5/30/10

Григор Прличев - „Сердарот“

(1830/31-1893)

Роден е во Охрид, во сиромашно семејство. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семјството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал.
1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина што никогаш не го завршил, но тогаш за првпат дознал за конкурсот за поема. По 10 години се вратил во Атина, да ги продолжи студиите, а всушност да се пријави на конкурсот.
Со поемата „Сердарот“ („О Арматолос“) тој го освоил првото место, ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откаже од се словенско во него - и тој ја одбил.
Следната година повторно се пријавил на конкурсот со поемата „Скендер-бег“, но таа година по некој случајност, конкурсот не се одржал.
Кога дознал за смртта на браќата Миладиновци, Прличев ја напуштил Атина и се вратил во татковината за да се бори со владиката Мелетија (виновникот за затварањето на Димитрија). Од тогаш, па сè до крајот на својот живот, Прличев се борел со носителите на туѓото влијание во неговата татковина. Тоа ќе биде причината тој да биде прогонуван, па и затваран (во дебарскиот затвор).
Во 1871 година го објавил препевот на „Илијадата“, но бил жестоко искритикуван, па дури и исмеан од бугарската критика. Причината била тоа што тој пишувал на општословенски, а не на бугарски литературен јазик. Тој се занесувал со идејата да направи општословенски јазик - комбинација од словенските јазици, кој ќе го користат сите Словени (словенски есперанто). За жал, таа идеја не била прифатена и реално била неизводлива. Разочаран, се повлекол во Солун каде ја напишал „Автобиографијата“. Во нашата литература ова е прво дело од ваков тип, напишано во проза.
Последните години од својот живот ги поминал во родниот град, речиси сосема осамен и разочаран.


Сердарот

„Сердарот“ е историско-јуначка поема; историска балада.
Темата е борбата на Македонците против насилствата на Гегите, или поопшто, борбата за слобода.
Идејата - да го прикаже макотрпното минато на својот народ и стремежот за слобода.
Поемата е напишана на грчки јазик (бидејќи се пријавил на конкурсот за поема во Атина).
Мотивот, Прличев го зел од народната песна за Кузман Капидан, а бил инспириран од тешкиот живот на Македонците од западните делови на Македонија кои биле изложени на терор од страна на Гегите. Па дури и турската власт за да го заштити населението од грабежи, за да може после да им земе даноци, морала да организира заштитнички единици. Кузман Капидан бил водач, сердар на една таква единица.
Поемата е сочинета од 228 строфи со по четири стиха (катрени), од кои првиот и третиот стих се петнаесетерци, а вториот и четвртиот осмерци. Во неа мотивот и версификацијата (градбата на стиховите) се под влијание на народната македонска поезија, додека стилските особености - сложените епитети, мотивите и ликовите од грчката митологија, опширната епска нарација, описот на оружјето, на двобоите и градењето на ликовите се под влијание на Хомер.

Содржина

„Сердарот“ започнува со потресна слика за положбата на македонското население во Галичник и Река, каде е лоцирано дејствието на поемата.

Пискотници се слушаат од Галичник во Река,
Што тешка несреќа ги збра
и мажите, и жените, та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?

Дал’ град полињата житородни ги беше фатил?
ил’ рој од скакулци се вдал?
Дал’ султанот арачлии пред време беше пратил
да збира арач лут без жал?

Ни град полињата житородни ги беше фатил,
ни рој од скакулци се вдал,
ни султанот арачлии предвреме беше пратил
да збира арач лут без жал!

Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,
тој сердар прочут падна в бој,
и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,
и да ги брани нема кој...

Со познатата словенска антитеза, карактеристична за нашето народно творештво (но и за Хомер, види го извадокот за разделбата на Хектор и Андромаха - употребена е истата стилска фигура), Прличев нè воведува во понатамошниот тек на поемата.
Гласот за смртта на јунакот се шири со голема брзина и тој предизвикува болка и страв кај населението, зашто ќе нема кој да го заштитува.
Од тој ужас и немир што се шири меѓу селаните, Прличев се префрла на тивкиот и мирен дом во кој мајката на Кузман - Неда е осамена и во исчекување да се врати синот. Таа претчувствува нешто страшно, бидејќи сонувала како се руши куќата и потпорната греда (Кузман) не издржува. Со смирен тон и многу сликовито, Прличев ја опишува мајката:

На средна е доба; и јадра, сосема здрава,
кршна и херојски силна.
Извајана е амазонската нејзина става:
Вистинска личота милна.

Годините не ја намалиле нејзината убост;
на лице свежест се гледа,
младешката сочност не ја беше сменила грубост.
Таа е кутрата Неда!

Таа е последна која дознава за смртта на синот, сите се плашат да и ја кажат кобната вест, но кога таа сепак допира до неа, Прличев го повишува тонот и ги градира чувствата:

Да, како лавица што дрско ловците ја гонат
и плодот и го крадат прв...
А тогаш и најтврдиот од очи солзи срона:
го стигна жалта својот врв.

Мајката жали, испушта крици како лавица, ја фрла шамијата од главата, ги кубе косите, но многу брзо се созема и им се обраќа на селаните возвишено и гордо:

Доста му се ридањата, пискотите мои ледни
за награда во овој час.
Над ваш’те невести и ќерки плачете, о бедни
бидејќи за нив нема спас.

Но, Неда не е само мајка на загинат јунак, туку и борец, закрилник на народот што ќе го земе мечот во својата рака за да го одмазди синот и ќе ја продолжи неговата борба:

Но и други борци ќе воскресне Река и водач
нивни ќе излезам в гора.
По вашата трага ќе тргнам и по вас ќе одам...
Јас да ве уништам морам,

Ил, мртва ќе паднам. Зошто ми е животот кога
син ми неодмазден ќе е?
Во бојот ќе побарам смрт. Но, по желба на бога
може и триуф да грее!

Гегите (Албанците) се непријателите кои го пљачкосуваат и тероризираат населението, но Прличев ги слика како поклоници на јунаштвото и чесноста. Тие за да му оддадат почест на големиот јунак, сами на раце го носат Кузмановото тело во домот на мајката, на тој начин искажувајќи ја почитта и кон неа и нејзиното херојско и гордо однесување. Стариот Албанец ќе каже:

И везден ти да плачеш, имаш зошто. Биди силна!
Ти загуби, о мајко, џин!
Народните ќе пеат колена со уста милна
за делата на твојот син...

Тој ќе ја опише борбата и невидената храброст и сила на Кузман кој убил многу Албанци и двобојот меѓу Махмуд и Кузман во кој загинал. Ја опишува Кузмановата смрт како најхеројска и достоинствена:

Од крвта ненаситен се уште водеше битка,
лутина гневна дишејќи;
од раните бликаше крвта, но се уште бритка
мавташе сабја, беснејќи.

Непријателот е воодушевен од јунаштвото и сака да ја утеши мајката:

...јас не сретнав појунак човек,
жено, од сина ти сакан.
И блажени нека се твоите гради се довек
што го отхраниле така.

Од голема почит, тој ќе вети дека Гегите никогаш нема да ја нападнат и навредат мајката на јунакот, дека таа секогаш ќе биде заштитена. Но, храбрата Неда не прифаќа да ја заштитат само неа, таа сака заштита за сите Македонци.
Прличев потоа го опишува ритуалот на капењето на мртовецот, тажачката на Неда, како и историјата на семејството, дека и Кузмановиот татко исто така се борел и храбро загинал.
На крајот од поемата, сосема кратко, но многу сугестивно е прикажана Марија, свршеницата на Кузман, која од силна љубов знае само за верност до гроб. Таа го презира својот убав лик, ги распушта косите и фрла пепел врз нив, сосема се отуѓува од животот и убавините што може да и ги донесе, па затоа се закалуѓерува.

...Румената лика од болката свенала многу;
лицето — восок и стана...

И почна од луѓето да се отуѓува; веднаш
в мисли да потоне знае...
Си шепотеше сама...И сите ја сметаа, бедна,
за поулавена да е...

Гробот на Кузман е секогаш осветлен со кандило и на него цвеќе има, бидејќи таа не го заборава, а не треба да го заборавиме ни ние.

Ликови

Со особено мајсторство и во хомеровски дух, Прличев ги насликал ликовите во неговата поема. Сите ликови се длабоко сугестивни, силно впечатливи, носители на возвишени, но и реални особини.
Неда е централен лик во поемата. Таа е мајка на јунакот, но и самата јунак. Таа е храбра - гордо ја поднесува смртта на синот, бестрашно им се спротивставува на непријателите, подготвена е и самата да се бори и да ја поведе борбата - да стане водач. Јасно е изразена нејзината решителност и чесност. Но, освен овие возвишени атрибути, таа е сепак мајка, чувствителна, која безмерно го љуби своето единствено дете. Нејзиниот крик и плач е мајчин, зашто нема ништо пострашно од смртта на детето. Но, и во таа болка Неда не мисли само на себе, туку и на целиот нејзин народ кој останал незаштитен и кој треба да преземе дел од таа болка.
Во ликот на Неда, Прличев го насликал и ликот на својата мајка кон која чувствувал голема љубов и почит.
Кузман е загинат уште на почотокот од поемата, затоа за него дознаваме преку раскажувањата на другите ликови, ретроспективно (преку навраќања). Тој е олицетворение на возвишено јунаштво кое е почитувано дури и од непријателот. Силен и храбар во борбите со него. Тој е заштитник на народот и својот живот го жртвува за доброто на сите. И кај него се гледаат обичните човечки особини како - љубовта и почитта кон мајката, како и љубовта кон девојката Марија со која сакал да го минува животот и да создаде семејство.
Гегите во поемата не се негативни ликови. Тие се непријатели - пљачкаши, немилосрдни, убијци, но и тие ги носат возвишените атрибути на чесност - носејќи го со сите почести мртвото тело на Кузман во домот на Неда, ризикувајќи да бидат убиени од гневното и желно за одмазда население. Тие и самите борци, имаат респект кон борецот, така ја покажуваат својата човечност. Особено се истакнува стариот Албанец, со својата мудрост и желба да ја утеши ужалената мајка, величајќи го неговиот смртен непријател.
Марија, свршеницата на Кузман, иако е опишана сосема кратко, е исто така впечатлив лик. Таа е достојна на љубовта на големиот јунак, верна до гроб, бескрајно вљубена, тивка и искрена. По смртта на својот љубен, таа нема повеќе за што да се радува, се повлекува во калуѓерство, посветувајќи му се целосно на споменот на таа љубов.
„Сердарот“ има врвни уметнички квалитети. Поемата е симбиоза (обединување) на фолклорот, Хомеровиот стил и сопствената силна уметничка дарба на Прличев. Богатството на јазикот, стилските изразни средства, силината на претставувањето на ликовите, фабуларниот тек (со ретроспективни навраќања) ја ставаат оваа творба на највисоко место во периодот на Романтизмот, но и денеска.

Рајко Жинзифов

(1839 - 1877)

Роден е во Велес во влашко гркоманско семејство. Неговото вистинско име било Ксенофон Ѕинѕиф. Татко му, Јоан Ѕинѕиф имал завршено медицински факултет во Атина, но работел како грчки фанариотски учител во Велес.
Во почетокот на 1856 година се вработил во Прилеп како помошник-учител на Димитар Миладинов. Работата како учител подоцна ја продолжил во градот Кукуш, каде заедно со Димитар Миладинов развиле голема преродбенска дејност. Под негово влијание го променил грчкото име во словенско - Рајко Жинзифов.
Подоцна заминал за Русија и се запишал на Историско-филозофскиот факултет во Москва, каде се движел во кругот на македонските студенти и, покрај учењето, се занимавал со писателска, преведувачка и публицистичка дејност.
По завршувањето на универзитетот, се вработува како професор по старогрчки јазик во една од московските гимназии. Продолжува со книжевна дејност, но главно со превод и публицистика, а соработува и со руски, словенофилски и бугарски списанија од Цариград.
Жинзифов пишувал песни од кои посебно се значајни „Глас“ и „На Велигден“. Тој ја напишал и поемата „Крвава Кошула“, која е издадена во 1870 година, на македонски јазик. Го напишал и првиот расказ на македонски јазик „На прошедба“.
Починал на својот 38 роденден, на 15 февруари 1877 година.

Глас

Далеч од баштина, далеч од роднини,
Не в чужда за мене земја,
В полјани кичести, зелени долини,
Самичак в планина шетам ја.
Ја сја расхождам, но на душа ми тешко
И једни мисли мене борат,
И мене стават то студено, то жешко,
И чувства то гаснат, то горат.
Ја искам сенка, ја искам прохлада,
Душевна ја искам тишина,
Че клето ми срце доста вече страда,
И сја нагледа всекаква злина:
Коварство сос бедност, сос гордост лукавство,
Сон мртов, глупава простота,
Љубов на слова, и слога без братство,
И хитрост, л`жлива доброта.
„Безумец, безумец душа ти ленива,-
Ја чух невиден и таен глас -
Спрегни плуг за заборавената нива,
Че блиска ет доба, близок ет час.
Стани, земи остен в р`це, работај
Ти ден и ношт, сос пот,
Истреби трње, исчисти троскот, изорај
Бесплодна нива да дадит плод.
Стани, безумец сос молитва горешта
Ти клетва дај, стори си крст,
Стани ти, иди напред, иди на срешта,
Но бој сја, бој сја, Божји прст“.
- Готов сум, сја к`лнам, да изорам нива.
Кажи кој си ти, невиден глас?
„Чуј! - загрме, глас сја одзива -
Ја сум Божји гнев, народен глас!“

Во првиот дел од песната лирскиот субјект е осамен, далеку од својата родна земја и се бори со противречните чувства и мисли. Тој посакува спокојство за постраданото срце кое ги видело сите зла, лицемерија, итрини, лажни доброчинства.
Во вториот дел, во осаменоста, тој слуша некој глас кој му се обраќа и го повикува да ја изора забореваната нива и да го исчисти троскотот и трњето, односно го повикува да и помогне на татковината, да ги „истреби“ натрапниците, окупаторите и пропагаторите. Тоа е гласот на народот кој ја посакува слободата.

5/16/10

Константин Миладинов - поетско творештво

(1830-1862)


Константин Миладинов е основоположник на македонската уметничка поезија. (Пред него стихови напишале Кирил Пејчиновиќ и Џинот, но без уметничка вредност.)
Константин е најмалото, седмото дете во семејството, родено неколку месеци по смртта на таткото. Сепак, имал полесни услови за школување поради брат му Димитрија кој го зел под своја закрила. Кај него го завршил основното училиште, гимназија завршил во Јанина, а на студии се запишал на Филозофскиот факултет во Атина (3 години). Сакајќи да се школува на словенски јазик оди во Москва каде студира Словенска филологија. Таму се разболел од туберкулоза и тргнал кон дома. Патем се среќава со Јосип Јурај Штросмаер и во Загреб го отпечатува ”Зборникот“. Дознава дека брат му е затворен и наместо дома, заминува во Цариград за да му помогне, но и него го затвараат. Во јануари 1862 починува во затворот во Цариград, а два дена по него и брат му Димитрија.


Литературна дејност

Константин го напишал Предговорот на „Зборникот“ кој претставува прв обид за научен труд од областа на народната литература. Тој го истакнува значењето на народната литература како најчист, најсигурен показател на националната индивидуалност. Тука е објавен првиот преглед на нашата народна литература и првиот обид за нејзина класификација.


Поетско творештво

Познати се 15 песни кои со сигурност се знае дека се на Константин. Две од нив имаат публицистичко-пропагандистичка тенденција, а останатите се со уметничка вредност.
Особености на Константиновата поезија:
1. Карактеристично за Константин е тоа што во Русија, во туѓа словенска средина, опкружен со многу бугарски и руски студенти, тој своите песни ги напишал на македонски јазик, струшки говор. Од друга страна, тој бил во постојан допир со народната македонска песна (која му ја испраќал Димитар), па веројатно тоа бил пресудниот факт да пее на македонски.
2. Овој контакт повлијаел и на начинот на кој се напишани песните. Константин немал друг пример, некој претходник, туку само народните песни. Затоа, многу често поетските средства се преземени од народната поезија. На пр. епитетите: зелени ледини, поле широко, гора зелена, ладна сенка, црна земја, бело лице, се карактеристични за македонските народни песни.
3. И во поглед на метриката, Константин најчесто ги користи осмерецот и десетерецот, карактеристични за народното творештво.
4. Мотивиката е исто така во голема мера во зависност од народната. Неговите песни: „Бисера“, „Скрсти“, „Побратимство“, слободно можат да се внесат во некоја збирка со народни песни, а да не се почувствува дека станува збор за некој определен поет.
Меѓутоа, и покрај сите овие народни елементи, Константин има и тоа како свој, личен тон, свој сопствен израз.


Поделба на Константиновата поезија

1. Интимна лирика

„Шупељка“ - песна во која ја искажува својата тага за изминатото детство и младост. Со мирен, спокоен тон поетот се сеќава како свирел со шупелка по зелени ледини, безгрижно трчал по пеперуги кога бил дете, а со другарите во младоста свирел и играл со срце весело.
Во вториот дел на песната, ја искажува својата носталгија, желбата од Москва да се врати дома, под ладна сенка, без врева и другари, сам со себе и својата татковина и нејзината убавина, да свири на шупелката ”как ке ме учит срцево“ .

Ушче ко си беф малечек,
От клас си писка напраиф.
Со неја свиреф, подскаквеф,
И по зелени ледини
Си трчах по преперуги.

Достигне други години;
Да свира мило ми беше.
Радосен свирка напраиф
И со моите другари
Играф со срце весело,
Трчаф по поле широко,
Шетаф по гори високи
И низ езера поминаф.

Сега се други времина;
Ја сега нејќу да трча,
Не ми е мило да шета,
Ни сака игри другарски.
Сега шчо ми је најмило,
Дружба да има шупељка,
Да најда место високо,
Под ладна сенка д’боа:
Пред мене поле широко,
Под ноѕе рече да течит,
Над глаа ветар да шумит;
И ја на д’бот навален
Да свира со шупељката

Как ќе ме учит срцево.

„Не - непијам“ е весела песна и ситуација во која се наоѓа поетот напоен со тиквешкото вино. Како секој поднапиен докажува дека не е пијан.

Ми велет онје пијан сум;
А ја си не знам какво е
Т’ва пусто, шкуро пијанство!
Ја друго нешчо не сториф -
С’де си зедоф крај мене
Сафа со винце тиквешко
И си се малку нацицах.

Ми велет с’нки ноѕеве-
Ко д` ода ми се валеет.
Земја се тресит, вервите,
За т’ва ноѕе валеет.

И ак` си чукна главата
На ѕиздои и на камења,
И ак` се цумки на чело,
От такви мали работи
Али требит да се плашиме?

У! пијаница, падинат!
Ми велет и се смеет.
Ко да им нешчо напраиф!
Шчо имат, ако падина?
Пак како јунак си станва.

Немојте усти погани,
Тук-така не клевете ме!
И пак ви верно пофтора:
Ја сосем не зна името
От тоја пусто пијанство. -
Ич не сум ја пијаница!

2. Љубовна лирика

Бисера

Бисеро моме, Бисеро,
Шчо носиш бисер на грло?
Твоето грло хубаво
И од дробнаго бисера
Хилјада п’ти побело.

Бисеро моме, Бисеро,
Зашчо со бисер покриваш
Твоето грло хубаво?
Ја нејќу бисер да баца
Тук сака твоето грло.—

Бисеро моме, Бисеро,
За кого низиш бисер’т?
За кого готвиш дарои?
Ја дарој бисер не сака
Тук сака мома Бисера.

Во песната „Бисера“ е искажана искрената и чиста љубов што поетот ја чувствува кон момата Бисера. Ја истакнува нејзината убавина, велејќи дека нејзиното грло е стопати поубаво и побело од бисерите што ги носи. Потоа ја искажува неговата намера: ја нејќу бисер да баца/ Тук сака твоето грло, а на крајот чистата љубов кон неа, а не кон материјалните нешта: Ја дарој не сака/ Тук сака мома Бисера.

Желание

Кога ке доит при мене!
Кога ке седнит до мене!
Така си велеф ката-ден. —

Ја кога дојде у мене —
Как ке излеза пред неа!
Да не би дошла никога! —

Во песната „Желание“ поетот се претставува како срамежлив љубовник (можеби е автопортрет).

Голапче

Голапче мало хубаво, голапче златокрилесто,
Кога ти дојде при мене? И кога в часот побегна? —
Ушче ја глас ти не слушнаф: ушче те харно не видоф,
Дан ми се, мило, наљути? Дан ми се, добро насрди!
Зашч не ти хубост пофалиф, зашч не ти крилја помазниф?

Ела ми, мило, ела ми, ела ми сега при мене.
Ја ке ти хубос пофалам, ја ке ти крилја помазнам,
Ја ке те тебе назобим се со дробнаго бисера,
Ја ке те чува секога, мое ми мило, в пазува.

Песната „Голапче“ е шеснаесетерец, а гулапчето симбол на девојката, чест во романтичарската поезија. На почетокот, поетот се самообвинува дека можеби не го погалил (не и обрнал доволно внимание на девојката) гулапчето, па затоа е налутено. Во продолжение го моли да дојде, да се врати, за на крајот да се заколне на вечна верност: Ја ке те чува секога, мое ми мило, в пазува.

„Думание“ - ја опишува неговата внатрешна борба - зошто да љуби, кога љубовта не дава мир.

Зашчо, зашчо ја да љубам?
Зашчо себеси да губам?
Окул-нокул јарка младост,
От љубовта барат ладост.
Тја лад не дат, пламен даат,
И во м’ки души клаат.

Зашчо, зашчо ја да љубам?
Зашчо себеси да губам? -
Јарка младост, јарко греит
И ко цвеќе ме венеит.
Барам сенка да с’оладвам,
В место сенка, в жарој падвам.

Зашчо, зашчо ја да љубам?
Зашчо себеси да губам? -
Младост срцето ми печит
Без надежда да м’излечит.
Ела, младост, усили се
И во мене угасни се!


„На чужина“ - љубовта кон девојката Неда, која ја повикува да му дојде кај него во туѓина. Песната е напишана во четверец:

Ја си дремам,
Зашчо немам
Шчо да чинам
На чуждина.
Имах дома
Една мома
Наружена,
Накитена; -
С’нце греит,
Ког' се смеит.
Та ме љубит
И се губит
За моето
Счастје клето.
А ја тука
Беден пука
Од жалење,
Од страдање.
Крилја бара
на пазара
Да си метнам,
Та да летнам,
И да идам
Да ја видам;
Ама нема
Да си зема.
За тва седа
И за Неда
Мислеешчем,
Жалаешчем.
Ја не дремам,
Ами земам
Перо, книга
И со брига
Ахтам, дишам
И си пишам:
„Ах миленце,
Ти поленце!
Как' си била
Златокрила,
Крило павни,
Ветер мавни;
Над планини
На вишини
Подкрени се,
Оп’ти се,
И од тамо
Дојди вамо.
Чистороса,
Златокоса,
На рамена
Растурена
Коса фрли
И обгрли
Мене бедни
П’т последни.
Тога веќе
Мајско цвеќе,
Не ќе дремам,
А ќе земам
Расцутена,
Миск обелена,
Сколова
Живот нова.

3. Социјална лирика

Сираче

Сираче момче сејало
И јадна песна пејало:
Каде се чуло, видело
Седум години во село
Да сеа, жниа и пота
И от мојата работа
До зрнце да се изабит
От чужи да се разграбит!
А ја сираче да шетам
И улиците да метам,
Везден работа нивата,
Без да си крена главата.

Дожд да врнит? но ја не седа,
А работата си гледа!
Вечер ке зајдит с’нцето,
Ја ушче шета полето.
Раното с’нце излегвит,
На нива мене досегвит.
Сите со лебец, со вода,
А ја без корка да ода!
Сите сос рубо шарено
И сос кадифе зелено,
А ја од сите терано,
Носам од сите раздрано.
Ако ме некој погледни
И покрај себе ме седни,
Мој нарачници проклети
Јадвени пушчат клевети.

Детската радост ко цвеке
В пусто ми срце се суши,
И пред очите ми веке
Само ми счастје се вруши.

Сите си имаат роднина,
Со ним се смејет, си пејет
А мој надежди в пустина
Од силни ветри се вејет.

Некаква т’га ја има.
Се прах и пепел се чинит.
Пред мене веков как в зима
Во темни м’гли се чинит.

Во песната „Сираче“ поетот ја осудува социјалната неправда, експлоатацијата на едно сиромашно селско момче кое ги вршело сите селски работи само за корка леб и кое немало никаква младост. Неговиот живот е без роднини и без перспектива.

4. Рефлексивна лирика

Тешкиот очај што го совладал поетот во загушливата атмосфера во која се движел при крајот на својот престој во Москва, јасно се чувствува во овие две песни:
„На с’нцето“ - осамен и тажен поетот му се обраќа на сонцето како на пријател, очајно извикува и прашува дали и другите луѓе напразно го поминале животот. На крајот моли за малку убавина и светлина во својот живот.
„Т’га за југ“ - патриотско - рефлексивна, најжалната воздишка за родниот крај.
Инспирација да ја напише оваа песна било писмото што Константин го добил од Димитрија: „Дојди си мили брате, поскоро, од ништо не бој се ... остај сè ... јас веќе ти најдов место за учител во Охрид ... Дојди право во татковината, да ги зарадуваш моите деца, нашите роднини и пријатели. Нашата чудна пролет, миризливите цвеќиња, зелената трева по нашите планиње, моите и прегратките на нашите роднини - сето тоа е земен рај!“

Т’га за југ

Орелски крилја как да си метнех,
И в наши ст’рни да си прелетнех!
На наши места ја да си идам,
Да видам Стамбол, Кукуш да видам.
Да видам дали с’нце и тамо
мрачно угревјат како и вамо.

Ако как овде с’нце ме стретит,
ако пак мрачно с’нцето светит;
на п’т далечни ја ке се стегнам,
и в други ст’рни ке си побегнам,
к’де с’нцето светло угревјат,
к’де небото ѕвезди посевјат.

Овде је мрачно и мрак м’обвива,
и темна м’гла земја покрива;
мразој, снегој, и пепелници,
силни ветришча и вијулици,
околу м’гли и мразој земни,
а в гр’ди студој, и мисли темни.

Не, ја не можам овде да седам,
не, ја не можам мразој да гледам!
дајте ми крилја ја да си метнам
и в наши ст’рни да си прелетнам;
на наши места ја да си идам,
да видам Охрид, Струга да видам.

Тамо зората греит душата,
и с’нце светло зајдвит в гората;
тамо дарбите природна сила
со с’та раскош ги растурила:
бистро езеро гледаш белеит,
или од ветар синотемнеит;
поле погледнеш или планина,
сегде божева је хубавина.

Тамо по с’рце в кавал да свирам,
с’нце да зајдвит, ја да умирам.
Во Москва

Поетот со силни компарации си ја доловува саканата татковина, која добива една натприродна светлина и убавина, за разлика од суровата и мрачна московска средина.
На почетокот, како народниот поет тој бара нешто невозможно за тоа време - крилја - за да летне и да се најде во родната земја и да провери дали и таму е мрачно како во Русија. Но, ако и дома не е сончево и топло, тој и понатаму ќе бара такво место.
Осамениот поет, со многу густи бои и тешки тонови ни ја прикажува мос-
ковската природа и своето срце полно со студови, не само заради студената клима, туку и заради студениот прием на руските дејци кои не сакале да го отпечатат „Зборникот“ и само кажувале празни зборови и ветувања (ветришта и вијулици).
Затоа тој цврсто решава и извикнува: Не, ја не можам овде да седам!
Очаен, болен и несреќен, поетот се бори да се ослободи од тешката атмосфера и крилјата му се единствениот спас за да може да долета до родниот крај.
Таму го влече се. И спомените и природата и роднините. За него тоа е најубавото катче на земјата што така топло и со јаки бои го слика.
На крајот поетот ја искажува својата последна желба: да умре дома, покрај езерото.
За жал, желбата нема да му се исполни, тој не успева да се врати во татковината, зашто умира во темните зандани на Цариград каде отишол за да му помогне на брата си.
Но, тешката криза што така очигледно се чувствува во оваа песна, поетот ја пребродил. За тоа најдобар доказ ни е песната „На чужина“ - последната песна испеана на враќање кон дома, во Виена. Таа е жуборлива и весела и ни го прикажува душевното преродување на поетот.


Романтизмот (Преродбата во Македонија) - Димитар Миладинов

Романтизмот во Македонија се појавува во средината на XIX век (1850-1860 г.)

Тој се карактеризира со будење на националната свест:

- воведување на македонскиот (народен) јазик во училиштата;
- составување и печатење учебници;
- собирање народни умотворби.
Димитар Миладинов
(1810-1862)


Челно место во македонската преродба зазема Димитар Миладинов. Тој прв ја поведе и организира преродбенската борба.
Роден е во Струга, во бедното и многудетно (5 браќа и 2 сестри) семејство на грнчарот Ристе. Од најрана возраст пројавил желба да се школува. Најпрвин учел во ќелијното училиште во манастирот Св. Наум, а потоа во охридското класно училиште.
Започнува со учителствување во Охрид, 1830 година, но по две години заминал да се дошколува во гимназијата во Јанина. Таму бил три години и добро ги изучил францускиот и италијанскиот јазик. Се вратил на работа во Охрид каде училиштето доживува огромен успех. Затоа грчкиот владика почнал да му прави пречки, па тој преминал со работа во Струга. По покана оди да учителствува во Кукуш, а подоцна и низ други македонски градови: Битола, Прилеп, во с. Магарево, Битолско итн.
Важен момент од неговиот живот е средбата со Виктор Иванович Григорович, руски славист и собирач на народни умотворби (во 1845г.), кој ќе го поттикне на преродбенска дејност. Димитар ќе оди во Србија и Босна за да се запознае со тамошната преродба и ќе сфати дека ќе мора да се бори против грчката духовна власт. По две години се враќа во Струга и почнува засилено да работи:
- учителствува воведувајќи го македонскиот народен јазик во училиштата (доживува метаморфоза - од голем почитувач на грцизмот до негов најжесток противник);
- собира народни умотворби;
- активно ја популаризира идејата за национално будење и културно-просветно развивање;
- наоѓал следбеници;
- се грижел за образованието на младите и помагал да се испратат на студии во Русија.
По судирот со грчкиот владика Мелетија кој го наклеветил дека е руски шпион, турската власт го затворила, прво во затворот во Охрид, па во Битола, Солун, за на крајот да заврши во Цариград каде починува.
(Родната куќа на Миладиновци во Струга)

Собирачка дејност

Собирањето и објавувањето народни умотворби има огромно значење:

- афирмација на македонскиот народ како посебен народ со своја традиција, обичаи и историја;
- афирмација на македонскиот јазик како посебен;
- истакнување на творечките и духовните вредности на народот.

Од овие причини, Димитар Миладинов многу ангажирано собирал народни умотворби од цела Македонија и ги поттикнувал своите ученици и следбеници да го прават истото. Неговата посветеност кон оваа дејност се гледа во обемот на собраниот материјал кој успеал да го отпечати.

„Зборникот на Миладиновци“ е отпечатен во Загреб, 1861 година. Константин, со материјална и морална помош од хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер, успеал да ја заокружи мисијата на Димитар. Под негово влијание тој ги подредил песните и ги препишал од грчко на словенско писмо.

„Зборникот“ содржи:
1. Предговор од Константин Миладинов во кој е дадена и првата класификација на македонските народни песни;
2. 662 песни;
3. народни преданија за лица и места;
4. народни обичаи и верувања;
5. стотина гатанки;
6. педесетина пословици и поговорки и
7. повеќе од 400 лични имиња и презимиња.

5/5/10

Пушкин „Евгениј Онегин“

(1799-1837)


Пушкин е роден во Москва 1799 година, во благородничко семејство. Бил воспитуван и образуван од приватни учители од кои го научил францускиот јазик. Неговата дадилка пак, му ја всадила љубовта кон рускиот фолклор и народ.
Се школувал во Лицејот во Царско Село, училиште само за децата на руските аристократи каде се стекнал со солидна наобразба. Учествувал во литературниот кружок „АРЗАМАС“ и во кружокот на декабристите „Зелената ламба“. Декабристите се учесници во востанието од 14 декември 1825 г. против царското самодржавие. Тие сакале да се воведе парламентарен систем со рамноправност на сите сталежи. Царските власти крваво го задушиле востанието и ги обесиле водачите на бунтот. Пушкин ќе биде затворен и прогонет на Кавказ, во Крим, во Бесарабија, во селото Михајловское (4 години). Тоа ќе биде период кога пишувал романтичарски поеми и го започнал романот во стихови „Евгениј Онегин“.
1830 година се случува Болдинската есен - неговиот најплоден творечки период, кога со својата идна сопруга, прекрасната Наталија Гончарова, престојува во селото Болдин. Тогаш ги пишува последните глави од „Евгениј Онегин“, триесетина стихотворби, прозни и драмски текстови. По женидбата живее во Царско Село во Санкт Петербург, но неговите конфликти со дворот растат. За да ја одбрани честа, по интригата што се плетела за врската на неговата жена со Французинот Дантес, офицер во царската гвардија, тој излегува на двобој во кој е смртно ранет. Починува два дена по дуелот, на 29 јануари 1837 година.
Пушкин го сметаат за зачетник на новата руска литература и создавач на рускиот литературен јазик. Тој е родоначелник на рускиот романтизам и на реализмот. Се пројавува речиси во сите постојни жанрови и е создавач на новиот - роман во стихови.
Негови најпознати дела се поемите: „Кон Чаадаев“, „Село“, „На Керн“, „Зимска вечер“; романите: „Капетановата ќерка“, „Евгениј Онегин“; трагедијата: „Борис Годунов“.


Поетско творештво

Во творештвото на Пушкин има неколку периоди.
Првиот период е творењето на лицејската поезија, за време на школувањето, кога ги отфрла класицистичките норми и го модернизира книжевниот јазик. Мотивски и жанровски разновиден, во овој период ги искажува своите емоции од разочарување до восхитување.
Вториот период е петроградската поезија, кога се запознава со руската престолнина и го искажува своето родољубие, слободарскиот дух преку поддршката на декабристите и критика на царскиот апсолутизам. (Песни: „Кон Чаадаев“, „Село“, „Слобода“.)
Третиот период е лириката на јужното прогонство, кога тој ќе биде прогонет во Бесарабија поради слободоумните идеи. Таму ја чита поезијата на Бајрон и под негово влијание станува изразит романтичар. Од тој период се песните: „Јас ги надживеав своите желби“, „Згасна дневниот светилник“; поемите: „Кавкаскиот заробеник“, „Бахчисарајска фонтана“, „Цигани“.
Следува четвртиот, михајловскиот период, кога прогонет престојува во селото Михајловско. Тука ја променува својата естетска концепција барајќи нови модели со што се приближува до реалистичкиот метод. Му се враќа на рускиот фолклор и ориентален пејзаж. („Кон морето“, „Пророк“)
Петтиот е московскиот период во кој создава програмска поезија: „На поетот“, „Поет“.
И шестиот е поетскиот споменик, песната: „Јас споменик си подигнав неизграден од рака“.


Евгениј Онегин

Романот „Евгениј Онегин“ го сочинуваат осум пеења, со различен број песни. Тој ја создал онегинската строфа составена од 14 стиха.
Иако поетот е претставник на романтизмот, романот е замислен врз реалистична основа во кој се запознаваме со секојдневните настани од животот на руското дворјанство.
Темата во романот е љубовта; младешката, идеализирана и неостварена љубов на Татјана кон Онегин и нејзиното созревање.
Времето на случување се дваесеттите години од деветнаесеттиот век, во Петроград, на село и во Москва. Дејствието се одвива по хронолошки ред со паралелен развој на неколку сижејни линии.

Содржина

Романот започнува со претставување на Онегин, кој по смртта на вујко му од кого добил наследство, решил да замине на село и да го смени начинот на живот, бидејќи градскиот веќе му здодеал.
Поетот се навраќа на минатото на Онегин, на татко му, кој правел по три бала годишно и на тој начин го потрошил богатството. Се навраќа на детството, кога Онегин не добил којзнае какво образование и на неговата младост, кога најважно од сè му било убаво да се облече, да оди по балови и театри и да кокетира со девојките.
Без разлика на неговото површно образование, тој знаел убаво да зборува, знаел да се шегува, бил прифатен во друштвото и омилен кај дамите. Тој постојано излегувал, бил канет на сите балови и приеми, а дома се враќал во мугри кога другите луѓе тргале на работа. Во театарот него не го интересирале претставите и уметноста, туку убавината на дамите. Дома тој имал свој работен кабинет, но Пушкин со иронија го опишува, бидејќи во него имало: турско луле, увозни украси, парфеми, прибор за нокти. Всушност, тој кабинет не бил за работа, туку за дотерување. Таму тој поминувал по три часа дневно контејќи се. И неговата облека била помодарска, странска. И храната исто така, односно, специјалитетите што ги јадел биле странски. Всушност сè во животот на Онегин е подредено на уживањето и на бесполезното поминување на времето. Преку него, Пушкин ни ја претставил однародената, безработна петроградска младина. Тој е тип на излишен човек (непотребен, вишок).
Откако му здодеал ваквиот бесмислен живот, а и заради вујкото кој е пред умирање и кој му остава наследство, Онегин решава да замине на село.

Но писмо одеднаш му дојде:
да тргне веднаш, овој саат.
Го викна вујко му да појде —
за заден да се видат пат.
Ги прочита редојте неми,
за патот далечен се спреми,
го приготви багажот свој,
на тројката се качи тој,
и, зарад пари готов беше
на лаги, воздишки, на се...

Но, и на село само неколку дена бил воодушевен од воздухот, природата и мирот, а потоа повторно му станува здодевно. Се обидува да ги смени господарските односи со воведување на помали даноци со што го предизвикува револтот на соседите.
Тогаш во селото доаѓа Владимир Ленски, убав, млад поет. Тој е сосема различен од Онегин. Тој ја сака природата, ја опејува во своите песни, живее во занес и верува во чистата и искрена љубов.

...Се зближија. Та бран и камен,
ил стих и проза, мраз и пламен
по нешто личат, блиски се...
Но зарад спротивностите,
во нив досадата се влеа.
А потем ... што да зборувам
и зошто да оспорувам!
- Неразделни и блиски беа.
Од немање што да правиш
пријателство ќе направиш!...

Тие толку се зближуваат што Ленски отворено му раскажува на Онегин за големата љубов што ја чувствува кон Олга. Тој ја засакал уште кога биле деца, ја гледал како расцутува и се вљубувал во неа, осамувајќи се и посветувајќи и безброј песни. Сестрата на Олга, постарата - Татјана била различна и посебна.

Молчалива и тажна, дива
ко срна плашлива што бива,
во својот роден татков кат
ко туѓа била секојпат.
Од својте галена да биде
не можела да трпи баш;
ко дете неа никогаш
да игра никој не ја видел,
Крај прозор сама седела,
по цел ден, мисли редела.

Таа не се интересирала за женските работи, за везењето, за облеката, за модата, неа ја интересирале страшните приказни кои во детството и ги раскажувала дадилката, ја интересирала природата, изгрејсонцето и читањето на романтичарските книги.
Претставувајќи ги сестрите, поетот се навраќа и на нивните родители, на нивната мајка која во младоста била вљубена во друг, но нејзините ја омажиле за имотен човек, па по некое време таа се помирила со судбината и презела сè во свои раце - владеела со својот маж и со имотот. Таткото, пак, ја сакал, и дозволил сè, и верувал и само јадел, пиел, спиел и понекогаш со блиски пријатели попладне се дружел. Живеејќи мирен селски живот остареле заедно и тој починал.
Заедно со Ленски, од здодевност и Онегин оди во посета кај Ларини. При таа посета, мирната и повлечена Татјана се вљубува во Онегин бидејќи тој е единствениот нов лик во селото. Таа само чекала да се вљуби во некого, во главата и срцето направила место за својот идеален љубовник. Не го ни познава каков е, но го поистоветува со ликовите од романите што ги чита. Затоа, кога ќе се појави Онегин, таа ќе си рече: тоа е тој!
По оваа средба Татјана уште повеќе се повлекува во себе и гори од љубов. Не можела да јаде, не можела да спие. Единствена на која и се поверувала била нејзината дадилка, па во разговорот со неа малку ја стивнувала својата љубовна болка.
Љубовта на Татјана поетот ја опишува со многу милост и топлина, но и со сочувство кон нејзината наивност, заслепеност, страст која и ја отвара душата и ја прави бескрајно искрена. Не знаејќи како да си ја стивне љубовната страст, таа решава да му напише писмо на Онегин во кое сосема отворено ги искажува чувствата.
На крајот од писмото таа вели:

Но — сеедно: во твое крило
судбината ја препуштам
што заштита од тебе моли...
Би сакала да не пуштам
ни плач... но, напразно? ме боли.
Јас сама сум. Зар некој мене
ме разбира? Но кој е тој?
Молчејќи гинам ... Сепак, денес
те чекам тебе мили мој.
Со поглед еден надеж јака
оживи ми, ил овој сон
прекрати го со ошто сакаш:
со прекор, презир, суров тон.

Завршувам! До смрт се плашам:
јас премирам од страв и срам...
Но, позната е честа ваша:
во неа не се сомневам...

Таа три дена чека одговор на писмото, пребледува и гори, но одговор нема. Тогаш Онегин доаѓа во нивната куќа, а таа од срам и страв бега во градината. Тој ја наоѓа и и кажува дека е многу поласкан од нејзиното писмо, дека тоа поттикнало љубов кај него, дека кога би сакал да се жени, би ја одбрал неа, но тој не е подготвен на таков чекор. Објаснува дека тој не човек за брак и дека таа би била несреќна со него. На крајот ја теши дека таа ќе си најде друга љубов, подостојна од него. Татјана не му одговара ништо, само си ја наведнува главата од болка и тага.
По тој состанок љубовта кај Татјана не стивнува. Таа и понатаму тагува, молчи, не спие и свенува.
А, љубовта на Владимир кон Олга сè повеќе расте. Тој по цел ден е кај неа, и пишува песни во нејзиниот споменар, а не може да се оддели од неа ни ноќе зашто и сонот и го посветува. А, таа, весела, жуборлива, не ги ни чита неговите песни, не ги сфаќа сериозно и лесно наоѓа и друга забава.
Времето минува, Онегин повлечен на својот имот станува како Чајлд Харолд, го обзема монотонијата и мрзливоста. Зимата, доаѓа Владимир и го посетува и поканува Евгениј кај Ларини на именденот на Татјана.
На прославата, Онегин ја забележува тагата на Татјана која го оптоварува и не му се допаѓа.

Не трпеше Евгениј веќе
од нервни појави ни траг;
девојчински тој солзи нејќе,
ни сака нејзин воздив благ.
Се лути чудаков што дојде:
Со погледот по Тања пројде:
ја виде свената од бол.
Тој спушти поглед, молњи полн,
се наду. И негодувајќи,
тој Ленски ќе го фрла в бес,
— за одмазда. Ни пет ни шест
и предвреме тржестувајќи
во својта душа, полна гнев
— со гостите ќе прави смев.

Прославата продолжува, гостите јадат и пијат, се развеселуваат. Кога започнуваат валцерите, тој го дочекува часот на одмаздата. (Сака да си поигра, да го нервира и да му се одмазди на Ленски зашто го повикал на забавата на која тој треба да ја трпи тагата на Татјана.) Ја повикува Олга да игра со него и со неа ја поминува целата вечер. Од срам и од љубомора Ленски го предизвикува Онегин на двобој.
Пред двобојот, во лутина, Ленски посакува да не ја види повеќе Олга, но таа се појавува пред него весела и безгрижна како и секогаш, прашувајќи го каде се загубил тој на прославата. Тоа малку го расколебува за извршувањето на двобојот, бидејќи повторно се чувствувал сакан. Но, омразата кон Онегин и потребата да ја заштити Олга од таков развратник и ласкател, ќе го одведе во смрт.
Во двобојот, по стапките на оддалечување, Евгениј пука и го погодува Ленски под срцето, а Ленски воопшто не испукува од својот пиштол. Тогаш Онегин се чувствува изиграно, го гризе совеста и иако победник, тој е поразениот.
По таа случка, Онегин му се враќа на стариот живот, веќе никој не знае ни каде е, ни што прави.
Од друга страна, пак, за жал, поетот Владимир Ленски, неговата љубена брзо го заборава и се омажува за друг. Татјана останува сама во селото. Таа тагува, шета по полињата и еднаш влегува во куќата на Онегин, во неговиот кабинет. Гледајќи ги неговите работи, читајќи ги неговите книги, таа за првпат се запознава со него и сфаќа каков бил тој.
Во тој период Татјана ги одбива сите понуди за брак, па затоа мајка и одлучува да заминат во Москва каде сигурно ќе се најде некој за ќерка и. Таму ги дочекуваат многубројните роднини, а сите тетки веднаш се обидуваат да и најдат некое момче. Ја носат по балови и театри и ја запознаваат со многу луѓе.
Патешествијата и желбата за забава и заборав, го доведуваат и Онегин во Москва, на бал, каде го сретнува својот стар пријател, кнезот, кој се оженил со Татјана. Кога се сретнуваат во новата средина, во изменета ситуација, Татјана реагира многу ладнокрвно, достоинствено, учтиво му проговорува и си заминува.
Онегин не може да верува дека оваа рамнодушна московска дама е истата девојка од село. Тој се вознемирува, почнува сонот да не го фаќа, да мисли само на неа. Тогаш му стигнува покана за вечера кај кнезот. Станува нестрплив, едвај чека да оди и да ја види.
Оди на гости растреперен, влегува кај нив, и иако на момент е насамо со Татјана, тој не може ни да прозбори. На вечерата таа е прекрасна, со сите гости се однесува убаво, насмеана, љубезна, вистинска домаќинка. Ваквата Татјана, Онегин не може да ја тргне од умот.

Но, без сомнение: Онегин
љубовната ја сети моќ:
во мисли љубовни тој сега
поминува и ден, и ноќ.
Без трошка страв од својта совест
под прозорец Татјанин снове
и, речиси, е секој ден.
Ко сенка тој ја гони, нем,
и среќен, чест што му падна,
— тој крзно и наметнува
и погледот засветнува
од допирот на рака ладна.
Ги враќа назад слугите,
и држи шал пред другите...

На сето тоа, Татјана не реагира. Од невозвратената љубов, Онегин се разболува, но не сака  да оди во странство и да се лекува бидејќи сака да биде во нејзина близина. Немоќен, несреќен, тој решава да и напише писмо. Во него тој ја изразува својата љубов и каење што кога таа сакала, тој не бил подготвен за брак. Сега, тој е подготвен да ја моли, да ја преколнува, да плаче, само таа да му ја возврати љубовта. Но, таа не му одговара. Тој и пишува уште писма, но не добива никаков одговор.
Онегин се повлекува во себе, чита книги, живее во минатото. Пролетта тој малку живнува, почнува да шета, но не издржува и оди кај Татјана. Ја наоѓа дома сама, облеана во солзи читајќи ги неговите писма. Остануваат некое време гледајќи се со љубов, но Татјана прва го прекинува тој момент. Таа многу трезвено му кажува дека секогаш ќе го сака, и дека и е жал што тој не ја прифатил нејзината љубов кога тоа била возможно, но дека сега е доцна и таа нема да го изневери својот маж.

Ликови

Евгениј Онегин е претставник на градската благородничка средина. Тој е многу самоуверен човек кој умее да го прикрие своето незнаење и површно образование. Неговите стремежи и чувства се нестабилни. Тој се обидува од здодевноста да избега со пишување поезија и читање книги, но не успева. Ништо не го интересира - забавите му стануваат здодевни и животот на село му е здодевен и дружбата со Ленски му е здодевна, а љубовта на Татјана му претставува товар. Навикнат да се однесува кон жените ладнокрвно, тој и кон неа е таков. Нејзиното писмо не го допира премногу, а кога ја одбива (воопшто не помислува да не ја одбие) за да не ја навреди, се обвинува себеси и своето сфаќање за слободен живот. Сепак, настапува џентлменски бидејќи веројатно чувствува некаква симпатија и сожалување кон неа штом не ја искористува нејзината љубов, како што го правел тоа многупати претходно.
Најнегативно е неговото однесување на именденот, кога за да го направи Ленски љубоморен, тој цела вечер танцува со Олга. И зошто? Само затоа што нему му била здодевна љубовта на Татјана. Уште пострашно е што избрзува и не размислува за последиците. Од истите причини го прифаќа двобојот во кој го убива својот пријател. Тврдоглавоста и глупоста го прават убиец. Тој не е рамнодушен што го убива пријателот, го гризе совест и сосема се повлекува одејќи во непознат правец.
Кога повторно ја сретнува Татјана, тој не може да се помири што таа е туѓа и недостижна. Не може да се помири со нејзиното студенило и одбивање и затоа лудачки се вљубува во неа - до разболување. Но, Онегин не би бил свој кога на крајот не би се помирил и вратил на претходните идеали, на распуштениот и безделнички живот, тешејќи се дека времето лечи сè.
Татјана е сосема поинаква, постојана во својата љубов и реална. Достоевски ќе рече дека би било подобро ова дело да го носело нејзиното име, зашто таа е главниот лик, позитивниот лик, претставничка на здравата, убава, паметна и цврста руска жена.
Уште во детството таа била сериозна, одрастена на село, без детски игри и кукли, со желба да слуша народни приказни - таа е претставничка на романтичарското сфаќање за животот и природата. Осамена и отуѓена од градските манири, таа го чека својот принц да дојде кај неа, но го дочекува Онегин. Млада и наивна, безрезервно се вљубува во него, иако не го ни познава. Затоа се решава на чекор кој е несфатлив за тоа време - да му напише љубовно писмо. Премногу искрена и отворена, таа верува во човечноста и искреноста на другите. По неостварувањето на нејзината желба да биде со Евгениј, се задоволува со близината на неговите предмети. Но, набрзо преку нив сфаќа каков е тој и се разочарува од својот херој.
Напуштањето на селото за неа е многу болно зашто не го сака бучниот град и тамошната малограѓанска средина. Тука, таа ќе ја жртвува својата љубов и ќе се омажи за стариот кнез, роднина на Онегин. При повторната средба, таа ќе се однесува ладнокрвно, но е јасно дека сè уште го сака. Ќе го одбие, не заради освета, туку заради нејзиниот цврст карактер и морал кои нема да и дозволат да го изневери мажот.
Владимир Ленски е типичен романтичарски лик. Тој е мечтател, поет, кој детски се вљубува во Олга. Поседува висок морал и жестоко ги брани своите ставови. Неговата нестабилност, пребрзаност и занес се гледа кога во жарот на љубомората го предизвикува Онегин на двобој што всушност го убива.