3/31/10

Лексиката според потеклото

Според потеклото, зборовите може да бидат:

1. Домашни, изворни (свои) - зборови кои исконски постојат во нашиот јазик и потекнуваат од прасловенскиот, старословенскиот, црковнословенскиот, па преку народниот навлегле во литературниот јазик. Овие зборови ја сочинуваат основата на јазикот и се во најголем број.
На пр.:мајка, татко...,еден, два..., гора, планина, река, езеро..., рака, нога...

2. Странски (туѓи) - овие зборови навлегуваат или директно од странскиот јазик или посредно (преку трет јазик).

а) Интернационализми - зборови што се употребуваат во многу светски јазици, а по потекло се од латинскиот или старогрчкиот јазик. Овие зборови се приспособуваат кон соодветниот јазик и со тек на време не ги чувствуваме како туѓи (актуелен, квалитет, факултет, факт, литература). Овие зборови не треба да ги користиме прекумерно, туку само кога е неопходно потребно.

б) Турцизми - во нашиот јазик ги има над 3000. Некои од нив отпаднале, некои ги чувствуваме како архаизми, а некои се уште активно ги употребуваме (алва, баклава, кадаиф, ќебапче, кибрит, килим, шеќер, сарма, боза...). Дел од турцизмите ги употребуваме заради стилска обоеност на изразот: муабет, марифет, табиет, адет...

в) Варваризми - се употребуваат во уметничката литература заради оживување на месниот колорит и создавање посебна атмосфера (може да бидат и цели дијалози на друг јазик и да се пишуваат во оригинал).
Тука спаѓаат и зборови кои секојдневно се употребуваат иако нема вистинска потреба, бидејќи во нашиот јазик имаме соодветни зборови. Тие се имитација на туѓите зборови и по форма и по изговор : бејби, хај, јес, певаљка, рачуна.

Вежби

1. За следните туѓи (интернационални) зборови пронајди соодветни синонимски замени со зборови од нашиот јазик:
аверзија, адекватно, активно, иницира, креира, преферира, пролонгира.
2. Пронајди ги турцизмите во следните реченици:
Шетајќи со мајка ми по чаршијата во еден излог здогледав кондури баш какви што барав. Нејзе ептен не и се бендисаа. Ми го расипа ќеифот и не ги купив.
3. Какви се туѓите зборови во следниот извадок од расказот „Селанката од Копачка“ од Владо Малески и со каква цел се употребени?
- Аванти, порка мизерија, комунисто! - завиваа двајца карабинери. А тој не сакаше да верува и затоа шепотеше: „Понезадутре!“

Лексички значења на зборовите

Според лексичките значења, зборовите се делат на:

1. Синоними - зборови со различна форма, а приближно исто значење.
На пр. : основа, база, темел, подлога.

2. Хомоними - зборови со иста форма, а различно значење.
На пр.: блок - за цртање, станбен, сојуз, парче од нешто.

3. Антоними - зборови со спротивно значење.
На пр.: ден - ноќ, дебел - слаб.

4. Пароними - зборови слични по изговор или пишување, а различни по значење.
На пр.: метален - ментален.



Вежби

1. За следните зборови напиши синоними:
знаење, глуп, работлив, паметен
2. Во следниот текст пронајди ги зборовите со синонимско значење:
Во одајата беше многу темно. Не можеа да се распознаат малкуте предмети и ветвите алишта обесени на ѕидот. Девојчето лежеше на старата рогозина завиткано во партали. Во собата немаше никој друг. Мракот го плашеше момичето уште повеќе од звуците на волците кои завиваа во гората. Животните во планината ја започнуваа својата потрага по храна.
3. Употреби ги зборовите во реченици каде ќе го покажеш нивното различно значење (најмалку две реченици):
а) скара
б) бара
в) грб
4. Додади ги испуштените зборови (хомоними) во следните реченици:
а) Девојката има витка ____________.
Тој секоја година___________зелка во бурето.
б) ______________ ги уништи посевите.
Скопје е мој роден _______________.
в) Нашиот тим влезе во прва _______________ .
______________ му истече од устата.
5. Напиши ги антонимите на следните зборови:
здрав - __________, добар - ____________,
весел - ____________, жив - _____________,
сака - ___________, крај - ______________,
топло - ____________, бел - ______________.
6. Антоними можат да се направат и со негирање на општиот дел (не-), како и со префиксите: раз-, без-, а-, анти-, со кои се добива спротивно значење. Направи такви антоними кај следните зборови:
човек - ________, пријател - _________, разумен - ___________, граден - _____________, чувствителен - ____________________.
7. Во следните реченици пронајди ги паронимите:
а) Таа им посвети особено внимание на гостите.
Додека не се просвети народот, ќе биде вака.
б) Тој направи добар критички осврт на романот.
Столбовите беа критични точки на зградата што се урна.
в) Во нашата библиотека нема речници.
Учениците не ги сфаќаат зависносложените реченици.
8. Обиди се да пронајдеш пароними на следните зборови:
ненадејно - _______, статус - _________, консонантен - ______, фрактура - _______________, универзален - ________________.

Лексикологија - вовед

Лексикологијата е дел од лингвистиката која го проучува составот на зборовите на еден јазик.

Таа се дели на повеќе поддисциплини:

1. Семантика (за значењето);
2. Етимологија (за потеклото);
3. Лексикографија (за речниците);
4. Фразеологија (наука за постојани зборовни состави - фразеологизми).

ЗБОРОТ има своја форма и содржина, што значи своја граматичка и своја лексичка страна. Лексикологијата се занимава со лексичката, односно содржинската страна на зборот.
Да го земеме за пример зборот м а с а. Според формата, тој збор е составен од четири гласа кои се означуваат со соодветни знаци од азбуката. „М а с а“ е именка од женски род во еднинска форма. Може да ја членуваме и да го смениме бројот (масата, масава, масана, маси, масите) итн. Овие граматички карактеристики се неговата надворешна стана.

Но, во свеста на човекот, кога ќе го кажеме зборот „маса“, веднаш се создава слика за предметот кој го означува и ние го сфаќаме значењето на зборот. Тоа е содржината на зборот, неговата внатрешна - лексичка страна.

3/23/10

Јордан Хаџи Константинов - Џинот („Труд ми е името“)

Јордан Хаџи Константинов - Џинот
(1821-1882)


Џинот живеел и работел на преминот од просветителскиот кон преродбенскиот (романтичарскиот) период во Македонија.
Роден е во Велес, во сиромашно семејство на црковен клисар. Таму завршил основно ќелијно училиште. Учел во Самоков и Солун, а по завршувањето на школувањето се вратил во Велес каде отворил училиште и предавал на народен јазик. Но, гркоманите го изгониле, па тој отишол во Скопје каде развива широка дејност (меѓу другото и театарска), а училиштето се стекнува со голем углед. Во скопското училиште доаѓале ученици од Куманово, Дебар, Прилеп и други градови. Но, и тука им пречел на гркоманите, па повторно бил изгонет.
Отишол во Белград, каде се запознава со тамошната преродба и успех во културниот и националниот просперитет. Охрабрен, се враќа во Скопје каде ја продолжува својата работа уште позасилено. Овојпат гркоманите преку Турците успеваат да го затворат прво во Призрен, а потоа во Битола.
По излегување од затворот барал учителско место и конечно го нашол во Прилеп. Не можел слободно да работи, бил наклеветен дека е српски шпион и повторно бил затворен и прогонет во Мала Азија (на 101 година). По патот бил малтретиран од турските војници кои му го извадиле едното око.
Во прогонство останал три години бидејќи неговите роднини и пријатели успеале да соберат пари и да го откупат. Се вратил во родниот Велес, неуморен и непокорлив, отворил приватно училиште каде работел до крајот на својот живот.

Освен со учителска, тој се занимавал и со други дејности:
1. Пишување учебници.
Го напишал првиот буквар „Таблица перваја“, по углед на Доситеевата „Ижица“;
2. Пишувал статии за весници во Белград и Цариград;
3. Се занимавал со јазични прашања;
4. Собирал народни умотворби;
5. Пишувал литературни творби - песни и драми за потребите на училиштето кои немаат уметничка вредност.

Песни: „Плач на скопското училиште многотрудное“ (за напорната борба да го одржи училиштето поради нападите на грчкото свештенство), „Аурора“ (за патриотската функција на просветата), „Труд ми е името“ (за благодетите од трудот), „Горка чаша кнеза Лазара“ - последна тајна вечера (најдолгата песна ).
Драмски текстови: „Минерва и девет музи“, „Сербија шетаетсја в земељ своих“, „Разговор или прави человек“, „Училиште и учение“, „Басни“.
Сфаќајќи дека театарските претстави се многу погодни како образовно средство, а особено во време кога македонскиот народ не бил многу образован (ретко кој читал книги, луѓето биле неписмени во поголем број), тој пишувал драмски текстови со морализаторско-дидактичен карактер. Тие немаат уметничка вредност, но ја одиграле улогата која им била наменета. Како и да е, Џинот ја започнува театарската традиција во Македонија.

Труд ми е името

Песната „Труд ми е името“ нема уметничка вредност. Составена е од 10 строфи од по четири стиха (катрени). Мотивот во песната е размислувањето на авторот за човековите добродетели: мудроста, љубовта и трудот. Песната е дидактична, бидејќи нејзината цел е да подучи.
Содржински може да ја поделиме на три дела.

Во првиот дел (пет строфи), тој ни ги претставува мудроста, љубовта и трудот како три убави девојки кои пеат и свират на флејта. Трите му се претставуваат на најубав начин.

Првата ми изрече:
„Аз сум мудрост, рече,
та погледни хубаво
и расуди здраво!“

Втората ме погледна
за мене побледна:
„Афродита бесрамна
аз сум и огромна!“

Третата ми привика:
„Труд аз сум, извика,
ти мене примај
и Богу слава дај!“

Во вториот дел (три строфи), Џинот го искажува својот став кон мудроста, љубовта и трудот, кажувајќи дека ги сака сите три, но ако мора да одбере, ќе го одбере трудот.

Во третиот дел (две строфи), тој ќе ја истакне полезноста на трудот, со што ќе ја постигне својата цел - да поучува.

Труд ште вас научи
и ште вас обучи
блажено да ступате
добро да творите.

3/22/10

Историја на литературата - вовед

Историјата на литературата се занимава со појавата и историскиот развиток на литературата, појавата во определени периоди на разните правци во литературата и нивните претставници.
Литературата е уметност чие изразно средство е зборот. Потребата на човекот да ги прераскаже доживувањата и случките, како и да ги изрази своите чувства доведува до појава на уметноста. Литературата, како дел од уметноста се појавува уште во првобитното општество пропратена со музика и игра. Спојот од музика, текст и игра што се појавува во најстаро време се нарекува првобитен синкретизам.
Со појавата на старите држави, се развива и литературата кај старите народи (стара литература).

3/17/10

Теодосиј Синаитски

Биографски податоци за Теодосиј не постојат, освен оние што ги зачувал народот во своите преданија. Според нив, Теохар е роден во Дојран, а грчко училиште завршил во Цариград. По враќањето се запопил, но сакајќи да се закалуѓери заминал на полуостровот Синај. Со закалуѓерувањето го добил името Теодосиј. На Синај го изучил словенскиот јазик и се зафатил со преведување црковни книги кои ги праќал во родниот крај. Како заслужна личност бил унапреден во архимандрит, а по посетата на Ерусалим се здобил со титулата хаџи. Во чест на престојот на Синај си го додал презимето Синаитски.
По враќањето од Ерусалим служел како свештеник во црквата „Света Мина“ во Солун која се наоѓала во македонската колонија. Често патувајќи низ Македонија да собира пари за манастирите на Синај се запознал со Пејчиновиќ и Џинот, како и со состојбата во македонските манастири и цркви во кои се чувствувал недостиг од книги на народен јазик. Тоа го поттикнало да отвори печатница на македонски јазик во Солун (најверојатно 1837/38, според првата отпечатена книга). По две-три години печатницата изгорела, но со материјална помош на Пејчиновиќ тој успеал да ја обнови. Тогаш таа работела до 1844 година кога повторно изгорела до темел и престанала да работи.
Во Солунската печатница биле отпечатени пет книги:
1. „Првоначално учение со молитви утренија“ („Буквар со утрински молитви“) од Анатолиј Зографски. Книгата има 14 старници отпечатени со црковнословенски букви. Од првото издание отпечатено 1838 година се зчувани два примерока.
2. „Кратко описание двадесјат манастиреј обретајуштесја во Свјатој Горој Атонској“ („Краток опис на дваесет светогорски манастири“) има 10 листа и се претпоставува дека преводот го направил даскал Камче. Описот на манастирите е на црковнословенски јазик, освен на Зографскиот кој е на македонски народен јазик.
3. „Служение еврејско и все злосторение нихно“ („Службата на Евреите и сите нивни злодела“). Оваа книга е најголема и е превод од романски или грчки, а претставува критика на еврејските трговци за да им се урне угледот.
4. „Утешение грешним“ („Утеха на грешните“) на Кирил Пејчиновиќ за која самиот Теодосиј напишал предговор.
5. „Книга за научение трих јазиков“ („Книга за научување три јазика“), 1841 година е последната отпечатена во печатницата.

Предговорот од Теодосиј Синаитски

Единствен зачуван текст од Синаитски претставува „Предисловието“. Во него тој го искажува своето мислење за значењето на учителите и на народниот јазик. Искажувајќи му благодарност на Пејчиновиќ за материјалната помош за печатницата го вбројува меѓу учителите кои се бесмртни зашто само книгата, идејата и поуката го прават човекот бесмртен, а не богатството и градењето замоци. Највпечатлив и најсликовит дел од предговорот е кога Синаитски говори за јазикот:
„Еве кључ што отворует сердцето ваше, не кључ от злато или от сребро, кључ от железо и чилик, што да не се вие, оти среброто и златото ест меко и се вие скоро, но железото со чилик не се вие. Кога да е отворот сиреч от кључот от злато или от сребро, та да не може ковчегот сиреч сердцето мое да отвори, што ми е ест таков отвор. Нека ест от чилик и железо, та да отвори ковчегот, та да не е от сребро и злато, и да може да отвори сердцето на простиот человек“.
Синаитски го споредува старословенскиот јазик со златен клуч, а народниот со железен. Вели дека иако старословенскиот е вреден јазик, тој е неразбирлив за луѓето и бесполезен исто како златниот клуч за челичната брава.
Според тоа, тој се застапува за воведување на народниот јазик во книгите и во црквите за да може и простиот народ да се просвети.

3/16/10

Првите македонски печатници

Појавата на првите македонски печатници претставува стремеж за воведување на македонскиот јазик во црквите и училиштата преку испечатени книги.
Пред да се отворат македонски печатници, книгите за печатење се носеле во Будим, Виена, Белград и Русија. Ова било и скапо и ризично, па затоа се чувствувала потреба од отварање печатници во Македонија.
Првата печатница била отворена во Солун меѓу 1835 и 1838 година. Архимандритот Теодосиј Синаитски, според рускиот научник Виктор Григорович, ја отворил во 1835 година, но таа изгорела во 1842 година. Таму биле отпечатени пет книги.
Втората печатница, веројатно била отворена во 1848 година од Даскал Камче, а позната како Ваташка печатница.
За Даскал Камче се знае дека бил роден во селото Курештица, но со родителите се преселиле во Ваташа. Таму тој прво пеел во ваташката црква, а потоа бил учител - даскал. Една година живеел на Света Гора и напишал, поточно превел еден опис на манастирите, а додал свои дополнувања за словенските манастири. Описот му го дал на Теодосиј Синаитски да го отпечати во својата печатница.
1847 година отишол во Белград да купи материјал за да отвори своја печатница. Пари му дал кавадаречкиот богат трговец Јовко Маркович. Се претпоставува дека во оваа печатница е отпечатен букварот на Јордан Хаџи Константинов - Џинот „Првоначално учение за мали деца“. Нема податоци што се случило понатаму со оваа печатница.
Во втората половина на 19 век во Солун печатница отворил Киријак Држилович. Таму, во 1852 година било отпечатено „Кониковското евангелие“ на ениџевардарски дијалект со грчки букви.
Иако скромни, почетоците на македонското печатарство се многу значајни за ширењето на просветата на народен јазик.

Значењето и јазикот на првите македонски просветители

Со создавањето на македонската граѓанска класа расте свеста за неопходноста од употреба на народниот јазик во црквите и училиштата, како и потребата за печатење книги за таа намена.
На почетокот од 19. век, во време на османлиско владеење и грчка доминација во црквите, зачувувањето на верата и јазикот значи зачувување на националноста.
Првите просветители, Крчовски и Пејчиновиќ, сфаќајќи ја нужноста од зачувување на верата со своите проповеди се обидуваат морално да го подучат неукото македонско население. Тие се против пиењето, против незнаењето, суеверието, развратот, лошите човекови особини, против нехристијанското празнување и воопшто однесување. За да му се приближат на неукиот народ тие го користат народниот говор и на истиот тој јазик ги отпечатуваат своите книги - првите книги на народен македонски јазик. Тие не се оригинални автори, зашто нивните текстови се обично прераскажани познати религиозни текстови, но значењето е во свеста што црковнословенскиот јазик го заменуваат со народниот.
Јазикот на Крчовски е народен, кривопаланечко-кратовски, со примеси од западномакедонските говори (ги научил, но и: научил го; или употреба на со, но почесто: сос). Кај него се среќаваат и старословенски зборови: сја, сиреч, смертију; бугарски зборови: сичка, част, дјавол; српски: земља; руски: перви, и турцизми: фодуллук.
Пејчиновиќ има поизграден, односно личен стил, особено кога раскажува случки од секојдневниот живот на селаните. Тој користи дијалошка форма со што за првпат им дава можност на обичните селани да проговорат во книга и тоа наменета за богослужба.
Јазикот на Пејчиновиќ е народен, тетовски говор, со примеси на црковнословенизми и турцизми.
Значењето на Пејчиновиќ, покрај отпечатените книги, е и во тоа што го подучувал населението, обновувал цркви и манастири, како и тоа што собирал стари ракописи и средувал манастирски библиотеки за да ги зачува националните вредности.

Прашања:
1. Кога се појавува Просветителството во Европа?
2. Кое дело е најзначен производ на европското просветителство?
3. Кога се појавува Просветителството во Македонија?
4. Кои општествени прилики придонеле за појава на Просветителството во Македонија?
5. Кога и каде е отпечатена првата книга на народен македонски јазик?
6. Колку книги отпечатил Јоаким Крчовски?
7. Каква е содржината на тие книги?
8. Во што е значењето на Крчовски?
9. Каков јазик употребува Крчовски во своите книги?
10. Што е епитаф?
11. Што е опишано во епитафот на Кирил Пејчиновиќ?
12. Во што е значењето на епитафот од К. Пејчиновиќ?
13. Кои се книгите што ги напишал Пејчиновиќ?
14. Која книга Пејчиновиќ ја отпечатил во Солунската печатница на Теодосиј Синаитски?
15. Каков е стилот и јазикот што го употребува Пејчиновиќ во „Слово за празниците“?
16. Кое е значењето на Кирил Пејчиновиќ за македонската литература и историја?

3/15/10

Извадоци од „Слово за празниците“ („Огледало“) Кирил Пејчиновиќ

Ако мије не исполниме закон Христов, не смо ни христијани. Пошто не смо христијани, а заошто сме? Пошто не сме Христосови људи, при Христа во рај не можемо да идемо. Пошто не ќе идемо у царство небесное, а зашто се мучимо на овој век, зашто постимо, зашто се крштеамо, зашто се закопуемо, зашто за душа давамо, зашто од други вери мучени биднуемо, зашто од калдрма долу слезуемо, зашто зелено не носимо, зашто од Турци помало зборимо, зашто, каде нè јахат и газат, трпимо, зашто? Не ли за Христа?
Пошто за Христа трпимо, баре да го слушаме што ни вели. Он не ни вели нешто тешко, токо лесно. Он ни вели да лубимо еден другого, да се проштааме, да се жалиме, да седимо мудро, да не збесуемо како малии деца, да не се опијаме, да не блудуаме, да не пиемо вино без мера, да не скакамо хоро како безумни што скакат.
А мије и празникот што го служиме една у годината, и него непристојно го служиме, а не побожно. Баш на денот вардимо да се опиемо, да скакамо, да збесуамо. Сва ноќ седите, пеете и збесуете, не го молите светецот, токо го наљутуете, и тој не ве измолует пред Бога и не ви поможует, и нафиле си арчите арчот.
Ако сакаш да ти се фати што го служиш, што го молиш, слушај да ти кажем како да чиниш. Спроти ден отиди у црква, узми свеќа, темјан и масло за кандилата, запали и помоли му се Богу со молитвата от светецот што го служиш, со негоата молитва да ти прости. Ама ти да простиш свакому кои што ти досади, иди прости се со него, зере и Бог не ти проштаа; ако служиш светца, - и светецот нема што да чинит от када имаш лошо срдце. И опрости се и помоли се за себе и за него, пак дојди дома, помисли имаш ли некој преател или непреател, има ли некои хапс, има ли неко болен, има ли некои гол, има ли некои гладен, и иди види га, отнеси му или заире, или дрва, или штогод, и речи му: „На ти брате за утрешен, или денешен, за негоо имја“. И вечерта седни вечерај мирно, не пој песни раскошни, не седи до полноќ, легни порано стани порано, узми просфора и свеќа, иди у црква на славословие и на божественаја служба, сиреч на литурѓија, и дури седиш у црква не мисли за на дрва, за дома или за трговина, баш и некоја наволја ако имаш, пак да не мислиш и за њу, токо оставија на Господа, и Господ похубаво ќе ти ја расправи от тебе, ти ништо не можеш без Бога.
Пак у јутру ашче излезеш от црква, сиромаси просјаци што са пред црковна врата дади им по нешто мало на свакого милостиња, ќи Бог и тебе да те помилува, зашто така вели Христос:„Кој дава ним, мене дава, и ја ќе му вратим отвише и на овој свет и на второ пришествие мое во царство небесное.“
........................................
А вије се надеате на курбани што колете на Атанасов ден, со тоа да угодите Богу. А не знаете еле тија курбани идолска жертва, еврејска жертва, а не христијанска. Тој христијанин што коле курбан не ест христијанин, токо ест евреин или идолопоклонник, и тој свешеник што поет на глава на овенот со свеќа запаљена лаже за добитка, за пара, за месо, а у закон христијанскиј немат писно поп да чати на овен а христијани да колет курбан.
........................................
Затоа сакат и требет у празник, зашто се велит да си празен от работа, пак да се соберет у црква и поп да ви кажует што видел у писание и вије да слушате. Зашто велит Бог: „Приидите, чеда, послушајте мене,“ и паки на Богојавление у тропарите Дух Свјатиј велит: „Глас господен на водах вопиет глагоља: приидите, приимите вси духа премудрости, духа разума, духа страха божија.“ Викат Дух Свјатиј за наше добро, а вије ѓоа сте дошле у црква, ама со све срдце не стоиш ли во неа, токо срама ради си дошол колку за закон, да не речат: онсица го немат у црква, и ти си дошол, и мислиш от црква излагаиќи кого да избањаш у вода, да досадиш на празникот, а да не угодиш; и пак велиш: пречинихме Водици, учинихме закон, и за многу години да бидет.
Поклади идет, се чудиш колку манџи да напраиш. Пак се берете по две куќи по три на едно да покладите, да разлагуете, да поете песни соблазнителни, да јадете до ден, да се опиете и скверна безделија да чините за три дни. Немојте христијани, не губете си душите, не празнујте погански. Сам поклади си со својата челад, штогодер јади, помало пии, поскоро стани, метание чини, зашто утре велик пост. Зашто го велат велик, голем? Зашто голем колку божиќниј пост и он. Зашто го велат великиј пост? Зашто голем захмет требе да тегнеме во него, многу метание, многу богомолство, непиење, нејадење, нелутење се, некарање се, со жена си у постела неспиење, крштење, сриг и сваќи и гозби нечинење, непцуење се, неврежуење се, опростуење се, сиромаа пригледуење, утро вечер, на полдне, три пути денес када се крстиш, метание да чиниш. Бога да молиш да ти прости што си чинил сва година. И зашто го викаат великиј пост? Зашто ест десеток он. Демек, на годината имат 366 дни, от десет еден да дадеме Богу, другите нам 9 дена. Што си грешуал срдце, да ти простит и да те помилуват во тија дни. Десетоците собрани на куп во великиј пост, от субота и недела башка, чинат 36 и пол со велика субота и со ноќта спроти велик ден. До полноќ све се постит, никоа суббота не се постит, салт велика суббота се постит и спроти неделата до полноќ. Така се плаќа десеток Богу, така се измолует Бога.
..................................
Ете тако се празнует великиј ден, кој ест христијанин и кој ест радлив за своја душа. А како гледам во едни села, да чува Господ, дип грубо. Ни христијани можем да ги наречем ни пак неверници. Велики петок и велика суббота јадат и пијат, у великиј пост хора играат, со жена у постеља спијат, на забита се клеветат, давиа чинат, се пцуат, се тепаат, на сам ден велик ден причешна чекаат. А, попот узел, осум села попуат, каде понапред да стасат, трчат от село на село, со меинзил носит свјатиј тајн. А едни сиромаси христијани, дури ги жалим, зашто до само полдне чекаат попа, на сам царскиј велики ден гладнии стоат и чекаат попа да му донесат причесна и викаат: „Се забави попот, тоа му било, она му било!“ Дргии пак велит: „Хајде да му се натепамо, ќи уште еднаш да не забават!“ А еднии чорбаџие што сет, мало позенгини, како кметинке, пак тије велат: „Не така. Да го тепамо ќе не глобит забитот. Токо мије, ка што сме се собрале в куп, да идемо да однесемо овен на агата или на пашата, да му аливерисамо ќутек, ем да го напудимо, да земемо друготого попа, ако е подалеко со куќата.“ Пак другиј кмет велит за друготого попа: „Каков глобар ест и тој поп многу земат, махни го тамо. Овој поп се забават ама баре помало земат, ем вересие пеет, чекат за паре со години, а другиот поп со Турци си земат хакот, ако му не платиш.“
.................................
Вије сиромаси, честите човека више од Бога и затова не чува Бог, и град биет и друго нешто. А богатите честат цревото свое, а не Бога, велат: „Овоа похубаво нека стоит да го јадеме не тој ден, на оној, кога ќе имамо гости.“ Да, затоа христијани паѓат град, зашто сте едни человекоугодници, а не богоугодници, а не познаете свој грех, свој кабает, свое безумие, токо велите: „Не држиме четврци затова паѓат град“, попотого го карате зашто работит во четврток, што не сте достојни да го учите а дила да го карате. Затова паѓат град и заради други поганштие што се чинат: или скришом се фрлило копиле, или скришом се отепал некои некого, ем не знает кои, или се клеветите меѓу себе, или гараз држите, не се проштавате, или причесна не исповедани земате, или у црква унутра мирски песни пеете, или сиромаху, или сакатому, пелтеку, шушкавому, муткавому, гушавому, халосаному, хулавому, будалому, грешному се смеете, шегате го, пудите го, задирате го, со него егленче чините, и за други грехови таквија, затова идет гнев Божји на сини непокоривија.

3/14/10

Кирил Пејчиновиќ - Тетоец

Теарце му негово рождение,
Пречиста и Хиландар посрижение,
Лешок му е негоо воспитание,
Под плочава негоо почивание —
От негово свое отшествие
До Христово второ пришествие.
Молит вас, браќа негои љубимија,
Хотјашчија прочитати сија.
Да речете: Бог да би го простил,
Заре у гроб црвите ги гостил
Кирил.
Овде лежи
Кирилово
тело,
У манастир
и у Лешок
село -
Да бог за
доброе
дело.
Кирил Пејчиновиќ
(1771-1845)


Биографски податоци за Пејчиновиќ дознаваме од „Епитафот“ кој го составил за својот надгробен споменик 10 години пред смртта (1835 г.).

Роден е во село Теарце, Тетовско, а учел црковно училиште во манастирот Св. Пречиста Кичевска и Хиландар на Света Гора. Целото семејство било верски настроено, па татко му и чичко му го продале имотот во Теарце и заедно со Кирил отишле во Хиландар каде се закалуѓериле. Тие останале таму, а Кирил се вратил и работел во Марковиот манастир, близу Скопје. Тука го обновил оштетениот манастир и собирал стари текстови со што ја збогатил манастирската библиотека. Во Марковиот манастир Пејчиновиќ живеел дваесетина години. Отворил манастирско училиште и се истакнал како активен проповедник и просветител на населението. Тука ја напишал својата прва книга „Огледало“, печатена во Будим 1816 година.
1818 година дошол во родниот крај, во селото Лешок и го обновил манастирот Св. Атанасија. Во манастирските конаци отворил училиште, каде поучувал и млади и стари. И тука ја збогатил и уредил библиотеката. Во слободните часови пишувал. Освен „Огледало“, тој ги напишал и делата: „Утешение грешним“, „Житие кнеза Лазара“, како и „Епитафот“ кој е врежан на неговата надгробна плоча. Починал 1845 година и е погребан во дворот на Лешочкиот манастир (Св. Атанасија).
„Огледало“ е требник, прирачна книга за свештениците која ја користеле при вршењето на црковните обреди. Содржи неколку молитви и прозни текстови за различни обреди и една голома проповед - „Слово за празниците“. Молитвите и црковните текстови се напишани на црковнословенски јазик, а „Словото“ на народен јазик - тетовски говор.
„Утешение грешним“ - содржински е продолжение на „Огледало“. Немал средства да ја отпечати, но на крај своите заштедени пари ги дал за обнова на печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун, каде 1840 година е отпечатена книгата , а Синаитски напишал пригоден „Предговор“.
„Житие кнеза Лазара“ е книшка за животот на кнезот Лазар, кој го сметал за оснивач на Лешочкиот манастир.
„Епитаф“ - е последно негово дело, но и прв обид да се изрази во стихови. „Епитафот“ нема уметничка вредност, но тоа е првата песничка напишана на македонски народен јазик.

Слово за празниците
(од „Огледало“)

„Слово за празниците“ е оригинален текст на Кирил Пејчиновиќ напишан на народен јазик, тетовски говор.
Темата е празнувањето на христијанските празници, а идејата - како да се поправат грешките при празнувањето.
За разлика од традиционалните црковни проповеди каде примерите се земени од светите книги, Пејчиновиќ примерите ги земал од секојдневниот живот на селаните. Освен тоа, во текстот има и дијалози во кои зборуваат селаните што за првпат се сретнува во нашата литература и тоа во книга наменета за црковна богослужба. Затоа овој текст дава слика за положбата и начинот на живот на нашиот народ во почетокот на XIX век.
На почетокот од текстот авторот ги потсетува луѓето на нивните христијански должности и дава совети како да се празнуваат празниците: Водици, Прочка и Велигден. Всушност тој ги истакнува негативните појави: суеверието (носењето на амајлии) и курбанот (принесување на жртви), кои се спротивни на христијанските обичаи.
Понатаму, го критикува непочитувањето на постот, прекумерното пијанчење, невоздржаноста и примитивноста на селаните. Но, не се задржува само на нив, туку ја критикува и примитивноста и неукоста на поповите кои наместо да бидат духовни водачи на народот, тие станале негови ограбувачи.
Целта на Пејчиновиќ не била да им се потсмева, туку да ги насочи на вистинскиот пат и селаните и поповите: „...да живуемо како браќа, еден за другаго да се молимо, еден другаго да жалимо, еден другому да помажемо, еден другому тежина да носимо...“

3/11/10

Испуштање (елизија) на гласовите - (+вежби од фонетика)

Во македонскиот јазик како непостојани самогласки кои се испуштаат се јавуваат е, о и а. Во некои наставки и суфикси тие самогласки се губат. Најчесто тоа се случува во множинските форми на зборовите поради олеснување на изговорот.

е


Самогласката „е“ се испушта во множината на именките што во еднина завршуваат на: -ел; -ец; -ен; -тер

На пр.: петел - петли; прозорец - прозорци; магистер - магистри; ражен - ражни.
Кај придавките кои во машки род завршуваат на -ен, во женски и среден род еднина и во множина го губат е: лесен - лесна, лесно, лесни; тесен - тесна, тесно, тесни.
Исклучок од ова правило прават двосложните описни придавки кои завршуваат на -ен: зелен - зелена, зелено, зелени; како и придавките на -ен кои се образувани од глаголи: молен - молена, молено, молени; фален - фалена, фалено, фалени.

о


Самогласката „о“ се испушта кај придавките кои во машки род завршуваат на: - ок и -ол: низок - ниска, ниско, ниски; топол - топла, топло, топли.
Исклучок прават придавките: широк, висок и длабок, кои го чуваат о во сите форми (широка, висока, длабока).
Именките од машки род на -ок најчесто го чуваат „о“, но во некои случаи тоа се губи: опинок - опинци; предок - предци; потомок - потомци.

а


Кај именките од машки род што завршуваат на -ар, самогласката „а“ се губи во женски и среден род и во множина: храбар - храбра, храбро, храбри; добар - добра, добро, добри.
Исто така кај туѓите именки од машки род што завршуваат на -ар се губи „а“ во множинските форми: театар - театри; метар - метри.
Самогласката „а“ се губи и кај членуваните форми од именките од машки род од туѓо потекло: реализам - реализмот.
Испуштање (елизија) освен кај самогласките среќаваме и кај согласките: лист - лисје, грозд - грозје.


Вежби


1. Од следните зборови состави нови во кои звучната согласка ќе помине во безвучна или обратно (На пр.: Љубе - Љупчо, град - гратче): врабец, риба, држи, жежок, рид, рог, соба, сладок, близок.

2. На следните зборови додадете ги претставките: зад-, над-, од-, из-, раз- (каде што одговараат): фрла, кине, сега, каже.
Објасни што се случува!
3. Напишете ги правилно следните зборови: од - дамна, из - сели, из - сече, без - смислен, без - смртен, без - срамен, без - страшен.
Која гласовна промена се случува во примерите?
4. Направи деминутивни форми од зборовите (На пр.:дете - детенце, молив - моливче): месо, трошка, шамија,кутија, зајак, мозок.
5. Како се читаат согласките на крајот од следните зборови: надеж, жед, заб, прв, друг, без.
Како се вика оваа гласовна промена?
6. Поправи ги погрешно напишаните зборови во речениците применувајќи ги правилата за изедначување по звучност, редување, елизија и обезвучување. Внимавај и на отстапувањата!
а) Фчера ми разкажуваа за едно градче во Србија.
б) Во фторникот тој си ја изсече раката.
в) Зафчера одкако ручафме легнафме да спиеме.
г) За него нема надеш, ќе го исбркаат од училиште.
д) Верувам во приказките и знам дека Дедо Мрас не е исмислен.
ѓ) Го изпофали зашто одлично ја разкажа лектирата.
е) Оддамна сфатив дека љубовта е безсмислена.

Редување (замена) на гласовите

Појавата кога некои гласови се заменуваат со други се вика редување. Тоа е вообичаено со некои согласки.

* Во в преминуваат (со в се заменуваат) некои гласови:
мес-о : мев-це;
трош-ка : тров-че; глуш-ец : глув-че;
шамиј-а : шамив-че; кутиј-а :кутив-че.

* Кај некои зборови чијшто корен завршува на к, создаваат низи:
к : ч : ц : ш
јунак - јуначе (јуначки) - јунаци - јунаштво;
рака - раче - раце;
конак - коначе (коначки) - конаци - конаштво;
зајак - зајаче (зајачки) - зајаци.

* Среќаваме и многу други редувања:
т : ќ
фати - фаќа; врати - враќа; плати - плаќа; прати - праќа;
д : ѓ
роди - раѓа; погоди - погаѓа; најде - наоѓа;
г : з : џ
нога - нозе - ноџе итн.

Освен кај согласките, редувањето се среќава и кај самогласките, особено во минатото. Зборовите: бере - брал - пребира - избор се од ист корен кој се јавува во различни форми: бер-, бр-, бир-, бор. Овде се случува редување на самогласките во коренот, но поради новите начини на зборообразување ваквите форми повеќе ги нема.


Најчесто го среќаваме односот
е : о
рече - пророк; дере - раздор; пренесе - пренос; пее - пој;
и : о
бие - бој; гние - гној; рие - ров;
о : а
роди - раѓа; погоди - погаѓа; помогне - помага.

Обезвучување на гласовите на крајот од зборот

Звучните согласки на крајот од зборот се изговараат безвучно (но, се пишуваат звучните).
На пр.: се пишува: леб, град, мраз, роб, грав, прав, млад (а се слуша: леп, грат, мрас, роп, граф, праф, млат)

(За да знаете како да го напишете, ако се двоумите, членувајте го зборот: леб - лебот, град - градот; тогаш јасно се слуша звучната согласка.)

Гласовни промени - едначење по звучност

Едначење по звучност

Една од најкарактеристичните појави во нашиот јазик е гласовната промена едначење по звучност. Таа се случува при допир на две согласки со различна звучност. Кога во зборот ќе се најдат две согласки една до друга различни по звучност тие се изедначуваат — или двете стануваат звучни или двете безвучни. Тоа зависи од звучноста на втората согласка.

звучна + безвучна = две безвучни

б + безвучна = п, г + безвучна = к, д + безвучна = т, итн.
На пр.: близ + ка = блиска, пред + пријатие = претпријатие, од + скокне = отскокне

безвучна + звучна = две звучни

п + звучна = б, к + звучна = г, т + звучна = д, итн.
На пр.: сват + ба = свадба, гос + ба = гозба, с + града = зграда

Едначењето по звучност се бележи и кога зборовите се префиксираат, односно кога префиксот завршува со звучна согласка, а зборот започнува со безвучна.
На пример:
зад + скрие = затскрие
над + превар = натпревар
под + свест = потсвест
пред + чувство = претчувство
без + куќник = бескуќник
из + чезне = исчезне
Овие префикси кога ќе се најдат пред зборови со исти согласки може или да се удвојат (оддава, раззелени, оттука, поттикне) или поради сраснатоста во зборот, едната да исчезне (одамна, бесмислен, бесмртен, исели, исече, расели, расече, расони).

Во неколку случаи едначењето по звучност не се одбележува:
* Кај гласот „в“ не се одбележува едначењето по звучност (во изговорот се изедначува и го изговараме како ф, но според правописот, пишуваме в):
На пр.: овца, вторник, мравка, бевте, читавте, Славка;

* Не се одбележува едначењето по звучност на гласот „д“ пред наставките: -ски, -ствен и -ство.
На пр.: судски, градски, охридски; производствен, следствено; судство, производство, соседство итн.
Не се одбележува едначењето на „д“ и пред множинската наставка -ци: предок — предци; крадец — крадци; очевидци, ороводци итн.
Исто така, не се одбележува едначењето на „д“ пред членската морфема -та: заповедта, жедта, исповедта.

* Пред членската морфема -та, не се одбележува едначењето по звучност и кај другите звучни согласки.
На пр.: надежта, скрбта, зобта.

* Не се бележи едначењето по звучност на гласот „г“ пред наставката: -ство и пред -пат: бегство, другпат.

Поделба на гласовите (самогласки и согласки)

Основна поделба на гласовите е на:

самогласки (вокали) и согласки (консонанти).


Самогласките се изговараат без пречки, широко, со слободно поминување на воздушната струја во усната шуплина и имаат поголема звучност. Во македонскиот јазик самогласки се: а, е, и, о, у.
Самогласките имаат слоготворна функција. Тие ги оформуваат слоговите, односно претставуваат јадрото на слогот. Покрај нив во слогот може да има повеќе согласки, но тие може и самостојно да градат слог.
На пр.: збо - ро - ви
мост
пе - е
Освен самогласките, во нашиот јазик и гласот р може да има слоготворна функција.
На пр.: прст
кр - вав
пр - вак

Поделба на самогласките

Самогласките според височината (поставеноста) на јазикот се делат на: 

високи(и, у); средни (е, о), и ниски (а); 
според движењето на јазикот напред-назад на: 
предни (и, е), средни (а) и задни (у, о);
и според положбата на усните на: 
заокружени (о,у) и незаокружени (а, е, и).


Поделба на согласките

Согласките (консонантите) се помалку звучни од самогласките, односно при нивниот изговор воздушната струја не поминува непречено. Во македонскиот јазик има 26 согласки кои ги делиме според разни критериуми.


Според местото на образување во усната шуплина согласките се делат на:


— уснени: п, б, м, ф, в
— забновенечни: т, д, н, л, ц, ѕ, с, з
— венечни: љ, ч, џ, ш, ж, р
— меконепчени: к, г, х

Според начинот на образувањето согласките се делат на:


— преградни: п, б, м, т, д, н, њ, к, г
— теснински: ф, в, с, з, ј, ш, ж, х, л, љ, р
— преградно-теснински: ц, ѕ, ч, џ, ќ, ѓ

Третата поделба на согласките е според нивната звучност:

звучни     Б  В Г Д Ѓ З Ж  Ѕ Џ /

безвучни П Ф К Т Ќ С Ш Ц Ч Х

сонанти: Ј, Р, Л, Љ, М, Н, Њ

Звучните и безвучните согласки во македонскиот јазик се во парови (секоја звучна си има безвучен парник), освен Х кое е безвучно. Сонантите се позвучни од звучните согласки и им се доближуваат на самогласките.
Поделбата на звучни и безвучни согласки е важна за гласовните промени. Тие се случуваат кога ќе се најдат една до друга согласки со различна звучност (едначење по звучност).

Говорни органи

Фонетиката, која се занимава со артикулацијата на гласовите, ги проучува и говорните органи на човекот. Говорниот апарат е она што го разликува човекот од другите живи суштества.

Говорните органи се составен дел од дишниот апарат. 

Органи кои учествуваат во говорот (изговарањето на гласовите) се: белите дробови кои се исполнуваат со воздух неопходен за говорната функција; гркланот и гласните жици, кои започнуваат со формирање на гласот и усната празнина каде се дооформува гласот.
При формирањето на гласовите учествуваат сите делови од усната празнина: горната и долната вилица, предното (тврдо) и задното (меко) непце, ресичката, јазикот, забите и горната и долната усна. 

Различни гласови се создаваат со употреба на различни делови од усната празнина, па оттука разликуваме: уснени, забно-венечни, венечни, тврдонепчени и меконепчени гласови.

Иако сите луѓе имаат исти говорни органи, не постојат два јазика кои имаат ист гласовен систем.


Фонетика - глас, фонема, буква

Фонетиката е наука за гласовите, а фонологијата за фонемите.

Зборовите се делат на најмали делови - гласови. Во македонскиот јазик има 31 глас. Фонетиката ги проучува гласовите според нивниот изговор, односно артикулација (каде и како се формираат гласовите и кои говорни органи се употребуваат).
Освен како посебни единки гласовите, можат да се разгледуваат и според функцијата која ја вршат во зборот.
На пр. зборот „р а к а“ е составен од четири гласа. Ако првиот глас „р“ го замениме со гласот „м“, тогаш од зборот „рака“ ќе го добиеме зборот „мака“. Тука, гласот има значенска функција, односно со промена на гласот се сменило и значењето на зборот. Во ваков случај зборуваме за фонема.
Фонема е гласовна единка која врши смисловна функција во зборот. Фонологијата ги проучува фонемите.


Буквата (графемата) е знакот со кој се бележи гласот. Она што ќе го изговориме може да го запишеме со соодветен знак. Во нашиот јазик секој глас има свој знак, еден глас - една буква, односно 31 глас и 31 буква. Нашиот правопис е фонетски, што значи дека како што изговараме така и пишуваме, односно како што е напишано, така го читаме.
Сите гласови на еден јазик го сочинуваат гласовниот систем, а сите букви азбуката.


Одговори на следните прашања и задачи!


1. Што е разликата меѓу глас и фонема?
2. Што е буква?
3.Од следните зборови состави што повеќе нови зборови со промена на една фонема:
бал, ред, мир, сон, мила, чаша, рака, мака
а) Зошто во овие примери гласовите ги нарекуваме фонеми?
4. Во што се разликуваат фонетиката и фонологијата како научни дисциплини?

Историски развиток на македонскиот јазик - црковнословенски период

Во периодот од XII до XVIII век, старословенскиот јазик ја задржал основната функција - за богослужба. Но, со текот на времето говорниот јазик се менувал и елементите на таквиот изменет јазик навлегувале и во црковнословенскиот. Така, во овој период се јавуваат варијанти на старословенскиот јазик: македонска, српска, руска, полска итн.

Меѓу XV и XVIII век се појавуваат текстовите наречени дамаскини. Има околу 200 дамаскини кои водат потекло од Македонија. Именувани се според грчкиот проповедник Дамаскин Студит кој велел дека треба да се пишува на едноставен и разбирлив јазик. На тој начин народниот јазик уште повеќе навлегува во црковнословенскиот.


Со текот на времето, јазикот почнал стилски да се раслојува на: висок стил-црковнословенски (во богослужбата) и низок стил - народен јазик (што се употребувал во преписки и правно-административни текстови наречени грамоти).

Историски развиток на македонскиот јазик - старословенски период

Писмената активност на Словените опфаќа два периода: старословенски (IX - XI век) и црковнословенски (XII - XVIII век).

Старословенски период

Словенската писменост се создала во втората половина на деветтиот век, односно во 862 година кога Кирил ја составил првата словенска азбука - глаголицата.
Јазикот на старите Словени се нарекува прасловенски јазик, а јазикот по создавањето на азбуката се нарекува старословенски јазик.

Причини за создавање на словенската писменост:

1. Политички причини - Словените биле пагани (многубошци) кои живееле во родовски заедници. При допирот (соседството) со моќните држави (Византија и Германските Кралства) постоела опасност Словените да се претопат. Односно, на запад да се германизираат, а на југ да се елинизираат. Таа опасност прв ја согледал кнезот Ростислав, владетелот на Велика Моравија, првата словенска држава. Затоа, тој побарал од Византија мисионери кои ќе го шират христијанството, но на словенски јазик. Византија, пак, го прифатила тоа за да го спречи ширењето на германските држави и за да се заштити себеси.

2. Религиозни причини - За да се проширува христијанството меѓу Словените, наједноставно било тоа да се направи на нивниот јазик, бидејќи тие не ги знаеле тогашните од Бога дадени: грчки, латински и еврејски јазик.
Целта на Кирил и Методиј била ширење на христијанството. Залагајќи се за верата, Кирил успева со својата моќ на оратор и филозоф да го убеди Римскиот папа официјално да го признае словенскиот јазик. Така, во 869 година словенскиот јазик станува рамноправен со латинскиот, грчкиот и еврејскиот и можел да се употребува во богослужбата.
Старословенскиот јазик е првиот литературен јазик на сите Словени.
Старословенски јазик е јазикот на Словените кои живееле во околината на Солун во деветтиот век.
Глаголицата е првата официјална словенска азбука која има 38 букви и е создадена од Кирил.

Кирилицата е создадена малку подоцна, врз основа на грчкото писмо и има 44 букви.
Словенската писменост се остварувала преку книжевните школи:
Охридската и Лесновската во Македонија, каде се пишувало со глаголица, и
Преславската во Бугарија, каде се употребувала кирилицата.
Зачувани текстови од овој период во Македонија се: Зографското евангелие, Асемановото евангелие и Мариинското евангелие, сите пишувани со глаголица.


Литературно-научни видови и публицистика (есеј, статија, расправа, полемика, биографија, автобиографија; фељтон, репортажа, патопис)

Освен познатите литературни видови, постојат и такви кои имаат белези на уметничка литература, но имаат и белези што ги доближуваат до научната литература или публицистиката.

Научно-литературните видови содржат испреплетени белези на научниот и уметничкиот стил. Иако имаат научни аргументи овие текстови содржат многу индивидуални и емоционално обоени делови. Во научно-литературните видови спаѓаат: есејот, статијата, расправата, студијата, полемиката, биографијата и автобиографијата.


Под публицистика се подразбираат текстови што се печатат во весниците, списанијата и одделни книги (публикации), а може да имаат различна содржина. Во публицистички видови спаѓаат: новинарската (журналистичката) статија, фељтонот, репортажата и патописот.

Есејот е литературно-критичка статија во која на оригинален начин се објаснува некое литературно, културно, филозофско или општествено прашање. Тој може да обработува најразлични теми од сите области на човековото живеење. Есејот содржи уметнички, научни и публицистички елементи. Има оригинална композиција, сликовит стил, оригинални и духовити размислувања и заклучоци кои имаат научен белег.


Статијата е напис во кој се изнесуваат размислувања за прашања поврзани со политиката, науката, културата и уметноста. Тоа се кратки текстови во завршен облик, најчесто наменети за весници и списанија (новинарски статии).


Расправата е студиозен напис посветен на одредено прашање од некоја научна област. Научните тврдења се поткрепени со аргументи, изворите од кои се црпени информациите се наведени во фусноти, што значи дека расправата се одликува со: објективност, студиозност и документираност. Во неа јасно се издвојуваат воведниот дел, каде се поставуваат тезите, разработката, каде аргументирано се докажуваат и заклучокот, каде во кратки црти се потенцираат изведените заклучоци. Докторските дисертации се еден вид расправи. Трактатот и студијата се другите називи на расправата.


Полемиката е напис во кој се расправа за нечии сфаќања, се оспорува нечија теза, односно со аргументи се побива туѓото мислење. Таа претставува остар судир на две мислења. Ставовите се одбрануваат со аргументи, но зависи и од јазичната способност на авторот. Се случува во полемиката да се нападне и личноста, а не само идејата, што не е многу чесен начин на полемизирање. Силата на аргументите во комбинацијата со силата на јазикот се најсилните елементи во полемиката, а успешноста зависи од судот на оние кои ја читаат, слушаат или гледаат, значи од поширокиот аудиториум. Публиката го донесува последниот суд, па затоа треба да се внимава со ниските удари на личноста, зашто тоа е несимпатично и на крајот секогаш осудено.


Биографијата е животопис на една личност. Биографии се пишуваат за познати и значајни личности од сите области и од антиката до денес. Таа има научни елементи бидејќи се служи со историографија (архивски податоци и сведоштва на современици). Биографија има секој човек. Тоа се најважните податоци од животот: место и дата на раѓање, школувањето, другите успеси итн. Ваква биографија во последно време е потребна кога се конкурира за работно место, за некоја стипендија и сл. и се вика професионална биографија (или curiculum vitae, CV).
Романсираните биографии прават спој од реалните податоци за животот на личноста и уметничките елементи (фиктивни, измислени) служејќи се со пластично и уверливо раскажување.


Автобиографијата е животопис напишан од самиот писател или научник. Таа се заснова врз лични спомени, лично воден дневник итн. и затоа е многу субјективна. Поради силната субјективна страна се поставува прашањето за веродостојноста и објективноста на овој вид литература.
Слично како романсираните биографии, постојат и романи-автобиографии, напишани со јас-исказ, а кои содржат реални и фиктивни елементи.

Фељтонот е краток текст со секојдневна тема: научно-популарна, општествено-политичка или забавна. Обично се печати како додаток во дневните и неделните весници, понекогаш во продолженија. Фељтонот претставува литературно-публицистички жанр и има карактер на лесна забава, напишан со шеговит тон, со тенденција на сензационалност и навлегување во интимата на познатите личности.
Освен новинарскиот, фељтонот може да биде и литературен кога претставува извадок од роман или роман во продолженија.


Репортажата е новинарски напис во кој на сликовит начин се раскажува за настан на денот без да се прави подлабока анализа. Субјективните коментари и стилот на авторот внесуваат уметнички елементи во репортажата.


Патописот е посебен публицистичко-литературен вид во кој се опишува тоа што е видено и доживеано во друга земја. Патописот не е објективен опис, туку авторот внесува свое видување, свои доживувања, свои претходни знаења и идеи.
Од минатото, најпознати се патописите на Евлија Челебија, кој двапати бил во Македонија и на свој начин ги опишува градовите и луѓето од седумнаесеттиот век. Во Скопје бил 1660 година и со воодушевување ја опишува скопската чаршија и убавите жени со бело округло лице чија убавина, според него се должи на чистата вода која ја пијат.

Задачи:

1. Поделени во групи или парови учениците да најдат примери од литературно-научните и публицистичките видови, да ги анализираат и да ги презентираат на час.
2. Напишете ваша биографија!

Драмски видови (трагедија, комедија, трагикомедија, драма во потесна смисла на зборот)

Драмски видови се:

1. трагедија:
античка;
ренесансна;
псевдо-класична.

2. комедија
:
комедија на карактери;
комедија на нарави;
комедија на интрига;
комедија дел арте;
фарса;
гротеска.

3. трагикомедија:

трагична комедија;
комична трагедија.

4. драма во потесна смисла на зборот:

романтична;
општествена (граѓанска);
антидрама (драма на апсурдот).


Трагедијата е драмска творба во која се прикажува несреќната судбина на јунакот кој трага по некоја возвишена, но недостижна цел. Во трагедијата се прикажуваат мрачни, жестоки и тажни настани, ненадејни промени од среќа во несреќа, немоќта на човекот да ја промени својата зла судбина и речиси секогаш завршуваат со смртта на јунакот. Јазикот во трагедиите обично е возвишен. Најпознати автори на трагедии се: Софокле, Есхил, Шекспир и др.

Комедијата е драмска творба во која се прикажува смешното во животот, односно се подложуваат на потсмев негативните особини на луѓето или негативните појави во општеството. Јазикот во комедиите е пообичен, погруб, вулгарен. Во зависност од она што се исмева во комедијата, разликуваме:
Комедија на карактери е комедија каде смешното се однесува на карак-
терот на главниот лик. Најчесто се исмева вообразеноста, скржавоста, мрз-
ливоста, лицемерието, љубомората, лекоумноста итн.
Комедија на нарави е комедија во која се исмеваат наравите и обичаите на одредени општествени групи или професии.
Во комедија на интригата смешното произлегува од ситуациите во кои се вплеткуваат ликовите и на кои им се случуваат неочекувани пресврти и недоразбирања.
Комедија дел арте е една слика од целата комедија која се одвива под маски, а ја содржи само интригата, недоразбирањето. Најчесто е претставен судирот меѓу млади и стари; сиромашни и богати; паметни и глупави итн.
Фарса е кратка комедична слика чија цел е да предизвика смеа. Фарсата се појавила во средниот век, служела за разонода и се играла на плоштади, пазари и панаѓури.
Гротеска е комедија во која смешното се постигнува со пренагласување на некоја карактерна особина на ликот, односно е претставен како карикатура. Во гротеската има и фантастика, хумор, сатира и метафорика.

Трагикомедијата е драмска творба во која се испреплетуваат комични и трагични елементи. Драмските дејства и заплетот се сериозни и со возвишен стил, но расплетот е комичен.

Драма (во потесна смисла на зборот) како посебен вид не е ниту трагична, ниту комична, туку реална. Во неа доминираат теми и мотиви од секојдневниот живот. Тука преовладува внатрешниот свет на ликовите, нивните дилеми, маки и страдања. Овде разликуваме неколку вида:
Романтична драма, во која се меша возвишеното и гротескното, а на преден план се чувствата на ликовите. Се појавува во време на романтизмот и не се придржува кон општите норми на драмата, туку се прокламира слобода во пишувањето.
Општествената драма дава поцелосна слика на граѓанското општество во деветнаесеттиот век кога се појавува. Темите што се обработуваат се: парите, политиката и семејството. Кај нас оваа драма се појавува во облик на битово-социјална.
Антидрама или драма на апсурдот е современа драма која ги отфрла утврдените законитости на класичната драма. Преку симболични, гротескни ликови и парадоксални, алегорични ситуации се обидува да ја прикаже апсурдноста на постоењето. (Бекет - „Чекајќи го Годо“).
Со појавата на радиото и телевизијата се појавуваат нови видови драми:
Радиодрама е специјален вид драма наменет да се емитува преку радио што значи може само да се слуша, а не и да се гледа.
Телевизиската драма е наменета за прикажување на телевизија. Секоја драма може да се адаптира во телевизиска драма. Овие драми може да бидат единечни или во циклуси, односно серии.

Задачи:
1. Обработка на лектирата „Вујко Вања“ од А. П. Чехов.
2. Да се потенцираат сите елементи на драмата во конкретниот пример.

Драма (елементи на драмата, композиција на драмата)

Драмата е еден од трите литературни рода. Таа е претставувачка уметност. Претставувањето на ликовите и настаните е преку дијалошка форма.
Драмите можат да бидат во проза, во стих и комбинирани во проза и стих.


Театарот е тесно поврзан со драмата, бидејќи таа е предвидена да се изведува пред публика. Значи, драмскиот текст, може да го читаме, но може и да го гледаме изведен на сцената.
Драмата е поблиска до епиката, бидејќи има настани (фабула), значи може да ја раскажеме, има ликови, тема, идеја, мотиви итн.
Во драмата има и наратор кој е невидлив. Особено е невидлив во сценските изведби, додека при читањето може да го забележиме на почетокот, кога ни се претставени ликовите и нивните особини во афишата или во дидаскалиите (забелешките напишани во заградите). Сепак, драмата се разликува од епиката, особено по дијалошката форма, но и другите специфики што ги носи.


Дијалогот е основниот белег на драмата. Дијалогот е разговор меѓу два или повеќе лика во текот на драмското дејство.


Драмското дејство, пак, е клучниот елемент во драмата под кој ги подразбираме постапките на ликовите.
Ликовите може да зборуваат сами со себе, или да и се обраќаат на публиката. Ваквиот говор на еден лик се нарекува монолог. Постојот и цели драми со еден единствен лик, кој е носител на драмското дејство и претставувач на настаните. Тие драми се викаат монодрами.
Специфичности на драмата се просторот и времето. Кажавме дека драмата може да се чита, но може и да се гледа изведена на сцена. Еден конкретен простор и време се претставени во самата драма.
На пример, во драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски е претставено Куманово на почетокот од дваесеттиот век. Тоа се просторот и времето на самата драма. Но, кога се изведува на сцена, на пример во Драмскиот театар во Скопје, во дваесет и првиот век, имаме поинакво време и простор. Односно тогаш, времето на драмата, претставена со костумите и други елементи, се испреплетува со времето на случувањето на претставата - сега. Гледачот е свесен и за сегашниот момент, но и за времето претставено во драмата. Додека ја гледа претставата тој има впечаток дека драмското дејство се случува сега (иако тоа дејство може да биде од најдалечното минато или од иднината). Според ова, разликуваме простор и време кои се прикажани со драмското дејство и простор и време на театарската претстава.

Други специфични елементи од драмата, кои може, а и не мора да ги содржи се:


Афиша (театарска листа) се наоѓа на почетокот од драмата и во неа се даваат неопходните податоци за ликовите (возраста, семејните релации, изгледот, облеката итн.), за времето и местото на случување (слично на прологот); но може да има информации и за: режисерот, актерите, сценографот, костимографот и сл.


Прологот се јавува на почетокот од драмата и ја информира публиката (читателите) за времето и просторот каде ќе се одвива драмското дејство.


Драмата е составена од чинови. Во минатото имало строги правила за чиновите, односно драмата морала да има пет чина, што за современата драма не важи. Денес, среќаваме драми од само еден чин (едночинки) или без чинови (само со слики).


Чинот е заокружена целина на драмата. Тој се дели на:


Слика, која е краток временски дел каде се заокружува едно дејство на ликовите, и


Сцена, која е заокружена целина, дел од сликата, и која завршува со влегување на нови ликови во драмското дејство.


Дидаскалии (ремарки, забелешки) се упатства кои ги дава нараторот во загради, а се наменети за читателите, актерите и режисерот. Во нив има податоци за времето, сцената, местото, костумите, движењето итн.


Епилогот се јавува на крајот од драмата и во него се кажува што се случува натаму со ликовите или се искажува пораката на авторот.

Композицијата на драмата е сложена структура. Драмското дејство се одвива во пет основни композициски етапи (обично во пет чина):

1. Експозицијата е вовед во драмското дејство и запознавање со ликовите. Тука се дава почетното дејство кое има цел да го заинтересира читателот (гледачот).
2. Заплетот е развивање на судирот, конфликтот меѓу ликовите.
3. Кулминацијата е врвот на конфликтот и оттука започнува неговото разрешување.
4. Перипетијата е првиот чекор кон разјаснувањето и разрешувањето на конфликтот. Тука се случува пресврт на настаните, односно се случува нешто непредвидено за да се разјасни конфликтот.
5. Расплетот е последната етапа на драмското дејство. Тука се разрешува конфликтот.
Конфликтот, како што кажува самиот збор, претставува судир. Судирот во драмата најчесто се случува меѓу два лика кои имаат различни ставови, кои потекнуваат од различни социјални средини, политички партии итн. Но, конфликтот може да биде и во внатрешноста на еден лик.

3/10/10

Слово заради завист („Различна поучителна наставленија“)

О прокљатаја и на Бога мерзкаја и всепогана и што губи души завист! Она е семја на секо зло и грех. Таја скверна завист, јадовита и гнусна, она испоганила небо и земља и запалила пламен вечнија муки.
Первиј согрешил на небеси Денница, сос завист и фодуллук. Така и Адам у рај што му заповедал Бог, не послушал и отпаднал од Бога. А по Адама и Каин испаден сос завист. Ама тија первии грехове излегли од дјавола што бил Денница. Адама и Каина тој ги научил на зло. Од завист помрачил се и потемнел што бил глава на ангелите, првиј над серафимите, најхубава Денница утро што изгрева и сијае. Прво видел неизреченаја хубавина што е колку три слнца - светлост божества. Паднал у завист, пак си подигнал срдцето на гордост, на фодуллук, па сакал да биде Бог. Рекл на срдцето си и на умо си: „Да се искачим на небото како Бога да бидем“.
Завист Данница ангела помрачи, потемни, падна у фодуллук. Не салт што мислил да биде равен токмо с Бога, но сакал да разумее божество. Денница сакал да излезе на високо место на небеси, и станал дјавол и паднал најдоле под земли, длабоко в бездну. Великиј, голем и светлиј ангел учинил се и станал страшниј дјавол темниј. Пременил си онаја голема чест на вечна мука и изгубил божественних дарованиј светло истаканниј украшенија што го Бог бил украсил. А он останал гол, и како бил јак и тверд, на секо зло и от това се распалил повеќе у ненавист и душманл`к на Бога, сопира се Богу како богоборец и отступник.
Кога познал зашто не може да учини нешто сопротивно на Бога, тој обрнал оружие да чини војска сос човеци. Има еден ѕвер, свиреп и љут, име тому: барб, та многу ненавиди човеци и ако види човека трчи на него и сичка своја љутина излива докад да се насите. Така и дјавол што ненавиди добро не могл да учини некоја пакост на Бога, како видел человека одушевлен, сос душа, потрчал право на него и нападнал змиј јадовитиј како видел он Адама со слава и у почест увенчана у рај сладости и цар на сичко што е на земљата. Затова дјавол от завист се разранил и от ненавист, зашто е многу завистлив. Подговори и прелагал ги, склонил ги да не послушат Бога предеди наши. И тогива се зарадвал зашто ги видел испадени из рај. И кога чул зашто ги предал да умрат, како рекл им Бог - смертију ќе да умрете, - богоборец посрамисја што досади Богу. На човека отврнал, на Бога не могл да отврне, - каже свјатиј Василиј.
Ами како пак не видел он зашто скоро не умират Адам и Ева, како што ги гледал смертни, не хтел да почека ни минута, учинил та скору влезнала у свето смерт: напоил јадом зависти Каиново срдце и рацете му вооружил и научил да го убие брата своего Авеља. И фанала земљата да се оскверњава сос кров човечка. Видиш ли колку зла од едно зло? Видиш ли како дјавол се наситил на сичко големо зло ненеситное свое намерение? Видиш ли додека дошла завист, исполнила?
И тако все това отступление било војска на небеси, што смутил се блаженниј што имал между ангели мир, зашто паднала Денница у бездна и како змија сос опаш свој трета част умних ѕвезд, сиреч ангели. Зашто се разгорел у утробата землена неугасимиј огин вечнија муки. Еве това излегло од завист, зашто преступиле заповест божја Адам и Ева, и испадили ги от рај сладости. Терние и волчци осужден Адам сос пот да работи и да се труди да се храни, а Ева у жалости да ражда деца. Они били безсмертни, да не умират никога, а после станале да умират. Што ние бедни чеда нашли сме прадедините грехове, а и при това божија клетва и гнев, сè това изнела прокљата завист. Што брат неправедно, безчеловечно брата своего, што сос крв безгрешна он осквернил чистују земљу, што отворил страшнаја врата клетви, сос неја влезнало у човеците смерт, сè това донела завист богоборства началница. Она учи да се не слуша заповед божја, братоубиственна мајка, смерти ходатаица, корен на сичко зло. Завист не е друго што, салт на сердце печал, жалба от благоуспешности ближњаго произходјаштаја. Кому некому комшијата му прокопсува, а кој е завистлив, он завиди, оттамо излази завист.
_____________________
непознати зборови:
ненавист - омраза;
фодуллук - гордост, надменост
сиреч - т.е.
Оригиналниот текст:



3/7/10

Јоаким Крчовски („Слово заради завист“)

Јоаким Крчовски живеел и работел на преминот од XVIII во XIX век. Немаме податоци за неговото раѓање, времето и местото, како ни за смртта. Се претпоставува дека презимето го добил според турскиот назив за Кичево - Крчово и дека најверојатно бил родум од таму. Учителствувал во Паланка и Кратово и со тоа, тој е еден од првите наши манастирски учители.

Крчовски отпечатил пет книги:

1. „Слово исказаное заради умирание“, печатена 1814 г. во Будим и е анонимна, но според стилот и јазикот, му припаѓа нему. Тоа е првата книшка на народен македонски јазик, составена од проповеди наменети за воспитување во христијански дух.

2.„Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова“, отпечатена исто 1814 г. во Будим. На насловната страна е даден податокот: списана от хаџи Јоаким даскала - од каде дознаваме дека бил учител во едно од манастирските училишта каде наставата се одвивала на македонски народен јазик.

3. „Сија книга глаголаемаја митарства“, 1817 г. во Будим. Тука дава уште податоци за себе - дека е монах и дека неговото презиме е Крчовски. Митарства е поголемо дело од 62 страници каде има апокрифни текстови за патувањето на човечката душа по смртта за да стигне во рајот. Оваа книга има верско-морализаторски карактер.


4. „Чудеса пресвјатија Богородици“, 1817 г. во Будим.


















5. „Различна поучителна наставленија“, 1819 г. во Будим. Оваа книга е најголема, со 310 страници и претставува зборник од различни слова со религиозно-поучен карактер.

Крчовски користел текстови од „Евангелието“ и „Стариот завет“ за да ги поучи луѓето да го поправат својот карактер и да живеат според христијанскиот морал. Според него, пијанчењето е најголем грев, но и другите пороци: лакомството, суеверието, лажењето, крадењето итн. Тој е револтиран од социјалната нееднаквост на луѓето и ја велича наобразбата и учителите.
Книгите на Јоаким Крчовски одиграле важна улога во верската и моралната просвета. Зацврстувањето на верата значело и зацврстување на националната свест. Неговите текстови не се со оригинална содржина, тоа се преводи или преработки на христијански текстови, но важно е тоа што се напишани на народен македонски јазик - на кратовско-кривопаланечки говор, со примеси од западните говори, и црковнословенски елементи. Затоа тие претставуваат почеток на новата македонска литература.


Слово заради завист
(од „Различна поучителна наставленија“)

Темата на текстот е зависта како негативна човекова особина, а идејата - да се искорени тоа човечко зло.
Композициски текстот има: воведен дел, изложување и заклучок.
Во воведниот дел авторот го изнесува своето размислување за зависта, кое според него е лошо, одбивно и погубно чувство. Зависта ја нарекува - проклетија, мрска и погана, затоа што е извор на секое зло, не само на земјата туку и на небото.
Изложување - во овој дел ќе образложи каде, кога и како се појавила зависта земајќи примери од „Библијата“.
Според библиската легенда, таа прво се појавила меѓу ангелите. Еден ангел што светел како сонце му завидел на Бога, сакајќи и тој да поседува чудотворна моќ, но бидејќи не можел, од завист потемнел и станал црн ѓавол. За казна Бог го исфрлил од рајот и го фрлил во пеколот вечно да се мачи. Така се родила зависта, односно ѓаволот кој е нејзин симбол. Но, зависта не мирувала.
Ѓаволот им завидел на Адам и Ева зашто уживале во рајот и за да им напакости се престорил во змија. Така, ја наговорил Ева да не го слуша Господ и да касне од плодот на сознанието. Тие биле казнети од Бога, протерани од рајот и станале смртни.
Зависта била причина и за првото братоубиство на земјата - Каин го убил својот брат Авел заради завист. Оттогаш почнала да се лее крв на земјата.
Во завршниот дел, Крчовски ги коментира овие примери и дава заклучоци, велејќи: „...Она учи да се не слуша заповед божја, братоубиствена мајка, смерти ходатаица, корен на сичко зло. Завист не е друго што, салт на срце печал, жалба...“

3/2/10

Просветителство - вовед

Просветителството во Европа

При крајот на XVII век, моќната буржоазија сакала што побрзо да го симне феудализмот од опшествената сцена. Просветителството се јавува како идеологија на буржоазијата која верувала дека за менување на општеството е доволно да се смени сознанието на човекот. Како најнапредна се јавува буржоазијата во Англија чии научници и мислители ги шират новите идеи.
Просветителството (рационализмот) на прво место го става човековиот разум. Човекот не можел повеќе да се задоволи со толкувањето на црквата за настанокот на светот и животот. Тој сакал сè да види и сè да испита., а за да успее ова критичко гледање на стварноста, човекот морал да биде просветен. (Разумот да се просвети - рационализам и просветителство.)
Придвижувач на идеите на просветителството е филозофот Џон Лок со делото „Теорија на сознанието“. Тој вели дека сознанието не е вродено, туку се развива во текот на животот. За него, детето кога ќе се роди е празна табла (табула раса) на која животот, сознанијата и искуството ги испишуваат впечатоците. Според него, сè што не може да се докаже со здравиот разум е невистина, лага, заблуда и суеверие.
Во ова време творат и двајца многу популарни писатели: Даниел Дефо („Робинзон Крусо“) и Џонатан Свифт („Гуливеровите патувања“).
Од Англија, правецот се шири и во Франција.
Волтер, во своето дело „Кандид или за вербата“ ги исмева кралевите, свештениците, благородниците и воените лица со што покажува дека тие немаат божествено потекло, односно дека не се определени од Бога да владеат со народот.
Жан Жак Русо, во делото „За општествениот договор“ истакнува дека секој човек се раѓа слободен, па затоа потчинетоста на луѓето е најголемо зло што треба да се искорени.
Во духот на просветителството, Дени Дидро, со многу соработници, најголемите мислители од тоа време, ја составува првата „Енциклопедија“. Целта била, на едно место да се собере целокупното човечко знаење и да се пренесе на следните генерации.

Просветителството во Македонија

Во Македонија Просветителството се јавува еден век подоцна со свои специфики заради општествените прилики.
Во првата половина на XIX век Македонија била под турска власт, но Турската Империја веќе била ослабната, па затоа пашите и беговите се прогласувале за самостојни господари во своите пашалаци. Така започнале силни самоволија и малтретирања на македонското население, особено во селата. Животот таму станал толку неподнослив, што тие почнале масовно да се селат во градовите. Луѓето морале да го сменат начинот на живот и работа, па почнале да се занимаваат со занаетчиство и трговија.
До крајот на XVIII век во градовите живеело претежно турско, грчко и влашко население, но со преселбата таа ситуација се изменила. Така се појавила новата македонска граѓанска класа која била предуслов за појавата на културно-просветната дејност во Македонија. Таа класа почнува да се интересира за градење на цркви и манастири и за отварање училишта. Тие го помагаат црковното сликарство и резбарство, печарењето книги, отварањето печатници и училишта (во Скопје, Велес, Охрид, Штип, Прилеп, Куманово). Истовремено се развива и учебникарската дејност.
Литературната дејност во првата половина на XIX век е многу скромна и по обем и по уметнички достигнувања.