1/24/10

Глаголи (граматички категории)

Глаголите означуваат дејство или состојба и се поврзани со лицето кое го врши дејството.
Глаголот е најсложената структура во македонскиот јазик.

Граматички категории кај глаголите

1. Лице, род и број кај глаголите

а) Под категоријата лице се подразбира учесникот во говорот.
Глаголите се согласуваат со личните заменки и тие имаат форми за трите лица во еднина и множина.
1л. - лицето што зборува;
2л. - лицето на кое му се зборува;
3л. - лицето за кое се зборува.
Лицето кај заменките се изразува со посебна форма (лексички), а кај глаголите со наставка (морфолошки).
Глаголите што имаат промена по лице се викаат лични; оние што не разликуваат лице се викаат нелични (плетење, плетен, плетејќи); а оние што имаат форма само за трето лице, но всушност не го означуваат лицете се викаат безлични (грми, студи, врне)
б) Глаголите имаат број, односно имаат форми за еднина и множина.
в) Глаголите немаат род, освен некои нелични глаголски форми (глаголска придавка - плетен, глаголска л-форма - плетел и глаголска именка - плетење).

2. Глаголски вид

Со глаголите се искажува дејство кое може да трае подолго или да заврши во истиот миг. Во зависност од ова разликуваме свршени и несвршени глаголи:

а) несвршени глаголи - означуваат дејство кое трае, кое се одвива, кое не е завршено.
- трајни - глаголско дејство кое трае без прекинување (не се знае почетниот ни завршниот момент)
На пр.: чита, пее, плива
- повторливи - означуваат неограничена низа од повеќе свршени дејства што се вршат едно по друго.
На пр.: прелистува, превртува, прескокнува

б) свршени глаголи - дејство кое го сфаќаме како целосно завршено. Тоа дејство може да се извршило во:
- еден момент : тропне, чукне, пукне;
а може да означува и:
- почеток на дејство : заигра, појде;
- крај на дејство : прочита, доплива;
- дел од дејство : поседи, поработи.

3. Преодност на глаголите

Категоријата преодност се однесува на тоа дали дејството е тесно врзано со предметот или не.
а) Преодни глаголи - нивното дејство „преоѓа“ на предметот, односно целосно го опфаќа.
На пр.: носи вода; кажува приказна
Овие глаголи не можат да стојат самостојно, без предмет, бидејќи ќе остане отворено прашањето: што носи? што кажува?
б) Непреодни глаголи - дејството не преоѓа на ништо, односно не мора да се поврзуваат со предмет.
На пр.: Птицата лета, тој оди итн.
в) Повратни глаголи - дејството преоѓа врз лицето што ја врши работата, но не секогаш бидејќи тука влегуваат сите глаголи во чиј состав влегува кратката заменска форма од повратната заменка себе се. Кај овие глаголи не значи дека дејството се враќа на вршителот туку повратноста произлегува од повратната заменка која ја содржат.
На пр.: се чешла, се смее, се радува итн.

4. Глаголски начин

Под глаголски начин го подразбираме нашиот однос кон глаголското дејство во реченицата. Разликуваме:
а) Исказен начин - се искажува реален однос.
На пр.: Петре чита книга.
б) Заповеден начин - искажуваме желбен или заповеден однос.
На пр.: Петре, донеси ми ја книгата!
в) Можен начин - искажува можност да се изврши дејството под некој услов.
На пр.: Кога би имал време, Петре би ја прочитал книгата.

5. Глаголски залог

Со залогот се означува односот на граматичкиот подмет кон глаголското дејство.
а) Актив - подмет е лицето што го врши дејството.
На пр.: Петре чита книга. (Петре е подмет во реченицата.)
б) Пасив - подметот не го врши дејството, туку предметот или лицето врз кои се врши дејството станува граматички подмет. Односно, подметот станува предмет, а предметот - подмет.
На пр.: Книгата беше читана од Петре. (Книгата е подмет во реченицата.)

6. Категорија време

Времето го изразува временскиот однос на вршењето на глаголското дејство спрема моментот на зборувањето : сегашност, минатост и идност.
Во македонскиот јазик ги разликуваме следните времиња:
- сегашно;
- минато определено (несвршено и свршено);
- минато неопределено ( несвршено и свршено);
- предминато;
- идно;
- минато-идно;
- идно прекажано време.
Вежби

А.Глаголите најчесто се изведуваат од други зборови.
1. Образувајте глаголи од следните зборови: пат, зима, ноќ, глад, лето, цар, дар, мил; со наставката -УВА
Какви се според видот глаголите што ги образувавте?
2. грев, ред, белег, дел, сол, цена, пазар, жал, весел, лут; со наставката -И.
Б.Често од еден вид глагол се образува друг.
1. Направи НЕСВРШЕНИ од следните свршени глаголи:
седне, погледне, легне, тропне, летне, земе, пушти, фрли, фати, плати, најде, умре, удри, запре, даде
2. Направи СВРШЕНИ од следните несвршени глаголи: тропа, паѓа, лежи, пука, чука, седи, свири; (-со наставката -НЕ)
3. Најчесто свршените глаголи се образуваат со претставките: из-, на-, пре-, до-, за-, при-, од-, со-, над-, об-, про-, раз-, воз-.
Напиши по еден пример за сите претставки (префикси).