен, но сепак значењето им е различно.

Јас не сум Вардар, ни завардарен,
не сум превардарен, ни подвардарен,
може сум варден, та недоварден,
јас тек без ширина и должина!
(Гане Тодоровски)


Анафората е фонетско-морфолошка фигура бидејќи се повторуваат цели зборови на почетокот од стихот. Бидејќи често се повторуваат повеќе зборови, односно делови од реченица, овие фигури (анафората, епифората, симплохата и палелогијата) приклонуваат кон синтаксичките фигури (или фигури на конструкцијата).

Лист по лист кини,
лист по лист нижи,
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди...
(Тутуноберачите - Кочо Рацин)


Епифората е фигура во која се повторуваат зборовите на крајот од стихот.

Над мене сив облак и сива орлица
се договараат за нешто,
а јас мислам дека кај тебе
ме потскажуваат, Дениција.
Оти дошто видов кула и пладневна топола
беа како твојата става, Дениција.
Дошто сретнав омарнина и жито во движење
беа како твојата коса, Дениција.
Дошто открив сончоглед и светла пушкарница
беа како твоите очи, Дениција.
Дошто сретнав залез, дошто пресеков лубеница
беа како твојата уста, Дениција...
(Дениција - П.М. Андреевски)


Симплохата претставува соединување на анафората и епифората, односно повторување зборови и на почетокот и на крајот од стихот.

Да видам Охрид, Струга да видам...
(Т’ га за југ - К.Миладинов)


Палилогија е кога еден или повеќе збора од крајот на стихот се повторуваат на почетокот од следниот стих.

А беше тоа кога помислував
дека веќе не можам да мислам без тебе,
па почнував да личам на сите мои предци,
на сите мои предци, а најмногу на себеси.
(Дениција - П.М.Андреевски)

Лирско-епски видови (балада, романса, поема, роман во стих)

Лирско-епските видови се меѓурод кој содржи слеани елементи и од лириката и од епиката. Во овие дела има фабула и ликови, но и многу чувства изразени преку ликовите. Најчесто се пишувани во стих.

Лирско - епски видови:

балада;
романса;
поема;
роман во стих.


Балада е лирско-епска песна со фантастична содржина и тажен крај. Темите во баладите се црпат од народните легенди, преданија и суеверија, но може да бидат со реалистични мотиви.
Романса е лирско-епска песна најчесто со љубовна содржина и среќен крај. Во почетокот со романсата се прославувале подвизи на некои јунаци за да ја заштитат својата или честа на саканата.
Баладата и романсата ги среќаваме во народната литература, но ги има и во современата литература. Другите два лирско-епски вида се со понов датум. Нив ги нема во народното творештво, а се појавуваат во времето на романтизмот. Тоа се поемата и романот во стихови.
Поема е лирско-епско дело во стих каде поетот во епското раскажување вметнува лирски расположенија, чувства и размислувања. За време на романтизмот, англискиот поет Бајрон ја пишува својата поема „Странствувањето на Чајлд Харолд“, а во Македонија, можеби најубавата поема е „Сердарот“ од Прличев.
Роман во стих е големо лирско-епско дело каде е прикажан широк круг на случки и ликови напишано во стих. За време на романтизмот, рускиот поет А. С. Пушкин го напишал првиот роман во стихови „Евгениј Онегин“.

Имала мајка

Имала мајка, имала
до девет сина убави,
десетти грозен Ѓорѓија,
Ѓорѓија беше болничав.
Мајка на Ѓорѓи велеше
- Мани се Ѓорѓи од дома
оди по гори планини
да не ми ругаш синови,
да не ми глотиш дворови
и високите сараи.
Ѓорѓи на мајка збореше
и дробни солзи ронеше:
- Оф, леле, стара мајчице,
нели сум уште малечко
пусти патишта ќе згрешам
во гора ќе се изгубам
ѕверови ќе ме изедат
без мене мале ќ останеш.
Мајка на Ѓорѓи говори:
- Мани се, Ѓорѓи од дома,
мани се грозно глупаво,
мани се да те не гледам
више те мајка не сака.
Виде не виде Ѓорѓија
дека го мајка не сака,
па си ја мајка замоли:
- Дај ми ги мајко пљачките:
крпено и некрпено,
опрано и неопрано
татко ми што ми кроеше,
татко ми што ми шиеше,
за убав бел ден Велигден.
Мајка му пљачки исфрли
Ѓорѓија ми го избрка
од родна куќа убава.
Пред да си Ѓорѓи замине
луто ја мајка проколна:
-Оф, леле, стара мајчице
од родна куќа излагам
клетвава да те достаса:
црната чума да влезе,
сараи да ти побута,
дворои да ти запусти
синои да ти потепа,
сама ти мале д останеш
и за Ѓорѓија да кукаш.
Замина Ѓорѓи отиде
во тие пусти планини.
Стегнал си долу селата,
се главил Ѓорѓи овчарче,
овчарче мало чобанче.
Слугувал што ми слугувал,
слугувал девет години.
Печалил Ѓорѓи спечалил
до триста овци јагниња.
Станал си Ѓорѓи постанал,
постанал голем чорбаџи.
Еднаш се Ѓорѓи нажалил
за своја стара мајчица,
за девет браќа убави
и високите сараи.
Собрал ми Ѓорѓи овците
кинисал, па ми пристигнал
во својата куќа роѓена.
Кога ми дома пристигнал,
мајка пред порти седеше,
и за Ѓорѓија кукаше,
кукаше на глас плачеше.
Ѓорѓи на мајка велеше:
- Оф, леле, стара мајчице
имаш ли конак за мене
ноќеска да си преноќам,
а утре ќе си заминам.
Мајка го Ѓорѓи не позна
и жално нему говори:
- Оф, леле, синко делија
имав конаци високи
и големи дворој широки
и девет синој убави
десетти беше Ѓорѓија.
Ѓорѓи ми беше најгрдо .
Јас си на Бога погрешив,
Ѓорѓија си го испадив,
од своја куќа роѓена.
Кога го Ѓорѓи испадив,
луто ме мене проколна
пуста ме клетва достаса.
Каде е сега Ѓорѓија
да си го мајка прегрне,
да си го мајка целива.
Ѓорѓи на мајка велеше:
- Јас сум ти мајко, Ѓорѓија,
Ѓорѓија мајко, најгрозен,
најгрозен мајко, болничав.
Тогаш го мајка прегрна,
прегрна жално целивна,
цркна си мајка од жалост
падна на земја пред него.
(народна балада)

Сонет, сонетен венец

Песните со затврдена форма кои имаат четири строфи, од кои првите две се со по четири стиха (катрени), а вторите две со по три стиха (терцини) се викаат сонети.

Сонетниот венец е најсложен по својата лирска композиција.
Тој е составен од 15 сонети, од кои последниот е наречен магистрал.
Магистралот е последниот, петнаесеттиот сонет од сонетниот венец и ги содржи првите стихови на сите претходни четиринаесет сонети.
Тој може да содржи акростих, односно почетните букви на стиховите да го дадат името на оној кому му е посветен. На пример, сонетниот венец од Лазо Каровски, „Мајка Македонка“ во магистралот го содржи акростихот на насловот.

Магистрал

Мугровита штама налегнува в шир -
Анатема црна врз твојот поет.
Јадосано срце зар копка за мир
Каранфили диви штом развијат цвет?

Афионот цути во насмевка блага,
Маслините шепнат во притаен час,
А погледот скован во цветната далга,
Кукавици в пролет разиграле глас.

Елегии леат славеите в пој,
Дамарите бијат во незадржлив ритам -
Одекнува в мене вековниот вој.

На земјава ширна, та кај и да скитав,
Ко твојата љубов не осетив јас,
А без тебе в срце се распукал мраз...

Во сонетниот венец, сонетите се прелеваат еден во друг, така што последниот стих од првиот сонет е прв стих во вториот сонет, последниот стих од вториот сонет е прв стих во третиот сонет, итн.

(еднаш и јас напишав сонетен венец со акростих - па ако ви се чита - повелете на врскава)

Лирски видови (субјективна, возвишена, елегиска, сатирична лирика)

Лириката се дели на:

1. Субјективна лирика:

интимна;
љубовна;
пејзажна;
патриотска;
социјална;
рефлексивна.

2. Возвишена лирика:

ода
химна;
дитирамб.

3. Елегиска лирика:

тажачка песна;
елегија;
епитаф.

4. Сатирична лирика:

хумористична песна;
сатирична песна;
епиграм.

Субјективна лирика

Интимната лирика ги опфаќа песните каде се изразуваат личните (внатрешните, интимните) доживувања на поетот. Најчести мотиви во овие песни се: љубовта, осаменоста, разочараноста од минливоста на животот (младоста) итн.

Љубовната лирика ги опфаќа песните во кои се искажуваат љубовни чувства кон спротивниот пол. Мотиви се: неостварената, недостижната љубов, платонската, овоземната, еротската љубов итн.

Пејзажната лирика опфаќа песни во кои се опишува природата. Поетот преку описот (своето видување) на природата всушност ги искажува сопствените чувства и расположенија.

Патриотската лирика ги опфаќа песните за татковината. Мотиви се: љубовта кон татковината, кон својот народ, кон минатото итн.

Социјалната лирика ги опфаќа песните во кои се изразува незадоволството од социјалната неправда (односот меѓу богатите и сиромашните). Мотиви се: маките и страдањата на сиромашните, нивниот ропски живот итн. Ваквите песни кои повикуваат на борба против угнетувачите се револуционерни.

Рефлексивната лирика ги опфаќа песните во кои се искажани размислувањата на поетот. Мотиви се: смртта, болката, смислата на животот, судбината, вербата итн.


Возвишена лирика

Овде спаѓаат сите видови лирски песни ако се напишани со возвишен и свечен тон.
Одата е пофална песна со возвишен тон. Во неа се возвишуваат некои славни личности, јунаци, но и: младоста, радоста итн.

Химните се свечени пофални песни. Тие можат да бидат: државни, национални, воени, религиозни итн.

Дитирамб е лирска песна во која се воспева страста, животната радост, среќата, занесот и восхитот. Во античко време дитирамбот бил обредна песна во чест на богот Дион.


Елегиска лирика

Тажачките песни се кажувале над покојникот и во нив се искажувала длабоката тага и болка заради смртта на блискиот.

Елегијата е песна во која се искажуваат тажни чувства. Мотиви се: смртта, љубовта, социјалната неправда итн.

Епитаф е песна наменета за надгробен споменик. Во неа обично се дадени податоци за животот на починатиот.

Сатирична лирика

Хумористичната песна го исмејува човекот, општеството или нешто друго користејќи благ хумор.

Сатиричната песна е многу поостра во исмевањето користејќи иронија и сарказам за да се поправат исмеаните недостатоци.

Епиграмот е кратка (од два до осум стиха) хумористично - сатирична песна.

10/26/09

Вилијам Шекспир (живот и творештво)

Вилијам Шекспир (1564-1616) е најголемиот драмски автор на светот и за сите времиња. Иако живеел и творел пред четири века, неговите драми се уште се изведуваат во театрите ширум светот, а за актерите најголем престиж е да играат некој од неговите ликови. Врз основа на неговите текстови се снимаат филмови и тоа во различни верзии. Речиси не постои (образован) човек на земјата кој не слушнал за Вилијам Шекспир.
Шекспир е роден во Стратфорд каде се стекнал со основно образование. Се претпоставува дека не бил многу образуван бидејќи морал да му помага на татка си во работата.
На осумнаесетгодишна возраст се оженил со осум години постарата Ана Хатавеј со која имал три деца. 1592г. заминува во Лондон каде животот му го посветува на театарот. Прво бил актер, потоа станал дотерувач на туѓи текстови, а откако стекнал искуство и самиот почнал да пишува драми. Подоцна станал ко-сопственик на најпознатиот театар „Глобус“. Во Лондон творел и работел 20 години (1592-1612). Напишал книга со 154 сонета, 36 драми и 2 наративни поеми.
Во драмите, кои се поделени на: историски, комедии, трагедии и идили, Шекспир меша проза и стих, комични и трагични елементи и создал безброј ликови со универзални чувства, стасти и страдања.
1612 година купил нова куќа во родниот Стратфорд каде се повлекол и живеел до крајот на животот (1616). Починал на 52-годишна возраст, на својот роденден (23. април), а на неговиот надгробен споменик пишува:
„По мудрост Нестор, по генијалност Сократ, по уметност Вергилиј. Земјата го покрива, народот тагува, а Олимп го има.“

Творештво

Шекспировото творештво обично се дели на три периоди:


1. Ран период


Првиот период се карактеризира со сочен ренесансен хумор, буен јазик, политички теми или љубовни заплети и расплети. Во овој период Шекспир напишал неколку од најомилените драми на публиката, како на пример, „Ромео и Џулиета“, „Млетачкиот трговец“, „Хенрик Четврти“ и „Ричард Трети“ која е претходничка на неговите големи трагедии.


2. Зрел период


На преминот кон 17. век започнува големиот „трагичен период“ на Шекспировото творештво. Овие драми претставуваат духовно раѓање на модерниот западен човек. Шекспировата оригиналност пред се лежи во разновидноста на неговата инвентивност, во прикажувањето на фасцинантни индивидуи кои се видоизменуваат.
Меѓу најголемите трагедии се истакнуваат: „Хамлет“, дело кое повеќепати го преправал, а во кое е прикажан харизматичниот херој - интелектуалец и каде има изобилство на теми во текстот и подтекстот и заради тоа останува дело-темел на западната духовна култура; потоа „Отело“, во кое љубоморниот војник со херојски размери го засенува Јаго - отелотворениот Сатана; „Антонио и Клеопатра“, со фаталната Клеопатра која го надраснува реалниот историски лик; „Кралот Лир“, каде се обелоденуваат почетокот и крајот на човечките карактери и судбини итн.


3. Доцен период


Заедно со овие врвни трагедии се и т.н. мрачни комедии, каде нема големи, незаборавни ликови, туку само цинизам и гадење од човечката превртливост и подлост, од политичките махинации и воопшто од компромисниот карактер на општеството. (Овие драми се претходници на егзистенцијализмот кој се појавува во 20. век).


Својот творечки опус Шекспир го завршил во духот на помирувањето. Неговите драми „Цимбелин“, „Зимска приказна“ и „Бура“, се со фантастична содржина, со многу духови, необични случувања, заплети кои се разрешуваат на чудесен начин, а ликовите не се реални, туку наликуваат на ликови од бајките и народните приказни.


Заради ваквата поделба на творештвото, некои критичари сметаат дека вакво било Шекспировото созревање: по бурната виталност, комика и оптимизам во раниот период, следува тешкиот трагичен период во кој авторот одел по работ на лудилото на кој се надоврзува мачниот ироничен егзистенцијализам, за на крајот, Шекспир да се помири и прости и да го претстави животот како сон.



10/18/09

„Канцониерот“ од Петрарка


Петрарка, како предвесник на ренесансата, но сè уште под влијание на средновековната литература, творел на латински јазик сметајќи го за официјален јазик.
Сепак, дел од творештвото го пишувал на народен јазик, оној дел од творештвото кој не го сметал вреден, а кој излегувал од неговата душа. Тоа се песните посветени на Лаура пишувани 30 години и собрани во збирката „Канцониер“.
Лаура е неговата вечна љубовна тема, неговата неостварена и недостижна љубов. На моменти таа љубов е платонска, слична на онаа на Данте кон Беатриче, но многу почесто Петрарка копнее кон телесното. Тој сака да ја допре, да ја гали, да биде со Лаура. Тој се восхитува на нејзината телесна убавина, на нејзиното лице, очи, усни. Таа не е светица. Но, сепак, воспитан во патријархален дух, тој не си дозволува да направи покрупен чекор и да ја оствари таа „забранета“ љубов - и затоа само копнее по неа.

Канцониерот“ содржи 366 песни (317 сонети, 29 канцони, 9 сестини, 7 балади и 4 мадригали).
Петрарка го усовршува сонетот - давајќи му конкретен облик од две катрени и две терцини со рима: АББА, АББА, ВГД, ВГД, наречен петраркистички сонет.
Мотивите во „Канцониерот“ се претежно љубовни. Само мал дел песни се со патриотски, религиозни и филозофско-критички мотиви.
Песните во „Канцониерот“ се поделени на два дела: за време на животот на госпоѓа Лаура и по смртта на госпоѓа Лаура.

Во првиот дел, уште на почетокот се среќаваме со збунетоста на лирскиот субјект од силните љубовни чувства кои го облеваат и со кои не знае и не може мирно да живее. Затоа тој почнува со бегање од реалноста и со бегање во осамени места каде се обидува да сфати што му се случува.

10.

Со чекор бавен, осамен јас шетам
замислено низ тие пусти места;
со буден поглед гледам толку честа
од човек трага овде да не сретнам.

Од луѓе друга заштита, јас сметам -
од нивното љубопитство - и нема.
Јас, кој поза ладна пред нив земав,
изгорувам со свој`та душа клета.

И, чинам, знае секој рид и река,
планините и тие магли сиви
за животов во самота што пека.

Па, иако патиштава се диви,
јас не се скрив: Амор ме стигна еднаш
и в разговор ме сплетка сладок веднаш.

Недостижната љубов е причината која го присилува лирскиот субјект да бега во осамени места, далеку од луѓето кои можеби ќе ја откријата неговата тајна. Изморен од „ладната поза“ пред светот тој се одмара во осаменоста каде може послободно да им се препушти на љубовните чувства.

13.

Од час во час сред други жени слични
Ми иде Амор, но во Нејзин лик,
и колку тие помалку се лични,
јас повљубен сум толку секој миг.

Мој благослов на местото, на саатот
во кои мојот поглед висост мерна!
И велам: „Душо, да и бидеш верна!
(За толку чест и тежи тоа злато!)

Од Неа мисла љубовна ти стигна,
кон вишини те праќа штом ја следиш
со малку грижа што на друг му годи.

Од таму флуид - цврстина те води,
од десно патот до Небо Те дигна!“
И горда надеж духов ми го среди.

Поетот (лирскиот субјект) ја идеализира убавината на саканата Лаура споредувајќи ја со другите жени и возвишувајќи ја над сите. Се потсетува и го благословува моментот кога се вљубил бидејќи љубовните чувства му ја полнат душата и го прават да се чувствува поблиску до возвишувањето, поблиску до Бога.

18.

Кога сум свртен накај таа страна цел,
Каде преубавото лице на љубената ми свети,
А во мислите мои оган засвети
што ме пече и гризе дел по дел,

Јас, кој стравувам дека срцето да ми издржи нема
И гледам наскоро крај на животната младост,
Заминувам како слепец без чувства,
Кој не знае каде оди, сепак да засане нема.

Бегам така пред смртните цели;
Ама не сум доволно итар за мечтата моја
Да ме остави сам - пак ќе ги следи чекорите мои.

Молкум одам, оти со зборовите очајни, нели,
Сиот свет би го расплакал, а желба е моја
Во самотија да ги пролеам солзите свои.

Љубовната болка од ден на ден станува сè понеиздржлива. Копнежот е толку силен што не може да избега од него, тој и во смртта ќе го прати. Неговата болка прераснува во очај кој кога би го опишал со зборови целиот свет би го расплакал. Затоа одлучува да се осами и да се ослободи во плач.

Љубовта предизвикува противречни чувства. Тој е ту тажен, ту среќен; ту го возвишува, ту го проколнува моментот кога се вљубил.

61.

Благословен нека е и ден и месец и доба,
Година, час, миг златен, она време
И волшебен крај и место каде
Среќа дупла, двојно в пранги ме стави.

Благословен нека е мигот прв,
Што в пранги ме стави со љубовта мене,
И лак и стрела што срце ми бодат,
И раните кои на срце ми лежат.

Благословени нека се гласовите сите
Со кои со воздух, копнеж и солзи без број
Бедно го викав на госпоѓата името желно.

Благословени нека се хартиите на кои
Пишам во нејзина чест, и мислата која
и припаѓа нејзе и на ниедна друга.

Негова муза, негова инспирација за пишување е токму таа. Ја благословува што му ги дарува тие моменти на вдахновеност и и ветува вечна љубов само нејзе.


90.

Разиграни на ветер беа коси злати;
Се мрсеа во безброј јазли што се веат.
А нежни блесоци неизмерно се леат
Од очите во кои светлоста се мати.

На она нежно лице тен на жал се плати.
Што вистини, што привид тие црти беа
- јас не знам. Само - срце в мамка штом се фати
Зар чудо е што пламнав мигум не на смеа?

Ах, одот Нејзин беше не како на смртен,
а ангелски. И тие зборови - не земни -
не звучеа од грло: беа балсам благ!

Дух неземски ќе беше и кон Бога свртен
Јас тоа што го видов. Сега - нека темни!
Кој рана зацелил и покрај спуштен лак?

Убавината на Лаура е надземна, со „коси злати“, „нежен тен“, ангелски од, а нејзините зборови и нејзиниот глас се лек за душата на поетот. Иако можеби посакува да се оттргне од канџите на недостижната љубов, сфаќа дека тоа не можно - зашто тешко заздравува оној што еднаш е ранет од стрелата на Амор.

132.

Ако љубов не е - што ли сега бладам?
Ако е, пак, љубов, Боже! - каква, која?
Добра ли е?... Зошто има смртна боја?
Лоша ли е?... Зошто, тогаш, слатко страдам?

Ако пламнав - зошто солзи, клетви бројам?
Ако злото расте - помага ли јадот?
О, ти жива Смрт! О, тие зла од адот!
Јас се гневам на нив, тие ми се ројат!

Ако, пак, ги барам - не сум прв што кукам.
Ветришта ме гонат, сам во дупнат чамец,
најден сред бран, на ветришта, без весла.

Ако невешт талка и од бранот пука
- тогаш не знам сам во каков паднав мамец:
зиме сиот горам; лете в студ се тресам!

Немир, немир, немир. Недостижната и никогаш остварена љубов предизвикува противречни чувства. Во борбата меѓу срцето и разумот нема победник. Кој не почувствувал никогаш не може да знае како е да сакаш и да бидеш свесен дека таа љубов нема среќна завршница. Во безизлезот поетот се чувствува како тоне („во дупнат чамец“), сосема загубен и без можност да го најде вистинскиот пат („без весла“). Контрастот „зиме сиот горам; лете в студ се тресам“ точно ја покажува состојбата во која се наоѓа вљубениот - трескавичен безизлез!

134.

Не, нема мир, ни војна, ниту враг;
се плашам в надеж, стинеам и горам;
се влечам в прав, со облаци се борам;
за сите туѓ, ги барам сите пак.

Во власта нејна злото не го корам.
Ни тоа иде, гнетот и е драг;
Амор не убива, но оковот е јак,
сред живот - бескрај само мака творам;

Без очи гледам; нем - за болки зборам
јас барам спас за гибел и за жед,
се мразам сам, го сакам сиот свет.

Од бол сум жив; од плачот насмев творам;
и смрт, и живот, проклетство ги сви,
а виновна си Дона само ти.

Во следните сонети немирот е во постојан растеж. „Судирот на противречности“ е најприсутен во најпознатиот, најпреведуван 134. сонет.
Состојбата на: мир и војна, тлеење и пламен, земја и облаци, осаменост и потреба од луѓе; на постојано противречни и контрастни чувства се опишани во овој сонет. Тој станува повеќе дух (кој не мора ниту да гледа, ниту да зборува) отколку жив човек кој бара спас во смртта, кој почнува да се мрази самиот себе. Љубовта, односно Лаура (дона - госпоѓа) е таа која го направила толку несреќен, но и среќен истовремено. Иако ја посочува како виновник, тој не ја обвинува, зашто љубовта е сепак благородно чувство, а не грев.

220.

О, љубена моја, кажи го те молам крајот
На златната ти свилена коса?
А, румената ти ружа, дал растела во рајот,
Што така занесно обравчиња ти роси?

Забите ти бисер и устата ти мала
Ги зеде, кој знае, од езеро жива;
А убавината, кажи, од кај ли паднала
На мраморното ти чело, кое венец скрива?

Ангелите дал ја пеат таа песна во рајот,
Љубов што носи, ил солзи леат, росат
За огромната тага ил пак радост носат?

Дал запалило сонцето пламен во тие очи,
Што в гради срце бодри ил коси,
Дал чувствува љубов ил омраза носи?

Иако времето одминува, таа за него е најубавата жена. Нејзината земна убавина ја споредува со божествената, а тој ја посакува. Не ги крие своите страсти, својот телесен копнеж по неа. Од една страна ја возвишува и ја сместува во облаците, а од друга, ја претставува како обична жена која би сакал да ја допира.

Но, смртта на Лаура го прекинува овој земен копнеж. Со нејзината смрт, возвишените чувства се засилуваат. Тој ја сместува во рајот и едвај успева да се помири со нејзината смрт. Во тие моменти посакува и самиот да умре зашто се чувствува преморен од долгото страдање. Ја посакува смртта како олеснување, како спас.

302.

Мислава моја ме крена на пат:
Неа ја барав по земјава сета,
ама ја нема во земскиов кат:
полична, горда ја видов кај шета

в градина рајска, со друшки, на пладне.
Рака ми зеде: „Се надевав - рече -
дека ќе дојдеш во Еденов вечен.
Денот ми сврши пред ноќта да падне...

Болка ти нанесов. Затоа вака
тебе те чекам. А онолку мил
превезов прекрасен беше ти бил.“

Замолкна. Зошто ли повлече рака?
Зборот и беше и тажен, и меден:
- Уште за малку ќе останев в Еден!

Меѓу сонот и јавето, поетот започнува разговор со својата мртва сакана. Се теши со нејзините зборови и со нејзиниот повик и тој да дојде во рајот каде што ќе се сретнат. Но, тоа се само негови желби, дека можеби во смртта ќе го најде својот мир и остварувањето на љубовта. (Во реалниот живот Петрарка не и се доближил и никогаш не разговарал со неа). Тој си го замислува разговорот во кој таа го моли за прошка заради болката која му ја нанела, и жалењето по животот кој прерано и згаснал (Денот ми сврши пред ноќта да падне) и во кој можеби ќе имало шанса за остварување на љубовта. Иако само имагинарни, нејзините зборови му се толку мили што тој посакува да умре и да се најде со неа во рајот.
Желбата да и се придружи е најизразена во 333. сонет.

333.

Разболени рими, пат каменест, кама,
Земјата каде драгото ми богатство го скрива;
Викнете ја - одговор небото ќе ми даде -
Иако смртта и крие јама.

Речете и изгорен сум веќе од животот
Страден, бранови кај што пливаат;
Но, собирајќи ги листовите свои сиви,
Лека, полека одам по чекорите и диви;

Зборувам за неа жива ил мртва,
Но, жива така во бесмртност цела,
Светот треба така да ја запознае неа.

Нека пази на идењето мое,
Кое близу е сега; спремно нек ме чека
Кај неа нек ме прибере и нек ме викне така.

Иако жали што љубовта не му се остварила, тој е горд што останал чесен и што на тој начин ќе го заслужи местото во рајот, крај својата сакана Лаура:

365.

Плачам сега по деновите изминати, бол,
Кога за тебе се тресев, смртни свете,
Иако крилја имам, не летнав, не,
Пример да бидам, не долен и зол.

Ти, што злото го знаеш, и грешно и страшно,
На небото крал вечен, невидлив, со надеж
На душа да помогне што талка, слабее,
И маните со милост да и ги замени;

Живеев ли така во борба и бури,
Мирно да си умрам, ако животот
Залуден беше, смртта чесна нека биде.

Смртта и животот што крајот го чекаат,
Раката твоја милозливо помош нека даде:
Ти, барем знаеш, надеж во други немам.

Франческо Петрарка

Франческо Петрарка (1304 - 1374)

Петрарка е претставник на предренесансата. Тој прв внесува индивидуализам во своето творештво, односно се свртува кон себе и своите чувства.
Роден е во гратчето Арецо, но по потекло е фирентинец. Неговиот татко бил протеран од Фиренца бидејќи бил политички активен - истомисленик со Данте (од партијата на белите гвелфи). Кога Петрарка имал 8 години семејството се преселило во јужна Франција, во Авињон кој бил папско седиште во 14. век. Како мал се запознал со античката римска литература, а образованието го продолжил во Болоња на правни науки. По смртта на родителите се вратил во Авињон и станал свештеник. Влезот во папскиот двор му овозможил раскошен живот, но и сознание за лицемерието и пороците кои таму владееле.
На 23 години се вљубил во млада жена, Лаура, на која и ги посветил своите песни. Таа била мажена, имала многу деца и никогаш не му ја возвратила љубовта. Неговата најпозната збирка песни „Канцониер“ и ја посветил нејзе.
Петрарка ја проучувал римската литература и сметал дека вистинска уметност треба да се создава на латински јазик, па затоа поголем дел од делата ги напишал на тој јазик. Но, најголем успех доживеал токму со песните напишани на народен италијански јазик.
Петрарка имал немирен и истражувачки дух. Бил испратен на научно патување низ Франција и Германија, се искачил на алпискиот врв Мон Банту, па го посетил Рим. Едно време се повлекол во селцето Воклиз до Авињон каде осмислил и напишал повеќе дела меѓу кои и епопејата „Африка“ напишана на латински јазик.
Бидејќи уште за време на животот бил признат поет му понудиле да се врати во Фиренца и да му го вратат конфискуваниот имот од татко му.
Но, тој пред крај на животот се повлекол во Падова во осаменост, каде читал антички ракописи.


10/15/09

Лектира: Македонски народни песни

На следниве врски може да најдете народни песни и други умотворби:
Македонскиот народен гениј (македонски песни, приказни, обичаи)

Македонските народни песни претставуваат дел од богатото фолклорно наследство на нашиот народ.
Народните песни потекнуваат од најдалечното минато. Нивниот автор е непознат (анонимен), а се зачувале со усно пренесување од колено на колено.
Македонските народни песни почнале да се запишуваат во средината на деветнаесеттиот век, во времето на Преродбата. Први интерес покажале научници од соседните народи, како што се: Вук Караџиќ од Србија, Стефан Верковиќ од Хрватска, Словенецот Станко Враз, Виктор Иванович Григорович од Русија итн. Под влијание и поттик на последниов во Македонија започнува Преродбата, па Димитар Миладинов се посветува на собирање народни умотворби, како и на отварање училишта и наоѓање приврзаници и наследници. Со макотрпна работа и со помош на брат му Константин, во 1861 година успеваат да го објават Зборникот со народни песни.
Освен браќата Миладиновци со собирачка дејност се занимавале и: Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Ѓорѓија Пулевски и др.
Народните песни се делат на: лирски, епски и лирско-епски.


Лирски песни

Чувството е основниот елемент на лирските песни. Тие најчесто биле интерпретирани од жени, па затоа се нарекуваат и женски песни.
Има повеќе видови лирски песни, и тоа:
- обредни;
- митолошки;
- религиски;
- трудови;
- љубовни;
- семејни;
- песни за деца;
- хумористични;
- тажаленки.

Најстари се обредните лирски песни. Во нив гледаме колку луѓето верувале во магиското дејство на зборот. Овие песни се пееле при прославувањето на празниците.
Коледарските песни се меѓу најстарите, потекнуваат уште од паганското време (пред христијанството) и се пееле пред почетокот на новата година. Подоцна тие се поврзале со Христовото раѓање. Во нив се изразувале добри желби за здравје, среќа, бериќет, богатство, успех итн. Овие желби се искажувале од група коледари кои биле исклучиво мажи и кои ги импровизирале песните во зависност од ситуацијата. Песните имаат едноставна содржина и неразвиена мелодија (како скандирање, рецитирање). Коледарите на постарите им посакувале здравје, почит од децата и внуците; на невестите - машко дете; на момите - да се омажат за саканиот... Домаќинките, пак, фрлале пченица врз коледарите и ги дарувале со пари, овошје и др. во зависност од имотната положба.
Песните го најавувале Божиќ, денот кога се празнувало Исусовото раѓање:

Збирајте се дечиња

Збирајте се дечиња
сред село на грејачка,
огон да си палиме,
за да си изгреиме,
оти после ќе одиме
Коледе да викаме
костени да збираме
за Бадник да јадиме,
Божик да го чекаме,
и прасе да јадиме.

Понекогаш коледарските песни имаат хумористична содржина:

Добро утро стара бабо

Добро утро стара бабо!
Дај ми колач и погача,
напи се вино и ракија,
појди в племна - запали ја,
сркни каша - попари се,
косни риба - убоцај се!

Лазарските песни се слични со коледарските, но се изведуваат од девојки накитени со венци од цвеќиња. Тие му припаѓаат на циклусот пролетни песни заедно со велигденските и ѓурѓовденските. Се пеат на Лазарова сабота, пред Велигден. Девојките и жените одат во група по улиците или домовите, ги пеат песните и бараат дарови. Најчести мотиви тука се љубовта и семејството. Особено нежни, лирски чувства среќаваме во песните наменети за децата:

Малечкоо, убоо, о Лазаре

Малечкоо, убоо, о Лазаре!
На диван ми седеше
со јаболко играше.
Мајка ле му викаше:
Малечкоо убоо,
доста седе на диван,
доста играш с` јаболко
да н`те царот догледат,
да н`ти царство поклонит!
Уште речта не рече,
ми го царот догледа,
и му царство поклони.

Особено интересни се додолските песни, односно песните за дожд. Тука доаѓа до израз вербата во магиската моќ на зборовите и на самиот обред.

Дај ми, Боже, темен облак

Дај ми, Боже, темен облак,
да зароси ситна роса,
да запраши црна земја,
да се роди жито, просо,
да се ранат сирачиња,
сирачиња, сиромаси!

Содржината на песната е едноставна и јасна. Во неа се бара дождот - спасител кој ќе го врзе плодот, кој ќе им овозможи на сиромашните да преживеат.

Посебно значајно место во обредните песни заземаат песните поврзани со раѓањето, стапувањето во брак и смртта. За раѓањето нема многу песни, а и тие најчесто се црковни поврзани со ритуалот на крштевањето. Најбројни се свадбарските песни. Според тематските одлики и обичаите поврзани со нив се издвојуваат песни што се пеат пред свадбата, за време на свадбата и по неа.
Моментот на разделбата на девојката од семејството е проследен со многу совети како таа да се однесува во новиот дом, но во следната песна е потенцирано дека новите роднини никогаш не ќе можат да ги заменат вистинските родители:

Прости ми, прости, еј мили татко

Прости ми, прости, еј мили татко,
оти ќе одам на туѓа куќа,
во туѓа куќа во туѓи луѓе.
Татко не ми је, татко ќе речам,
татко ќе речам, ќерко не велит,
мајка не ми је, мајка ќе речам,
мајка ќе речам, ќерко не велит.
Браќа не ми се, браќа ќе речам,
браќа ќе речам, сестро не велит.
Сестри не ми се, сестро ќе речам,
сестро ќе речам, сестро не велит.

Митолошките песни се создавани во паганскиот период, пред христијанизирањето. Словените имале своја митологија, свои богови и разни митолошки суштества, но за жал таа не е доволно проучена, па затоа сметаме дека не била доволно развиена како старогрчката, римската или германската.
Во митолошките песни често се среќаваат: самовили, змејови, ламји, русалки и други суштества кои биле олицетворение на природните појави. Овие песни се сведоштво на креативниот дух на непросветениот човек од минатото кој се обидувал да си ги објасни сите природни појави, болести, несреќи и судбини. Суштествата често имаат човечки облик, како на пример, самовилите кои се прекрасни девојки кои живееле по високите планини, под облаците. Тие често се среќавале со овчарите, па дури и станувале нивни невести. Во следната песна е претставен немирниот дух на една самовила:

Самовила оро вила

Самовила оро вила,
оро вила на планина.
Свекрва е викум викат:
- Самовило, снао мила
пушчи оро дојди дома,
от` ти плачит м`шко дете!
- А, свекрво, мајко мила!
Ќе ти пушча овца с млеко,
да нацицат м`шко дете:
ќе ти пушча тивка роса,
да иск`пит м`шко дете;
ќе ти пушча тивки ветер,
да заљељат м`шко дете.

Самовилата во оваа песна ги има сите човечки особини, но неодговорноста ја прави нечовечна. Таа оставила друг да се грижи за нејзиниот син, а таа се забавува и продолжува со моминскиот живот несвојствен за мајките.
Болестите биле чести непријатели на луѓето во минатото. Ужасните епидемии кои покосувале голем број животи често биле претставувани како стари баби. Чумата која завладеала во Скопје е претставена како стара, грда баба во песната:

Ќе те питам, бабо

Ќе те питам, бабо, да ми кажеш,
што е Скопје, бабо, умирено,
петли пеат, бабо, пци `рвјачат,
нема луѓе, бабо, да вреворат;
дали оган Скопје го изгоре,
дали Вардар го однесе?
- Ко ме питаш, дете, ќе ти кажа,
што е Скопје, дете, умирено;
нити огон Скопје го изгоре,
нити Вардар Скопје го однесе,
јас сум, дете, Скопје умирала,
за три дена, дете, за три ноќи.
Ја не сум си, дете, стара баба,
тук сум си, дете, црна чума.

Кај религиските песни главни ликови се христијанските божества и светци. Кај овие песни често ја среќаваме врската на митологијата со христијанството, па имаме песни со Св. Ѓорѓија со ламјата, Богородица со самовилите итн. Карактеристично за овие песни е тоа што се пореалистични и затоа, ликовите, иако се Библиски, имаат човечки особини и се занимаваат со вообичаени дејности. Светецот Никола е многу омилен лик и го среќаваме како старец со бела брада кој се занимава со градење, земјоделие итн.

Цркви гради стар свети Никола
градил ги е со злато и сребро,
оште малко не се доградени,
не стигнало и злато и сребро.
Па се чуди стар свети Никола,
дек7 да најде злато и сребро,
да догради цркви, манастири...

Трудовите песни играле улога на олеснување на работата на земјоделците, сточарите, дрвосечите, овоштарите, рибарите и др. Подоцна, со појавата на занаетите се појавиле песни поврзани со разните занаетчиски дејности. Најмногубројни се жетварските песни. Во нив е претставен нашиот трудољубив човек, кој жетвата ја сметал за празник, иако е најтешкиот дел од работата, која се вршела без времетраење, на жешко сонце, со особен напор. Истакнат е натпреварувачкиот дух во кој рамноправно учествува и жената. Македонската жена, не само тука, туку и во сите други песни е прикажана како силна, цврста, издржлива, па дури и како победничка во жетварските натпревари. Таа рамноправно работи на нива, жнее, копа, ора, а истовремено раѓа и се грижи за децата и домот. Иако секаде е потенциран патријархалниот дух, почитта кон главата на семејството, сепак јасно се гледа дека жената е столбот на семејството.
Трудовите песни се често проткаени со љубовни мотиви. Способната, силна, ведра, здрава селска жена е вистински мајстор во жнеењето и предизвикувач на натпреварот. Таа се обложува:

- Ако тебе ја наджнијам,
не ти сакам брза коња,
туку тебе добар јунак,
добар јунак да те земам.

И многу повеќе. Жената си дава слобода да ги изрази своите чувства, да го избере самата својот љубен, и да го каже најважното: дека за неа љубовта е пред материјалните богатства. Така било, така е и денес.
Посебен вид трудови песни се аргатските. Аргатувањето, работењето на туѓ имот била честа дејност на сиромашниот Македонец. И тука учествувале и мажите и жените. Чести се и овчарските песни, но посебно тажен, елегичен тон имаат печалбарските песни кои кај нас се создаваат до ден-денес. Во нив се потенцира неизживеаната младост; оставањето на младата невеста и на уште нероденото дете; тешкиот живот во туѓина; долгогодишното отсуство; честата смрт од напорната работа или лошите услови; тажните носталгични чувства итн. Печалбарството е неисцрпен мотив, зашто е вековна наша судбина. Во минатото за корка леб, денес за поубав живот, Македонецот често се решава да ја напушти својата татковина. Иницијалниот поттик за тој чекор илјадапати ќе го преколне, ќе ја жали својата судба, но татковината не ќе може да ја преболи. Кај и да е, тој вечно ќе жали по своето огниште.

Зошто си ме мајко родила

Зошто си ме мајко родила, леле ле
цел живот не си ме видела,
ти си машко чедо родила, оф леле
и на друг си радост мајко дарила,
леле оф аман, леле ле
и на друг си радост мајко дарила.

Дење, ноќе одам скитам јас, леле леле
пеам, свирам, играм и плачам,
твојот лик го гледам секој пат,
оф леле леле
на тебе долгови ти враќам јас.

Херој биди мила мајко ти, леле ле
што си среќна ѕвезда родила,
јас ќе светам мајко како сјај, оф леле
за мојот мила мајко роден крај,
леле оф аман, леле ле
за мојот мила мајко роден крај.

Синот се прашува зошто воопшто е роден кога цел живот мора да биде одвоен од семејството, да печали, да ги враќа долговите. Тој пее и игра, но скришно тагува по својот роден крај, каде никогаш нема да се врати.
Овие песни се испеани со многу тажни тонови. Во следната, девојката ја проколнува туѓината, зашто нејзиниот сакан таму си ја пронашол среќата.

Туѓината пуста да остане

Туѓината пуста да остане
Која од либето ме раздели
Што го чекам време три години

Ќе ги прашам млади печалбари
Дали го видовте мојто либе
Од туѓина дома да ми иде

На трета година писмо прати
И ми пиша нема да се врати

Не се враќа друга си заљуби
И за неја тој си се ожени


Групата на љубовните песни во нашата народна лирика е најобемна. Основниот мотив во овие песни е љубовното чувство во сите негови варијанти и нијанси. Од првата средба, првиот поглед на улица, од мечтите за заеднички живот, неостварената љубов заради надворешни фактори (немање дозвола од родителите, различна социјална средина), остварена љубов и семејство, губење (смрт) на саканиот, па до верност до гроба, и многу други љубовни ситуации. Љубовта прикажана во нашата народна песна е чиста, искрена, двострана, копнежлива, страстна, доживотна. Има песни во кои се изразува љубомората, зависта, пресметливоста, но тие се во многу помал број. Особено е истакната првата љубов која се почитува до гроб, и верноста како морална одлика на нашиот народ. Дадената заклетва мора да се почитува, а неразделната љубов е најчест мотив. Кога младите мора да се разделат, тоа никогаш не потекнува од нив туку од некој друг (родителите, маќеата, завидливите роднини, лицемерните пријатели или смртта).
На едноставен, но многу силен начин е претставена невозвратената љубов во следната песна:

Нели ти стига

Откако те млада заљубив
и по тебе памет изгубив.

Нели ти стига мојата младост
кажи ми ти,
и на мојте зборој поверувај им.

Се што имав, се ти подарив,
сета младост си ја изгубив.

Кажи ми, кажи кој те милува,
кој те гали кој те успива.

Со сличен мотив, неостварена љубов и тага за изминатата младост е и песната:

Ајде дали знаеш паметиш Милице

Ајде дали знаеш паметиш Милице
Кога си бевме малечки де-еј
Кога си бевме малечки Милице
Ај кога се двајцата љубевме

Ај кога се двајцата љубевме Милице
Во чичовото градинче де-еј
Во чичовото градинче Милице
Ај кај шарените цвеќиња

Ај кај шарените цвеќиња Милице
Трендафил цвеќе цутеше де-еј
Трендафил цвеќе цутеше Милице
Ај на градите ти паѓаше

Ај на градите ти паѓаше Милице
Ти на скутот ми спиеше де-еј
Ти на скутот ми спиеше Милице
Ај тогаш ти лице целував

Ај тогаш ти лице целував Милице
Лице ти беше спотнато де-еј
Лице ти беше спотнато Милице
Ај на срце оган ти гореше

Ај на срце оган ти гореше Милице
Ти мене жално ме гледаше де-еј
Ти мене жално ме гледаше Милице
Ај од очи солзи ронеше.


Љубовните песни често се поврзани со градскиот живот, како што е песната :

На Струга дуќан да имам

Што ми е мило ем драго
На Струга дуќан да имам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.

На Струга дукан да имам
На кепенците да седам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.

На кепенците да седам
Струшките моми да гледам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.

Струшките моми да гледам
Кога ми одат на вода
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.

Песната е весела, разиграна, но стихот: срцево ми го изгоре, ја покажува силната љубов и страст што ја чувствува момчето, секојдневно чекајќи да помине неговата сакана крај него.
Убавината на македонската девојка е прикажана во песната:

Македонско девојче

Македонско девојче,
китка шарена,
во градина набрана
дар подарена,

реф:
Дали има на овој бели свет
поубаво девојче од Македонче?
Нема, нема не ќе се роди
поубаво девојче од Македонче.

Кога коси расплети
како коприна
лична е и полична
од самовила.

реф: .....

Кога песна запее
славеј натпее,
кога оро заигра
срце разигра..

реф: .....

Во љубовните песни, освен љубовта меѓу младите, може да биде прикажана и мајчината љубов. Најубав пример за тоа е познатата песна Распукала Шар Планина.

Распукала Шар Планина.

Распукала, распукала Шар Планина,
Ајде распукала, распукала Шар Планина,
Ми поклопи, ми поклопи три овчара,
Ајде ми поклопи, ми поклопи три овчара.

Први овчар, први овчар и се моли,
Ајде пушти мене, пушти мене Шар Планино,
Имам жена, имам жена што ме жали,
Ајде имам жена, имам жена што ме жали.

Втори овчар, втори овчар и се моли,
Ајде пушти мене, пушти мене Шар Планино,
Имам сестра, имам сестра што ме жали,
Ајде имам сестра, имам сестра што ме жали.

Трети овчар, трети овчар и се моли,
Ајде пушти мене, пушти мене Шар Планино,
Имам мајка, имам мајка што ме жали,
Ајде имам мајка, имам мајка што ме жали.

Жена жали, жена жали ден допладне,
Ајде сестра жали, сестра жали дур је дома,
Мајка жали, мајка жали дур до гроба,
Ајде мајка жали, мајка жали дур до гроба.

Во песната, со градација е претставена љубовта на мајката која жали по своето дете целиот живот.
Песните за деца се едноставни, куси песнички, често брзозборки кои имаат едукативна содржина (да поучат). Тука спаѓаат приспивните песни, песните за животните и растенијата, залагалките, бројалките итн.
Смилата за шега јасно се огледа во нашите хумористични песни кои се во голем број.

Зајко младоженец

Сторил ниет зајко, зајко да се жени
зајко кокорајко, токмо младожења
Сторил ниет зајко, зајко да се жени
зајко кокорајко,зајко да се жени, зајко кокорајко
зајко сербеслија упрчил мустаќи
си натресол гаќи, нагрнал џамадан
капа писќулија, море, токмо младожења.

Ми ожеил зајко лиса удовица
свеска испосница, личи на невеста.
Ми поканил зајко, китени сватови
мечка месарија, вучица кумица, ежо тапанџија.

Рефрен:
Дејгиди зајко ерген мераклија

Се накити лиса, лиса удовица,
маза размазана, селска визитарка.
Кога виде зајко, ‘рти ем ловџии,
се уплашил зајо, личен младожења.
Па си тргна зајко, низ Солунско поле,
таму си сретнал зајко, до два-три ловџии
ем они си носат пушки сачмајлии,
‘рти ем загари, све одбор ловџии,
море, силни нишанџии.
Па си летнал зајко, зајко да ми бега,
зајко кокорајко, лишен младожења
си искинал гаќи, размрсил мустаќи,
искинал гаќи, расмрсил мустаќи,
искинал џамадан, викнал се, провикнал;
море не сум младожења!

Лирско-епски видови

Во народните песни често се среќава преплетување на лирските и епските елементи. Тоа го среќаваме во митолошките, тажачките и ајдутските песни, но како посебни видови се јавуваат:
- баладата и
- романсата.
Лирски во овие песни се мотивите и експресијата, а композицијата и строежот - епски.
Народната балада има епска сижетна основа, ликови на натприродни суштества (самовили, змејови, наречници), но е проникната со лирски, силни чувства и драматизам. Во неа се испреплетени фантастични и реални елементи, а најчесто завршуваат трагично.
За разлика од баладата, романсата е со поведра содржина и никогаш не завршува трагично. Романсите најчесто имаат љубовна содржина, а лирскиот драматизам предизвикува и ненадејно менување на емоционалното расположение. Таков е случајот со познатата романса:

Учи ме мајко, карај ме

Еееј, учи ме мајко карај ме
како да ја земам Лилјана
Лилјана мома убава
Лилјана тенка висока
Лилјана бела црвена
Лилјана ситен босиљок
Лилјана една на мајка.

Учам те синко карам те
како да ја земиш Лилјана
повикај триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани ќе дојдат
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
белким Лилјана ќе дојде.

Послуша Стојан мајка си
повика триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани дојдоа
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
кучка Лилјана не дојде.


Епски песни

Епските песни се одликуваат со богата идејна содржина. Основен мотив во нашите епски песни е љубовта кон татковината и величање на јунаштината на историски познати и непознати личности. Идеализацијата на јунакот е главната цел во песните.
Жанровски разликуваме:
- неисториски (со митолошки, религиозно-легендарни мотиви);
- историски (јуначки, ајдутски, револуционерни, партизански).

Јуначкиот епос почнал да се развива кон крајот на четиринаесеттиот век во времето на потпаѓањето на нашиот народ под турско ропство. Немајќи друг начин за одбрана се јавува народниот пејач, кој го идеализира нашиот јунак давајќи му божествена сила, а исмевајќи го и омаловажувајќи го непријателот. Централен лик во нашиот епос е Марко Крале, но се јавуваат и други јунаци: Момчил војвода, Болен Дојчин, Јанкула војвода, Секула Детенце итн.

Карактеристики на јуначките песни:

1. Јуначкиот епос се карактеризира со епска нарација - раскажување со свечен ритмички говор и епска широчина. Јунакот се опева во трето лице, тој е детално опишан, а исто така и настанот што се случува.
Епската широчина се постигнува со епските повторувања (повторување на слични или исти стихови). Повторувањата на идентични стихови се нарекуваат епски ретардации. Нивната функција е да го забават или продолжат ритамот на епското дејство.
2. Композицијата на јуначкиот епос е шематизирана - почетокот на песната е обраќање кон слушателите да чујат за настанот и јунакот за кој ќе се раскажува, а потоа следува типизирано епско дејство - дуелот или подвигот на јунакот.
3. Во овие песни се користат силни поетски средства: хиперболи, споредби, контрасти, алегорија, словенска антитеза итн. Стихот е најчесто десетерец со цезура (пауза) по четвртиот слог - јуначки десетерец.
4. Епски протагонисти и антагонисти.
Протагонистите се нашите јунаци, а антагонистите се нивните противници. Главни протагонисти во македонските јуначки песни се: Марко Крале, Момчило Војвода и Болен Дојчин. (првите двајца се историски личности, но Болен Дојчин е поетска конструкција). Антагонистите се типизирани како: Црна Арапина, Жолта Чифутина, Турци - јаничари.
5. Јуначки атрибути - во нашата јуначка песна тоа се коњот и оружјето на јунакот.

Централен лик во македонските јуначки песни е Марко Крале. Според историските податоци тој е роден 1335 година, а по смртта на татко му, кралот Воклашин, тој продолжил да владее со Западна Македонија. Негова престолнина бил градот Прилеп. Имал двајца браќа - Андреја и Димитрија и една сестра - Милица. Се оженил за ќерката на Радослав Хлапен, Елена, но подоцна ја напуштил поради нејзиниот неморал. Како турски вазал учествувал во битката против влашкиот војвода Мирче и борејќи се од страна на султанот Бајазит, загинал кај Ровина, близу Крајова 1394 година. Само од овие толку обични детали од животот на Марко народниот пејач направил неповторлив јунак. Зошто? - со сигурност не се знае, но се претпоставува дека е заради неговиот заштитнички однос кон населението и заради неговата физиономија.
Поетската биографија на Марко Крале е сочинета од:
- мотивот за чудесното раѓање на јунакот (кога наречниците му прорекуваат дека ќе му ги скрши коските на татка си Волкашин);
- мотивот за здобивањето на чудесната сила (во песните тој е змејски син или е задоен од самовили);
- одбирањето на неговиот верен придружник - коњот Шарец (Шарко) кој има чудесни својства: лета, зборува, го советува;
- јуначките подвизи и двобои, и
- губењето на силата на јунакот - во песните и преданијата Марко ја губи силата поради дрскоста што го повикал Господ на мегдан (се почувствувал рамен на Господа). Затоа е казнет со одземање на силата.

Подеднакво внимание, народниот пејач му посветува и на антагонистот - Црна Арапина. Тој е типизиран лик кој се јавува во двобоите со сите наши јунаци (Марко Крале, Момчило Војвода, Болен Дојчин). Тој го претставува злото, па затоа епитетот црн сраснал со неговото име. Во описите е хиперболизиран (во негативна конотација) и всушност претставува олицетворение на Османлиите - арачлии кои собирале големи даноци од сиромашниот македонски народ.


Марко Крале ја одменува свадбарината

Едно утро Марко ми подранил
из Прилепа Марко из Варошот,
да прошета Косовска наија;
уште први петли не пејале,
тој се фрли Шарцу на рамена
и ми тргна по бели друмови;
по среде ноќ низ Скопје помина;
дури петли први пропеале,
тој помина Качански клисури;
дури зора утро зазорила,
тој натури Косовска наија;
дури сонце утро да изгрее,
тој ми влезе во Косовско поле!
Ништо Марко среќа не го срети,
саде сретна Косовска девојка.
Марко нејзе вели: - Добро утро,
добро утро Косовко вдовице!
А таа нему одговори:
- Јас не сум ти Косовска вдовица,
тук сум си Косовска девојка.
Тога рече Марко Кралевиќе
- Ај ти тебе, Косовке девојке,
ќе те прашам, право да ми кажеш:
што ти тебе коси побелеле,
бело лико ти се расипало?
Али жалиш од рода твоего?
Што не си се млада омажила?
Тога рече Косовка девојка:
- Ја не жалам од рода моего,
туку има триесет години,
как, ми дошол црна Арапина,
од цара ми свадбина прекупил:
кој ќе јунак млади се ожени,
нему сака триесет и три минца,
а девојка која ќе се мажи,
нејзе сакат триесет минцови.
Мии браќа ми се сиромаси,
ми немаат азно да му дадат,
затоа ми коси побелеле,
бело лико ми се расипало!
Тога бара Марко во пазува,
ми извади триесет минцови,
и и даде Косовке девојке.
Тога рече Марко Кралевиќе:
- Да си сакаш момче спроти тебе,
да си сакаш, да си се омажиш
и на Арап свадбина да платиш.
Ќе те прашам Косовке девојке,
ќе те прашам, право да ми кажеш,
жити рода и твојта крвина,
жити вера наша православна,
жити име Христос Исусово,
немој мене ти да ме излажеш:
Каде му се кули Арапови?
Одговори Косовка девојка:
- Кули му се сами познаваат;
под Косово в зелени ливаѓе.
Тамо има белана чадора,
на чадорот од злато јаболко,
тоа свети како јасно сонце,
од далеку сами се познават.
Тога стегна Марко Кралевиќе,
тога стегна своја брза коња.
Го догледа стража Арапова,
го догледа уште оддалеку,
му говори црну Арапину:
- Арапине наши господине,
по друм иде страшна делија,
и страшно ми коња налутило,
од нозе му оган искри летат,
од уста ми бели пени паѓат,
од носот му сини пламни бијат,
од очи му секавици пуштат
и најстрашно ми се променило:
на плеќи му кожув од мечиште,
на глава му калпак од волчиште
и во уста нешто црно носи
како јагне половингодишно.
Тогаш рече црна Арапина:
- Ај ви вамо стражари
вие него убаво пречекајте
и оружје од појас земите,
пратите го при мене да дојде;
тоа ми е младо неженато
тоа иде свадбина да плати,
ќе ми даде азно небројано.
Уште Арап лафот не дорече,
ми приближи Марко Кралевиќе.
Кога Марко стржари приближи,
а стражари сите избегаа,
кој по поле, кои по планина.
Право трга Арапу на чадор.
Марку нему вели: - Добро утро,
добро утро наши господине,
господине, Арап од прек, море!
Кажи мене што е свадбарина
да ти платам царска свадбарина,
оти после патов ќе си гледам,
зер сватови на пат ме чекаат.
Тога рече црна Арапина:
- Ај ти тебе, незнајна делијо,
дали уште не си се научил?
Еве има триесет години,
каде седам во рамно Косово:
кој ќе јунак млади се ожени,
нему зимам триесет и три минца,
а девојка која ќе се мажи,
нејзе зимам триесет минцови;
како тебе најголем јунака,
и шеесет пак не ти се многу!
Тога бара Марко во пазуви,
ми извади саде три минцови;
- На ти тебе, наши господине,
на ти тебе, саде три минцови:
верувај ме друго азно немам.
Ко ќе појдам п,убава невеста ,
што ќе мене дарој ме дарува,
си дарој тебе ќе подарам.
Тога рече црна Арапина:
-Ал ме лажиш, ал вистина велиш,
ал со мене шега ќе си биеш?
И ми зеде тешка топузина,
ми го удри три-четири пати.
Тога рече Марко Кралевиќе:
- Бог те убил црна Арапино!
Ал се смееш, ал вистина маваш,
ал од кожув правот ми го тресеш?
Почекај ме и јас да те удрам,
ти ќе видиш јунак како мава.
Пак извади Марко Кралевиќе,
ми извади своја топузина.
Кога Марко на Арапин мавна,
фала богу чудо и големо!
Снагата му во земи пропадна,
а глава му на страна побегна.
Пак се пушти по триесет стражари,
двајсет седум сите ги истепа,
а тројца саде ми остави,
да ми личат три млади телали,
да ми личат низ рамно Косово:
- Каде има јунак за женење,
да си сака мома спроти него,
да си сака да си се ожени!
Каде има мома за мажење,
да си сака момче спроти неа,
да си сака да си се омажи!
Заплатила Маркова десница,
заплатила сета свадбарина.

Крале Марко во оваа песна е праведникот кој е на страната на сиромашното население што не може да го плати големиот данок за свадбарина. Тој не се помирува со лошата судбина на луѓето и не може да дозволи тие цел живот да страдаат заради алчноста на Арапинот. Тој не е лично засегнат, но болката на другите не го остава рамнодушен.
Ликот на Марко е хиперболизиран. Кога се приближува до шаторот на црната Арапина, неговите стражари се престрашуваат од појавата на коњ, од кого летаат искри и секавици, облечен во кожув од мечка, на главата со калпак од волк и со големи мустаќи кои изгледаат како полугодишно јагне.
Во дуелот со црна Арапина тој е надмоќен и со цинизам забележува: Ал се смееш, ал вистина маваш,/ ал од кожув правот ми го тресеш? А потоа со леснотија го убива пресекувајќи му ја главата.
Дејството во песната е претставено преку дијалошка форма, а стиховите се десетерци, типични за нашиот јуначки епос.

Голем јунак во нашата народна песна е и Болен Дојчин, мотив често обработуван и во современата литература (песни, драми). Дојчин не е историска личност (барем нема податоци за реалната личност), тој е измислен лик, плод на народната фантазија. Антагонистот е истиот - црна Арапина.
Дојчин, со своите тројца побратими во минатото имал многу јуначки потфати, но последните девет години тој е паднат болен. Него го чува и негува сестра му Ангелина (во некои варијанти на песната таа му е жена). Тој ја очекува смртта, но не може да умре додека не му се освети на црна Арапина, заради неговите страдања, но и заради страдањата на неговиот народ. Конечен повод да стане од смртната постела е недоличното однесување на Арапинот кој ја побарал сестра му за една вечер во неговиот шатор.
Но, тој нема да му се освети само нему туку и на побратимите кои ја искористиле неговата немоќ и кои исто така сакаат да ја имаат Ангелина за себе. Така, Дојчин налик на Дон Кихот, превиткан во триста лакти платно, со долга коса и брада, слаб и восочен во лицето, со непоткован коњ и ненаострена сабја, оди и го завршува својот подвиг - ги убива сите, а се враќа со наденатата глава на Арапинот на кол, по што легнува во својата постела и спокојно умира.
Во песната се карактеристични епските повторувања со што се постигнува епската широчина и се забавува дејството. Дијалогот и тука е присутен и тоа меѓу Дојчин и Ангелина. Ликовите се хиперболизирани - Арапинот со негативни својства, а Дојчин со позитивни. Стиховите се десетерци како што е вообичаено во ваквите песни.

Болен Дојчин

Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред падна на млада Ангелина.
Ангелина Дојчинова сестра.
Ангелина Дојчинова сестра,
Дворје метит градум солзи ронит,
Со солзи ми дворје завадила.
Ја догледа брат је болен Дојчин:
„Ајти тебе сестро Ангелино!
Што те тебе нужба дотерало,
Дворје метиш дробни солзи рониш?
Али ти се, сестро, здодеало,
Рамни дворје, сестро, меетејќи?
Мене болно, сестро, гледаејќи? –
Рани, болки, сестро, врзеејќи,
И понади мене готвеејќи?“
„Ајти тебе брате, Болен Дојчин!
Та не ми се мене здодеало,
Рамно дворје, брате, метеејќи,
Тебе болно, брате, гледаејќи,
Рани, болки тебе врзеејќи,
И понади тебе готвеејќи;
Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
И говорит брат је Болен Дојчин:
„Ајти тебе сестро Анеглино,
Ал тоа те тебе брига нашло?
Ево имат за девет години,
Каде лежам болно на постела;
Веќе ми се коски раскостиле,
Веќе ми се меса раскапале;
Коса ми е долу до појаса,
Брада ми е до црната земја,
Ај отвори шарена ковчега,
Да изваиш триста лакти платно,
Триста лакти платно бамбакерно,
Да изврзиш рани од анџари;
И земи ми моја вита сабја;
Ево имат за девет години,
Сабја в рака не ми е фатена,
Не фатена, ни па наоточена,
Веќе ми е сабја ’рѓосана.
Да ја носиш Умер калакчија,
Калакчија, мила побратима,
Да наточит моја вита сабја,
Да наточит сабја вересија,
Ако станам скапо ќе му платам,
Ак’ не станам, алал да ми чинит.“
Па ми стана млада Ангелина,
И ми зеде сабја ’рѓосана,
Ми отиде дури у Умера:
„Ајти тебе Умер калакчија,
Так ти Бога, ја ќе ти се мола!
Ме допуштил брат ми Болен Дојчин,
Болен лежит за девет години,
Веќе му се коски раскостиле,
Веќе му се меса раскапале;
Коса му е долу до појаса,
Брада му е до црната земја,
Сабја в рака не му е фатена,
Не фатена, ни па наоточена,
Веќе му е сабја ’рѓосана.
Лели си му верна побратима,
Да му остриш сабја вересија,
Ако станит скапо ќе ти платит,
Ак’ не станит, алал да му чиниш.“
Проговори Умер калакчија:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Чуму му е сабја наточена,
Лел’ је болен јунак Болен Дојчин?“
Проговара млада Ангелина:
„Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
Проговори Умер калакчија:
„Ајти тебе млада Ангелино!
Ангелино, сестро Дојчинова,
Ак’ ми даваш твојте црни очи,
Црни очи, морски пијавици,
Да ти острам сабја Дојчинова.“
Расплака се лична Ангелина,
Се поврати назад плачеејќи,
Плачеејќи, назад пиштеејќи;
Од далеку Ангелина викат:
„Ајти тебе брате Болен Дојчин!
Не ми острит Умер калакчија,
Не ми острит сабја вересија,
Тук ми сакат мојве црни очи.“
Проговори брат је Болен Дојчин;
„Остај сабја, сестро Ангелино,
Остај сабја на бела постела,
И влези ми темни конушници,
Да изваиш моја брза коња,
Три години коња незобано,
Не глеано коња, ни чешано,
Ни па арно вода напоено,
Да ја водиш Митре Поморанче,
Налбатина, моја побратима,
Да ти коит коња вересија;
Ако станам скапо ќе му платам,
Ќе му платам жолтици дукати,
Ак’ не станам алал да ми чинит.“
Па ми стана млада Ангелина,
И ми влезе темни конушници,
Ми изваи нег’ва брза коња,
Ја однесе Митре Поморанче,
Да ми коит коња вересија:
„Так ти Бога Митре Поморанче,
Ме допуштил брат ми Болен Дојчин,
Болен лежит за девет години,
Веќе му се коски раскостиле,
Веќе му се меса раскапале;
Коса му е долу до појаса,
Брада му е до црната земја,
Лели си му верна побратима,
Да му коеш нег’ва брза коња,
Да му коеш коња вересија,
Ако станит скапо ќе ти платит,
Ак’ не станит алал да му чиниш.“
Проговори Митре Поморанче:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Чуму ти е коња Дојчинова,
Лел’ је болен јунак Болен Дојчин?“
Проговара млада Ангелина:
„Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
И је велит Митре Поморанче:
„Ајти тебе млада Анелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Ако даваш твое бело лице,
Твое лице како јасно сонце,
Твојте веѓи, морски пијавици,
Твојте очи како црно грозје,
Да ти ковам коња Дојчинова,
Да ти ковам коња вересија.“
Па ми викна млада Ангелина,
Викна, писна, на глас да ми плачит,
Раце кршит од бели колена,
Солзи ронит по бели образи,
Од образи, шарени пазуви,
Од пазуви, шарени скутои,
Од скутои, по земја сурова.
Си поведе коња Дојчинова,
Љуто к’лнит млада Ангелина: -
„Бог те убил Митре Поморјанче!
Заш не тргна сабја да м’ загубиш,
Туку мене ти ме посрамоти!“
Па си тргна дома си отиде,
И му кажвит брату си Дојчину:
„Ајти тебе брате болен Дојчин!
Што ми стори голема срамота,
Со твојата верна побратима,
Што јадефте, брате, што пиефте,
Што одефте в гори на лоење;
Кога реков за твојата коња,
Да ја коит, брате, вересија,
Што ми рече Митре Поморанче,
Ако даиш твое бело лице,
Ќе ти коам коња вересија.“
И се фрли јунак Болен Дојчин,
И се фрли на нога јуначка:
„Ајти тебе сестро Ангелино!
Страф да немаш, сестро, страм да немаш!
Ја отиди Плетикоса Павле,
Берберина, моја побратима,
Ево имат за девет години,
Каде лежам болно на постела;
Веќе ми се коски раскостиле,
Веќе ми се меса раскапале;
Коса ми е долу до појаса,
Брада ми е до црната земја,
Да ми стрижит коса вересија,
Да ми стрижит, брада да ми бричит.“
Па ми стана млада Ангелина,
Ми отиди Плетикоса Павле:
„Ајти тебе Плетикоса Павле:
Ме допуштил брат ми Болен Дојчин,
Болен лежит до девет години;
Веќе му се коски раскостиле,
Веќе му се меса раскапале;
Коса му е долу до појаса,
Брада му е до црната земја,
Лели си му верна побратима,
Да му стрижиш коса вересија,
Да му стрижеш, брада да му бричиш,
Ако станит скапо ќе ти платит,
Ак’ не станит алал да му чиниш.“
Проговори Плетикоса Павле:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Чуму му је коса острижена,
Чуму му је брада обричена,
Лел’ је болен јунак Болен Дојчин?“
Проговара млада Ангелина:
„Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Ми удрила белана чадара;
И ми собра старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
Тогаш велит Плетикоса Павле:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино сестро Дојчинова,
Ал ми даваш твоја тонка става;
Става имаш како морска трска;
Да ти стрижам коса Дојчинова,
Да ти стрижам, па и да ти бричам.“
Се поврна млада Ангелина,
Си отиде во рамно дворои:
„Ајти тебе брате Болен Дојчин!
Не си имал верни побратими,
Туку биле Турци неверници!
Ми посака тонката ми става.“
„Ајти тебе сестро Ангелино!
Убило ’и мојте побратими,
Убило ’и јадење пиење!
Ево имат за девет години,
Каде лежам болно на постела;
Веќе ми се коски раскостиле,
Веќе ми се меса раскапале;
Коса ми е долу до појаса,
Брада ми е до црната земја,
Ја отвори шарена ковчега,
Па извади триста лакти платно,
Триста лакти платно бамбакерно,
Да изврзеш рани од анџари,
Да престегнеш моја половина,
Да собереш коски раскостени,
Па подај ми моја боздогана,
Боздогана, моја вита сабја,
Доведи ми моја брза коња.“
Извади му млада Ангелина
Триста лакти платно бамбакерно,
Изврза му рани од анџари
Престегна му коски раскостени,
Рипна Дојчин на нога јуначка,
Си опаса сабја ’рѓосана,
Па ми вјана коња некована,
Си ја грабна тешка боздогана,
Право одит под града Солуна,
Право одит на бела чадара,
Право одит црна Арапина,
Пиштит, викат колку глас го држит:
„Ја излези црна Арапино!
Ја излези гламјо опалена!
Ја излези да се обидеме!
Та да видиш јунак од јунака!“
Си излезе црна Арапина,
Туку врескат како некој аждер:
„Чекај Дојчин, жолта восочино!
Чекај моја тешка боздогана,
Малу тежит, седумдесет ока.“
Арап фрли тешка боздогана,
Ја пречека Дојчин во десница.
„Чекај, чекај црна Арапино,
Црн Арапин, гламјо опалена,
Чекај моја тешка боздогана,
Малу тежит тристотини ока.“
Фрли Дојчин тешка боздогана,
Го погоди меѓу двете очи,
Се откина глава Арапова.
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Глаа кладе на коња пред себе,
И ми тргна во града Солуна.
Врвит Дојчин по среде Солуна,
Што го виде се’ ми се зачуди –
„Што ќе биде ова чудно чудо,
Овој јунак, како суво дрво,
Лице имат, како восок жолто,
Што ми стори голема умера!
Јунак било, јунак ќе да бидит!
Не му требат цркви манастири,
Да и’ праит, добро да им чинит!“
Ми помина по среде чаршија,
Право појде Умер калакчија:
„Ајти тебе Умер калакчија!
Сум те имал верна побратима,
Ти ја пратив сестра Ангелина
Да наточиш моја вита сабја,
Да наточиш сабја вересија,
Ако станам скапо да ти платам,
Ак’ не станам алал да ми чиниш.
Ајти тебе Умер калчкија,
Не си било верна побратима,
Не наточи моја вита сабја,
Не наточи сабја вересија,
Тук посака сестрините очи.
Ајти тебе Умер калчкија,
Сум станало скапо да ти платам,
Да ти платам твоја вересија“
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Па ми тргна сабја дипленица,
Му ја зеде неговата глава.
И појде при Митре Поморанче:
„Ајти тебе Митре Поморанче,
Поморанче, верна побратима,
Што те имав кај мои црни очи,
Ти ја пратив сестра Ангелина
Да ми коеш моја брза коња,
Да ми коеш коња вересија,
Ако станам скапо да ти платам,
Ак’ не станам алал да ми чиниш.
Ајти тебе Митре Поморанче,
Не си било верна побратима,
Не окое моја брза коња,
Не окое коња вересија,
Тук посака сестриното лице.
Ајти тебе Митре Поморанче,
Што је ова голема срамота,
Што ми стори на мојата сестра!
Ајти тебе Митре Поморанче,
Сум станало скапо да ти платам,
Да ти платам твоја вересија“
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Па ми тргна сабја дипленица,
Му ја зеде и негоа глава.
И појде при Плетикоса Павле:
„Ајти тебе Плетикоса Павле,
Сум те имал верна побратима,
Ти ја пратив сестра Ангелина
Да острижеш коса до појаса,
Да обричеш брада вересија,
Ако станам скапо да ти платам,
Ак’ не станам алал да ми чиниш.
Ајти тебе Плетикоса Павле,
Не си било верна побратима,
Не остриже коса до појаса,
Не обриче брада вересија,
Тук посака сестрината става.
Ајти тебе Плетикоса Павле,
Сум станало скапо да ти платам,
Да ти платам твоја вересија“
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Па ми тргна сабја дипленица,
Му ја зеде и негоа глава.
Вјана Дојчин коња некована,
Отплатило таин на Арапа,
Отплатило верни побратими,
Отплатило скапа вересија,
Дома одит, од далеку викат:
„Ангелино, моја мила сестро,
Отвори ми наши вити порти,
Постели ми шарена одаја,
И барај ми свешти и ламбади,
Доведи ми попој законици,
Што сакаше, сестро, се’ ти свршив,
Ќе се делит душа од снагава.
Да не жалиш, сестро, да не плачиш,
Тук да земеш свирци, дабоани,
Та да сториш голема донамба.“
И ми стана сестра Ангелина,
Ми отвори нивни вити порти,
Уплашена, мошне устрашена;
Кога виде глава од Арапа,
Го прегрна млада Ангелина,
Го однесе в шарена одаја,
Колку легна на мека постела,
Дури сестра свешта му запали,
Даде душа брат је Болен Дојчин.
Се собраје старци и попои,
Ми кладое свирци дабоани
Што ми бие три дни и три ноќи.

Ајдутските народни песни ја опеваат борбата на храбрите ајдути за ослободување на својот народ. Тие често се повлекуваат во шумите, откажувајќи се на тој начин од својот приватен живот и посветувајќи и се на татковината. Ликовите на ајдутите се пореални, не се хиперболизирани како на претходните јунаци. Во нив најчесто е претставен јунакот кој се жени со татковината (всушност го дава својот живот за неа. Меѓу најпознатите вакви песни се: Болен ми лежи Миле Поп Орданов и Слушам кај шумат шумите.

Болен ми лежи Миле Поп Орданов

Болен ми лежи Миле Поп Орданов х2
над глава му стои стара му мајка,
жално го жали, милно го плачи.

Стани ми, стани, мое мило чедо, х2
твојте другари по сокаци одат,
жални песни пеат, тебе те споминат.

Бог да го прости Миле Поп Орданов, х2
Миле Поп Орданов за Народ загина,
за народ загина, за Македонија.

Неговите сестри во црно облечени, х2
свадба ќе прават, брата ќе женат,
брата ќе женат за Македонија.

Неговата мајка во црно облечена, х2
свадба ќе прави, сина ќе жени,
сина ќе жени за Македонија.


Слушам кај шумат шумите

Слушам кај шумат шумите,буките 2х
Слушам кај шумат буките 2х
плачат за војводата,капиданот.

Другари верни другари Македонци
кога низ село врвите,врвите
кога низ село врвите -----
со коњи да не тропате,не тропате. 2х

Со коњи да не тропате,тропате 2х
со коњи да не тропате -----
со пушки да не фрлате,не фрлате. 2х

Да не ве чуе мајка ми старата 2х
да не ве чуе мајка ми ----
ќе ве праша за мене аман за мене. 2х

Каде е син ми Костадин,Костадин 2х
каде е син ми Костадин ----
Костадин војводата капиданот. 2х

Син ти се мајко ожени,ожени 2х
син ти се мајко ожени -----
за една Македонка робинка. 2х

Централен лик во овие песни е Гоце Делчев за кого нашиот народен пејач испеал многу песни.

Најнови епски песни се партизанските од времето на Втората светска војна.

Традицијата во творењето во стилот на народното творештво трае до денес. Но новите народни песни многу се разликуваат од овие. Тие се пред се авторски (од познат автор) и не претрпуваат измени, ниту поправки со текот на времето.

10/11/09

Џовани Бокачо




Џовани Бокачо
(1313-1375)

Бокачо е еден од најзначајните претставници на предренесансата (хуманизмот).
Тој самиот велел дека е роден во Париз (што е можеби плод на предренесансната фантазија), но најверојатно е роден во Черталд како вонбрачно дете на трговецот Бокачино ди Келино. Детството го поминал во Фиренца, а младоста во Неапол каде се школувал и каде започнал да се занимава со литература. По желба на татко му прво се приготвувал за трговец, а потоа учел канонско право, но за тоа не покажувал интерес. Тој се заинтересирал за античките писатели, како и за Данте. Во Неапол го започнал своето творештво, односно романот „Филоколо“ со љубовно-авантуристичка тема.
1340 година се вратил во Фиренца каде зел активно учество во политичкиот живот. Десетина години подоцна се сретнал со Петрарка и станале пријатели. Заедничкиот интерес за античкото творештво ги зближувал. Бокачо го знаел и старогрчкиот јазик, па така ја проучувал и таа литература. Од тие проучувања произлегло делото „За генеалогијата на боговите“ напишано на латински јазик. Во периодот од 1352 до 1354 година Бокачо го напишал своето најпозната дело „Декамерон“ (десет дена) на италијански јазик, со што Бокачо станува основоположник на италијанската уметничка проза. Тој всушност ја усовршил новелата како литературен род.
Во последните години од животот му се посветил на Данте, пишувајќи ја неговата биографија (која не ја довршил) и толкувајќи ја „Божествената комедија“ (на јавни предавања).
Умрел во Черталд 1375 година.

Декамерон

Декамерон“ претставува заокружена збирка раскази кое авторот го постигнал со воведниот дел, односно „Уводната новела“. (Всушност, единствена здодевна е токму воведната новела ) каде Бокачо го прикажува својот концепт на збирката. Имено, за време на големата чума во Фиренца, група млади луѓе (7 жени и 3 мажи) се засолнуваат во една куќа (се повлекуваат во карантин) и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена, сите десетмина, секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема (10 X 10 = 100). Затоа збирката содржи 100 новели. Според темите тие се поделени на:
1 ден - нема одредена тема - кралица е Пампинеа
2 ден - неприлика со среќен крај - кралица е Филомена
3 ден - за двомислени луѓе - кралица е Немфиле
4 ден - за несреќната љубов - крал е Филострат
5 ден - за среќната љубов - кралица е Фијамета
6 ден - за оние кои биле итри и досетнно се спасиле - кралица е Елиза
7 ден - за жените кои го изневериле мажот - крал е Дионес
8 ден - исмејувањата на мажите од жените и обратно - кралица е Лаурета
9 ден - слободна тема - кралица е Емелија
10 ден - за правилните постапки - крал е Помфил
Во „Декамерон“ се прикажани многу настани, ликови и случки. Освен според деновите, како што ја направил поделбата самиот Бокачо, новелите може да ги поделиме во неколку групи.

Во првата група може да ги ставиме кусите новели со остромни изреки. Такви се, на пример, новелите: „Итрината на Кикибио“, „Форезе и Џото“, „Франческа и огледалото“ и др.
Во „Итрината на Кикибио“, слугата Кикибио итро се снаоѓа кога неговиот господар ја бара ногата од жеравот што бил приготвен за вечера, а кој претходно го изела жената на Кикибио. За да ја докаже својата невиност, утредента Кикибио и неговиот господар отишле да ги видат живите жерави и да се убедат дали имаат една или две нозе. И навистина, додека спиеле жеравите стоеле на една нога, и Кикибио го имал својот доказ. Но, тогаш, неговиот господар извикал „хо, хо“ и ги разбудил и растерал жеравите кои ја испружиле и другата нога. Збунетиот, и фатен во „небрано“ Кикибио, веднаш се снашол и рекол дека господарот синоќа не викнал „хо, хо“!, па затоа жеравот од трпезата не ја покажал својата друга нога.

Во втората група се новелите каде се прикажани големите добродетелства, како на пример во новелите: „Маркизот од Салуцо“, „Приказна за соколот“ и др.
Во новелата „Маркизот од Салуцо“, издржливоста, покорноста и достоинството на сиромашната селанка Гризелда која ја зема за жена маркизот од Салуцо не може да се спореди со карактеристиките на ниедна благородничка. Неговото изживување и искушување ја превршува секоја мерка (и ги одзема децата, кои божем ги убива; по многу години ја брка од куќата велејќи и дека ќе се жени за друга), но таа достоинствено истрпува сè. На крајот таа ја добива наградата - љубовта и почитувањето од својот маж и од сите луѓе.
Во „Приказната за соколот“ , исто така, љубовта и достоинството го креваат главниот лик до совршенство. Неговата жртва за љубовта доведува на крајот до остварување на таа љубов, токму поради неговите добродетелства.

Во третата група спаѓаат љубовно-еротските новели како: „Босилокот на Изабета“, „Славејчето“ и други.
Љубовта што ја чувствувала и ја остварила Изабета е многу овоземна. Таа го сака и остварува физичка љубов со слугата Лоренцо, но, за жал, таа завршува трагично, поради моралните норми кои ги поставиле општеството и нејзините браќа. Како и да е, таа останува верна на единствената љубов во нејзиниот живот, без разлика што бил од друг сталеж.
Исто така, Катарина и Ричардо од новелата „Славејчето“ ја остваруваат својата љубов. Многу суптилно еротски Бокачо прави компарација со „славејчето“ и еротската љубов што ја чувствуваат двајцата млади.
Рушењето на бариерите во однос на класата на која и припаѓале е многу присутна во новелите на Бокачо. Селаните можат да бидат со благороден карактер и поради тоа да бидат еднакви со богатите. Таа граница која во средновековието била непробојна, кај Бокачо веќе се руши. Според него, човекот е човек, без разлика на кој сталеж му припаѓа.

Во четвртата група спаѓаат новелите во кои Бокачо ги критикува ниските човекови нагони, а особено ги разобличува свештениците. Ја опишува нивната алчност, нечесност, злоупотребата на религиозноста и суеверието на неукиот народ за своја полза. Таков е, на пример, фра Чиполо кому Бокачо му ја разоткрива лажната светост и лицемерието. (Сличен пример ќе видиме подоцна кај Молиер и „Тартиф“). Бокачо им се потсмева на свештениците кои едно зборуваат, а друго прават, кои проповедаат воздржаност од физичка љубов, а самите се развратни.

Иако „Декамерон“ има забавен карактер, сепак, во него Бокачо реално го претставил италијанското предренесансно општество во 14. век.