5/15/11

Стале Попов „Крпен живот“

            Стале Попов
            (1902-1965)


            Роден е во с.Мелница, Мариовско, како син на свештеник. Образованието го започнал во с.Витолиште, а богословија завршил во Битола. Потоа го завршува Теолошкиот факултет во Белград, каде го затекнува Втората светска војна. Се враќа во Македонија, каде за време на војната се поврзува со Народноослободителното движење и зазема раководни места. По војната доаѓа во Скопје и работи како професор по македонски јазик, на која должност и се пензионира. Почнал со пишување во подоцнежни години (на 51 година) и дебитира со романот Крпен живот“, кој излегува од печат 1953 година. Тој ги напишал и расказите: Мариовски панаѓур“, Мариовски раскази“, Итар Пејо“; како и романите: Толе Паша“, Калеш Анѓа“, Дилбер Стана“, Шаќир војвода“, Необично дете“, Доктор Орешковски“. Во своите дела, Попов ја прикажува мариовската средина опфаќајќи поголем број настани во определен историски период.


            Крпен живот

            Романот Крпен живот“ е битово-социјален и семеен. Настаните се подредени по хронолошки ред (роман-река). Во него детално се опишани ентериерот и екстериерот на селото Витолиште, а опфатен е периодот од крајот на XIX и почетокот на XX век (Илинденското востание, Првата и Втората балканска војна и Првата светска војна).
            Раскажувањето е во трето лице од сезнаечки и сеприсутен наратор.
            Темата на романот е животот на семејството Сукаловци од мариовското село Витолиште, а идејата е да се даде целосна слика на животот (обичаите, јазикот, фолклорот) во мариовските села при крајот на XIX и почетокот на XX век.
            Романот претставува жива енциклопедија на животот и луѓето од Мариово и изобилува со етнографски и фолклорни обележја, детално опишани и оживеани преку ликовите, односно преку семејството Сукаловци.

            Содржина

            1 дел 

            Романот започнува со легендата како настанало селото Витолиште.
            Многу одамна, не се знае ни кога, тројцата браќа Раде, Гале и Вито се иселиле од своето село за да побараат подобро место за живеење. Еден од браќата - Вито, се населил во една котлинка и ги удрил темелите на сегашното село Витолиште, кое по него го добило името. Селото се развивало и зголемувало, па станало центар на Мариово каде се наоѓала царската управна власт и седиштето на третокласното егзархиско училиште каде Мариовци ги праќале своите деца да станат попови или даскали.
            Куќите во селото биле убави, камени со црвени кровови од ќерамиди. Не биле малтерисани ни однадвор, ни одвнатре.
            Детално е опишана и внатрешноста на куќите. (За македонските куќи може повеќе да прочитате на другиот мој блог - ТУКА) Тие се состоеле од една просторија која визуелно била поделена со греда на средината. Во едната половина биле сместени животните - долен крај, а другата половина била за луѓето - горен крај. Под целиот горен крај бил земникот или визбата каде се чувале важните работи и храната. Горниот крај, исто така, бил поделен со греда на машки и женски кат. На средината била ископана дупка каде било сместено огништето.
            Во една ваква куќа во селото Витолиште живеело семејството Сукалови. Него го сочинувале: најстариот брат Стојо, жена му Митра и децата; Илко, четириесетгодишниот вдовец и најмалиот брат, Трајко.
            Приказната започнува кога Илко Сукалов, преку мариовскиот стројник Петко Балето, ја зема за жена Доста Рожденката, која исто така била вдовица. Пред да почине нејзиниот маж, таа живеела во Солун каде работела кај рускиот конзул како домашна помошничка. По смртта на мажот и, таа се враќа во родното село, со градска облека и градски навики, нови и неприфатливи од заостанатата мариовска средина.
            Доста била убава жена на 32 години, стројна, со гради истурени напред, стегната половина, долги нозе, измиена и чиста. Нејзиното лице го краселе црни очи, црни веѓи, црни коси, ситни бели заби, набабрени црвени усни и прав нос. Иако била изразито убава жена, заради градската облека таа на Мариовци им личела на чума“. Нејзина најголема желба била да се задоми, да создаде семејство, да има поколение. Можноста за остварување на овие желби ја гледа во Илко, со кого сака да го закрпи скинатиот живот. Иако постари и во Илко и во Доста уште при првата средба се раѓа младешка љубов. Доста се сложува да оди за Илко, но под услов да не биде купена како стока, а останатите обичаи да се истераат по редот.
            Од Рожден, Доста се сели во Витолиште, во куќата на семејството Сукалови каде е добро прифатена од сите, а особено од јатрва и Митра која очекувала голема помош од новата невеста.
            Митра, за разлика од Доста, е примитивна, неписмена мариовска селанка, со развиено чувство за сопственост и лична корист. Единствената мисла што ја мачи е имотот на нејзините девери - вдовци, да им припадне на нејзините деца.
            Доста брзо се вклопува во новиот живот, ги дели секојдневните обврски со јатрва и и подеднакво добро ги извршува. Но, нетрпението меѓу јатрвите почнува да се јавува кога Доста останува бремена. Тоа за Илко и Доста претставува најголема радост, зашто тие немале деца во првите бракови, но за Митра претставува опасност поради делбата на имотот. Таа се опседнува со мислата како Доста да го изгуби бебето, па почнува да оди кај бајачката - баба Бисера, која и зема пари за магијата што ја прави, а знае дека таа нема да и наштети на Доста. Митра е суеверна и верува дека свеќата што и ја дава бајачката ќе ја заврши работата и таа секоја вечер ја пали и се моли детето да се роди мртво. Но, магијата не успева. Породилните болки започнуваат и единствена која може да и помогне на Доста е нејзината јатрва. Самото породување и обичаите по раѓањето на детето се опишани во детали преку што се гледа примитивизмот и заостанатоста на мариовските селани.
            Породувањето се одвивало во долниот крај (во пондилата), покрај животните. Митра и помага на Доста и ја пресекува папочната врвка со две остри камчиња, а според обичајот потоа ја фрла во огништето. Тогаш повторно кај Митра се зародува мислата за убиство на бебето. Таа посакува да му го стисне вратчето на малото, немоќно суштество и така да си ги реши проблемите. Бидејќи породувањето било тешко, Доста помислила дека бебето е мртво родено. Во тие моменти, сепак, проработува совеста кај Митра или можеби повеќе стравот од божјата казна (дека за смрт со смрт се враќа) и таа не го убива бебето, а кога тоа почнува да плаче на Достината среќа и нема крај. Доста не може да верува дека Господ ја дарувал со едно толку прекрасно суштество и со најубавото чувство на светот - да стане мајка.
Според обичајот, бебето го задојува друга жена, во случајов сосетката Бојана, другарка на Доста. Следниот ден доаѓаат жените на повојница и носат нешто слатко и по нешто за бебето. Третиот ден доаѓаат наречниците кои го одредуваат животот на новиот човек во куќата. Додека наречниците му посакувале најубави работи на девојчето, Митра постојано колнела во себе. Се преколнувала и самата себе што не нашла сила да го убие. По неколку дена се правела крштевката. Илко отишол на пазар да ги купи сите потребни работи, а во недела наутро отишле во црква. Бебето го носел таткото, кумовите и роднините, а мајката останувала дома. Нунката го давала името на бебето - кое го крстиле Неда. По некое време Нешка добила и братче - Стојан (Толе). Тоа е остварување на сите желби на Доста и Илко, кои иако го закрпиле животот - тој им бил посреќен од првиот.
            Во куќата на Сукаловци нетрпението меѓу јатрвите постојано растело. За време на заедничкиот живот во подробности е опишано празнувањето на Велигден. Како и денес и тогаш се вапцале јајца. Постарите оделе во црква претпладне, а помладите навечер каде играле ора и празнувале. На крајот се натпреварувале во кршкање јајца.
            Во својата примитивност и неснаодливост, Митра се повеќе ги заострувала односите со Доста. Често се расправале, а сето тоа поради делбата на имотот. Останал имотот на Трајко кој сакале да го земат и двете. Но, Доста со својата итрина, тактичност, љубезност и убав однос, успеела да го прибобие деверот, кој решава да ја посвои Нешка и нејзе да и го даде својот дел. Проблемот на раскараните јатрви браќата го решиле на мирен начин, сложно како и секогаш. Тие одлучуваат Стојо, Митра и нивните деца да одат во другата куќа која ја имало семејството, а Илко, Доста, децата и деверот Трајко, да останат во старата куќа.

            2 дел - Кога доаѓа време, Доста ги праќа двете деца во третокласното егзархиско училиште. Нешка е првото и единствено девојче кое оди на училиште. Заостанатите селани мислеле дека женските деца не треба да се школуваат, дека треба да работат дома, па дури сметале дека е тоа срамота, зашто девојче не можело да стане поп. Но, Доста со нејзините понапредни сфаќања знаела дека и жените треба да бидат школувани.
            Преку училиштето и црквата е прикажана и туѓата пропаганда која се вршела врз македонското население. На почетокот граѓанската просвета во Мариово е поврзана токму со ова училиште и појавата на големобугарската пропаганда во овој крај. Потоа, под влијание на одредени историски моменти во некои села училиштата стануваат патријаршиски и шират грчка пропаганда, а за време на Балканските војни се претвораат во српски. Даскалот во Витолиште, Бино, бил србоман и претседател на општината. А даскалот Димо од с.Старавина бил гркоман, па при една средба во Битола тие двајцата се степале. Како даскалите, така и поповите се делеле на грчки и бугарски и се навредувале меѓусебно. По углед на даскалите и поповите и селаните почнале да се делат и да се вкоренува омраза меѓу нив. Ќе престанат да одат роднини кај роднини, ќе престанат да се мажат и женат Грци“ и Бугари“ и од родени браќа и соседи станувале смртни непријатели.
            Додека Нешка одела на училиште се вљубила во Крсте (Крле), синот на селскиот поп, кој исто така се вљубил во неа. Оваа детска љубов при крајот на романот прераснува во вистинска и завршува со брак. Патот до бракот не е многу едноставен, бидејќи татко му на Крле го ветил синот за Анѓа, Биновото девојче. Односно, откако децата на Бино остануваат сирачиња со многу имот, попот, заради имотот, решил да ги спои куќите на тој начин. Крле не прифаќа, не му се допаѓа Анѓа, тој е вљубен во Нешка, но не може да му се спротивстави на татка си. Тој план почнува да се остварува, попот се сели во куќата на Бино, а Крле ќе ја бара секоја можна прилика за да избега од несаканата судбина. Прво ќе им се приклучи на комитите, а потоа среќата ќе му се насмевне кога Анѓа  ќе се вљуби во друг и ќе си отиде. Така патот до Нешка повторно му се отвара и романот среќно ќе заврши со нивната свадба. За среќата на Доста и Илко да биде уште поголема, тие ќе направат двојна свадба, односно во исто време ќе го оженат и Толе за неговата избраничка Петра.
            Самиот автор вели: Кој не правел свадба тој не знае ништо од веков. Особено селска и мариовска“, па на долго и на широко ги опишува подготовките и сите обичаи поврзани со венчавањето. Многу од тогашните свадбени обичаи се зачувани и денес. Најпрвин, за да се добие согласност од невестата кај неа се праќал селскиот стројник, кој морал да биде итар, мудар и снаодлив, со слатки зборови да ја придобие наклонетоста на младата девојка. По добро завршената работа, на стројникот му се купувале чевли за патот поминат по невестата. Кај невестата, свадбата започнувала во петок, кога го меселе тестото за погачите со кои се канеле нункото, деверите, попот, старосватот и други блиски роднини. Подалечните роднини се канеле со карта вино. Во сабота деверот канел од кај зетот, а братот или братучедот од кај невестата. Друг девер одел во планина по бршлен со кој се правел зелениот невестински венец. Во сабота се китела невестата од глава до петици, ја облекувала кошулата наречена црнетата“, односно поцрнување - потчинување на волјата на девојката пред мажот. Во исто време и зетот се бричел и стрижел иако и утредента деверот го бричи за да не се појави небричен пред невестата. Подоцна се колеле јагниња, овци, па дури и крави и волови за да се подготват манџите за утредента. Во недела наутро сватовите одат по невестата. Таа е затворена, а роднините стојат со стапови и никого не пуштаат. Според обичајот, сватовите го молат домаќинот да ги пушти да преноќат. Додека се води разговорот некој од сватовите ја турка вратата, божем на сила да влезат. Потоа, сите влегуваат во куќата каде трпезите се поставени и се честат со кафе и ракија, а кога ќе засвират гајдите започнува веселбата и ората. Невестата е сè уште скриена, но сега во земникот. И оваа порта како и првата е затворена. За да влезат, деверите плаќаат, а момите ги собираат парите. Кај невестата повторно плаќаат, и даваат нови чевли, и го ставаат венецот и ја носат кај зетот. Најпосле се оди во црква каде младенците се венчаваат.
            Со овие обичаи завршува романот Крпен живот“, односно со разговорот меѓу Доста и Илко кои се гледаат со насолзени очи од среќа што нивниот закрпен живот подобро поминал отколку нов.


            Ликови

            Доста Рожденката е еден од главните ликови во романот. Таа е мариовска селанка која видела бел свет работејќи извесно време во Солун кај рускиот конзул. Била убава и стројна, но со својата облека и градски навики таа не им се допаднала на Мариовци. Им пречи на Мариовци нејзиниот културен однос, нејзиното поздравување со добро утро“ и добар ден“, како и тоа што си го брише носот во шамивче. Тие и завидуваат на убавите и нови градски јадења што ги приготвува, на прекрасните шарени килими што ги ткае - но, за неа нема препреки - решена е новото и убавото да го донесе во селото. Не се обѕрнува на озборувањата, туку си продолжува по својот пат. Нејзин најхрабар и најголем чекор ќе биде тоа што ќе ја испрати својата ќерка во училиште.
            Како и на сите жени, нејзина најголема желба е да има семејство и поколение, како и да му обезбеди на тоа поколение што поудобен живот. Во тој поглед таа не се разликува од јатрва и Митра. И таа сака да го земе имотот на Трајко за своите деца, но тоа го прави на поубав, поитар и поинтелигентен начин.
            Митра е типична мариовска селанка, неука, проста, суеверна и на моменти многу злобна. Таа посакува нова снаа во куќата, но само за да има помош, а не и заради среќата на деверите. Кон Доста се однесува лицемерно, но нејзината лажна љубезност набрзо ќе прерасне во отворена омраза и љубомора. Таа и завидува на умешноста, и завидува на породот, и завидува на среќата и љубовта која Доста ја има со Илко, и завидува што нејзините деца се секогаш чисти и дотерани, и завидува што и двете ќе ги прати во училиште. Но, сепак најгрозно е што ја посакува смртта на нероденото бебе, па дури и помислува да стане убиец. Тоа е врв на нејзината лошотија и злоба.
            Машките ликови не се толку изградени, но односот меѓу тројцата браќа е јасно прикажан во својата нераскинливост, почит и љубов. Без разлика колку жените се карале меѓу себе, тие не дозволуваат да се раскараат и да се разделат во кавга.
            Илко Сукалов е вреден, мирен и добар човек и домаќин. Срамежливо и ненаметливо ја посакува Доста за жена. Тој се повинува на нејзините навики и начин на живот, ја слуша и и угодува знаејќи дека е тоа добро за сите. Ги прифаќа и новите јадења кои таа ги приготвува иако не е навикнат на нив, ја прифаќа и нејзината одлука да ја прати Нешка во училиште и не се обѕира на озборувањата на селаните. Тој ја сака Доста и е среќен во нивниот заеднички живот. Многу вредно работи за да му обезбеди на семејството удобен живот.