3/17/11

Избор песни од Коле Неделковски: „Стојан на Ордановци“, „Раткина невоља“, „На кинисување“, „Скитник“, „Причинуење“, „Пеш по светот“

Литературното творештво на Коле Неделковски е скромно по обем – две збирки, со околу дваесет и две-три песни, а и по своите уметнички квалитети.
Негова првообјавена песна е „Стојан војвода“ во списанието „Илустрација Илинден“, преименувана во „Стојан на Ордановци“ (и малку преправена) во збирката „М’скавици“.

Во песната е опеан борецот за национално ослободување кој повеќе не можел да го трпи ропството. Во моментите кога зажалува по домот, семејството, саканата – него го убива „тиранот“.

Стојан на Ордановци

На млади, море, години
Стојан ми пушка нарами,
излезе в гора зелена
со своја бујна дружина.

Не може јунак да трае,
ропство му тежи над глава,
ни може мајка да гледа
се в тија солзи крвави.

Оде што оде, дооде,
младост си борба изживе,
тешка го тага налегна
на гради машки јунашки:

тага за мајка сирота,
в црнило што ја остави,
и мила млада невеста
со таа убост приказна.

Се така в темно навеан,
од тешки мисли измачен,
тргна со болка на срце
и викна, песна запеа:

„Еј гиди горо, мајко ле,
доста ми стреа правеше,
со надеж душа вртеше
и лути рани цереше.

Доста ме вода поеше
од твојте бистри извори
и песни горо слушаше
од душа пуста ајдушка.“

Млад јунак песна допеа,
патишта пусти дооди,
крај река Врелка достаса
и страдна душа отвори.

А тиран – крвник – пустија
со страшен глас му извика...
И куршум екна – пропиште
онаа песна проклета.

Стојана в гради погоди,
смртна му рана отвори,
замина, „оф!“ не испушти
сред младост бујна, јунашка.

Потемне небо, прогрме,
цела се земја затресе,
брег темен од жал распукна,
прибра си сина Стојана.

Во списанието „Илустрација Илинден“ Неделковски ќе ги објави и песните: „Раткина неволја“, „Богдан и Гроздана“ (во „М’скавици“ преименувана во „Младост попарена“), „Мајка“, „Одродени“ и „Чичко ми“.
Познавајќи ја добро македонската народна песна која му била единствен патоказ, збирката „М’скавици“ е под целосно нејзино влијание. Таква е и песната „Раткина неволја“ во која преку дијалошка форма (Ратка со гората) се предадени Раткините маки, односно маките на целиот нејзин народ.

Раткина неволја

Што ми Ратка рано стана,
рано пусто в темни зори,
та си седна в бели двори,
тага вие с’лзи лее.

Нели Раткин глас ми дочу
таа ми ти пуста гора,
од жал, леле, лисја рони
и на Ратка кротко збори:

„Дејди, Радо, пиле младо,
што ал, Радо, ми те најде,
та сред тоа ноќно време
тага виеш, с’лзи лееш?

Каква мака ми те мачи,
леле Радо клето срце,
дал’ за мајка ел’ за татка,
Радо леле, ти заплака?

Дали, Радо, сон си сони,
та од сон се ти исплаши,
ели, Радо, црна чума
прво либе ти удрила?“

- Ејди, горо, шумно горо,
шумна горо јаворова,
ни за мајка, ни за татко,
ни за прво либе жалам.

Туку друга тешка мака
на срце ми, горо, лежи,
тоа, леле, пусто ропство
сиот народ што запусте!

Многу слична е и песната „На кинисување“, каде на крајот се ветува слободата.

На кинисување

Позапри, мајко, затрај се,
доста ме, леле, испраќа,
доста си солзи излеа
по тија пусти патишта.

А туку, мајко, погледај,
погледај, леле, послушај,
како ми пилци запреа
песни сред пролет радосна,

како ми вода затраа,
темни ми карпи писнаа,
а гора лисја пророни
од твојте тажни гласови.

Јас, мајко, тргнав, заминав,
куса си пушка нарамив,
планина Пирин развила,
бајрак се вее сред неа:

Јас ќе го, мајко, дофанам,
над село ќе го развеам,
та ќе те, мајко, куртулам
од тоа ропство крваво.

Но, во песните со социјални и љубовни мотиви, кај Неделковски се забележува извесно оддалечување од оваа народна традиција и внесување на свој, личен печат во творештвото. Такви се песните: „Скитник“, „Стачка“, „Не к’лни“, „Работник“, „Чичко ми“, „Причинуење“, „Жив отруен“.

Скитник

Везден одам, везден траам,
везден судни маки чмаам...
Глава веднам... С’лзи леам
и сред лути рани тлеам.

Блиска рода нигде немам,
ни при живи дел да земам:
Немам либе... Гори младост...
Дни се нижат в страшна гладост.

Лејте очи, с’лзи жешки,
гини срце, в рани тешки!
Роб ќе стане, ден ќе светне,
младост пуста в крв ќе летне!


Причинуење

Кој ли повте да ми дојде,
кој ми зеде сладок сон,
кој ми таму очи лаже,
кој се метка по тој мрак?

Па и кој ли ветар вее
и ме фрла в силен студ:
дали сенка на див силен
ели страден мајкин лик?

В темен мрак ми умот штука,
чело рони студен пот.
Немам сила... Срце пука...
Еј, ми тежи тешка ноќ.

О ти, моја душо страдна,
О ти, ум мој – пламнат жар,
не се нити сенки вијат,
нити мајкин страден лик,

туку, ах, е прво либе,
сон не знае, гори в жал
гради кине век да скрие –
чека в младост ноќ и ден.

Многу поголемо оддалечување од влијанието на народното творештво кај Неделковски се забележува во неговата втора збирка песни „Пеш по светот“ – посветена на младите македонски борци.


Пеш по светот

поема

Песна прва

Греј, о мила месечино, сјајно,
греј и огреј ми страден род,
во мачна душа шепни му тајно
за дните нови под златен свод.

И ете и ја тргнуам рано,
протегам рака со пламнат глас:
прости, о земјо, со срце збрано
дојде тој пусти најгрозен час.

Ја знам за дните: тешко ќе врват,
ни глас ќе чујам од народ свој...
Години црни жили ќе здрват,
може и в крвав да паднам бој.

А кој ли жив ќе истрае така
да скрие дните во гробен сон,
сред тешко ропство и глад и мака
да лежи кротко на ладен трон.

Па што е живот и поглед стрелен
ако не борба за народ мил:
во дните тешки да бидеш верен,
да развееш смрт над тиран гнил.

Знам, о роде, ќе дочекаш слава,
може и ек од судбата лош,
може со болка да преклониш глава,
да скриеш срце од дигнат нож.

И сепак, ајде, к’истраеш во век,
ќе бидеш пазач на ден и ноќ,
стра и трепет ќе сееш со ред,
заклучен вулкан со грозна моќ.

* * *

Води ме, ајде, ти пат мој прашен,
запази спомен од мојот траг,
додека живот – поројот страшен –
ме врати на роден праг.

И тогај морен нема да шепнам
за спомен со засипнат глас,
а бурно, ех, бурно ќе викнам:
ете не братко, најсреќни нас!

Ој ти, Вардар, шуми, играј,
шуми, играј од жалови,
додека ни стари мајки
глуво шетат низ дворови

и со шепот низ ум трештен
чеда свои споменуат.
О Криволак, со крв свештен,
црни дни се изминуат.

Шуми Вардар, жално стенка,
траќа се од камен брег.
Кротко шетка црна сенка,
исплакуе својот век.

А тирани в радост жешка
прославуат денот прв,
што со туѓа крв јунашка
стасале си земен врв.

* * *

Кој ќе ти душо, помогне,
кој ќе ти младост поврати,
ако не смеот народен,
ако не живот прероден?

Каде, о пат, се извиваш,
кој спомен ќе ми разбудиш,
душа ли па ќе растресеш,
рани ли ќе ми преврзеш?

Па ли за бој, ех, подигнат
од страден народ прок’лнат,
ели за дните престари
кога е скинал синџири?

Ајде ме води, преведи
пред какви да се спомени,
само пред свет ме изведи,
срце ми чисто остави.

* * *

Расцвете небо муграво
крваво с’нце огреа, -
над таа земја студена
чуден се покров постила.

Народ ли мој ќе насмееш,
о с’нце мило, весело,
век кога страшен пребродил
и го со болка товарил?

Бунтот е тука народен –
„дигнат за живот слободен“,
копнеж на млади контета
за власт и слава проклета.

Човекот вчера замислен
полиња црни раздробил,
вековни карпи разништил
и бујни гори исплашил.

А тука пушка притегнал,
куќа и свидни оставил,
с пламен од очи јунашки
небо и земја запалил.

Екнале, пиштат в темнина,
два света век наттегнуат,
као да бура в планина
борба со простор повела.

Викнале ропски векови,
грмнал и султан изедник,
со сили, ете, последни
за дни се борат слободни.

Остана време стемнето,
несреќни мајки расплака –
кај ќе си чеда приберат,
кај ќе си век да векуат.

А вие, клети ајдуци,
од огин раци дрпнавте,
пламенот уште не вивнал,
и се во дворци прибравте.

И сред тој блесок приказен,
далеку од бол народен,
во страстен пир се спуштивте
немирен дув да смирите.

А над вас еј си легнуат
клетви за век да векуат
и срамните ви имиња
темнина ќе ги покрива.

Ај, сал ти, Ѓорче, разодуј!
Знам оти свет ти дотегнал:
тешка си глава потпирај
кај што ти народ издијнал.

Гоце си протест подигна,
изведе силна дружина,
а ти си назад остана
сведок за правда народна.

Дваица бевте јунаци –
гении од род народен,
пуштивте страни трговци
во срам да врлат Илинден.

* * *

О Солун, Солун, гранитен камен,
ти, пат на борби, на стра и крв,
колку низ тебе тиранин земен
палил и грабал со бесна стрв!

Ти роди до две имиња славни –
чеда и моќ на цел еден свет,
кои во дните најтешки темни
зарија нож во варварски век.

И сега течат векови светли
на шир и долж со твојата реч,
само тебе, мој маченик клети,
те гмечи тежок тирански меч.

Но па си еј, со песната моќна,
со бурниот живот на Егеја брат,
но па си еј, со надежда сјајна
за светли дни, за ноќот драг.

* * *

А кај криеш твојата радост,
у колку тија д’бина
од ноќот што разнесе радост
низ мрачната ширина?

Со уплав ти запраша светот:
мој ли са тија синови
што решиле дните да скусат
на рани ми крвави?

И поглед ти вистина мачен
видел ли друга милина,
као Орце бунтовен, мрачен,
што гине за светлина?

А Пирин, Олимп светнале, гледат
со гордите врвови...
И коски на јунаци пазат
сред бури и снегови.

Сал една сенка се сени
над модрата рамнина
и гледа образ да смени
за понови времиња.

Сам ли си Беаз-куле срамен,
низ земјава крвава,
та свивуеш срце од камен
во морската долбина?

Ај дигни, расеј си поглед
ќе видиш распрснати
колку историја ѕидат
од зандани стемнети.

И гордо со крвните браќа
си дружно почекајте,
со крајот на нашата мака
во срам да изгорите.

* * *

О Пирин, бујна планино,
мачна ми душа постана.
Зар тука пат ќе доодам,
зар тука свет ќе догледам?

Крени се, ајде, покрени,
земи ми в бујна пазува
и ми го шепот раскажи
за Гоце и за дружина.

Чи очи пак ќе останат,
кога над тебе прелетат,
од радост да не разм’скат,
светови да не распрашат?

О ПИрин, не ме оставај,
вода и земја раздиплуј!
Векови тука минале,
тежок си род оставиле.

Каде е Гоце прошеткал
со своја силна дружина,
каде е Јане извикал,
тиранин каде исплашил.

А порој и ти планински,
чедо на чест и чистота,
ти сега брзаш ајдутин,
гласот на Јане присвоил.

И моќта страшна, бунтовна
и вера вечна народна,
грабнал си стрвно, заграбал
и во ниќ темна кинисал.

Какво си клетник, замислил?
Негде ли бунт ќе покреваш,
абер ли брз да направиш,
од ропство ли да куртулиш?

Ти низ крв срамна премина,
во кавга браќа остави
и вик над Пирин ајдушки
од ропска земја не слушаш.

Запри, о клетник, почекај,
запри и смртта прекини,
у братски души запали
слога за борба достојна.

А сега ајде, проштевај,
земјо на маки вековни!
И ја те црна преминав,
со страдна душа останав.

Песна втора

Бодни, о поет, твојата муза
да летне над раширен свет
да пее со горчлива солза
за гладни под ропски гнет.

А па ти ајде, потривај раци
пред големци со сладок смев
и продавај дедовци, внуци
да наполниш жабешки мев.

Слушај, о народ поцрнет,
еј тија песни викнати
за твојот живот истегнат,
за твојте солзи бликнати.

Зар уште смев не достаса
до твоја уста смрштена,
зар уште гнев си притискаш
да не се диво насмееш?

О роде, какво дочека!
Време ли, свет се изродил?
Ако ти песна наредат,
кожата ќе ти продадат.

Кој ли па слеп е останал,
кој ли се кукнал оглувен,
па да со мака разбере
ѕверот за ошто копнее?

Еј и друзи свет веселат,
пискат, радост сеат,
као да ти оро виеш,
а не в солзи гниеш.

И на сегде вик издигат,
и во надеж горат –
ех, зар борба да поведат, -
друзи ќе го сторат.

Кој ли сега па ќе слуша
како роб се траќа,
кога горда, еј, Витоша
сладок смев ни праќа.

И од таа темна гора
песни наши, ора
ќе се вијат, ќе се веат,
надежта ќе сеат.

* * *

Ај вие, чеда народни,
вистински славни јунаци,
викнете, грм издигнете
за да си живот смирите.

И тогај ропство крваво
векови ќе го покријат,
само од тажни прикаски
светови ќе се разберат.

Напишано од Билјана Богданоска

Користена литература:
„Избор песни“ од Коле Неделковски