9/25/11

Гане Тодоровски, живот и творештво („Седум навраќања кон мотивот трепетлика“)


Гане Тодоровски е роден 1929 година во Скопје, каде завршил основно училиште, гимназија и Филозофски факултет. Работел во весникот Млад борец, потоа како асистент, а по докторирањето станува редовен професор на Филозофскиот факултет. Почина 2010 година во Скопје.
            Автор е на збирките поезија: Во утрините“(1951), Тревожни звуци“(1953), Спокоен чекор“(1956), Божилак“(1960), Апотеоза на делникот“(1964), Горчливи голтки непремолк“(1970), Снеубавен ден“(1974), Скопјани“(1981), „Неволици, неверици, несоници“ (1987), „Недостижна“ (1995), „Осамен патник“ (1996, поезија на англиски јазик); книгите есеи, студии и огледи: Претходниците на Мисирков (студии и огледи, 1968), Трактати за сонцељубивите (есеи и записи, 1974), Веда Словена (1979), Маѓепсан мегдан (литературни записи, 1979), Подалеку од занесот, поблизу до болот (студии, 1983), Со збор кон зборот (студии и критики, 1985), Поход кон Хеликон (студии, 1987), Неодложни љубопитства (студии, записи и критики, 1987). Составувач е на антологиите: Песната - храброст (1975), Австриската поезија на ХХ век (1982), и други, а како коавтор ги приредил антологиите: Словенечки поети (1956), Езерска земја (1967), Правостоина (современи поети од албанската народност во Југославија, 1968), Нова хрватска поезија (1973), Современа хрватска поезија (1981).
 Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“, „Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Димитар Митрев“, Наградата за книжевен опус на „Мисла“ и на преведувачките награди „Григор Прличев“, „Кирил Пејчиновиќ“ и „Златно перо“.

            Во првата фаза тој својата поезија ја посветува на татковината, а во втората фаза, песните на Гане Тодоровски се интимни, искрени, длабоко копнежливи. Третата фаза на неговата поезија е урбана, современа, каде ја искажува својата загриженост за човековото секојдневие во светот во кој живееме.

Гане Тодоровски на специфичен начин, на сосема свој јазик ги искажува своите поетски трепети. Карактеристични за него се неологизмите, бескрајната низа зборови кои ги создава и пресоздава (непрегор, неизгор, непребол, непремолк, непобедници итн). Но, колку што е поетски комплексен и иновативен, толку може да биде и едноставен. Доказ за тоа е песната „Биографија“. 


             Биографија

            Се родив
            Тоа е совршен факт
            Живеам доста
            Тоа е веќе непорекливо

            Кому му требам
            Секој е должен сам да знае

            Пречам ли некому
            Нека ме одмине
            Премногу е непожелно
            Да бидам одбран за враг

            Вражја е живеачката
            А јас сум рековме нејзин факт

            Ќе умрам колку за доказ
            Дека навистина сум живеел.


            Избор од поетското творештво


            Седум навраќања кон мотивот трепетлика
            (од збирката Спокоен чекор“)

            1.
            Зелени клепки несон.
            Зелена, нема разбранетост.
            Таа е лична средполка,
            средполе сон прегладнета.

            2.
            Ставата и е зеленило пеперуги
            пленети вечно во вишна вертикала.

            3.
            Прекопната за спокој, неспокојна се траќа,
            трепери простум, се вѕира во облаците,
            го следи патот, тагува по катунците
            и ѕемне кога спотнат средлетните безветрини.

            4.
            Ја мачи ли безсоница, во уплав ли се тресе
            грешно-прегрешна јаловица занесена?

            5.
            Крстеник да ми беше, со Немир би ја крстел,
            немир-немирлика, неродна полска висотија.
            Вечерник да сум, трепетот би и го брстел,
            трепетот, показ на стравлива самотија.

            6.
            Колку е само плашливка, самата ќе ви рече,
            везден треперење: Утрина. Пладнина. Приквечер.

            7.
            Им се заблазува на птиците
            гнезда што свиле во неа,
            на сонот, рожбите, починката им заблазува,
            Несонка. Неротка. Зелена неспокојничка.

            И насловот и песната Седум навраќања кон мотивот трепетлика“, се инспирирани од народното творештво. Во народните песни, трепетликата се јавува и со името: трепетуша, јасика, топола. Треперењето на јасиката, според легендите всушност е божја казна. Од неа биле направени клиновите со кои бил прикован Исус на крстот. А и пред тоа, уште при бегството на Богородица со Христос пред гонителите, кога мајката Божја се скрила зад трепетликата, таа ја предала со своето треперење. Јасиката ја искажала својата гордост и непокорност не поклонувај- ќи им се на светците кои минувале низ шумата. Тогаш, Богородица ја проколнала јасиката - да трепери до века, ни од ветар, ни од дожд, ами од стравот божји, а во други преданија ја проколнала и со неплодност. Исто така и бројот седум, во народното творештво има магиско значење.
            Седум навраќања кон мотивот трепетлика“ е лирско-медитативна, рефлексивна песна во која предмет на набљудувањето е трепетликата (јасиката). Навидум песната е пејзажна, но всушност, таа е песна за јаловата убавина, за бесцелното, неплодно постоење.
            Составена е од седум строфи во слободен стих, наизменично катрени и двостишја (4 - 2 - 4 - 2 - 4 - 2 - 4).
            Набљудувајќи ја трепетликата, поетот ни ја опишува и од нејзината надворешна и од нејзината внатрешна страна. Однадвор, таа е прекрасна, лична средполка“, снагата и е зеленило пеперуги“, таа е разлистена, зелена, висока убавица. Но, во нејзината внатрешност, таа преживува вистинска драма. Таа е несонка, сред поле сон прегладнета“, таа е немир, прекопната за спокој“, таа е неродна полска висотија“, грешно-прегрешна јаловица занесена“, таа е плашливка показ на стравлива самотија“. Внатрешната болка ја прави завидлива кон сите што имаат мир, спокој и сон, кон сите што имаат свој дом и рожба.
            Тоа е песна за човекот, за девојката, чија надворешна убавина пленува, но таа не мора секогаш да биде и показ на внатрешната убавина.