11/13/10

Хомер - „Илијада“

Хомер

Биографски податоци за Хомер речиси не постојат. Не се знае каде е роден, не се знае во кое време живеел. Само се претпоставува дека живеел во периодот меѓу XII - VII век пред наша ера. Нему му се припишуваат монументалните епопеи „Илијада“ и „Одисеја“. Кога е создадена „Илијадата“ исто така не се знае, но  античките поети од VII век п.н.е. знаеле за неа и ја споменуваат во своите дела, па така може да се заклучи дека е создадена најдоцна до VIII век пред нашата ера.

 Илијада

            „Илијадата“ е епопеја - најголемо епско дело во стихови.
            Темата во „Илијадата“ е Тројанската војна, поточно последната, десеттата година од војната и уништувањето на градот.
            Според митологијата причината за Тројанската војна е грабнувањето на Елена, жена на Менелај (крал на Спарта) од страна на Парис (син на тројанскиот крал Пријам). Парис ја грабнува Елена како награда од Афродита („Митот за златното јаболко“).
            Војната ја започнале ахајските владетели: Агамемнон (брат на Менелај и крал на Микена); Диомед (крал на Калидон); Одисеј (крал на Итака); Ахил (син на Пелеј, крал на Мирмидонците, славното македонско племе); Нестор (крал на Пил) - за да се осветат за грабнувањето на Елена, но и заради примамливите богатства на Троја, славата и робинките.
            Во одбрана на својот град, од страната на Тројанците се: Хектор (син на Пријам, крал на Троја кој веќе бил стар за војување и брат на Парис); Парис, Антенор, Енеј, Мемнон итн.
            И боговите се вмешани во војната. Зевс е неутрален и според некои митолошки приказни тој ја предизвикал војната зашто сметал дека земјата е пренаселена. Од страната на Ахајците се: Хера, Атина, Хермес, Посејдон, Хефест; а од страната на Тројанците: Аполон, Арес, Афродита и Артемида.
            Градот Троја инаку се викал Илиј, па затоа епопејата се вика „Илијада“.
            Тројанската војна траела 10 години (1193-1184 г.п.н.е.). Во „Илијадата“ се опишани настаните од крајот на војната кои траат 51 ден. Тука не се кажуваат причините за војната, ниту нејзиниот тек, бидејќи се претпоставува дека митот и главните ликови веќе им се познати на читателите.

Ликови

            Ахил е јунакот околу кого се одвиваат настаните во епопејата. Со него започнува „Илијадата“, без него борбите се неуспешни, а со неговото враќање се насетува победата на Ахајците. Ахил е идеал за совршен јунак. Нему не му се важни богатството и пленот од војната, туку честа и општото добро на сите Ахајци.
            Ахил е бестрашен јунак кој е непоколеблив во борба, најубав и најсилен од сите, одважен, непопустлив, гневен и упорен. Тој е верен пријател кој се колне дека ќе одмазди по секоја цена. Одмаздувајќи, го гледаме како бездушен (кога го влече Хекторовото тело со двоколката), но и сочувствителен, великодушен и чесен кога му го дава телото на Пријам.
           
            Хектор е најславниот јунак на Тројанците. Хектор зрачи со својата чесност: како човек, како борец, како сопруг и како бранител на својот град. Заради честа на брат му Парис, заради честа на татко му Пријам, тој го жртвува својот живот. Особено пленува љубовта која ја покажува кон жена си Андромаха и верноста кон неа и семејството. За него тоа е свето, но сепак најсвета за него е родната земја.
            Парис не е како неговиот брат, тој не е толку силен, а ни толку храбар. Тој повеќе сака да ужива покрај убава жена, отколку да си ја одбрани честа или да се жртвува за татковината. Бидејќи причината за војната е тој, односно Елена која си ја зел за себе, тој учествува во борбите и двобоите, но онолку колку што мора.
            Агамемнон е горд и надмен војководец, храбар и силен, но често нерешителен и непостојан во своите одлуки (кога сфаќа дека ќе ја изгуби војната без Ахил, тој го моли за прошка).
            Нестор е постар од другите кралеви и војсководци. Тој е претставен како мудар човек, умерен, кој ја согледува реалната ситуација и застанува на страната на вистината (го прекорува Агамемнон за кавгата со Ахил и му предлага да попушти). За него претераната горделивост и инает се негативности кои човекот мора да ги совлада и надмине.
            Одисеј е храбар и силен јунак, но исто така се одликува и со итрина. Освен што влегува во битките бестрашно и непоколебливо, тој снаодливо влегува во кампот на непријателот за да ги дознае неговите недостатоци. Врв на неговата итрина е смислувањето на тројанскиот коњ.
            Андромаха е добра, чесна и вредна жена, верна сопруга и нежна мајка.
            Елена е прекрасна убавица, вљубена во Парис, но љубовта ја прави несреќна. Не може да поднесе дека таа е причина за толку страдања и смрт, па затоа се кае за сторената грешка што го напуштила својот маж Менелај.
            Терсит е еден од ретките претставници на долните слоеви на народот. Битките ги решавале водачите преку двобои, а не војската. Терсит е слободен војник, кој е опишан како многу грд со што се истакнува неговото ниско потекло (кривоног, куц, со криви рамења, шилеста глава со проретчена коса). Иако бил грд, тој е бистар и прониклив, а на царевите в очи им кажува која е нивната побуда за војување: богатење и плен (девојки).

            Стилски обележја на Илијадата

            Стилот на Хомер е реалистичен при описот на борбите, јавниот живот, семејните односи, домашните занимања, на предметите, животните, полските работи, верските обичаи итн., испреплетен со фантастични елементи од митологијата (боговите). Епското спокојство во раскажувањето како и богатството на стилски фигури ја креваат епопејата на многу високо уметничко ниво. Двојните епитети се одлика на хомеровскиот стил. Секој лик го  красат специфични епитети кои речиси сраснуваат со името. Така, Ахил е брзоногиот, божескиот, боголикиот, прекрасниот, русокосиот, синот Пелејев; Зевс е громобиецот, премудриот, громовникот, облакоберецот; Агамемнон е силниот, јуначкиот, големиот, пресилниот цар и великиот водач; Хера е белолакта, златостолна; Атина- сјајноока; Аполон - сребренолак, далекуметен, Фојб (светол); Арес - човекоморец, мажоморец, градобиец; Афродита - насмешлива (весела); Артемида - стрелометна; Хектор - коњокротец, сјајношлемец итн. Освен за ликовите двојни епитети се употребени и за други појави и предмети: кораби брзопловни; оган живожарен; корабоводци итн.
            Освен со епитети, „Илијадата“ изобилува и со контрасти, компарации, антитези и други стилски фигури, што придонесува да се наслика една реална слика на човековата душа, на човековите карактери и страсти и на амбиентот во кој се движат и живеат тие ликови. „Илијадата“ е одраз на целокупниот живот на едно општество (предробовладетелско) и на еден значаен историски настан (Тројанската војна).

            Извадок од VI песна („Разделбата на Хектор и Андромаха“)

            Ај, кажете ми мене по правина слугинки мои
            кај пошла од дома зар Андромаха белолакта сега?
            Дали до своите золви и јатрви стокмени добро,
            или до храмот Атенин си отишла, кај што и други
            многу краснокоси Тројки ја молат божицата страшна.
            А домаќинката вредна му вратила збор и му рекла:
            „Хекторе кога ме прашаш по правина ќе ти кажам;
            нито до своите золви и јатрви стокмени добро,
            нито до храмот Атенин си отиде, кај што и други
            многу краснокоси Тројки ја молат божицата страшна
            туку до велјата кула на Илион појде, штом дочу
            дека Тројанците гинат од силната Ахајска војска.“

            - Која специфична стилска фигура е употребена во овој извадок?
            - Пронајди ги двојните епитети !
            (- Словенска антитеза - прашање - негација - одговор;
            - белолакта, краснокоси - епитет составен од два збора)