12/2/10

Прирок (глаголски; глаголско-именски)


Прирокот е главен, но и основен член на реченицата. Штом имаме прирок, имаме и реченица (или, без прирок, нема реченица).
Прирокот може да биде глаголски и глаголско-именски.

  1. Глаголски прирок

Глаголскиот прирок содржи глагол во лична форма. Тој може да биде прост и сложен.

А) Прост глаголски прирок

а) Прост глаголски прирок е кога прирокот е претставен преку глагол кој е во сегашно време, минато определено несвршено, минато определено свршено време и кај заповедниот начин. Во овие случаи глаголот со наставките го претставуваат лицето, бројот и времето и нема дополнителни зборови (затоа се прости).

На пр.: Томе чита. (сегашно време)
Томе читаше. (минато определено несвршено време)
Томе прочита. (минато определено свршено време)
Томе читај! (заповеден начин)

б) Прост глаголски прирок претставен со сложена глаголска форма имаме кога глаголот е во: минато неопределено време (свршено и несвршено), предминато време, идно време, минато-идно, идно прекажано, можен начин и со конструкциите со има и нема.

На пр.:
Ти си читал. (минато неопределено несвршено време)
Ти си прочитал. (минато неопределено свршено време)
Ти беше читал. (предминато време)
Ти ќе читаш. (идно време)
Ти ќе беше читал. (минато-идно)
Ти ќе беше прочитал. (идно прекажано)
Ти би читал/прочитал. (можен начин)
Ти имаш/немаш читано. (со има/нема)

Во овие примери прирокот е прост – ја содржи само глаголската форма, но самата глаголска форма е сложена која освен глаголот содржи помошен глагол сум/си/е; честичка ќе или би, и помошен глагол има/нема.

Б) Сложен глаголски прирок

Сложениот глаголски прирок е составен од два глагола, од кои втроиот се јавува во да-конструкција.

Носител на значењето е глаголот во да-конструкцијата, а првиот глагол е воведен. Се разликуваат три групи воведувачки глаголи:
1. Фазни глаголи – оние што именуваат фаза, етапа од дејствието – почетна, продолжителна, завршна. Како на пр. глаголите: почна, започна, фати, зафати, продолжи, престана.
На пр.: Тогаш Диме фати да зборува за случките од детството.
2. Модални глаголи – може, мора, смее, сака – кои се јавуваат во сите лица; и глаголот – треба, кој е безличен и се јавува само во трето лице еднина (и во сите времиња).
На пр.: Денес морам да учам.
Тој сакаше да знае.
Вие треба да ја знаете нашата историја.
            3. Глаголите – успее, успева, настојува, се обидува, се труди, се мачи.
На пр.: Успеав да ја научам чекцијата.

Кај сложениот глаголски прирок воведувачките глаголи (освен треба), покажуваат лице, број и време, а глаголот во да-конструкцијата покажува лице и број, но не и време. Тој се јавува во сегашно време.

Сакам, сакав, сум сакала, бев сакала, би сакала – да спијам.
Треба, требаше, ќе треба, требало, би требало – да спијам.

            2. Глаголско-именски прирок

            Глаголско-именскиот прирок се состои од глагол-врска и именски дел. Како глагол-врска најчесто се јавува глаголот сум (биде), но и: стане, станува, остане, останува и др.
            И глаголско-именскиот прирок може да биде прост – кога го содржи само глаголот-врска и именскиот збор; и сложен – со воведен глагол, глаголот-врска и именскиот дел.
На пр.: Тој е добар човек.
Тој престана да биде добар работник.

Именскиот дел на глаголско-именскиот прирок е нозител на значењето кој се однесува на подметот, му прирекува (припишува) особености. Како именски дел од прирокот се среќаваат:

1. Сите видови придавки (описни, заменски, бројни, односни).
На пр.: Таа е убава.
Таа е таква, секогаш дотерана.
Таа е прва.
Столчињата се дрвени.
2. Именки
На пр.: Јас сум професорка.
3. Заменки
На пр.: Дежурен е тој, а не јас.
4. Броеви
Вие сте двајца.
5. Прилози
Вие сте многу.

Петходните примери се дадени за да се разбере суштината на именскиот дел од прирокот. Но, најчесто во практиката, именскиот дел од прирокот е цела именска група составена од придавки и броеви заедно со именката.
На пр.: Таа е многу убава девојка.
Вие сте двајца другари.