10/3/11

„Дениција“ од Петре М. Андреевски



            Стихозбирката Дениција“ или циклусот песни за Дениција по многу нешта е различен и специфичен. Основниот мотив е љубовта кон жената - Дениција (име кое асоцира на ѕвездата Деница - на светлина, плодност, убавина), но и љубовта во други облици, а особено кон татковината. Освен тоа, во песните се измешани и фолклорни и митски мотиви. Начинот на искажувањето на љубовта е посебен, избегнати се сите стереотипи, сите клишеа, стиховите се слободни (бели) подредени во стофи или без строфи.
            Читајќи ги песните се воодушевуваме од чистата и голема љубов кон Дениција, за која поетот е подготвен да даде се за да опстане. Преточувајќи ја таа љубов во родољубиво чувство, на моменти не сме сигурни што е Дениција: жена или татковина.

            Уште во првата Песна за мојата песна“, поетот ни кажува каква е неговата песна, што содржи, што изразува, ја искажува големината на песната, нејзината возвишеност во животот на поетот. Со немирен тон, динамично ги најавува мотивите на следните песни, за на крајот да потенцира дека неговата песна е песна за Дениција.

            Во втората песна Првите податоци за Дениција“, поетот на современ начин не воведува во значењето на Дениција, во неговата опседнатост од неа, во вљубеноста и желбата да се биде покрај неа, па макар да треба од сите други да се откаже.

            Дениција доаѓаше од секаде
            како дух што го пропуштаат и мртвите стражари
            на сите момчиња да им се јавува во сонот.

            ...Заради неа пријателите
            по цел ден не сакаа да ме видат...

            ...И заради неа јас почнав одново да верувам во бога.
            Преку дневните весници сакав да се откажам
            од сите роднини
            што не веруваа дека нејзиниот бакнеж
            може да лекува и разболува.
            Од неа јас дознав и што мисли земјата за небото
            и кога има воздухот мака.
            Оти како што дишеше таа,
            така растеше и дневната температура.

            Копнежот по нејзината љубов е изразен во следната песна Умилкување“. Тој би направил буквално се само таа да го сака.

            ...Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокнам
            ќе ги затнам сите извори, се што гори ќе отворам
            Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,
            ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица
            само да ме сакаш.

            И во наредните песни срцето на поетот е исполнето со љубов. Во нив се испреплетуваат љубовни со социјални, фолклорни, родољубиви и други мотиви. Во Прва исповед“ таа е...Моја тајно, моја убавице“, со неа прави се и со неа може да направи се. За него таа го движи светот (Летување“):

            Таа се појавуваше од секаде
            и ги соединуваше
            бродовите со морето, морето со копното.
            . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
            Ако кажеше нешто требаше сите напамет
            да ги учат нејзините зборови,
            оти во нејзиниот глас можеше да се смести
            сета моја татковина.
            Ако појдеше на пазар
            требаше да поскапи зеленчукот,
            ако замижеше можеше да се стемни и на пладне,
            ако се преместеше подалеку
            требаше и плажата да се премести,
            ако се вратеше дома требаше да заврши летото.
            . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
            Поетите пишуваа дека нејзината убавина постои
            во сиот народен фолклор,
            во секој пламен, на секое знаме...

            Во собата на Дениција“ е посебен свет - свет на љубовта, на довербата, на страста, на вистината:

            Секој што влегол во нејзината соба
            заборавил на огнот што го допира водата,...
            ...заборавил да зборува со мајчиниот јазик,
            заборавил да ја чита старословенската азбука
            на јатото што не може да го напушти воздухот.
            Секој што влегол во нејзината соба
            заборавил да се врати дома.

            Кога ја љубев Дениција“ е песна во која поетот се чувствува безвремено и бестежински - тоа е врв на неговата љубов:

            ...како што таа ми ја одземаше тежината,
            додека трчав кон неа,
            како што не можев да видам ништо освен неа,
            како што таа живееше додека јас умирав,
            како што и јас не знаев како би умрел,
            ако таа не се родеше.

            Кога ја љубев Дениција,
            како да учествував во создавањето
            на првата Македонска Држава.

            Нестрпливоста и неможноста да се живее без неа ја изразува и во следната песна Излет“, во која поетот и вели:

            ...мажи се за мене, мажи се побрзо,
            дур не сме ја испиле ракијата со татко ми.

            Не добивајќи одговор, поетот продолжува со лелекот и единствената смисла на неговото постоење: љубовта кон Дениција, во песната Ако не си ти“:

            ...и јас постојам само онаму кај што и ти постоиш.
            Оти никогаш до сега не сум поминал
            онаму кај што ти не си била. Затоа не знам
            кого би го мразел и кого би го сакал,
            ако не си ти.

            И во Втора исповед“ продолжува:

            Во тебе бев заљубен уште пред моето и твоето создавање,...
            ...Во тебе бев заљубен пред првиот мој збор
            (што го изговори твојата уста)
            оти ти му помогна да ги преживее големите несреќи
            што беа и мои затоа што беа негови.

            Разочараноста и исходот од невозвратената љубов, поетот ја искажува во Ти и јас“ и во наредните песни каде се навестува разделбата.

            ...Ти чиниш влези-излези во мојата вртоглавица,
            а јас мојот ден го препознавам во твојот.

            Ти палиш и гаснеш сегде кај ќе поминеш,
            а во мене останува огништето и во мене пепелта.

            ...Ти си најцелосниот душман на моите душмани
            и јас ќе бидам победен од моите омилени слабости.

            Така ноќна невестулке, така неискажана капко капинко,
            така куршуме што мислиш на моето тело,
            а ја гаѓаш и погаѓаш само мојата душа.

            Следува Првата разделба“ која предизвикува силна болка кај поетот, непомирливоста со вистината и неможноста да се заборави и да се остави минатото зад себе.

            Оставен, како развенчана змиска кошула,
            ги колнев сите краишта што нејзе и ги посветив,
            и сите нови места што ме среќаваа без неа.

            Вљубениот поет не може да се помири со разделбата. Во песните Пет љубовни писма“ е искажана душевната состојба по разделбата.

            Ништо не е повидливо
            и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.
            ............................................................................
            Во тебе беа границите на Целокупна Македонија
            и јас дури те љубев, ја љубев сета татковина.
            ............................................................................
            А беше тоа кога помислував
            дека веќе не можам да мислам без тебе,
            па почнував да личам на сите мои предци,
            на сите мои предци, а најмногу на себеси.
            ......................................................................
            Една година јас без тебе, јас без себе,...
            ...А една година како трчкам по жална Македонија,
            одбирајќи зборови што секаде ќе те прочујат...
            Те барам во жестоката можност за обединување
            на мојот раштркан народ,...
            Те барав зад небото, во небеските кртечини,
            во непрочитаниот струјомер од угасената светулка,
            во атентатите од моите луѓе на моите луѓе,
            во непроучената постојаност на страните од светот,
            непроучена, а разбрана како постојана денгуба.
            Те барав во незавршениот страв на ѕвездата што паѓа,
            не можејќи ништо да допре во просторот.
            Те барав, те барав, во се и сешто,
            Те барав, а барајќи можев само да те сретнам,
            но не и да те најдам, но не и да те најдам.

            Последните три песни: Болеста на Дениција“, Откако те нема“ и На гробот од Дениција“, предадени со метафорично-симболичен израз се преполни со чувства. Во нив доминира болката и тагата на поетот поради болеста и смртта на љубената жена. Во првата песна тој е обземен со чувство на неизвесност и надеж за оздравување:

            Јас им завидував на сите љубовници
            во бакнежот што го криеја својот отров
            и броев: еднаш, двапати, четирипати        
            ќе оздрави, ќе умре, ќе оздрави, ќе умре.
            Ја пронаоѓав во дождот, ја губев во маглите —
            не се враќа, ќе се врати, не се враќа.
            Мојата птица губеше рамнотежа
            додека го отклучуваше воздухот над мене.
            Веќе не бев за никаде, оти сите знаеја што не знам,
            а не знаев дали нејзината глава
            во мојата глава размислува
            или од нејзината болест јас почнувам да умирам.
            ..................................................................................
            ...ти си одиш а јас останувам без никој никаде
            оти ти си мртва, а смртта во мене ти продолжува
            откако те нема.

            Последната песна На гробот од Дениција“ ја носи целата уметничка сила на сликата. Со голема напрегнатост на чувството, со силен емоционален ритам поетот го заокружува целиот циклус. Во оваа прекрасна песна лирскиот јунак се соочува со животот кој мора да се продолжи, да се живее, но се живее со мислата на неа, со се уште незгаснатиот копнеж по неа.

            На гробот од Дениција

            Над мене сив облак и сива орлица
            се договараат за нешто,
            а јас мислам дека кај тебе
            ме потскажуваат, Дениција.
            Оти дошто видов кула и пладневна топола
            беа како твојата става, Дениција.
            Дошто сретнав омарнина и жито во движење
            беа како твојата коса, Дениција.
            Дошто открив сончоглед и светла пушкарница
            беа како твоите очи, Дениција.
            Дошто сретнав залез, дошто пресеков лубеница
            беа како твојата уста, Дениција.
            А сите мери житен уем, сите крушки кантарки
            беа како твоите дојки, Дениција
            Дошто ме размина мило и отпетлано крило
            беа како твоите клепки, Дениција.
            Дошто скинав сламка и маслинова гранка
            беа како твоите прсти, Дениција.
            Дошто отворив прозорец и непрочитана книга
            беа како твоите предници, Дениција.
            А сите напуштени мамузи и узенгии
            беа како твоите обетки, Дениција.
            Дошто чув за разлутени ридови и мориња
            беа како твоите колкови, Дениција.
            Дошто видов глуварици и плужни ралици
            беа како твоите стапала, Дениција.
            А видов што видов и ништо не видов
            оти везден се искачувам по душата од мртвите,
            везден слегувам по дождот и маглите
            и секаде задоцнувам да те стигнам тебе.
            Потоа ѕемнам кај што мислам дека ќе поминеш
            и сите градски порти ги оставам отворени
            во секое време за да можеш да се вратиш.
            Ти ме приѕираш и од небото и од земјата,
            а мене никако не ми успева да ти кажам
            дека и мојата смрт започна по твојата
            и дека блажено е да се живее, а поблажено да се умира,
            мислејќи само на тебе, Дениција.