2/10/11

Македонска крвава свадба (раскажана)

Војдан Чернодрински, Софија 1900 година: „Што направив јас? - Ништо не напишав. Јас го препишав од се уште ненапишаната крвава историја на Македонија она што читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на Македонците да умрат, но верата да не си ја менуваат, а машкоста на Македонецот јуначки да им се одмаздува на оние крвници што ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат неговата семејна чест - ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата. Успеав ли? Дали точно препишав? - не знам; за тоа нека се искажат г-дата критичари. Ако сум успеал, се радувам, ако пак не, сиот грев го фрлам на оние што можат поубаво да ја извршат оваа работа, која мене не ми беше по силите. Пред себе сум оправдан, зашто не мислев да бидам писател ниту мислам, ниту ќе мислам со тоа да го исплаќам долгот кон мојата поробена татковина. Г - дата критичари, читателите и гледачите, кога ќе ги имаат предвид горните околности, верувам дека ќе бидат снисходливи ќе се зафатат да напишат нешто за нашиот многустрадален живот и ќе ги раздвижат спокојните, лабави струни на македонскиот роб!“

Македонска крвава свадба“ за првпат е поставена на сцена 1900 година. Инспирацијата за пишување на драмата е вистински настан, прочитан во весник.
Според жанрот таа е битово-социјална трагедија.
Темата во драмата е љубовта на двајца млади (Цвета и Спасе), која не може да се оствари заради самоволието на турските владетели (Осман-бег).
Идејата е да се прикаже тешкиот живот на македонскиот народ во последните години на турското владеење.
Композициски драмата е градена класично, во пет чина со: експозиција, заплет, кулминација, перипетија и расплет. Таа е драма на конфликтот.
Како битово-социјална, јасно е дека во драмата е прикажан начинот на живеење на Македонците и нивните обичаи. На нива се пеат жетварски и комитски песни, јазикот е народен испреплетен со народни поговорки, на свадбата се прикажани обичаите на земањето на невестата, исто така проследени со песна. Прикажано е и верувањето во сонови и нивното толкување, како и судирот меѓу доброто и злото.

            Содржина

            1 чин - експозиција
            На почетокот е прикажан тешкиот, кулучки живот на Македонците кои по цел ден работат на нива. Ја претставува и љубовта меѓу жетварката Цвета и овчарот Спасе.
            Мирната работа и љубовната идила ја прекинува доаѓањето на Осман-бег, господарот на чифлигот, со своите вооружени слуги. Тие насила ја грабнуваат Цвета за харемот на Осман-бег.

            2 чин - заплет
            Во меѓувреме е прикажан домот на Цвета каде се наоѓаат старите баба Кузманица и дедо Кузман и стрината Митра со нејзините ситни деца. Во куќата доаѓа Турчин кој ја искористува положбата на господар и ги малтретира старците барајќи од нив вечера, а да го служи младата снаа.

            3 чин - кулминација
            Дејството се случува во харемот на Осман-бег. Тој  и ветува на Цвета убав и богат живот ако доброволно се потурчи и остане кај него. Но, таа револтирано го плеснува по образот, бранејќи ја својата чест. Потурчените Македонки, Крста и Петкана, ќе треба да ја убедат Цвета да попушти иако и тие самите не се уверени дека тоа е добро. По нивниот неуспех, Селим-оџа со билки ја замајува свеста на Цвета.
            Под водство на Дуко (братот на Цвета) и Спасе, како и другите роднини и блиски, групата се собира пред сарајот на Осман-бег и протестира за грабнувањето на девојката. Затоа што на тој начин не можат да ја вратат, тие случајот го пријавуваат кај битолските конзули. На нивно барање ја претресуваат куќата на Осман-бег, но тој девојката ја скрил.

            4 чин - перипетија
            Во Битола, во присуство на Цветините блиски и на странските дипломатски претставници се одвива судењето. Цвета, под дејство на наркоза изјавува дека доброволно и од љубов избегала за Осман-бег. Но, во последен момент таа се освестува и ја кажува вистината. Неа ја ослободуваат да се врати дома со родителите, но Осман-бег не може да се помири со поразот и ваквото навредување на неговата суета.

            5 чин - расплет
            Среќните младоженци, со сите обичаи прават свадба мислејќи дека ќе се оствари нивниот сон да бидат заедно. Но, веселбата ја прекинува Осман-бег со неговата придружба. Тој повторна сака да ја грабне Цвета. Осман-бег го убива Дуко и настанува крвав хаос во кој Цвета успева да го убие Осман-бег, а Шефкија ја убива Цвета. Последните зборови во драмата се нејзини : „Умрев, ама Турчинка не станав...“


            Ликови

            Како драма на судирот, сите ликови во драмата се претставени црно-бело, како претставници на едната или другата страна. Од една страна се Македонците, кои иако се поробени, се борат да ја зачуваат честа, името, верата, обичаите, самобитноста и гордоста, а на друга страна се поробувачите на чело со Осман-бег. Значи, сите Македонци се претставени позитивно: како чесни, мирни, достојни, а Турците негативно: како злосторници, насилници, убијци.
            Цвета е млада убава девојка која е принудена да работи на нива поради сиромаштијата. Таа е вљубена во Спасе и сака да ја оствари таа љубов. Иако и се нуди убав и богат живот, таа не сака да го погази своето достоинство и да се продаде. Непокорна е во своето решение, храбра во постапките (му удира шлаканица на силникот), чесна и верна на својата љубов, но и на својот народ и вера. На крајот одбранувајќи ја својата слобода го дава и животот - истрајувајќи на своето - Турчинка не станува!
            Осман-бег е насликан целосно негативно. Тој е неприкосновен господар кој не прифаќа некој да му се спротистави, па дури и поголемите од него (пресудата да ја ослободи Цвета). Тој смета дека е господар на сè - на нивите, ливадите, добитокот, па и на луѓето. Затоа тој ја грабнува Цвета, сметајќи дека треба целосно да му припаѓа, како што му припаѓаат и други македонски девојки во харемот. Тој со сите насилнички средства сака да го добие она што мисли дека е негово. Толку е суетен и осветољубив што оди повторно да ја грабне Цвета.
            Дуко е претставник на помладата и понапредна генерација. Тој не сака да ги пее старите песни, туку новите - комитски. Во себе носи нешто револуционерно, тој е со немирен дух и му се спротивставува на насилникот. Тој ги поведува луѓето да ја бараат правдата за неговата сестра, па дури е подготвен со сила да врати на силата. Сака лично да влезе во сарајот на Осман-бег, да се пресмета со него, да ја ослободи сестра си и на тој начин да ја истера правдата. Неговата решителност, храброст и подготвеност веднаш да реагира  ќе резултира со смрт (Осман-бег прв  ќе го убие него).
            Спасе е сличен на Дуко, подготвен да ја одбрани неговата сакана. Ги мрази насилниците особено зашто се сеќава на смртта на татка си кој е убиен од турски силник. Иако во драмата Дуко е поизразито револуционерен, на крајот Спасе останува жив, го напушта селото и оди во планините за да им се придружи на комитите.

Напишано од Билјана Богданоска

Користена литература:
„Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински“
„За матуранти“ од Билјана Богданоска