3/31/10

Лексички значења на зборовите

Според лексичките значења, зборовите се делат на:

1. Синоними - зборови со различна форма, а приближно исто значење.
На пр. : основа, база, темел, подлога.

2. Хомоними - зборови со иста форма, а различно значење.
На пр.: блок - за цртање, станбен, сојуз, парче од нешто.

3. Антоними - зборови со спротивно значење.
На пр.: ден - ноќ, дебел - слаб.

4. Пароними - зборови слични по изговор или пишување, а различни по значење.
На пр.: метален - ментален.



Вежби

1. За следните зборови напиши синоними:
знаење, глуп, работлив, паметен
2. Во следниот текст пронајди ги зборовите со синонимско значење:
Во одајата беше многу темно. Не можеа да се распознаат малкуте предмети и ветвите алишта обесени на ѕидот. Девојчето лежеше на старата рогозина завиткано во партали. Во собата немаше никој друг. Мракот го плашеше момичето уште повеќе од звуците на волците кои завиваа во гората. Животните во планината ја започнуваа својата потрага по храна.
3. Употреби ги зборовите во реченици каде ќе го покажеш нивното различно значење (најмалку две реченици):
а) скара
б) бара
в) грб
4. Додади ги испуштените зборови (хомоними) во следните реченици:
а) Девојката има витка ____________.
Тој секоја година___________зелка во бурето.
б) ______________ ги уништи посевите.
Скопје е мој роден _______________.
в) Нашиот тим влезе во прва _______________ .
______________ му истече од устата.
5. Напиши ги антонимите на следните зборови:
здрав - __________, добар - ____________,
весел - ____________, жив - _____________,
сака - ___________, крај - ______________,
топло - ____________, бел - ______________.
6. Антоними можат да се направат и со негирање на општиот дел (не-), како и со префиксите: раз-, без-, а-, анти-, со кои се добива спротивно значење. Направи такви антоними кај следните зборови:
човек - ________, пријател - _________, разумен - ___________, граден - _____________, чувствителен - ____________________.
7. Во следните реченици пронајди ги паронимите:
а) Таа им посвети особено внимание на гостите.
Додека не се просвети народот, ќе биде вака.
б) Тој направи добар критички осврт на романот.
Столбовите беа критични точки на зградата што се урна.
в) Во нашата библиотека нема речници.
Учениците не ги сфаќаат зависносложените реченици.
8. Обиди се да пронајдеш пароними на следните зборови:
ненадејно - _______, статус - _________, консонантен - ______, фрактура - _______________, универзален - ________________.