11/2/10

Асиро-вавилонска (сумерска) литература - „Епот за Гилгамеш“ („Тажаленка“)

Пред три илјади години на територијата на денешен Ирак, меѓу реките Тигар и Еуфрат (Месопотамија - врската е за документарец на You-Tube) постоело Асиро - Вавилонско Царство. Таму, главни културни центри биле градовите Вавилон и Урук. Вавилонската кула била величествена архитектонска градба, храм кој достигнувал до „облаците“ за да им се приближи човекот на боговите. (Во „Библијата“ има приказна за градењето на Вавилонската кула).



Усното творештво создавано на сумерски јазик се претпоставува дека било запишано околу 2000 год. п.н.е., а создавано стотици години пред тоа. Записите се пронајдени при крајот на XIX век, во библиотеката на еден храм во градот Нипур. Пронајдени се циклуси песни од кои најинтересни се песните за Гилгамеш. Тие претставуваат еден вид епска поема.

„Гилгамеш“ е јуначко-митолошки еп (епска поема).
Дел од песните имаат историска содржина во кои е опишана војната меѓу градовите Урук и Киш. Војската на Урук ја предводел Гилгамеш, а војската на Киш - Акој. Војната е прикажана многу реалистички. Другите песни имаат митолошки карактер и во нив се претставени многу сумерски богови и божици, како и борби со чудовишта. Еден дел од песните се рефлексивни - исполнети со мисли за животот и смртта, бесмртноста и славата.

Епот за Гилгамеш се состои од 12 плочи, 12 пеења, кои може да ги поделиме на два дела, две тематски целини:
- во првите седум плочи се опишани херојските подвизи на Гилгамеш и неговиот пријател Енкиду;
- во останатите пет плочи е опишан патот и страдањата на Гилгамеш во потрагата по вечниот живот.
Бесмислено е да бараме вечен живот, но нашите дела можат да нè направат бесмртни - тоа е идејата во поемата.


Содржина

Гилгамеш бил крал на Урук и само една третина бил човек, а две третини бог. Човекот Гилгамеш ги тиранизирал жителите на Урук, бил страсник и незаситник. Луѓето им се пожалиле на боговите, па тие создадале суштество наречено Енкиду кое  требало да ја скрши силата на Гилгамеш. Енкиду и Гилгамеш ќе се сретнат, ќе се борат и на крајот ќе се спријателат. Заедно ќе поминат многу подвизи и борби, но изморен и осуден од боговите, Енкиду ќе умре. Осмата плоча е централна во епот и ја опишува тагата на Гилгамеш по неговиот другар.

Тажаленка

Песната почнува со лирско обраќање на Гилгамеш кон мртвиот Енкиду. Го нарекува брат и пријател и ја истакнува неговата бестрашност и сила нарекувајќи го лав, див бик и брз како газела. Се присетува на борбите кои ги минале заедно, на убавите моменти од минатото и не може да се помири со неговата смрт. За да се увери дека е мртов, му го допира срцето кое повеќе не чука. Тогаш Гилгамеш го започнува своето тажење од седум дена корнејќи си ги косите и рикајќи како „лавица“. Тој од себе ја кине облеката и секое утро започнува нова тажаленка. Седмиот ден, го закопува својот пријател и го напушта градот Урук.
Трчајќи низ степата Гилгамеш го сретнува кралскиот ловец на кој му одговара зошто некогаш бил бестрашен и силен, а сега е толку пропаднат, блед и исплашен:

...мојот пријател,
кој со мене сите опасности ги делеше -
него судбината човечка го стаса.
Шест дена и шест ноќи го оплакував,
сè до седмиот ден
незакопан го оставив.
Судбината на пријателот тешко ме погоди.
Затоа преку полето итам
и барам далечина.
Како тагата и болката да ја стишам
како да се утешам?
Пријателот што го сакав
земја стана.
Енкиду пријателот мој
грст земја се претвори.

Тагата и лелекот градира и прераснува во силна вознемиреност и страв од смртта. Песната завршува со прашањето кое го поставува и во следното пеење:

Зар и јас ко он ќе морам да се смирам
и довека да не станам?
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Зар и јас, и јас ко Енкиду ќе умрам?

******************************
По достигнувањето на кулминацијата и соочувањето со смртта, во следните песни е прикажно очајното барање на тревката на вечноста. Гилгамеш ќе мисли дека единствен спас за него е бесмртноста и затоа ќе се труди на секој начин да ја пронајде. На тој пат ќе го одвраќаат, а особено уверлива ќе биде божицата Сабиту:

Каде иташ Гилгамешу?
Животот што го бараш - не ќе го најдеш.
Кога боговите луѓето ги создадоа
за нив смртта ја одредија,
а животот за себе го задржаа.
Затоа јади и пиј, Гилгамешу,
телото полни си го,
денот и ноќта во веселба нека ти минат,
секој ден игра и веселба да ти е,
и празник радостен.
Чиста облека облечи,
измиј се, главата намирисај ја,
телото во свежа вода искапи го!
Со радост децата гледај си ги,
за раце што те држат!
Во твоите прегратки жената нека се радува!
Затоа во Урук врати се, во градот свој
како крал и јунак славен!
(Препев: Михаил Ренџов)

Упорноста, решителноста и истрајноста на Гилгамеш на крајот ќе го одведат кај неговиот прататко Утнапиштим кого ќе го праша како може тој да биде бесмртен, а во ништо не се разликува од него, ниту е повисок, ниту поширок, ни построен. Тогаш Утнапиштим ќе му ја раскаже на Гилгамеш приказната за потопот што е содржина на 11 песна. Во неа е прикажан најстариот опис на потоп што потоа го презеле и преработиле Евреите во Библијата.
Утнапиштим, избран од боговите и даруван со вечен живот е оној кој ќе знае за потопот, оној кој ќе изгради куќа - кораб, оној кој ќе го натовари со своето семејство, со семиња од сите видови, со стока и мали животни, со занаетчии од сите видови. Потопот е опишан катаклизмично, та од него дури и боговите се исплашиле. Откако завршува невремето, Утнапиштим пушта од бродот гулаб кој се вратил зашто немал каде да застане, потоа ластовица која исто така се враќа и на крајот гавран кој повеќе не се вратил. Тогаш тој ги пушта сите од бродот. На тој начин тој ја заслужува својата бесмртност.
По упорноста на Гилгамеш, Утнапиштим решава да му ја открие тајната за чудотворната тревка која дава вечна младост и вечен живот. Откако ја земал, Гилгамеш се упатил во својот град Урук за да им ја подели на сите луѓе. Но, по патот змија ќе му ја изеде тревката. Стигнува пред ѕидините на Урук, разочаран од бесполезниот напор што го вложил во потрага по бесмртноста, но и воодушевен од величествената градба што самиот ја направил. Всушност, тој сфаќа дека бесмртни се само човековите дела, она што човекот ќе го остави зад себе, а во случајов тоа се бедемите на неговиот град.
Дванаесеттата песна е придодадена кон епот и во неа е прикажано смирувањето и смртта на Гилгамеш.

Ликот на Гилгамеш е целосно изграден. Тој е силен и бестрашен, една третина човек, две третини бог, верен пријател и другар, кој ќе се соочи со смртта и ужасно ќе се исплаши од неа. Тој е упорен, стрплив и непоколеблив во својата намера да ја пронајде бесмртноста и несебичен неа да ја подели со сите луѓе. Им се спротивставува на боговите, непокорен е и бунтовен за да ја смени судбината на смртниците.
Епот е напишан во десетерец (иако во препевот тоа не е запазено), а поетскиот јазик е богат со метафори, симболи и епитети. Чести се лирските обраќања во кои на непосреден начин се прикажани чувствата и размислувањата.

Еве неколку корисни врски за Гилгамеш: