10/29/11

Социјалистички реализам - Михаил Шолохов „Судбината на човекот“

Освен како натурализам, реализмот наоѓа свое продолжување во 20.век, во земјите со социјалистичко уредување. Тој се оформува 1934 година во Советскиот Сојуз на конгресот на писателите кога Максим Горки во својот реферат ги дава основните поставки на правецот. Всушност, со новото уредување, писателите сметале дека треба да има и нова литература - литература која ќе ги сублимира најдобрите работи од реализмот и романтизмот. Социјалистичкиот реализам треба да прикаже определени негативни појави во животот, но многу повеќе да биде полетен, оптимистички и насочен кон светлата иднина. Оваа литература била ангажаирана и имала за цел идеолошки да го воспита народот. Ликовите се идеализирани, со високи вредности - вистински мали херои кои побудуваат восхит кај читателот. Освен Максим Горки, кој е и основоположник на соц-реализмот, за негов типичен претставник се смета и големиот руски писател Михаил Шолохов.

Михаил Александрович Шолохов

(1905-1984)
 
Шолохов е роден во Кружилино, во козачката област Вешенска. Образованието го стекнувал со прекини заради Октомвриската револуција, Граѓанската војна, Првата светска војна. Во Москва отишол 1922 година со надеж дека ќе го продолжи образованието, но немал средства, па морал да работи како градежен работник и сметководител. На осумнаесетгодишна возраст го објавува својот прв текст во весник и од тогаш не може да се одвои од литературата. Пишува раскази собрани во збирките „Донски раскази“ и „Лазурна степа“ кои се основа за неговите подоцнежни големи дела: „Тивкиот Дон“ и „Разорана целина“. Целото негово творештво е обземено со судбината на Козаците во текот на Октомвриската револуција. 
Козаците се специфична руска платена војска која се појавила кон крајот на 17 век. Во феудализмот, царот им доделил имоти и ги плаќал селаните кои ќе ја чуваат границата на Царска Русија. Својата слобода тие ја откупиле на тој начин што секогаш кога имало потреба биле во првите борбени редови. Биле способни војници, претежно коњаници, кои ја населиле областа околу реката Дон. Во Октомвриската револуција (1917) се руши старото уредување и царот, а со тоа и традиционалната козјачка војска. 


Шолохов, 1966 година ја добива Нобеловата награда за романот „Тивкиот Дон“.


СУДБИНАТА НА ЧОВЕКОТ

(Рускиот филм „Судбината на човекот“  може да им помогне на учениците бидејќи го прикажува вистинскиот амбиент, актерот е добро избран и нема отстапувања од оригиналната содржина)

„Судбината на човекот“ е расказ за обичниот руски војник и неговата судбина во текот на Втората светска војна. Иако во него се среќаваме со грозни нехумани ситуации, сепак, во целиот расказ провејува топлина, хуманизам, добрина. Нараторот е главниот лик, Андреј Соколов, кој полека, без вознемирување му го раскажува својот живот на еден непознат човек со кого случајно се сретнува чекајќи да дојде сплав за минување на реката. Расказот започнува со човекот кој ќе ја ислуша „судбината“ на патникот со малото детенце и кој на крајот ќе срони машка солза, но кој исто така ќе се наполни со надеж - надеж дека човек иако може да загуби се, сепак ќе изнајде начин да живее, да продолжи, да биде уште похуман од порано, да им помага на тие околу себе - така осмислувајќи си го животот.

Со раскажувањето на својот живот Андреј Соколов започнува многу концизно - во еден пасус опишува речиси триесетина години:

 „ Отпрвин животот ми беше обичен. Јас сум од кај Воронешката губернија, илјада деветстотата сум роден. Во Граѓанската војна бев во Црвената армија, во дивизијата на Киквидзе. Во гладната дваесет и втора година појдов во Кубан да им аргатувам на кулаците, затоа и испливав. А татко ми, мајка ми, сестричето изумреа дома од гладот. Останав сам. Од рода - земјата да ја испревртиш, - нигде никого, ни една душа. Е, по година време се вратив од Кубан, го продадов куќурето и отидов во Воронеж. Отпрвин работев во дрводелската задруга, а потоа влегов на работа во фабрика, изучив за бравар. Набргу се оженив. Жената се воспитувала во детски дом. Сираче. Добра девојка најдов! Кротка, весела, угодлива и умна, не бев за неа. Таа уште од детски години разбрала што е маки да трпиш, - може тоа и подејствувало на нејзиниот карактер. Отстрана кога ја гледаш - не беше баш навидум, но јас не ја гледав неа отстрана, туку в очи. И за мене немаше поубава и посакана жена од неа, немаше на светот и нема да има!“

Со истиот спокоен ритам продолжува неговото раскажување за првите години од бракот, за неговите пијанства и мамурлаци со кои кротката Иринка прекрасно се справувала. Таа не била како другите жени кои се карале со своите мажи кога ќе се вратат пијани, туку без прекор и викотници му помагала да се собуе и да си легне в кревет. Ноќта ја чувствувал како таа го гали, а изутрина го будела малку порано за да може да се опорави за на работа, му давала кисела краставичка да касне и малку вотка. Чувствувајќи вина за ваквото свое однесување, жалејќи ја жена си и нејзината добрина, Андреј престанал да пие. А кога им се родиле децата, прво машко, а потоа уште две девојчиња, сосема престанал да оди со другарите и сета плата ја носел дома. Потоа изучил за шофер и возел камион и така му минале 10 години - како миг. Децата биле одлични во училиште, а особено синот Анаталој и неговата дарба по математика за кого дури во весниците пишувало.
За тие десетина години собрале малку пари и пред почетокот на војната си изградиле куќичка во близина на фабриката за авиони, Иринка купила две кози и животот течел токму како што човек можел да си посака - во мир, хармонија и успех.
Но, почнала војната, а со неа и страдањата. Војната започнува со потресната сцена на разделбата на железничката станица кога Иринка не може да се смири од плачење:

„Други жени разговараат со мажите, со синовите, а мојава се стиснала до мене како лист до вејката, и сета само трепери, збор да проусти не може. Јас и велам: „Свести се, мила моја Иринке! Кажи ми барем еден збор на разделбава.“ А таа и зборува, и по секој збор липа: „Мили мој... Андрјуша... нема веќе... да се видиме... ние со тебе... на овој... свет...
Ја турнав божем пополецка, а сила имав улавска; таа се подистави, отстапи едно три чекори, раце подава, а јас и викам: „Ами така ли се разделуваат? Зошто предверме жив ме закопуваш?!“ Па пак ја прегрнав, гледам дека не е на себе...“

Ваквата разделба Соколов не може да си ја прости. Жали што ја оттурнал жена си при разделбата мислејќи само на себе. Тогаш, тој не помислувал дека може таа да умре, а не тој, како и што се случува.

Како војник Соколов преживува тешки времиња, за една година двапати бил ранет, а веќе 1942 година бил заробен од Германците. Со својот камион тој бил соборен од граната и едвај преживеал. Како заробеник, со други пленици е преместуван од место во место, па сместен во една црква чиј кров бил разрушен од граната. Ноќта истура дожд, па сите стануваат жива вода. За случувањата во црквата раскажувањето е поопширно и претставени се неколку нови ликови. Лекарот, кој цела ноќ им помагал на ранетите, и му ја исправил ишчашената рака на Соколов; војникот - христијанин (богомолец) кој не сакал како што биле сите принудени да изврши нужда внатре во црквата - па таа своја религиозност ја плаќа со живот; предавникот кој безмилосно ќе ги каже сите што Германците веднаш ги стрелаат - комунисти, Евреи и кого лично Соколов ќе го убие ноќта на спиење за да не ги предаде недолжните. Утредента сите ги постројуваат пред црквата и само четворица од двесте издвоиле за стрелање, од кои само еден бил Евреин, а другите биле Руси, но малку црномурни и кадрави.
За време на плеништвото Соколов еднаш се обидува да избега и речиси успеал во тоа, но германските пци сепак го пронаоѓаат. Цел месец го фрлиле во самица, но тој успеал да преживее. А потоа две години го носеле по сета Германија да работи. Работејќи во каменолом во еден логор, измачен и гладен, тој кажува дека секој ден мора да изработи четири кубика, а за својот гроб доста му е само еден. Оваа смела иронија ќе му биде пренесена на командирот, а Соколов повикан кај него. Јасно било дека оди во смрт, па затоа и се простил со другарите. Командирот му вели дека за зборовите што ги кажал ќе ја има честа да биде убиен лично од него, но пред тоа му понудува чаша вотка за победата на германското оружје. Но, гордиот и чесен Русин, војникот кој е подготвен да умре за својата татковина, одбива да пие за победата на непријателот и му вели на командирот дека тој воопшто не пие. Германецот се поднасмеал и му рекол ако не сака за германската победа, тогаш нека се напие за сопствената смрт. Во таа чест, Соколов пие. Командантот му понудува и да касне пред својата смрт, на што Соколов одговара дека по првата чашка тој не каснува. Тогаш Германецот му става втора чаша која Соколов веднаш ја испива, без да го допре мезето, мислејќи си дека е доволно храбар, а и дека барем ќе се изнапие пред да оди во смрт. Кога и по втората чашка вели дека не јаде, кај присутните Германци предизвикува смеа, по што ја добива и третата чаша. По неа, тој зема од мезето и каснува. Ваквата храбра постапка му се допаднала на командантот кој го нарекува храбар руски војник и достоен противник, по што му го помилува животот и му дава храна за награда.
Ги преживува Соколов сите логорски стравотии, бил повторно преместуван и на крајот му бил доделен на еден дебелкав инженер мајор да го вози. Со него, бидејќи тој градел одбранбени ровови, Соколов се приближува до борбената линија и почнува да ја слуша својата руска војска и артилерија. Таму тој начекува погоден момент, земал германска униформа за себе и заедно со мајорот и неговите документи преминува преку линијата на фронтот кај своите. Како херој го предава заробениот германскиот мајор и ја бакнува руската земја од која бил одвоен долго време. Иако сакал веднаш да се вклучи во фронтот, сепак го праќаат во болница да се опорави . Од таму веднаш и пратил писмо на жена си Ирина. Дури по три недели добил писмо од Воронеж, но не од Ирина, туку од соседот. Во него дознава дека уште во 1942 година (веќе две години) Германците ја бомбардирале фабриката за авиони и една бомба паднала точно врз неговата куќа. Ирина и ќерките биле дома и од нив ни трага не можеле да најдат, бидејќи на местото од куќата останала само длабока јама. За среќа, синот Анатолиј тоа време бил во град  па така останал жив. Кога се вратил и ја видел јамата, веднаш се пријавил за доброволец на фронтот. 
Соколов стапил во контакт со синот од кого добил писмо и каде дознал дека тој прво бил во артилериско училиште, па по една година добил чин на капетан и командувал со батерија. До сега имал добиено дури шест ордени и медали. Тогаш гордиот татко почнал да мечтае за крајот на војната, за тоа како ќе го ожени сина си, ќе работи како дрводелец и ќе ги гледа внучињата. Но, ни таа среќа не ја доживеал. Веќе пред крајот на војната, кога целата руска војска се движела кон Берлин, Соколов му пратил писменце на сина си:

„... и утредента веќе добив одговор. Тогаш дури разбрав дека јас и син ми сме дошле до германската столнина по разни патишта, но дека се наоѓаме близу еден до друг. Чекам, не можам да дочекам кога ќе се видиме, просто не верувам. И се видовме... Токму на деветти мај, утрото, на Денот на победата, германски снајпер го убил мојот Анатолија...“

По војната храбриот војник Соколов нема веќе за што да живее ниту каде да живее. Оди кај некои свои пријатели, таму се сместува и работи како возач. Во гратчето често седел во чајџилницата каде поткаснувал нешто, а пред неа гледал едно мало детенце кое постојано било само. Еден ден, Соколов го викнал по име и го поканил да дојде со него да го повози со камионот, а потоа и да ручаат. Во текот на возењето го распрашува детенцето Вања за неговите родители и дознава дека таткото загинал на фронтот, а мајката умрела од бомба во возот со кој патувале. Малиот Вања не знаел ни каде патувале ни каде стигнал. Тој останал сосема сам, таму некаде - во големата Русија. Горчина и жал го стегнале Соколов за судбината на малото детенце, дури повеќе отколку за својата сопствена и тогаш ја смислува лагата во која го гледа спасот за двајцата:

„Вањушка, ами знаеш ли кој сум јас?“ Тој праша небаре воздивна: „Кој?“ Јас и му одговорив така тивко: „Јас сум твојот татко“.
Боже, што се случи тогаш! Се фрли кон мене, ми се обеси околу врат, ме бакнува во образите, во устата, во челото, и како пупунче толку ѕвонливо и танко вика, што дури ни во кабината ништо не се слуша: „Татенце, татенце мили! Јас знаев! Знаев дека ќе ме најдеш! Сепак ќе ме најдеш. Јас толку долго чекав да ме најдеш!“

Соколов го носи Вања дома, кај своите пријатели, го претставува како свој син, а тие така и го прифаќаат. Целосно му се посветува на детето иако го боли што понекогаш мора да го лаже:

Татенце, каде ти е тебе кожното палто? Во животот никогаш не сум имал кожно палто! Морав да излажам. Во Воронеж остана, му реков. Ама ти тато, зошто толку долго ме бараше? Му одговорив - Јас тебе синче и во Германија те барав, и во Полска, и сета Белорусија ја изодив и ја пропатував, а ти во Урјупинск си било. Ама тато, Урјупинск близу до Германија е? А до Полска, тоа далеку ли е од нашата куќа? И така брборевме со него дури не заспавме. 

Но таа лага престанува да боли зашто станува единствена и цврста вистина. Синот треба да порасне и да биде вистински Рус, храбар и истраен, хуман и издржлив - ист како неговиот татко. Не смее да биде сам, осамен и напуштен без никаква надеж во иднината.

Така завршува расказот, со вкрстувањето на ужасните судбини на луѓето по завршената војна, но и со надеж дека помагајќи си едни на други може да се изгради иднината.



10/18/11

Реализам - натурализам; Антон Павлович Чехов


             РЕАЛИЗАМ - НАТУРАЛИЗАМ


            Натурализмот претставува последна фаза на реализмот кој егзистира во периодот од 1870 до 1890 година.
            Терминот натурализам е преземен од филозофијата каде означува материјализам, епикурејство (лагодност на животот) и световност.
            Натуралистите го потенцираат човековото биолошко потекло, како и влијанието на средината. Тие многу внимание му обрнуваат на детаљот при фактографското и аналитичкото прикажување на стварноста.
            Главен претставник и заговорник на натурализмот е францускиот писател Емил Зола. Тој собира натуралистичка група автори кои објавуваат збирка раскази во вид на манифест Медански вечери“ (се собирале во Золината вила во Медано). Како автори се појавуваат: Ги де Мопасан, Пол Алексис, Анри Сеар, Леон Еник и Уисманс.
            Во исто време се јавува и натуралистичкиот театар во Франција кој се залагал за реален и детален приказ на баналностите на секојдневието.
            Хенрик Ибзен е норвешки драмски писател, кој ќе го одбележи развитокот на драмата кон модерната драматургија, создавајќи ја т.н. аналитичка техника во водењето на драмското дејство.


     Антон Павлович Чехов
            (1860 - 1904)


            Антон Павлович Чехов е претставник на рускиот натурализам. Роден е во Таганрог на брегот на Азовското Море, во ситнотрговско семејство. Татко му сосема пропаднал, па тој морал сам да се издржува со давање часови, за да ја заврши гимназијата. Потоа оди во Москва каде добива стипендија за медицински студии. Тогаш започнува со пишување, но под разни псевдоними, а најчесто како Антоша Чехонте. Пишувал безброј цртички, скици, новели, пародии, шеги, кои ги објавувал по весниците. Во 1887 година ќе објави избор од најуспешните куси раскази Во самраците“. Потоа, во период од седум години, објавува пет збирки куса проза и пишува драми.
            Негови најпознати новели се: Степа“, Павиљон бр.6“ и драмите: Галеб“, Вујко Вања“, Три сестри“ и Вишновата градина“. 



            Прозно творештво


            Карактеристично за прозното творештво на Чехов, освен нивниот кус облик, е и хуморот. Во неговата проза хуморот се јавува во сите варијанти, од најблаг - до најостар. Темите што ги обработува се разни. Тој критички ги опфаќа сите сегменти на општественото живеење.

            Смртта на чиновникот“ е краток расказ во кој е претставена општествената хиерархија низ сатиричната слика на стариот Червјаков кој случајно кивнува кон генералот Брижалов. Червјаков неколкупати му се извинува, но сметајќи дека тоа не е доволно и дека не му е вистински простено, тој утредента ја облекува новата облека и оди кај Брижалов за да бара прошка. Откако поминале неколку молители, доаѓа неговиот ред и тој му кажува зошто дошол и дека мора уште еднаш да се извини. Брижалов не можел да поверува дека човекот сериозно дошол да се извинува за кивнувањето и си мислел дека тој се потсмева со него. По завршувањето на сите молби, на крајот од денот, Червјаков повторно му приоѓа и постојано му го зборува истото. Дека тој случајно, кивајќи, го испрскал. На крајот, Брижалов, бесен од навредата, викајќи, го брка Червјаков.
На крајот од расказот разврската е кратка и јасна:

            Во стомакот на Червјаков нешто се откина. Ништо не гледајќи, ништо не слушајќи, тој се стаписа назадгазум кон вратата, излезе на улица и затетерави... Без да знае како дошол дома и без да ја соблече новата облека, тој легна в постела и ... умре.

            Критика на општеството, на лицемерието на социјалната грижа, е претставена во расказот Павиљон бр.6 (прераскажан)“. На ироничен начин Чехов го критикува општеството кое воопшто не се грижи за болните, општеството во кое не се знае кој е навистина луд, од која страна на решетките се наоѓаме или може да се најдеме. Многу прашања се отворени во расказот, а на крајот се затвараат со смртта на главниот лик кој казната за сопствените погрешни постапки и погрешна филозофија мора да ја почувствува врз своја кожа. 
            Зачмаеноста на малограѓанската средина е опишана во расказот Човек во футрола“, руското село, во Селани“, а бракот и љубовта (и вонбрачната љубов) во: За љубовта“ и Агафја“.

            Карактеристичен за творештвото на Чехов е расказот Мала шега“, каде се меша сегашноста и минатото, оствареното и сонуваното.
            Расказот започнува во сегашно време и прво лице еднина.

            Ведро зимско пладне ... Студено е, камен пука, и на Надењка, што ме држи подрака, и се нафатил сребрен скреж по кадрите на косата и по мовот над горната усна.

            Нараторот се пошегувал со Надењка така што додека се спуштале со санката по ридот тој и шепнал на увото дека ја сака. Поради ветрот, таа не била сигурна дека тој навистина ги изговорил тие зборови, па си помислила дека и се присторува. За да ја дознае вистината, таа сака да се спуштаат повторно и повторно, а со секое спуштање таа е се помалку сигурна во она што го слуша. Со надеж дека тие зборови значат повеќе од шумење на ветрот и присторување, таа го повикува секој ден да одат на санкање. Тие зборови врз неа имаат прекрасно дејство. Таа е постојано насмеана, среќна и убава.
            На крајот, Чехов, приказната од сегашно време ја префрла во минат план:

            Тоа беше одамна. Сега Надењка е веќе омажена; ја дале, или пак сама тргнала, — тоа е сеедно — за секретарот на дворјанскиот старателен фонд и сега веќе има три деца. Тоа, како заедно сме оделе некогаш на лизгање и како ветерот и ги носел зборовите: јас ве љубам Надењка, тоа се уште не е заборавено; за неа сега тоа е најсреќен, најнежен и најубав спомен во животот...
            А, мене сега, кога станав постар, уште не ми е јасно зошто ги зборував тие зборови, зошто се шегував...

            Во расказите на Чехов секогаш е присутен новелистичкиот пресврт. Тука тој се огледа во временскиот план, а во претходниот расказ во апсурдноста на извинувањето како чин на хиерархиско почитување (и потчинување) кое кулминира со смрт.


            Драмско творештво

            Во драмското творештво, Чехов како творец на лирската драма е претставник на модерната литература. Во неговите драми, ликовите не ја живеат сегашноста која е сива и монотона, туку живеат во минатото, во мечтите, во свет создаден од самите нив. Тие се одрекуваат од многу работи во сегашноста, претставувајќи се така како жртви, а всушност нивниот избор е нерешителноста и бегањето од реалноста. Тие не преземаат никаква акција, живеат во меѓупросторот на минатото и иднината, сонуваат и мечтаат. Затоа, нивните дијалози се често лирски монолози.

10/3/11

„Дениција“ од Петре М. Андреевски



            Стихозбирката Дениција“ или циклусот песни за Дениција по многу нешта е различен и специфичен. Основниот мотив е љубовта кон жената - Дениција (име кое асоцира на ѕвездата Деница - на светлина, плодност, убавина), но и љубовта во други облици, а особено кон татковината. Освен тоа, во песните се измешани и фолклорни и митски мотиви. Начинот на искажувањето на љубовта е посебен, избегнати се сите стереотипи, сите клишеа, стиховите се слободни (бели) подредени во стофи или без строфи.
            Читајќи ги песните се воодушевуваме од чистата и голема љубов кон Дениција, за која поетот е подготвен да даде се за да опстане. Преточувајќи ја таа љубов во родољубиво чувство, на моменти не сме сигурни што е Дениција: жена или татковина.

            Уште во првата Песна за мојата песна“, поетот ни кажува каква е неговата песна, што содржи, што изразува, ја искажува големината на песната, нејзината возвишеност во животот на поетот. Со немирен тон, динамично ги најавува мотивите на следните песни, за на крајот да потенцира дека неговата песна е песна за Дениција.

            Во втората песна Првите податоци за Дениција“, поетот на современ начин не воведува во значењето на Дениција, во неговата опседнатост од неа, во вљубеноста и желбата да се биде покрај неа, па макар да треба од сите други да се откаже.

            Дениција доаѓаше од секаде
            како дух што го пропуштаат и мртвите стражари
            на сите момчиња да им се јавува во сонот.

            ...Заради неа пријателите
            по цел ден не сакаа да ме видат...

            ...И заради неа јас почнав одново да верувам во бога.
            Преку дневните весници сакав да се откажам
            од сите роднини
            што не веруваа дека нејзиниот бакнеж
            може да лекува и разболува.
            Од неа јас дознав и што мисли земјата за небото
            и кога има воздухот мака.
            Оти како што дишеше таа,
            така растеше и дневната температура.

            Копнежот по нејзината љубов е изразен во следната песна Умилкување“. Тој би направил буквално се само таа да го сака.

            ...Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокнам
            ќе ги затнам сите извори, се што гори ќе отворам
            Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,
            ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица
            само да ме сакаш.

            И во наредните песни срцето на поетот е исполнето со љубов. Во нив се испреплетуваат љубовни со социјални, фолклорни, родољубиви и други мотиви. Во Прва исповед“ таа е...Моја тајно, моја убавице“, со неа прави се и со неа може да направи се. За него таа го движи светот (Летување“):

            Таа се појавуваше од секаде
            и ги соединуваше
            бродовите со морето, морето со копното.
            . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
            Ако кажеше нешто требаше сите напамет
            да ги учат нејзините зборови,
            оти во нејзиниот глас можеше да се смести
            сета моја татковина.
            Ако појдеше на пазар
            требаше да поскапи зеленчукот,
            ако замижеше можеше да се стемни и на пладне,
            ако се преместеше подалеку
            требаше и плажата да се премести,
            ако се вратеше дома требаше да заврши летото.
            . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
            Поетите пишуваа дека нејзината убавина постои
            во сиот народен фолклор,
            во секој пламен, на секое знаме...

            Во собата на Дениција“ е посебен свет - свет на љубовта, на довербата, на страста, на вистината:

            Секој што влегол во нејзината соба
            заборавил на огнот што го допира водата,...
            ...заборавил да зборува со мајчиниот јазик,
            заборавил да ја чита старословенската азбука
            на јатото што не може да го напушти воздухот.
            Секој што влегол во нејзината соба
            заборавил да се врати дома.

            Кога ја љубев Дениција“ е песна во која поетот се чувствува безвремено и бестежински - тоа е врв на неговата љубов:

            ...како што таа ми ја одземаше тежината,
            додека трчав кон неа,
            како што не можев да видам ништо освен неа,
            како што таа живееше додека јас умирав,
            како што и јас не знаев како би умрел,
            ако таа не се родеше.

            Кога ја љубев Дениција,
            како да учествував во создавањето
            на првата Македонска Држава.

            Нестрпливоста и неможноста да се живее без неа ја изразува и во следната песна Излет“, во која поетот и вели:

            ...мажи се за мене, мажи се побрзо,
            дур не сме ја испиле ракијата со татко ми.

            Не добивајќи одговор, поетот продолжува со лелекот и единствената смисла на неговото постоење: љубовта кон Дениција, во песната Ако не си ти“:

            ...и јас постојам само онаму кај што и ти постоиш.
            Оти никогаш до сега не сум поминал
            онаму кај што ти не си била. Затоа не знам
            кого би го мразел и кого би го сакал,
            ако не си ти.

            И во Втора исповед“ продолжува:

            Во тебе бев заљубен уште пред моето и твоето создавање,...
            ...Во тебе бев заљубен пред првиот мој збор
            (што го изговори твојата уста)
            оти ти му помогна да ги преживее големите несреќи
            што беа и мои затоа што беа негови.

            Разочараноста и исходот од невозвратената љубов, поетот ја искажува во Ти и јас“ и во наредните песни каде се навестува разделбата.

            ...Ти чиниш влези-излези во мојата вртоглавица,
            а јас мојот ден го препознавам во твојот.

            Ти палиш и гаснеш сегде кај ќе поминеш,
            а во мене останува огништето и во мене пепелта.

            ...Ти си најцелосниот душман на моите душмани
            и јас ќе бидам победен од моите омилени слабости.

            Така ноќна невестулке, така неискажана капко капинко,
            така куршуме што мислиш на моето тело,
            а ја гаѓаш и погаѓаш само мојата душа.

            Следува Првата разделба“ која предизвикува силна болка кај поетот, непомирливоста со вистината и неможноста да се заборави и да се остави минатото зад себе.

            Оставен, како развенчана змиска кошула,
            ги колнев сите краишта што нејзе и ги посветив,
            и сите нови места што ме среќаваа без неа.

            Вљубениот поет не може да се помири со разделбата. Во песните Пет љубовни писма“ е искажана душевната состојба по разделбата.

            Ништо не е повидливо
            и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.
            ............................................................................
            Во тебе беа границите на Целокупна Македонија
            и јас дури те љубев, ја љубев сета татковина.
            ............................................................................
            А беше тоа кога помислував
            дека веќе не можам да мислам без тебе,
            па почнував да личам на сите мои предци,
            на сите мои предци, а најмногу на себеси.
            ......................................................................
            Една година јас без тебе, јас без себе,...
            ...А една година како трчкам по жална Македонија,
            одбирајќи зборови што секаде ќе те прочујат...
            Те барам во жестоката можност за обединување
            на мојот раштркан народ,...
            Те барав зад небото, во небеските кртечини,
            во непрочитаниот струјомер од угасената светулка,
            во атентатите од моите луѓе на моите луѓе,
            во непроучената постојаност на страните од светот,
            непроучена, а разбрана како постојана денгуба.
            Те барав во незавршениот страв на ѕвездата што паѓа,
            не можејќи ништо да допре во просторот.
            Те барав, те барав, во се и сешто,
            Те барав, а барајќи можев само да те сретнам,
            но не и да те најдам, но не и да те најдам.

            Последните три песни: Болеста на Дениција“, Откако те нема“ и На гробот од Дениција“, предадени со метафорично-симболичен израз се преполни со чувства. Во нив доминира болката и тагата на поетот поради болеста и смртта на љубената жена. Во првата песна тој е обземен со чувство на неизвесност и надеж за оздравување:

            Јас им завидував на сите љубовници
            во бакнежот што го криеја својот отров
            и броев: еднаш, двапати, четирипати        
            ќе оздрави, ќе умре, ќе оздрави, ќе умре.
            Ја пронаоѓав во дождот, ја губев во маглите —
            не се враќа, ќе се врати, не се враќа.
            Мојата птица губеше рамнотежа
            додека го отклучуваше воздухот над мене.
            Веќе не бев за никаде, оти сите знаеја што не знам,
            а не знаев дали нејзината глава
            во мојата глава размислува
            или од нејзината болест јас почнувам да умирам.
            ..................................................................................
            ...ти си одиш а јас останувам без никој никаде
            оти ти си мртва, а смртта во мене ти продолжува
            откако те нема.

            Последната песна На гробот од Дениција“ ја носи целата уметничка сила на сликата. Со голема напрегнатост на чувството, со силен емоционален ритам поетот го заокружува целиот циклус. Во оваа прекрасна песна лирскиот јунак се соочува со животот кој мора да се продолжи, да се живее, но се живее со мислата на неа, со се уште незгаснатиот копнеж по неа.

            На гробот од Дениција

            Над мене сив облак и сива орлица
            се договараат за нешто,
            а јас мислам дека кај тебе
            ме потскажуваат, Дениција.
            Оти дошто видов кула и пладневна топола
            беа како твојата става, Дениција.
            Дошто сретнав омарнина и жито во движење
            беа како твојата коса, Дениција.
            Дошто открив сончоглед и светла пушкарница
            беа како твоите очи, Дениција.
            Дошто сретнав залез, дошто пресеков лубеница
            беа како твојата уста, Дениција.
            А сите мери житен уем, сите крушки кантарки
            беа како твоите дојки, Дениција
            Дошто ме размина мило и отпетлано крило
            беа како твоите клепки, Дениција.
            Дошто скинав сламка и маслинова гранка
            беа како твоите прсти, Дениција.
            Дошто отворив прозорец и непрочитана книга
            беа како твоите предници, Дениција.
            А сите напуштени мамузи и узенгии
            беа како твоите обетки, Дениција.
            Дошто чув за разлутени ридови и мориња
            беа како твоите колкови, Дениција.
            Дошто видов глуварици и плужни ралици
            беа како твоите стапала, Дениција.
            А видов што видов и ништо не видов
            оти везден се искачувам по душата од мртвите,
            везден слегувам по дождот и маглите
            и секаде задоцнувам да те стигнам тебе.
            Потоа ѕемнам кај што мислам дека ќе поминеш
            и сите градски порти ги оставам отворени
            во секое време за да можеш да се вратиш.
            Ти ме приѕираш и од небото и од земјата,
            а мене никако не ми успева да ти кажам
            дека и мојата смрт започна по твојата
            и дека блажено е да се живее, а поблажено да се умира,
            мислејќи само на тебе, Дениција.

10/2/11

Анте Поповски, живот и поетско творештво („Вардар“ и „Македонија“)

Проповедникот

       на д-р Ѓорѓи Зафировски

Никогаш и никаде Тој не спомна нешто
што ние живите го поимаме како време,
и ете, во суштина, ние
се разликуваме од Проповедникот
не сакавме или пак не можевме
да сфатиме дека нам не ни одминува
времето туку –
животот.


Анте Поповски е поет, есеист, препејувач, публицист. Роден е на 3 јуни 1931 година во с. Лазарополе, Дебарско. Завршил Медицински факултет во Скопје и како лекар работел во Дебар. Но, него повеќе го влечел пишаниот збор и вклучувањево во општествените текови. Бил член на Извршниот совет (Влада) на (С.Р.) Македонија, директор на весникот „Нова Македонија“ и „Вардар филм“ во Скопје, потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, член на ДПМ (Друштво на писателите на Македонија) од 1956 година, а негов претседател во два мандата и претседател на Советот на СВП (Струшки вечери на поезијата) (1966/67 и 1978/79). Член на МАНУ (Македонска академија на науките и уметностите). Член на Македонскиот ПЕН центар.
Автор е на книгите: Одблесоци (поезија, 1955), Вардар (поезија, 1958), Самуил (поезија, 1963), Непокор (поезија, 1964), Камена (поезија, 1972), Тајнопис (поезија, 1975), Љубопис (поезија, 1980), Родопис (поезија, 1981), Сина песна (поезија, 1984), Глас од дамнина (публикација од литературно-историски и поетолошки карактер, 1986), Ненасловена (поезија, 1988), Оковано време (статии и коментари, 1991), Меѓу животот и знаците (есеи, 1991), Провиденија (поезија, 1995), Окото, светлините (есеи, 1996) и последната, тестаменталната поема „Света песна“ (поезија, 2001). Составувач е на Светата земја на зборот, антологија на јидиш поезијата, и на Орфеј и Исус - библиски мотиви во современата македонска поезија (2000). Избори од неговата поезија во посебни книги се објавени во Албанија, Грција, Франција, Русија, Турција, Италија, Германија, Велика Британија, Индија. Преведувач на автори од светската поезија и есеистика.
Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ , „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Гоцева повелба“ и на Меѓународната награда за најдобра песна "Premio Europa".
Почина во Скопје, на 1 октомври 2003 година.

Tohu va bohu 2

Книгите недочитани,
соништата недосонувани –
тоа ли беше животот?
Секој со своето врзопче време
нагоре-надолу, натаму-наваму,
сè дури не се пресоздадовме себеси
во саркофаг зборови,
во една бела тишина…
Книгите недочитани,
соништата недосонувани,
тоа ли беше животот?

Анте Поповски, во своите последни песни ја пренесува краткотрајноста на овоземното постоење, ни ја пренесува горчината од сфаќањето на она кои сме во огромниот простор на континуумот. Уште повеќе, тој го остава својот поетски тестамент во „Светата песна“ каде го сублимира сето свое знаење и сфаќање на животот. 
За неа, Ѓорѓи Старделов ќе рече: „Како да се протолкува „Светата песна“ кога станува збор за дело кое и самото е толкување на најзамрсените и најнеизвесните енигми на егзистенцијата, на оние гордиеви јазли во кои е заплетен нашиот кратковечен земен помин под небесниов свод. И чудото на Антевата поезија е во тоа што таа кратковечност на земното, во неа е преобразена во вечност, во вечни базични поетски градби на вистината за трагичниот опстој на човекот во неговиот неизвесен земен живот.(...) Света песна на Анте Поповски е книга што прилега на поетски сеопфат на овој свет, на енциклопедија на духот, на поетска енциклопедија на темелните прашања и идеи за опстанокот наш под вршникот небесен каква што е книгата за Битието. Тие книги не се читаат и откриваат одеднаш и наеднаш, туку дел по дел, пев по пев, стих по стих. И се читаат по некој невидлив диктат на некоја виша инстанца во нас во која не можеме да се посомневаме.


Меѓутоа, пред овие негови поетски творби, Поповски беше поет на регионалното, пред универзалното, поет на својот народ, на Македонија. За него, Македонија географски малата е културно и историски огромната, библиската земја. Тој не учи како да ја сакаме, како да ја чувствуваме, и како да се гордееме со неа. 

В А Р Д А Р

Воѓе, бели воѓе
кај црна црните?

Од вас до мене
од мене натака
кого барате?

Под дното ви бездна небид
врз ви мост - копја и векови .. .

Воѓе, бели воѓе
кај црна црните
кого барате?

*
Копје па маж. Копје па маж
- брегови.

Од брег на брег, од ноќ до ноќ
- прегрнати.

Земја ако не остане
на дланки корита имаме
- течи ни.

И нас ако не не би
вода престори не
па секни, пресуши!

*
Времиња, никој пат не ве напуштил,
никој пат не ќе пресуши.

Ако го снема меѓу бреговиве
ќе потечеме по планињено.

Ако не стигнат планини
- од нас направете.

Времиња
никојпат не ве напуштил,
никојпат не ќе пресуши
нашиов вруток-Непокор.

*
Имам јас жили и добрина
векови за да векувам.

Сум поел волк и волк ме хранел
на дланкиве пролет ми умирала.

До што е корен и камен
до што е далга и ноќ
сум израснал .. .

Мајка ми е - сам од века
татко - би ил не.
Ми недостасуваше колено
од своето небидие помаж.

*
Ти што седиш на брегов мој
ела среде мене
и молчи.

Подај ми ја раката
јас мојата ќе ја кренам
вишно стебло врз жилав корен да врзе.

Ти што седиш на брегов мој
ела среде мене и молчи.

Ќе те понесам длабако.
век да векуваш.

Ако те разјадат некојпат забиве мои
на брег ќe те фрлам
зошто си си?

*
Само две раце имам
и едно исушено тело
чекање:

Илјаден да сум - мал да не сум
за една капка тебе
Македонија.

Прости, само две раце имам
два далечни брега
и нашата неразделност - меѓу.

*
На оваа река и израснаа раце
камен од својата робина да прави
и мост од каменот.

Спои овој мост два брега
нашето небидие - и нас.

Тече оваа река по твоите натколеници
нагоре
и ако некојпат останеш без небо
ќe израсне мостот
повисоко од сите векови

и пепелта твоја да ти се поклонува.

*
Ќе дојде време
овој камен и овој рид
кога не ќе бидат.

Ќе дојде време ова море и ова дно
кога не ќе бидат.

Ќе дојде време
и јас крај тебе
да не бидам.

Што да жалам
долу ќе ми бидеш
и камен и море и рид и дно

сите времиња ги надви!

*
Ќе дојдете вие плеќести црни мажи
и деца и неба и птици
на овие брегови

Трпко и ден и ноќ и ден и ноќ
да не барате нас мажи
и деца и неба и птици

Вардар престорени и мостје црно
од грижи
дали ќе се најдеме

ние што го извишивме овој мост
за нови плеќи
и вие што ќе го извишите.

Дојдете вие плеќести црни мажи
деца и неба и времиња
-по коритото на оваа река
да потече и вашата судбина
на месото на овој мост
извишен над вашето небидие
да си прочитате:

векувајте со мене!

*
Води до него пат
внук деда внук внука
кај остава.

Сам одиш
друг ќе родиш
друг ќe роди

одиш
одиш
небидеш
и пак одиш ...

Има еден пат
од внуци и внуци
непреод.

*
Зарамнети брегови безгрижие
ти ли си сон ли е
што ли е?

Првпат дете.
Тополи в лулка те легнале
слатко те успале...

Луно, златна луно
седни на брег чувај го
ако се разбуди – буди ме.


М А К Е Д О Н И Ј А

1.

Стиснете ги тревките
неа ќe ја исцедите.

Наслоните се врз каменот
името ќe и го чуете.

Симнете се во рекине
дното со неа ќe ве почести.

Легните да починете
и ноќта со неа ќe ве покрие.


2.

На овој даб името ќe ти го напишам
дождовите да го симнат
жедните в земја
да ги напоиш.

На оваа нива грутка од тебе ќe посеам
класатка да никне
со неа внучињата да ни ги храниш.

На овој рид ќe те оставам
и кога ќe заминам
пак да те гледам

Голема.


3. 

Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце

Децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи по градините

Еве ја таа проста земја
од пајажина
и од води

Мудро слободата кај што ги запишува
селските имиња
Место икони по црквите

И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат

Еве ја таа проста земја
од заморено дишење
и од молк

Низ која времето одминува
и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.

О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање

Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.


4.

Се искачија маглишта по ридон нагоре
- И месечината ќе ја украдат.

Долу по рекана,
Горе по добравана,
Одѕива полено којзнае кој век
Во војнички цокули обуено.


5. 

За рик волчји и уплав на небињата мојата земја е создадена
Без чемреси и без божилак
До капка, три дена пред да се покаже над мојата земја
Гробишта облакот го исцицуваат
И црна сенка од нож место крст каменот што те покрива го сени
За вечни времиња.
Зашто ништо друго не му прилега на ова диво билје и црногорица
Освен да го чека недојденото.


6.

Се изнагледав месечина. Како капка мојата изгорена душа
Те испи за три животи напред и пак горам.
Истеков со сите реки и празни корита им донесов на морињата
- И за шпионот во твои меса ако се криел болка ме пече
Зашто, ти од малена не научи
Така просто, така јасно да си се разбираме
Тој нож што нема - среќа нема.


7.

3а неколку нови чекори недостижност
ме остави утринава зад тебе.

Чинам се делиме:

Твојот пат нагоре
мојот пат кон тебе води.

Стапни ме, во твоите корени скри ме
никојпат да не се разделиме.