12/27/09

Молиер - „Тартиф“

Жан Батист Поклен - Молиер
(1622-1673)


Молиер е претставник на францускиот класицизам. Потекнува од богато и угледно семејство. Татко му бил кралски декоратер и му овозможил да ја наследи неговата работа. Студирал право кое не го интересирало, ниту пак го привлекувала пеофесијата на татко му. Со својата пријателка Мадлен Бежар и нејзините браќа го основале „Славниот театар“ кога го зел псевдонимот Молиер. Поради финансиски проблеми, театарот пропаднал, а самиот Молиер стасал дури и во затвор. Но страста кон театарот веќе била разгорена кај него, па со неговата трупа ја обиколувал внатрешноста на Франција. Кога се вратил во Париз ја добил поддршката на братот на кралот и оттогаш се здобива со слава и успех. Затоа во своите драми тој вметнува зборови со кои го велича кралот, како знак на благодарност.
Напишал 33 комедии во стихови, од кои најпознати се: „Тартиф“, „Дон Жуан“, „Мизантроп“, „Вообразениот болен“, „Скржавец“ и др.


Тартиф

„Тартиф“ е комедија со елементи на фарса, комедија на карактери и комедија на нарави.
Темата е конфликтот во едно богато и угледно семејство поради прифаќањето и величањето на свештеникот Тартиф од страна на Оргон, главата на семејството.
Идејата е да се разобличи и искритикува религиозното лицемерство.
Комедијата е составена од пет чина и е напишана во стихови.
Повод да ја напише оваа комедија било француското свештенство кое било остро против неговиот театар, неговата личност како режисер, писател и артист. Тие биле против ширењето на слободните мисли, се мешале во државните работи и во интимниот живот. Затоа Молиер во „Тартиф“ ја разобличува лицемерноста, измамата, лагата и лажната набожност како главни сопирачки на правилниот развиток на човештвото.

Содржина

Во комедијата е претставен судирот меѓу вистината и лагата низ лицемерието на Тартиф кого дел од ликовите го идеализираат - госпоѓата Пернел и нејзиниот син Оргон, а останатите го гледаат онаков каков што е - лицемерен лажго.
Иако Тартиф не се појавува до третиот чин, тој е во центарот на вниманието и е причина за недоразбирањата во семејството. Во првите два чина од другите ликови дознаваме за особините на Тартиф и за поделеноста на семејството. Се додека тој не се појавува, не сме сигурни кој е во право.
Ликови: Госпоѓа Пернел (мајка на Оргон), Оргон (главата на семејството), Елмира (втора жена на Оргон), синот Дамис и ќерката Маријана (од првата жена на Оргон), Дорина (слугинка и придружничка на Маријана), Клеант (брат на Елмира).

1 чин

Госпоѓата Пернел се подготвува да ја напушти куќата бидејќи се чувствува навредена во сопствениот дом. Таа не им дозволува на останатите да дојдат до збор и постојано го фали Тартиф, а нив ги осудува и навредува.
На сите им забележува по нешто:
Елмира - да не се преправа со задоцнета љубезност, дека таа само фрла пари за облеки што за неа е доказ дека не го сака доволно својот маж;
Дорина - дека иако е само слугинка многу зборува и без нејзиното мислење ништо не може да помине;
внукот Дамис - го нарекува глупак;
внуката Маријана - дека личи на јагне, но дека тивкиот вир ја плаши (скришно прави недозволени работи);
Клеант го цени и фали, но не го прифаќа неговиот начин на живот.
По ова претставување на ликовите од гледиштето на госпоѓата Пернел, следува конфликтот за Тартиф. Таа - против сите останати. Таа го претставува како човек за фалба и пример, човек - вистински побожен кој сака сите да ги поведе по божјиот пат. Мислењето на останатите е дека: дошол бос и гол, бедник кој го крева носот и на сите им заповеда што да прават во нивниот сопствен дом, секаде го пика носот, па дури не ги прима гостите кои до тогаш биле чести и добредојдени.
Разговорот продолжува за Оргон кој е претставен како уште позаслепен од неговата мајка. Го примил Тартиф како негов брат, го цени повеќе од мајка си, жена си и децата. На трпезата му го дал почесното место и за него го издвојува најубавото јадење. Се што ќе каже Тартиф, за него е свето и слепо му верува.
Во следната сцена е претставена љубовта на Маријана кон Валер, но и љубовта на Дамис кон сестрата на Валер.
На крајот од овој чин доаѓа Оргон и настанува комична сцена во која се гледа неговата заслепеност и вљубеност во Тартиф. Му кажуваат дека на Елмира и било лошо, а тој само за Тартиф прашува, и иако бил целосно услужен, со храна, пијалок, мирен сон, Оргон цело време ги повторува зборовите: „Ах, кутриот човек!“. Се разбира, за жена си не ни прашува.

А кога на крајот од овој чин станува збор за свадбата на Маријана и Валер, Оргон почнува без причина и објаснување да ја одложува.

2 чин

Во вториот чин Молиер ја вметнува приказната за љубовта на двајцата млади, Маријана и Валер, оддалечувајќи се малку од главната тема, но во функција на осветлување на главниот проблем. Прво за таа љубов се спречкуваат Маријана и татко и Оргон, бидејќи тој ја убедува дека треба да се омажи со Тартиф. Но, Дорина се вмешува:

ДОРИНА

Се фали тој само. Се чудам јас често
набожноста како заедничко место
со лагата има? Бара божји спас,
а бара и живот полн со земна сласт;
проповеда скромност, а високо лета
и в срце му бујна амбиција цвета.

Исто така, Дорина ја убедува Маријана да се бори за својата љубов.
Кога се појавува Валер, повторно настанува конфликт, но сега меѓу вљубените. Конфликтот брзо се разрешува, повторно со помош на Дорина. Нивното моментално инаетење и пркосење (Маријана му вели дека ќе се омажи за Тартиф) е надминато поради чистата љубов што ја чувствуваат.

3 чин

Во третиот чин се појавува Тартиф кој ги оправдува особините кои му ги припишуваат Оргон и неговата мајка. Тој и замерува на Дорина што носи деколтиран фустан и на тој начин го предизвикува мажите. Но, таа остроумно му одвраќа:

ДОРИНА

И вие сте склон кон соблазност, значи?
И вас грешна мисла за жена Ве мачи?

Тартифовата лицемерност уште повеќе се гледа во сцената со Елмира во која тој отворено и се додворува, а таа ја прифаќа неговата љубов, но под услов да не ја спречи венчавката на Маријана и Валер. Дамис бил сведок на оваа сцена и сакајќи да го разобличи и отстрани Тартиф од куќата, на сите им кажува што се случило. Но, Оргон е толку заслепен од Тартиф што воопшто не поверувал, па дури оди до таму што го брка сина си од сопствениот дом и бара Маријана веднаш да се омажи за Тартиф.

4 чин

Во овој чин е прикажано целосното разобличување на Тартиф и тоа во сцена која е наместена и е идентична како претходната во која Тартиф и се додворува на Елмира. Сцената е сама по себе комична, затоа што Оргон, за да биде директен сведок, е скриен под масата. Ваквото прислушување е типично за фарсата. Дијалогот што се води ги открива вистинските особини на Тартиф:

ТАРТИФ

Слушајте го само тоа што го зборам,
оставете сам јас да страдам и горам,
дозволете сега јас Вас да Ве имам —
а за гревот лесно... Сиот јас го примам.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Лесно можам да го излечам тој страв —

со целосна тајност што ја гарантирам:
невидено зло — не е зло, Елмира!
Ни следува суд за она што е знајно,
а грев не е она што се врши тајно!

Во овие зборови јасно се гледа дека Тартиф не верува во Бога (кој е сеприсутен и пред него не може да се скрие ништо), дека е обичен развратник, лажго, измамник, користољубив и лицемерен.
Сознанието на оваа вистина е казната на Оргон, но не само тоа туку и финансиската последица од заслепеноста. Тој целиот имот му го препишал на Тартиф.

5 чин

Клеант (братот на Елмира) во овој чин ги искажува класицистичките погледи: дека човекот треба да го следи разумот, да не им потпаѓа на чувствата и страсите. Го осудува Оргон за неговото неразумно и непромислено однесување.
Во куќата доаѓа Тартиф со полицајците барајќи го имотот за кој има документи. Но, се случува ненадеен пресврт, полицаецот, наместо Оргон го апси Тартиф, бидејќи се дознало дека тој е познат измамник кој се криел зад разни имиња и законот го прогонувал. Тука Молиер искористува прилика преку зборовите на полицаецот да го пофали кралот и неговата мудрост и праведност. Но, сепак за величањето да не биде пренаметнато, тој ја завршува драмата со среќата на двајцата вљубени, Маријана и Валер, за кои објавува дека ќе стапат во брак.



Ликови

Во ликот на Тартиф Молиер создал типичен лик на лицемер. Тој е измамник скриен зад свештеничката наметка, кој на многу перфиден начин ги искористува слабостите на другите луѓе. Својата подлост многу добро ја маскира. Тој секоја лага и злодело ги прикрива со вишите цели, односно со црквата и Господ. Кога Оргон го брка сина си од дома, тој тоа дело го смета за полезно за црквата, кога му го дава имотот - го прифаќа од страв да не падне во лоши раце. Но, за да го задржи имотот, оди и го шпионира кај власта дека Оргон има тајни документи. Од богомолец тој лесно се престорува во шпион. Сепак, најнегативните особини на Тартиф се гледаат при заведувањето на Елмира - развратен, сладострастен, ненаситен, дволичен, алчен, неверник, омаловажувач на вербата во Бога, па и на самиот Бог. Неговите страсти ги става пред се.
Преку ликот на Тартиф, Молиер насликал типичен лик на неговата епоха, кој подоцна станува синоним на лицемерство и лажна набожност.


Оргон е богат, лековерен набожник. Неговата заслепеност се граничи со глупост. Тој не е во состојба да го препознае лицемерното пријателство и потпаѓа под влијанието на Тартиф. Тој оди до таму во својата наивност што е подготвен за некој новодојденец да се откаже од сопственото семејство. Го дава имотот, го брка синот, ја дава ќерка си на Тартиф - до каде ли треба да оди неговата глупавост и наивност? Тој мора да слушне со свои уши и да види со свои очи дека е измамен, бидејќи не им верува на своите блиски, туку му верува на лажливиот туѓинец.


Госпоѓата Пернел е слична на својот син. Тие двајцата се на истата страна - го заштитуваат лицемерот толку слепо и фанатички и затоа се носители на смешното во драмата. Таа е религиозно заслепена, против земните уживања и смета дека сите што не мислат како неа - грешат. Па, дури е навредена од туѓото поинакво мислење и затоа демонстративно ја напушта куќата.


Останатите ликови се спротивни на Оргон и мајка му. Тие се позитивни ликови, кои со здрав разум успеале да се ослободат од религиозното чувство и да ги согледаат вистинските намери на Тартиф.
Елмира е добра сопруга, мајка и снаа, која сака да помогне во разобличувањето на Тартиф. Таа сака да ја одбрани својата чест и да го разубеди заслепениот сопруг, па затоа божем го заведува Тартиф.
Дамис е чесен и искрен и се обидува отворено да му каже на татка си дека е заведен.
Дорина е посебно изграден лик преку кој се претставени широките народни маси и нивните позитивни особини: доброта, умност, трезвеност, здрав разум и критички став. Таа е многу интелигентна и веднаш ги сфаќа намерите на Тартиф. Иако е слугинка, таа јасно, преку лесен хумор ги изнесува своите ставови. Целосно му е предадена на семејството и секогаш е тука за да помогне да се разрешат конфликтите. Особено ја поддржува Маријана, којa е премногу мирна и покорна, и и помага да му се спротистави на татко и и да се избори за својата љубов.

Тартиф (прв чин)

Лица:

КЛЕАНТ, шура на Оргон
ГОСПОЃА ПЕРНЕЛ, мајка на Оргон
ОРГОН, сопруг на Елмира
ЕЛМИРА, жена на Оргон
ДАМИС, син на Оргон
МАРИЈАНА, ќерка на Оргон и љубповница на Валер
ВАЛЕР, љубовник на Маријана
ТАРТИФ, лицемерен побожник
ДОРИНА, придружничка на Маријана
ГОСПОДИН ЛОЈАЛ, судски пристав
ПОЛИЦАЕЦ
ФЛИПОТ, слугинка на г-ѓа Пернел

Дејството се одигрува во Париз


Чин први
Сцена 1.

Г. Пернел, Елмира, Маријана, Клеант, Дорина, Дамис и Флипот

Г. ПЕРНЕЛ

Побрзајте, Флипот! Тука да нè нема!

ЕЛМИРА

Итате, зар овде лошо ви се спрема?

Г. ПЕРНЕЛ

Оставете, снао! Веке сè е јасно.
Љубезности нејќам - штом е за нив касно!

ЕЛМИРА

За вас почит имам, не на уста само,
не знам зошто нас нè напуштате, мамо?

Г. ПЕРНЕЛ

Да, не седам овде веќе ниту час;
за вас ништо не сум... Што дочекав јас!
Навредена домот го напуштам сега,
на советот мој ми враќаат со шега.
Овде сите з н а а т, зборуваат в хор,
на што личи ова? На жабешки збор!

ДОРИНА

Но...

Г. ПЕРНЕЛ

Драга, ти си овде сал слугинка, знај,
но устава твоја полна е со лај.
Без мислење твое - нигде ниту педа!

ДАМИС

Но...

Г. ПЕРНЕЛ

Ти си глупак, тоа најлесно се гледа.
Го велам ова јас - ваша родна баба.
Јас вашиот татко го чував колку може,
но патот ви е лош, тој има волја слаба,
и сега срам и потсмев ве чека, о боже!

МАРИЈАНА

Мислам дека...

Г. ПЕРНЕЛ

Внуко, навидум сте јагне,
но тивкиот вир нè плаши сите нас;
во потајност мрачна работите нешта
што ги мразам јас...

ЕЛМИРА

Мамо...

Г. ПЕРНЕЛ

Снао, тоа малку вам ви годи -
но вашиот живот во беспаќе води!
Место убав пример од вас да се види,
ко што беше случај со нивната мајка,
вие само пари фрлате без сметка
за облеки нови, божем царска тетка!
Жена која сака мажот да ја љуби,
за контење такво малку време губи!

КЛЕАНТ

Ве молам...

Г. ПЕРНЕЛ

Знам. Брат сте. Ве боли. Но вас
ве ценам и фалам јас во секој час.
Но, ако бев Оргон, нејзиниот маж -
ни миг не ќе бевте вие в домот наш.
Вие сте со такви животни максими
што чесниот човек тешко да ве прими.
Простете за ова, знам дека ви тежи,
но јазикот збори што в срце ми лежи.

ДАМИС

Во вашиот Тартиф сета чест е збрана...

Г. ПЕРНЕЛ

Да, тоа е човек за фалба и пример,
но в срцево жива се отвара рана
кога вакви глупци го клеветат него...

ДАМИС

Зар да трпам како непоканет гостин
дома ред ни крои, Е, нека ми прости...
Да не зуцне никој - ни песна, ни смев -
Ако нему тоа не му е по ќеф!

ДОРИНА

Ако е за почит тоа тој што вели -
постапките наши се најстрашни дела.
Тој секаде својот остер нос го пика...

Г. ПЕРНЕЛ

За мене е право само тој што вика.
По божјиот пат тој сака да нè води -
треба вам на сите тоа да ви годи.

ДАМИС

Не, бабо! Ни татко, ни божјиот глас
нема да не склонат да го ценам јас
Погледите мои нема да ги газам
сè негово што е - безгранично мразам.
Предвидувам: скоро со простакот тпј
ќе се фатам остро в решавачки бој!

ДОРИНА

Навистина, каков ни наметна срам -
еден странец тука да ни суди нам!
Тој бедник што дојде необлечен, бос,
в домот наш си дига сурла место нос,
и дотаму стигна - што му лежи в душа -
заповеда, крои - за сè да се слуша!

Г. ПЕРНЕЛ

Не, господи брани! Сè би било лесно
ако ние него го слушавме чесно.

ДОРИНА

За вас тој е светец, но помнете вие:
Во ликот на Тартиф безбожник се крие.

Г. ПЕРНЕЛ

Каков јазик!

ДОРИНА

Јас за Тартиф, и за Лоран лош,
верувајте сите - не би дала грош!

Г. ПЕРНЕЛ

За Лорана не знам, но Тартиф е човек
и од него нигде поправеден нема.
Го мразите вие зашто тој ве кори,
вистината за вас в очи ви ја збори.
Единствено гревот наш срце му пара,
и пак за нас прошка од небото бара...

ДОРИНА

Да, но зошто толку го опфаќа бес
ако некој гостин ни дојде со чест?
Зар посета чена на Господ му пречи?
Мислам дека треба ова да се рече:
(Покажува на Елмира)
Љубомори тој за госпоѓа Елмира.

Г. ПЕРНЕЛ

Молчи! Таа уста ќе треба да пости!
Зарем само тој ги кори тие гости
Та луѓето што ни доаѓаат тука,
со колите везден ни креваат бука,
лакеите вреват, ко на пазар зборат,
и затоа знајте, соседите корат.
Не верувам тука страшно да се раѓа,
но за сето тоа сомневање паѓа.

КЛЕАНТ

Зар може на светот да запреме усти!
Животите наши би станале пусти
од гостите да се откажеме ние -
сал заради тоа што клевета врие.
И колку да сака човек да се труди
кај клукари пак тој клевети ќе буди;
затоа сал презир кон таквите дури
може да те брани од клевети штури.
Ние да сме чесни, најважно е драга,
клеветата тогаш нема ништо снага...

ДОРИНА

Сосетката Дафна, нејзиниот маж -
први се што душкаат во животот наш
Секој оној што е за потсмевка печен -
за другите прв е најлошо да рече.
Да, први се тие што дебнат да зграбат
и најситен знак за каква врска слаба
и новости разни за луѓето сеат,
за другите луѓе за ништо се смеат,
постапките туѓи што вешто ги бојат -
за да би ја скриле нечесноста своја;
и спремни се врз друг да истурат гром -
само да им свети в сјај нивниот дом.
За другите штедро плетат лоши мрежи -
да го симнат така срамот што им тежи.

Г. ПЕРНЕЛ

Сите тие мисли не ви вредат многу.
Животот на Оронт беспрекорно строг е.
За небото таа ќе загине, знам,
но ги мрази тие што ви идат вам.

ДОРИНА

Да, одличен пример! И пречесна дама,
и живее скромно во божјата штама.
Но староста така ја тера да прави
и строгата нарав во немоќ ја става.
Ама кога била млада како дрен -
што младичи кршни умирала в плен.
Но, времето врви. На сè има крај -
па затоа мрази и среќа и сјај,
и немоќта бедна на свената страст
под мудрост ја крие со притаен глас.
На лесните жени патот им е ист -
штом бегаат од нив ко од свенат лист,
и при тоа бегство - така им се чини -
в прикриена итрост животот им мине.
И строги се тие жени в таа доба,
сал прилика демнат да вовлечат нос,
за другите судат со отров и злоба,
не зарад милост, - видот им е прост,-
но нејќат да трпат друг да биде среќен
штом среќата нив ги одминала веќе...

Г. ПЕРНЕЛ

Знам, прикаски такви ви пристојат вам.
Кај нас, снао, зборот ни е земен нам,
зашто друг да води - госпоѓата пречи.
Но моето сега јас ќе ви го речам:
Син ми овде стори едно мудро дело
кога Тартиф дома го засолна смело;
тој на време иде, од господ е пратен -
сите вас од патот грешен да ве врати.
Ако ли се слуша неговиот глас -
сите вас ве чека разум чист и спас.
Тие шумни гозби, забави и смев
ѓаволот ги создал за потсмев и грев.
Не ќе слушнеш на нив некој мудар збор,
само глуми лажни и клевети в хор;
итрината плете пајажини рој -
од најближен другар до соседот свој.
На умниот тука главата му бучи
кога слуша како развратник го учи
и илјади сплетки се плетат за час,
се дрдори шумно со подмамлив глас.
Од стариот лекар наскоро бев чула
дека сè е тоа вавилонска кула,
каде што се плампа без обѕир и крај...
(Покажувајќи на Клеант)
Господинот, еве, се потсмева, да!
За вашиот потсмев најдете си луди!
Што без збогум одам - нека не ве чуди.
Ќе молкнам. Јас реков само еден дел
и наскоро не ќе ве посетам вас!
(И удира шлаканица на Флипот)
Напред! Сте зинале сите посред денот бел,
но наскоро ќе ве попритегнам јас.
Ај, врвете напред!


СЦЕНА ВТОРА

Клеант, Дорина

КЛЕАНТ

Да тргам, се бојам
да не почне повтор со кавгата своја...

ДОРИНА

Навистина штета што не може она
да ве чуе како зборувате вие;
нависоко лета, не верува во нас,
мисли честа сета во неа се крие.

КЛЕАНТ

Се нафрла врз нас - без око да трепне,
од љубовта силна кон Тартиф е слепа.

ДОРИНА

Спрема синот нејзин - тоа ништо не е;
за него би рекле - ветер сув го вее.
Мудар пример тој во бунтовите даде
и застана смело покрај својот владар.
Ама сега сосем умот му се смати -
за Тартиф ко пијан за плотот се фати;
го има за брат и повеќе го цени
од својата мајка, син и верна жена.
Го направи веќе исповедник свој
и советник в сешто му постана тој.
А колку го чува! - Не знам некој така
ни својата драга силно да ја сака...
На трпеза челно му остана место
и со радост гледа како лаком е често,
а Тартиф го дига - „Бог среќа да даде!“
За него е свето Тартиф што ќе рече,
со прстот да мрдне - мисли: ден се буди!
штом почне да збори - мисли медот тече,
од ден на ден Тартиф за носот го влече.
Го пијани везден со божјата слава,
а во џебот негов почна прст да става.
И слугата негов - равен токму врви
сè на ум нè учи: в црква да сме први!
Лекции ни чита - во очите злоба,
секој како момок треба да му служи -
и на секој од нас совет да му пружи!
Пред извесно време најде крпче бело
во „Животот светчев“. Го издрпа цело
тврдејќи ни дека злосторство се прави
кога в света книга ѓаволско се стави...


СЦЕНА ТРЕТА

Елмира, Маријана, Дамис, Клеант, Дорина

ЕЛМИРА

Не го чувте сега, о! - блазе ви вам,
оној говор што ни го одржа нам.
Мажа си го видов - ама брзо пројде,
ќе го чекам горе. Скоро ќе си дојде.

КЛЕАНТ

И јас ќе го чекам. Нема да се бавам,
повеќе од поздрав - нема што да правам.

ДАМИС

За бракот на Маријана спомнете вешто,
зашто гледам Тартиф се противи нешто
и затоа татко го одлага само.
Јас верувам: Тартиф и тука го мами.
Сестра ми и Валер се сакаат силно,
а сестра му - мене ме привлече милно
и знаете...

ДОРИНА

Еве го!


СЦЕНА ЧЕТВРТА

Оргон, Клеант и Дорина

ОРГОН

О, шура! Добар ден!

КЛЕАНТ

Среќен сум што така изгледате среќен
но полјата нешто како да се слаби?

ОРГОН

Дорина... о, шура, стрпете се час
од грижите срце да омекнам јас.
Најнапред да прашам за новости нови:
Поминавте добро? Кој што од вас прави?
Добри ли сте дома? Сите ли сте здрави?

ДОРИНА

А, завчера цел ден госпоѓата мила
ја тресеше треска со огнена сила.

ОРГОН

А Тартиф?

ДОРИНА

Што Тартиф? Се чувствува славно,
руменее везден, прошетува бавно.

ОРГОН

Ах, кутриот човек!

ДОРИНА

За вечера она
не можеше в уста ни залак да стави,
толку многу силно ја болеше глава...

ОРГОН

А Тартиф?

ДОРИНА

Си вечера слатко:
две пилиња в сос и половина бут
сам изеде... Верно, вложи доста труд!

ОРГОН

Ах, кутриот човек!

ДОРИНА

И вечерта цела
ни око да склопи... Гори в треска врела
и тонеше в потои - ту врели, ту студени -
надвиснати саноќ бевме ние будни!

ОРГОН

А Тартиф?

ДОРИНА

Да, Тартиф! Штом вчера слатко -
на трпеза уште си подремна кратко,
потоа се шмугна во постела право
и спиеше саноќ ко детенце здраво...

ОРГОН

Ах, кутриот човек!

ДОРИНА

Ние сите бевме на мислење едно:
крв да пушти. Таа - се согласи веднаш.

ОРГОН

А Тартиф?

ДОРИНА

Да, Тартиф! Тој постапи машки -
се наголта вино - десетина чашки
за надомест точен крвта што ја даде
госпоѓата ваша, па седна да јаде!

ОРГОН

Ах, кутриот човек!

ДОРИНА

Сега сè во ред е,
ете - веднаш одам нејзе да и јавам
дека пресреќен сте таа што е здрава!


СЦЕНА ПЕТТА

Оргон, Клеант

КЛЕАНТ

Ве исмева таа пред носот, мој зету,
без грев да ви родам, да ви кажам сметам:
Те сакал ил нејќел - но вистина сушта
и овакво чудо не станало уште!
Та може ли? Маж сте, а тој ве мами,
дур и домот роден в заборав да чами?
и овакво чудо не станало уште!
Го спасивте вие од беда и срам
и стигнавте дури...

ОРГОН

Не шура, ви кажувам вам
не знаете кого навредивте в час.

КЛЕАНТ

Да, вистина, не го ни познавам јас,
ама да се знае за човекот дали...

ОРГОН

Оној што го знае - нема што да жали
и занесот негов се разлева в шир.
Да, човек е Тартиф, каков што го нема,
си го следи патот со спокој и мир
и го смета светот за времен и тема.
Јас повтор се раѓам штом него го слушам,
од порок ја чисти тој мојата душа.
И жена ми, брат ми да умрат, ил синот -
ко ништо да било, скоро ќе ми мине
толку што ја спаси тој мојта душа!

КЛЕАНТ

За чувственост таква нигде не сум слушал!

ОРГОН

Да го гледа некој со моите очи -
и тој би го сакал до умор без почин.
По црквата везден тој доаѓа смерно,
на колена паѓа и се моли верно
и сите кон него свртуваат очи:
се моли тој страсно со љубов и почит.
Кон земјата ладна ведне бледен лик,
ја бакнува страсно неа секој миг,
а кога си тргне, ме чека со жар
и светена вода разделува дар.
Нам слугата негов ни кажа на сите
Иако в тешка беда ги живеел дните,
го дарував тогаш - тој со чест и жар
одбиваше смерно и милост и дар:
„О, многу е тоа! Да, тројно е пак,
не заслужив од вас ниту поглед благ!“
Кога гледам после - дарот што зеде
на просјаци веднаш го раздели редум.
На господов знак го прибрав веднаш дома
и потече тогаш кај нас живот скромен.
Тој бдее над чест, и божја и своја,
се грижи ко ангел за жената моја,
ми кажува кој маж ја погледнал в страст
и ревнува појќе од двајцата нас.
А како се суди, да го чуете вие,
во прашинка мала - мисли грев се крие
и дотаму стигна, пред некое време,
му натежна вели, грев ко тешко бреме
зашто в црква убил една болва пак.

КЛЕАНТ

Полудевте, доста! О, мој зету драг!
Или вие мене ме сметате луд?
Кој прикаски такви би сакал да слуша?

ОРГОН

Да, вашиот говор ми личи на блуд,
во неверства ските и вашата душа.
Зар досега еднаш сум ви рекол јас -
што маки ве чекаат вас.

КЛЕАНТ

Така мислат такви со вашиот ум
и сакаат човек слеп да е, ко нив.
Ако имаш очи - те сметаат крив,
и ако не врвиш по нивниот друм -
те сметаат веднаш за паганин див.
Мислете ме таков, нејќам ни да знам,
но што в душа имам - знае господ сам.
На вашите лаги не станувам роб,
набожните личат, да тоа е важно,
на јунакот што се прикажува лажно:
Не стануваш јунак со зборови смели -
зборот не е ништо, треба храбри дела.
Ни верник ти не си - со молитви врели,
треба да си искрен и со душа бела.
Но дали е можно да различиш лесно
лицемер од верник што живее чесно?
Можете ли за нив да зборите едно,
да не гледаш што е лице, а што маска,
што е стварност жива, што вештина бедна?
Зар мешате изглед со суштина гола,
и човек со сенки да е едно исто?
Ил лажно злато се цени ко чисто?
Кај луѓето денес искреноста гине:
меслат тесни меѓи разумот ни дал -
па секој се стреми брзо да ги мине,
најсветото нешто го фрламе в кал
од преголем размав, преголема страст.
Помнете го ова што го реков јас.

ОРГОН

Благодарност каква да искажам в час?
Сомневање нема, филозоф сте вие
и целата мудрост, да - во вас се крие!
Вам рамен ви нема, Катон в наше време,
а во нас пак само простота дреме...

КЛЕАНТ

Ко научник не сум прочуен во светот,
ни во мене зету, науката цвета.
Но, со умот скромен и срцето мое
разликувам лага и вистина што е.
И ко што го ценам човекот со вера
повеќе од човек со јуначки дела,
поодвратно нема на земјава цела
од тие што в подло лицемерство тонат.
Од таквите редум побожници лажни
со погана душа и прикриен лик -
што без закон сето го гнасат и рушат -
сето што е чисто в човечките души;
тие што се фалат и зборат без срам
за она што ни е најсветото.
Да, сакаат кај нас доверба да купат
за секаков занес и мигови глупи.
Сите тие луѓе со невиден жар
по пат божји врват за свој сопствен ќар,
милост божја просат тие секој ден,
а живеат в дворци - на порокот плен.
Набожноста нивна со порокот се дружи,
и срчни и зли се - лукавство ги служи,
штом подгонат човек со јарост на волк -
одмаздата своја ја викаат долг!
И во гневот злобен го дигаат, ете -
оружјето што е најмоќно на светот:
со освета ниска, со подмолна реч
убиваат жртви со божјиот меч.
Безброј такви лажци наддаваат вик,
но свесниот човек ги познава в миг.
Но, има и луѓе за пример што служат
луѓе кои само со доброто дружат.
Таков е Аристан, потем Периандер,
Оронт, Алсидамас, Полидор, Клитандер!
Секој свесен човек денес нив ги цени,
кај нема лага ни зборови празни.
И скромни се, полни со чувственост трајна
и верата им е - и силна и сјајна,
над туѓите дела не судат секи час -
го сметаат тоа за најлоша страст.
За други на други им препуштаат суд -
а учат и корат со села и труд,
до нивното срце злото нема пат,
а нивните души се ко рајски кат.
Интригите гнасни - да ним им се туѓи,
за доброто мислат на другите луѓе.
Врз грешникот не се нафрлаат лудо,
само гревот тие го мразат и судат.
Кај нив нема жалба да развие цвет
посвети да бидат и од господ свет.
Само такви луѓе да се ценат вреди
и нивниот пример треба да се следи.
Љубимецот наш е од инаков ков.
Тоа што е светец во очите ваши -
измама е само сите што нè плаши.

ОРГОН

Господине шура, дал рековте сè?

КЛЕАНТ

Да!

ОРГОН
(Сака да си замине)

Слуга сум ваш.

КЛЕАНТ

Уште збор ве молам.
Пред извесно време беша ваша воља
господинот Валер да ви биде зет.

ОРГОН

Да!

КЛЕАНТ

Закажавте свадба како што е ред?

ОРГОН

ДА!

КЛЕАНТ

Свадбата зошто се одлага сега?

ОРГОН

Не знам.

КЛЕАНТ

Може умот на друго ви бега

ОРГОН

Не знам.

КЛЕАНТ

Зарем нема да држите збор?

ОРГОН

Не го реков тоа.

КЛЕАНТ

Без пречки, сал дете
одлуката си ја изменува, зету!

ОРГОН

Па?...

КЛЕАНТ

Зошто на целта не кинисам јас,
ме испрати Валер да ве прашам вас...

ОРГОН

Фала богу...

КЛЕАНТ

Каков одвет да му дам?

ОРГОН

Што ви е по волја...

КЛЕАНТ

Но треба да знам
за вашата цел

ОРГОН

Да, мислам да сторам
како бог ќе рече.

КЛЕАНТ

Отворено зборам,
ветеното дали го цените вие?

ОРГОН

Збогум!

КЛЕАНТ

На Валера овде лошо му се спрема
да му кажам веднаш, дури има време.

12/21/09

Барок и класицизам

БАРОК


Барокот е стил во европската уметност кој се појавува кон крајот на VII век и траел до половината на XVIII век. Се појавил во Италија, а најмногу е застапен во архитектурата, сликарството и вајарството. Како што кажува и самиот збор (barocco - претерано накитен, неприроден), градбите во овој период се богато украсени со сликарски и вајарски дела, внатрешноста со соодветно направен мебел, со гобленски ткаенини и задолжителни големи огледала со раскошни рамки.
И во литературата се чувствува влијанието на пренакитеноста со богатство, поточно пренатрупаност на версификациски форми - стилски изразни средства, игри на зборови итн. Претставници на барокот се: Лопе де Вега, Луис де Гонгора, Педро Калдерон; како и Малерб, Корнеј кои започнале како барокни писатели за да станат истакнати класицистички писатели.



КЛАСИЦИЗАМ


Класицизмот се појавува во втората половина на XVII век, во Франција. Името на правецот произлегува од латинскиот збор classicus - кој се однесува на граѓаните од прв ред во античките времиња. Никола Боало е теоретичар на класицизмот кој и ја дал конечната форма:
1. Инспирација (вдахновение) - е основен предуслов за уметничко создавање, кое секако мора да биде поткрепено со знаење;
2. Разум - принцип на свесно и критично одбирање;
3. Култ кон антиката - античкото творештво да биде пример и поттик за создавање;
4. Совршенство на формата - да се придржуваат кон определени принципи на литературните родови и видови;
5. Се заложувале за возвишен говор, јасност и хармоничност на стилот;
6. Создавање творби за различни категории луѓе што придонело да ги поделат литературните видови и стилови во три групи: виши, средни и нижи.

Виши: ода, химна, епопеја и трагедија - творби во кои ќе се слика дворскиот живот, а главни јунаци ќе бидат кралевите, принцовите и благородниците.
Средни: елегија, идила, сатира, епиграм - творби кои ќе бидат наменети за средниот сталеж.
Нижи: комедијата - која ќе го отсликува секојдневниот живот на обичните луѓе. Да се пишуваат на едноставен, низок стил, со поголема слобода. Целта им била да ги насмее луѓето.
Класицистите биле против мешањето на стиловите, мешањето на трагичното и комичното.

Вежби за повторување (именски зборови)

1. Состави најмалку пет збора со додавање афикси на коренот ШЕТА.

_________________________________________________________________________________
2 поена
2. Подели ги следните зборови на морфеми: течност; разгледница; размислува

_________________________________________________________________________________
2 поена
3. Определи ги видовите морфеми од кои се составени зборовите:

приредбата; капак
________________________________________________________________________________
________________________________________________________________________________
2 поена
4. Определи го родот на следните именки:
мускули ________________
песок ________________ 2 поена

5. Направи морфолошка анализа на именките (вид, род, број, определеност)
есента __________________________________________________________
дете ______________________________________________________________
2 поена
6. Образувај ги сите три вида множина кај именките

бисер __________________________________________________________
планина ________________________________________________________
2 поена
7. Меѓу следните зборови откриј ги и подвлечи ги придавките:

додава, дарба, надарен, подарок, подарува, подареното, даруван
1 поен
8. Степенувај ја придавката СЛАБ

____________________________________________________________________
1 поен
9. Напиши ги со зборови броевите:
352 ____________________________________________________________
34 896 __________________________________________________________
2 поена
10. Членувај ги броевите:
четиристотини ______________________________________________________
деветмина ________________________________________________________
седум ___________________________________________________________
2 поена

11. Напиши ги формите на личните заменки за директен предмет:

еднина множина

1л.
2л.
3л.
2 поена

12. Каде се наоѓа предметот ако ја употербиме показната заменка ОВОЈ?

_____________________________________________________________
1 поен
13. Подвлечи ги лично-предметните заменки:

негово, мое, кое, свое, себе, чие, сечие, што, тоа, никое, нејзино,
2 поена

14. Од следниот текст издвој ги во колони: именките, придавките, заменките и броевите:

Тогаш првпат помислив дека сум вљубен. Нејзината насмевка ми го освои срцето. Моите двајца другари ми се потсмеваа и зезаа. Ќе го издржам ли овој тежок товар? Ќе почекам уште два-три дена и ќе одлучам - таа или тие.

именки:
придавки:
заменки:
броеви:

10 поени
вкупно поени: 33

(од 0 до11 - недоволен 1)
(од 12 до 16 - доволен 2)
(од 17 до 21 - добар 3)
(од 22 - 27 - мн. добар 4)
( од 28 до 33 - одличен 5)

12/16/09

Заменки

Заменките се зборови кои укажуваат на лица или предмети или директно ги посочуваат.
Заменките се ограничена група на зборови, но се од големо значење во системот на јазикот. (Во текстот ќе бидат наведени сите заменки.)
Разликуваме три вида заменки: лични, лично-предметни и показни.


А. Лични заменки

1. Лични заменки кои го изразуваат односот кон говорната ситуација:

еднина
1.л. јас
2.л. ти
3.л. тој, таа, тоа

множина
1.л. ние
2.л.вие
3.л. тие

1л. - лицето што зборува (јас, ние);
2л. - лицето кому му се зборува (ти, вие);
3л. - лице кое се споменува во говорот, а не мора да биде присутно (тој, таа, тоа, тие).

2. Лични заменки за означување предмет и дативен предмет (за лица кон кои е насочено дејството).

а) Лични заменки за директен предмет:

еднина
1 л. мене; ме
2 л. тебе; те
3 л. него; го; неа; ја

множина
1.л. нас; нè
2.л. вас; ве
3.л. нив; ги


Овие заменки имаат долги и кратки форми, а претставуваат остатоци од старите акузативни форми. Овие форми на личните заменки ги употребуваме за искажување на директен предмет.

б) Лични заменки за дативен предмет:

еднина
1 л. мене; ми
2 л. тебе; ти
3 л. нему; му; нејзе; и (над и има надреден знак кој се пишува од лево кон десно)


множина
1.л. нам; ни
2.л. вам; ви
3.л. ним; им


И овие заменки имаат долги и кратки форми, а се остатоци од старите дативни форми. Нив ги употребуваме за искажување на индиректен предмет.

На пр.: Јас читам книга. (лична заменка за подмет)
Таа мене ме виде во киното. (лична заменка за предмет)
Тој мене ми рече да дојдам. (лична заменка за дативен предмет)

в) Лично-повратна заменка

себе; се
себе; си




Б. Лично - предметни заменки

1. кој, која, кое; кои - се однесува на лица и има прашално или релативно значење.
Оваа заменка има форми и за предмет: кого; и за дативен предмет: кому.
Од неа може да се изведат и формите: некој, секој, никој, со неодредено значење и кои најчесто се употребуваат атрибутски.

2. што - се однесува на предмети и има прашално и релативно значење. Таа не е променлива.
Изведени форми: нешто, сешто, ништо.

3. чиј, чија, чие; чии - има присвојно значење.

* Овие заменки често добиваат значење на релативни сврзници.
На пр.: Дојде човекот што го видовме вчера.


В. Показни заменки

1. овој, оваа, ова; овие - служат за посочување блиски предмети;
2. оној, онаа, она; оние - за посочување пооддалечени предмети;
3. тој, таа, тоа; тие - за посочување на предмети без просторно определување.

* Од овие заменки во нашиот јазик е образуван членот.
На пр.: Дај ми ја оваа книга (книгава); онаа книга (книгана); таа книга (книгата).

Вежби

1. Кои од следните зборови се заменки?
мене, мој, ме, ми, ова, нејзин, наш, оној, ти, твој, те.

2. Дополни ги заменките во празните места:
а)Јас _____ги видов во град.
б)_____ и реков да ме почека.
в)Мене ____ поканија на роденден.
г)Вчера _____ ја удри кола.
д)_____ве викнаа кај директорот.
ѓ)Вам ____ ја сменија училницата.
е)_____ти донесоа нов валосипед.
ж)_____ќе донесе креда?
ѕ)_____ми ставија единица.

3. Дополни ги празните места:
Едно девојче _____ рекло на мајка ____ дека сака за роденден да ___ купат велосипед. Таа сакала велосипед__ да биде црвен и со помошни тркалца. Татко __ и мајка __ сакале да ___ ____ исполнат желбата, но не знаеле од каде да најдат пари. Тогаш татко __ се сетил дека брат __ ___ должи три илјади денари и дека тие пари ќе бидат доволни.

12/13/09

Броеви

Со броевите се означува количеството на предметите, било да е тоа точно избројано или само приближно определено.
Броевите стојат до именките, па затоа понекогаш од нив ја преземаат членската морфема, но кај нив нема род и број (освен кај броевите еден и два).
Разликуваме два вида бројност: одредена и приближна.


А. Одредена бројност

1. Меѓу броевите што ја изразуваат одредената бројност со своите форми се издвојуваат еден и два по тоа што имаат форми за род.

еден (м.р) една (ж.р.) едно (ср.р)
два (м.р.) две (ж.р.) две (ср.р.)


Бројот еден, освен бројното развил и друго значење, односно се јавува во улога на заменка.
На пр.: Некој човек - еден човек.
Со вакво значење тој образувал и множина.
На пр.: Едни луѓе.

Прости зборови се броевите од еден до десет и бројот сто.
Броевите: нула, илјада, милион, милијарда, билион и сл. се прости зборови, и иако означуваат бројност (количество) тие се однесуваат како именки.

2. Од простите зборови по пат на придодавање и срастување се добиени сите други броеви - сложените броеви.

а) Десетиците - се добиени со просто прилепување на соодветната единица и бројот десет, но во некои случаи гласот д се изгубил:
дваесет, триесет, четириесет, педесет, шеесет, седумдесет, осумдесет, деведесет.

б) Стотките се различни состави со изведенки од сто:
двесте, триста, четиристотини, петстотини, шестотини, седумстотини, осумстотини, деветстотини.

в) Кон десетиците се придодаваат единечните броеви на два начина:
- од 10 - 19 се сврзуваат со предлогот на:
единаесет, дванаесет, тринаесет, четиринаесет, петнаесет, шеснаесет, седумнаесет, осумнаесет, деветнаесет.
- од 20 нагоре се сврзуваат со и:
дваесет и еден, дваесет и два, педесет и четири, деведесет и девет;
Вакво сврзување имаме и кај броевите од сто нагоре:
сто и еден, двесте седумдесет и пет, осумстотини и два.

3. Зад броевите што завршуваат со еден, именката стои во еднина.
На пр.: сто дваесет и една клупа; илјада и еден човек.

4. Ако именката пред која стои бројот се мисли како определена, тогаш членската морфема ја прима бројот.
На пр.: Врати ми ги стоте денари.
Членот директно се додава на бројот и имаме удвојување на т: петте, деветте, десетте; освен во: шесте.
Стотките се членуваат различно: стоте, двестето (двестете), тристата, четиристотините, петстотините, шестотините, итн.


Б. Одредена бројност за лица

За означување број на лица од машки род се употребуваат специјални бројни форми изведени од простите броеви: двајца, тројца, четворица, петмина, шестмина, седуммина, осуммина, деветмина;
Овие броеви се членуваат: двајцата, тројцата, четворицата, петтемина, шестемина, седумтемина, осумтемина, деветтемина.


В. Приближна бројност

1. Приближната бројност обично се искажува така што ќе се сврзат и ќе
се изговорат со еден акцент два соседни броја.
На пр.: три-четири, пет-шест.

а) Кај броевите поголеми од 10 во првиот дел оди најчесто само соодветната единица.
На пр.: два-тринаесет, три-четириесет.
Но, кај некои броеви е необично ваквото сврзување, па затоа се изговараат поединечно.
На пр.: единаесет-дванаесет, четириесет-педесет.

2. Од броевите над десет и од бројот сто се образуваат форми за приближна бројност со наставката: -ина.
На пр.: десетина, дваесетина, стотина.

* Правописно обрнете внимание на бројот 6 и броевите изведени од него:
6 - шест (членувано: шесте); 16 - шеснаесет (чл. шеснаесетте); 60 - шеесет (чл. шеесетте); 600 - шестотини (чл. шестотините); за лица 6 - шестмина (чл. шестемина).

Вежби

1. Напиши ги со зборови следниве цифри: 666, 1285, 53 721, 452 880.
2. Кои од следните зборови се броеви?
еден, еднаш, единица, едно, една, единаесет, единаесетмина, прв, првпат, два, две, двајца, двојка, два-три, дванаесет, дваесетина, двасетмина, втора.

12/8/09

Степенување, образување и функцијата на придавките

Степенување на придавките

Карактеристично за квалитативните придавки е тоа што образуваат форми на компарација. Со нив се изразува степенот на дадениот квалитет кога се споредуваат два или повеќе предмети.
Разликуваме:

1. Позитив - основната форма на придавката (добар).
На пр.: Тој е добар ученик.
2. Компаратив - форма за споредување на два предмета.
Се образува со префиксот: по-, кој се пишува слеано со придавката (подобар).
На пр.: Тој е подобар ученик од Горан.
3. Суперлатив - форма за споредување на еден со повеќе предмети.
Се образува со префиксот: нај-, кој се пишува слеано со придавката (најдобар).
На пр.: Тој е најдобар ученик во класот.


Образување на придавките

Дел од придавките се образуваат од други зборови (особено односните) со суфикси.

1. Образување од именки обично се прави со суфиксите:
- ов/ -ев (јаболков);
- ски/ -шки/ -чки (свински, морски, тиквешки, човечки);
- ен (дрвен, златен, устен);
- ест (пердувест);
- ин (теткин);
- ји (птичји, кравји)
- ав (крастав)
2. Од глаголите се образуваат придавки со следните суфикси:
- ен (плетен, шиен);
- ачки/ -ечки (исцрпувачки, стоечки, пливачки);
- лив (предвидлив, миризлив);
- телен (растителен).
3. Од други придавки:
- кав (дебелкав, жолетникав);
- ичок/ - ечок (слабичок, малечок);
- узлав (белузлав).
4. Од прилози:
- ен/ -шен (долен, овдешен).
5. Од бројни основи:
- ен (двоен, троен)
- ти (петти);
- ичен (првичен, вторичен).


Функцијата на придавката во реченицата

Придавката во реченицата е секогаш поврзана со именката.
На пр.:
1. Добра книга.
2. Книгата е добра.
Во првиот пример врската е непосредна (веднаш пред именката) и тогаш придавката има улога на атрибут.
Во вториот пример врската е посредна (стои со помошниот глагол сум - е) и тогаш е дел од прирокот (именски прирок).


Вежби
1. Направи морфолошка анализа на следните придавки (да се определи видот, родот, бројот, членот, степенувањето):
најубав, умствената, десеттото, нејзини.
2. Образувај придавки од следните зборови: сестра, Стојан, Македонец, Охрид, есен, орел, овца, коза, црква, училиште, липа, крв.
а) Дали може да се образуваат споредбени степени од овие придавки? Зошто?
3. Од следните зборови издвој ги придавките и именките: моли, молба, молење, молител, замоли, замолен, молејќи, дом, дома, домаќин, домашен, задомена, домување, домува.

Придавки (видови и граматички категории)

Придавките означуваат некој признак (карактеристика) на предметот што го определуваат.
Основна служба на придавката е да ја определува именката (придавање кон именката).

Видови придавки

1. Квалитативните придавки означуваат својство што се открива во предметот како таков, без поврзување со некој друг предмет.
На пр.: добар, убав, мирен (коњ)

2. Односните (релативни) придавки означуваат својства што упатуваат на некој друг предмет.
На пр.: манастирски (се однесува, упатува на манастир) коњ.

3. Бројните придавки го означуваат односот на предметите по ред.
На пр.: прв, втор (коњ)

4. Заменските придавки се изведени од заменки и многу наликуваат на нив.

Разликуваме:
а) Присвојни заменски придавки

мој, моја, мое; мои; наш. наша, наше; наши
твој, твоја, твое; твои; ваш, ваша, ваше; ваши
негов, негова, негово; негови;
нејзин, нејзина, нејзино; нејзини. нивни, нивна, нивни; нивни
како и: свој, своја, свое; свои

б) Заменски придавки со показно и квалитативно значење

ваков, ваква, вакво; вакви
таков, таква, такво; такви
каков, каква, какво; какви;
онаков, онаква, онакво; онакви;
секаков, секаква, секакво; секакви;
некаков, некаква, некакво; некакви;
никаков, никаква, никакво; никакви;
толкав, толкава, толкаво; толкави;
колкав, колкава, колкаво; колкави;
олкав, олкава, олкаво; олкави;
онолкав, онолкава, онолкаво; онолкави;
сиот, сета, сето; сите;
сам, сама, само; сами;
ист, иста, исто; исти;
друг, друга, друго; други.


Граматички категории кај придавките

Бидејќи основната служба на придавката е да ја определува именката, таа од неа ги добива и своите граматички обележја.
Придавката ги има истите граматички категории како именката: род, број и определеност.

1. Родот кај придавките може да биде машки, женски и среден и зависи од именката до која стои. Односно, ако именката е од машки род, тогаш придавката ќе се прилагоди и ќе биде во машки род (дрвен стол), ако именката е од женски род и придавката ќе го преземе женскиот род (дрвена маса), а ако е од среден род и придавката ќе биде во среден род (дрвено столче).
Родот кај придавката е променлив во зависност од именката која ја определува.
На пр.: м.р. - добар човек; ж.р. - добра жена; ср.р. - добро дете.

(* Најлесен начин за определување и разликување на придавките од именките е родот. Кај именките тој е непроменлив, а кај придавките се менува.
На пр.: работливост - женски род кој не може да се промени (таа работливост); значи е именка;
работлив - машки род, но можеме да го промениме - работлива - женски род; работливо - среден род; значи е придавка.)

2. Бројот кај придавките исто така зависи од бројот на именката што ја определува. Придавките имаат еднински форми за машки, женски и среден род и една форма за множина.
На пр: добар, добра, добро; добри.

3. Кај граматичката категорија определеност, придавката го презема членот од именката.
Кога имаме определена синтагма (именска група од придавка и именка), го членуваме само првиот збор, односно придавката (не може да се членуваат двата збора, туку само првиот).
На пр.: (добар) човекот - добриот човек.

12/6/09

Образување на именките; Функцијата на именките во реченицата

Образување на именките
Во нашиот јазик имаме многу продуктивни наставки од кои се изведуваат нови именки и на тој начин се збогатува речникот. Се разбира, голем е бројот на основните (неизведените) именки, но тука ќе ги разгледаме именките кои се образувани од други видови зборови.
Именките се образуваат на повеќе начини: без суфикси (жал), со суфикси (жалба), со префикси (натпревар), со префикски и суфикси (изградба) и сложени од два збора (вратоврска).

Именки образувани од глаголи

Именките може да се образуваат од глаголи бессуфиксно:
чекор, збор, настан, помин.
Најчести наставки (суфикси) се:
- ец : борец, ловец, стрелец;
- ик, -ник : галеник, затвореник;
- тел : родител, учител, пријател, писател;
- ње : викање, одење, стоење; (глаголска именка)
- ба : изградба, состојба, молба, приредба;
- ач : купувач, водач, тепач;
- еж : грабеж, палеж, грмеж, метеж;
- а : работа, смеа, врева, игра, покана, мака;

Именки образувани од придавки

На основата од придавката се додаваат следните суфикси:
- ец : старец, убавец, слепец;
- ство : богатство, мајчинство;
- ина : широчина, височина, тежина, светлина;
- ост : милост, старост, гордост;
- отија : самотија, тешкотија, глувотија.

Именки образувани од броеви

И од броевите може да се образуваат именки, и тоа со:
- ица : единица, десетица;
- ка : петка, двојка, тројка, шеска, седумка;
- ина : половина, третина.

Именки образувани од именки

Од една именка со додавање на суфикси може да образуваме други именки:
- ник : патник, љубовник, правник, зелник;
- ар : чевлар, овчар, рибар;
- ка : ѕверка, овошка, ногалка;
- ец, - анец, - анин, -чанец (припадници на народности или населени места): Македонец, скопјанец, битолчанец, римјанин.


Именките во реченицата

Именката врши најразлични служби во реченицата, стапува во различни односи, а тоа не наоѓа свој надворешен израз, односно нема никаква промена на формата на именката, туку тоа се изразува преку нејзиното место во реченицата.

1. Именката е најчесто подмет во реченицата.
На пр.: Детето спие. Човекот работи.

2. Се јавува како составен дел на прирокот - именски прирок.
На пр.: Петре е овчар. Ти си ученик.

3. Се јавува како дополнение:

а) Предмет (дополнение на глаголот).
На пр.: Го видов овчарот.

б) Атрибут (дополнение на именката).
На пр.: сила работа, домаќин човек, ручек време.


Вежби:

1. Образувајте именки од следните зборови: минува, учи, работа, лови, врие, крпи, трча, жали, богат, мил, широк.

2. Каква е службата на именките во следните реченици:
а) Девојчето си игра.
б) Никола е студент.
в) Марија пишува писмо.
г) Телефонот ми заѕвоне за време на часот.

12/1/09

Форми за обраќање кај именките (вокативни форми)

Во сите словенски јазици, освен македонскиот и бугарскиот, за означување на разни односи на зборовите во реченицата се употребуваат падежните форми на именските зборови. Но, во нашиот јазик, падежите се загубиле, а таквите односи се прикажуваат со други средства, најчесто со предлози.
Сепак, остатоци од падежите среќаваме кај некои зборови и во македонскиот јазик.
(На пример, кај именките - вокативот, кај заменките - дативот и акузативот.
На пример, кај заменките, номинативната форма е ЈАС, но за означување на поинакви односи, останале и формите МЕНЕ МЕ (акузатив) и МЕНЕ МИ (датив). Поради тенденцијата за опишување на односите со предлози, многу често неправилно се употребува НА МЕНЕ МИ, бидејќи предлогот НА ја презел функцијата на некогашниот датив.)

Падежната форма за обраќање е вокативот. Од оваа форма имаме остатоци во нашиот јазик најчесто кај именките кои означуваат човечко суштество. На пр.: жено, господине и сл.

1. Кај именките од машки род формата за обраќање се образува со наставките: и . Првата (-у), почесто ја среќаваме кај едносложните, а -е кај повеќесложните зборови, а некои именки ги среќаваме со двете наставки.
На пр.: маж - мажу, вол - волу, коњ - коњу; професор - професоре, господин - господине; овчар - овчаре, овчару, итн.
Личните имиња што завршуваат на самогласка немаат вокативна форма, а оние што завршуваат на согласка се прават со наставката - е (Зоране, Горане, Стојане)

2. Кај именките од женски род формата за обраќање се образува со наставките: и . Наставката -е, почесто се употребува кај повеќесложните именки на -ица или -ка (Милице, директорке); додека другите прават со наставката -о (ќерко, вештерко, сестро).

3. Именките од среден род немаат вакви форми.

Вежби:

1. Определи кои од следните зборови се именки:
функција, основа, чувство, работи, истакнува, среќен, форма, совет.
2. Кај следните именки определи го видот (општи, сопствени, апстрактни, конкретни), родот, бројот и определеноста, како и формата за обраќање:
Станке, образованието, животе, снег, небо, Водно, храброст, вест, песок, жал, сол.
3. Образувајте ги сите три вида множина кај оние именки што може: клас, бисер, ден, рид, даб, пламен, трн, ливада.
4. Направи обична множина од именките:
око, уво, рака, нога, срце, трн, крадец, јунак, врабец, господин, пес;
решо, сако, кино, бифе, жири.
5. Членувајте ги именките со сите три вида член: клуч, ракија, село, Марија.
6. Направи форми за обраќање (вокативни форми) од следните зборови: сват, мајка, татко, стрина, дете, Никола, Бојан, Сара, Бети.

Граматички категории кај именките

Именките во македонскиот јазик имаат три граматички категории: род, број и член (определеност).

Родот на именките

Секоја именка во македонскиот јазик си има свој род: машки, женски или среден. Родот е содржан во именката и тој не може да се промени.

На пр.: човек - машки род; жена - женски род; дете - среден род.

Родот го има само во еднинската форма на именката.
На пр.: клупа (именка од женски род - таа клупа), но: клупи (не може да го определиме родот, па затоа го определуваме според еднинската форма).

* Именките најлесно се определуваат според непроменливоста на родот. На пр.: ако не сме сигурни каков вид е зборот работливост - ќе му го провериме родот. Тој збор е од женски род (таа работливост). Ако се обидеме да го промениме родот - нема да успееме, односно не можеме да го направиме од машки или среден род, како што тоа можеме да го направиме кај придавките (работлив, работлива, работливо).

Бројот на именките

Кај именките разликуваме два броја: еднина и множина.
Со еднина се означува еден предмет (суштество, појава), а со множина - повеќе од именуваните предмети.
Најчесто, именките (општите конкретни и дел од апстрактните) имаат и еднина и множина.
Но, има именки што се јавуваат само во еднинска форма и такви што се јавуваат само во множинска.
Само во еднина ги среќаваме:
- сопствените именки (Михаил, СГГУ„Здравко Цветковски“, Водно),
- збирните именки (народ, мебел)
- материјалните именки (железо, сол, брашно)
- дел од апстрактните именки (небо, ренесанса).
Само во множина ги среќаваме именките:
панталони, очила, гаќи, ножици итн.

А. Видови множина

Во нашиот јазик разликуваме три вида множина: обична, избројана и збирна.
1. Обичната множина означува дека имаме повеќе (множество) од именуваните предмети.
На пр.: маж - мажи; маса - маси; село - села.
2. Избројаната множина се однесува на точно избројани предмети. Пред ваквата множина секогаш стои број или прилог за количество.
На пр.: 2 молива, 5 снопа, 3 листа, неколку часа, итн.
3. Збирна множина - означува колективно единство од повеќе предмети ( ја прават именки од машки род).
На пр.: снопје, лисје, ридје/ридишта, краишта.

Определеност кај именките (член)

Карактеристично за македонскиот јазик е членувањето (определувањето) на именките со наставки.
Кога една општа иманка членуваме значи дека конкретниот предмет сме го издвоиле од мноштвото такви истородни предмети.
На пр.: Читам книга.
Именката „книга“ е нечленувана и неопределена. (Читам некоја книга.)
Но : Ја читам книгата.
Во овој пример членуваната именка „книгата“ означува издвоен, точно определен предмет. Соговорникот точно знае за која книга станува збор.

Именките што не се членувани се неопределени.
За определување се користат следните членски морфеми:
- от, - та, - то, -те;
- ов, - ва, -во, - ве;
- он, - на, - но, - не.
Која од претходните наставки ќе ја употребиме зависи од родот, завршетокот и бројот на именката.
Освен со значење на општо определување, членот го употребуваме и со пространствено значење:
- членот: -от, -та, -то; -те; се користи за означување на предмети кои се блиску до лицето со кое се зборува.
На пр.: Дај ми го моливот. (Моливот е во близина на соговорникот).
- членот: -ов, -ва, -во; -ве; се употребува за предмети кои се блиску до лицето кое зборува.
На пр.: Земи го моливов. (Моливот е во близина на тој што зборува).
- членот: -он, -на, -но; -не; се употребува за предмет оддалечен од двајцата соговорници.
На пр.: Земи го моливон. (Моливот е оддалечен и од двајцата соговорници).