11/14/10

Македонскиот јазик меѓу двете светски војни и за време на НОБ (кодификација)

По Балканските војни Македонија била поделена меѓу соседните држави. Во секој од деловите започнала силна асимилаторска политика што подразбира наметнување на тамошниот јазик.
Во Вардарска Македонија која и припаднала на Србија, официјален бил српскиот јазик; во Пиринска Македонија која и припаднала на Бугарија се наметнал бугарскиот јазик, а во Егејска Македонија – грчкиот, каде политиката била најостра и македонскиот јазик се забранувал за употреба дури и дома, а за непочитување на тоа се применувале строги казнени мерки. Оваа агресивна грчка политика била поставена и пред Друштвото на народите, под чиј притисок грчката влада дозволила да се состави буквар по македонски јазик – Абецедар (1924г.) Тој бил напишан на латиница, на лерински говор и содржел кратки текстови наменети за учење на азбуката. Но, грчките власти никогаш не дозволиле тој практично да се употребува и затоа не стигнал до училиштата. Иако со отпечатувањето на Абецедарот грчките власти сакале само да си ги избегнат непријатностите – сепак, тој е официјално признание дека македонски јазик и македонски народ постоел и постои!
Во Кралството СХС, подоцна Југославија, официјален јазик – на администрацијата, образованието и јавната комуникација бил српскиот, а македонскиот јазик бил сведен на дијалетна форма за домашна употреба. Но, во овој период се појавуваат неколкумина драмски автори кои пишуваат на македонски јазик и со тоа го креваат на едно повисоко ниво – јазик на регионална употреба. Оваа активност започнува 1928 година со драмата „Ленче Кумановче“ („Бегалка“) од Васил Иљоски, напишана на кумановски говор, но многу позначајна е појавата на драмата „Печалбари“ од Антон Панов кој не ја напишал на својот струмички говор, туку на западномакедонско наречје. Со ова, тој ја продолжил (К.П.Мисирков) и одново ја воспоставил практиката за пишување литературни дела на западномакедонско наречје. По него и Ристо Крле ја пишува „Парите се отепувачка“ на струшки, западномакедонски говор.
Особено значајна е појавата на збирката песни „Бели мугри“ од Кочо Рацин со што се зацврстила улогата на централните македонски говори како основа за македонскиот литературен јазик.
Во Бугарија и натаму продолжил да опстојува Македонскиот литературен кружок, и иако бугарската политика била асимилаторска и негаторска, сепак, во тој период Коле Неделковски ги објавува своите две збирки песни во Софија („М`скавици“ и „Пеш по светот“). Бугарите, се разбира, и ден-денес го оспоруваат идентитетот на поетот, но ние не мора да докажуваме ништо, самиот Коле си кажал во својата поезија кој е и како се чувствува:

Глас од Македонија

О, трајте, трајте, тирани недни!
Доста се тија лаги и злоба -
пакосен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.

Та ете веќе векови цели
писка и стенка од волци гости -
за брата вијат кој да го дели
за да му глода сувите коски.

Па нека сега сам да си реши
со своја волја судба и сева,
в животот еднаш сам да се теши,
д'издигне славно свој род без врева.

Та Шар и Пирин дружно да викнат
родната песна в небеса темни
и бурниот Егеј - на век да плиска
тешкиот глас на новите химни.

За време на Втората светска војна и НОБ, во Македонија постоеле илегални печатници каде се печателе разни летоци, прогласи, манифести и брошури. Јазикот што е употребуван во овие материјали не е сосема изедначен, но очигледен е стремежот да се употребуваат централните говори.
Во печатницата во селото Горно Врановце, Велешко, 1944 година излегол од печат првиот број на весникот „Нова Македонија“.
Со сите историски насоки и стандардизации, како и примената на македонскиот јазик меѓу двете светски војни и за време на НОБ, на Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година, не било тешко да се донесе решението за воведувањето на македонскиот јазик за службен во македонската држава. Тогаш е кодифициран македонскиот литературен јазик. Кодификација претставува официјално озаконување на литературниот јазик и негова практична примена.

                                     2 август 1944

                                    РЕШЕНИЕ

на Антифашиското собрание на народното ослободуене на Македонија за заведуене на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава
Член 1
Во македонската држава како службен јазик се заведуе народниот македонски јазик.
Член 2
Ова решение влегуе веднага во сила. Во манастирот „Св.отец Прохор Пчински“, на ИЛИНДЕН 2 август 1944 год(ина). За Антифашиското собрание на народното ослободуење на Македонија.

Секретар: Љупчо Д. Арсов, с.р.    Претседател: Методи Андонов-Ченто, с.р.



Президиумот на АСНОМ формирал комисија која требала да ја оформи македонската азбука и правопис. Првата комисија нецелосно ја завршила работата, па затоа била оформена втора комисија која своите ставови ги искажала во Резолуција на 3 мај 1945 година.