5/2/11

Зависносложени реченици


Кај зависносложените реченици има најмалку една главна и една зависна дел-реченица. Сврзникот секогаш е кај зависната дел-реченица.
Разликуваме повеќе видови зависносложени реченици:

1. Временски реченици       

Сврзници: КОГА, ШТОМ, ШТОТУКУ, ТУКУШТО, ОТКАКО, ОТКОГА, ПРЕД ДА, ДУРИ, ДОДЕКА

Кај временските реченици, зависната дел-реченица го дава времето кога се врши дејството во главната.

Пр.:
Кога зборува, сите го слушаат.
Откако се облече, излезе.
Ќе заврши часот додека се смирите.
* Според правописот, ако на прво место е зависната реченица таа се одделува со запирка, а ако следува по главната не се одделува со запирка.

2. Причински реченици
           
Сврзници: ЗАТОА ШТО, ЗАШТО, БИДЕЈЌИ, ПОРАДИ ТОА ШТО, ДЕКА, ОТИ

Кај причинските реченици со зависната дел-реченица се дава причината поради која се врши или не се врши дејството од главната.

Пр.:
Не дојде в училиште затоа што е болен.
Не ја прочитав книгата бидејќи немав време.

* Кога зависната дел-реченица е пред главната таа редовно се одделува со запирка, а кога е по главната заапирка се пишува само кога врската меѓу речениците е полабава.
3. Последични реченици
           
Сврзници: ТАКА ШТО, ТОЛКУ...ШТО, ТАКВИ...ШТО, ТАКА...ШТО

Со зависната дел-реченица се дава последицата од дејството во главната реченица.

Пр.:
Тој зборува толку тивко што никој не може да го слушне.
Дојде доцна, така што ја пропушти забавата.

* Последичните зависносложени реченици со така што редовно се одделуваат со запирка, а останатите може да се одделат или да не се одделат со запирка.

4. Целни реченици
           
сврзници: ДА, ЗА ДА

Кај овие реченици со зависната дел-реченица е дадена целта со која се врши дејството од главната.

Пр.:
Тој застана да се одмори.

Оваа реченица може да биде збунувачка при препознавањето заради ДА кое го употребуваме и во други случаи, односно, во исказните реченици како и кај сложениот прирок во да-конструкцијата. За да бидеме сигурни дека се работи за целна реченица пред ДА ќе го додадеме ЗА:

Тој застана за да се одмори.
За да ја напишам домашната, не бев на забавата.

Често се употребува, а е неправилна комбинацијата на можен начин со целната реченица: Тој застана за да би се одморил.

*  Кај целните реченици ако зависната стои прва, односно пред главната, редовно се пишува запирка, а ако стои по главната запирка не се пишува. 
         
5. Условни реченици           

Сврзници: АКО, ДА, БЕЗ ДА, ЛИ

Со условната дел-реченица се дава условот под кој се врши или ќе се изврши дејството во главната.

Разликуваме три типа услов:

реален: Ако дојдеш, ќе одиме кај него. (Ќе одиме кај него под услов да додјеш.)
можен: Ако можеш да дојдеш, ќе одиме. (Ќе одиме, но мора да се исполни можноста ти да дојдеш.)
нереален: Ако учев, ќе научев. (Дејството веќе завршило, веќе не сум учел па нема можност да сум научил – нереално е.)

* Ако зависната реченица стои пред главната таа редовно се одделува со запирка, а ако стои по главната може да се оддели или да не се оддели со запирка.
6. Допусни реченици
           
Сврзници: ИАКО, МАКАР ШТО, И ПОКРАЈ ТОА ШТО, И ДА

Со зависната дел-реченица се допушта одвивањето на дејството во главната.

Пр.:
Иако беше болен, тој дојде на тестот.
И да не дојдеш, тие ќе одат.

Ако зависната реченица стои пред главната таа редовно се одделува со запирка, а ако стои по главната може да се оддели или да не се оддели со запирка.

7. Начински реченици 
       
Сврзници: ТАКА КАКО ШТО, КАКО ДА, КАКО БОЖЕМ

Со зависната дел-реченица се искажува начинот на вршење на дејството во главната реченица.

Пр.:
Ќе се однесуваме така како што ќе ни кажеш.
Се исплаши како да видела ѕвер.

* Начинските зависносложени реченици не се одделуваат со запирка освен кога зависната дел-реченица претставува дополнително објаснение.

8. Односни реченици

Карактеристично за односните реченици е тоа што како сврзувачки средства се јавуваат сите односни заменски зборови: 
          
 ШТО, КОЈ, КОЈШТО, ЧИЈ, ЧИЈШТО, КАКОВ ШТО, КОЛКАВ ШТО, КАДЕ ШТО, КОГА, КАКО ШТО, КОЛКУ ШТО.

Пр.:
Тој, што стоеше до мене, цело време се смееше.
Тешко се наоѓа дете какво што е нејзиното.

Зависната дел-реченица може да се однесува на еден член од главната (најчесто вршителот на дејството) или на целата главна реченица. Обично зависната стои во средината на главната реченица како дообјаснување.

* Кај односните реченици во кои односната заменка се однесува на целата главна, редовно се пишува запирка. Во рамките на неопходните односни реченици не се пишува запирка, а кај придружните редовно се пишува запирка. Кај вметнатите дел-реченици кои се однесуваат на еден реченичен член се пишуваат две запирки и на почетокот и на крајот од зависносложената реченица.

9. Исказни (декларативни)  реченици

Сврзници: ДЕКА, ОТИ, КАКО, ШТО, ДА, ДАЛИ, КОЈ, ЧИЈ, КОГА

Пр.:    
Тој рече дека ќе се врати.
Тој жали што не може да дојде.
Не знаев дали му студи.

* Ако зависната реченица стои пред главната (што е редок случај) таа редовно се одделува со запирка, а ако стои по главната може да се оддели или да не се оддели со запирка.